Авантура која прерасна во подвиг!
Највисокиот врв на Европа е предизвик за сите планинари кои сметаат дека височината од 5000м е достижна. Но додека не пробаат да ја достигнат незнаат што ги очекува. Затоа после искачувањето сите учесници имаа ист коментар - многу тешко!
Авантурата започна на 26 јуни 2013г кога експедицискиот автобус во 19ч тргна од пред храмот Св.Сава во Белград. Кратко пред тоа учесниците од Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора се сликаа пред храмот и запалија свеќа за среќен исход на експедицијата. Во Ниш и во Софија им се придружија учесниците од Македонија и Бугарија. До Софија времето беше мирно и топло а во Софија пристигнавме кратко после необично јако невреме проследено со многу пороен дожд и студен ветар. Но набргу завлеговме во појужните области каде летото веќе беше во полн сјај. Во Сливен ни се придружи Наско и околу пладне пристигнавме во Истанбул. Град држава! Ни самите жители неможат да кажат колку ги има. Велат преку 20 милиони жители. Прекрасен град на Босфорот, необично жив и со длабока различност помеѓу оделните квартови. Се чувствува економскиот просперитет и организираноста на државата. Шетаме низ центарот и импресионирани сме од Плавата Џамија, од Аја Софија, Капали чаршија за жал веќе затворена. Преспиваме во еден пансион кој на интернет се води како хотел. Но, има купатила, пристојни кревети, едноставен доручек. Сабајлето се обидуваме да земеме Грузиски визи но во амбасадата ни велат ќе добиете на граница.
Продолжуваме со патувањето - повеќе од 1000км до Трабзон. Патот е одличен автопат со многу бензински пумпи и стојалишта со убави придружни објекти - ресторани, маркети, тоалети.
Во Трабзон пристигнуваме рано наутро. Собите не се слободни и затоа решаваме да го посетиме блискиот христијански манастир Сумела (на 30км од Трабзон). Воопшто не се покајавме што отидовме до таму! Тоа е прекрасен манастир во природна вдлабнатина во високите стени основан уште во 3-4 век после Христа. До манастирот води убава планинарска патека. Среќаваме многу посетители Турци. Импресионирани сме од манастирот.
Се враќаме во Трабзон и се сместуваме во хотелот и веднаш на плажа. Водата на Црно море беше солидно топла, а во базенот уште потопла.
Утредента в зори - во 3ч поаѓаме кон Грузија. На граница не чека процедура за вадење визи за Македонците. Тоа ни одзема 2 часа. Продолжуваме со патувањето. Минуваме покрај Батуми. Воодушевен сум од објектите кои се изградени. Последен збор на архитектурата и уметноста! Но после Батуме не очекува лош пат и сиромашен амбиент. Безброј крави шетаат слободно по патиштата. Времето застанало! Во Кутаиси ни се придружуваат учесници од Полска и една Украинка. Покрај Тбилиси свртуваме кон граничниот премин Степан Сминда (или Казбек). Се радуваме што стигнавме пред ноќ на граничниот премин но не ни сонувавме што не очекува таму! Не дочека најпрво пред преминот 13км пат во изградба а потоа страшна, неописива гужва. Такво безобзирно буткање преку ред не сум видел во животот!
Изгубивме неверојатни 8 часа на Грузиската граница и уште 5 часа на Руската граница! Збунети и ненаспани стигнуваме во Владикавказ а потоа и во Налчик. Налчик е убаво градче. Влегуваме во убаво снабден маркет и ги дополнуваме нашите резерви од храна. Потоа продолжуваме до нашето одредиште - Терскол и се сместуваме во хотел. Спиењето ни пропадна. Се одмараме малку и потоа некои се качуваат на Чегет а некои до опсерваторијата, некои одмараат.
Утредента јадеме боршч за доручек а потоа на Чегет. На 3400м наидува заканувачко невреме со грмотевици и водичот - Миланка Арсиќ наредува враќање. Почнува дожд, се засолнуваме во едно мало домче. Додека ручаме невремето поминува и десетина учесници решаваат да продолжат до врвот - 3680м.
Утредента со опремата за качување на врв се упатуваме до Азау и со жичарата се качуваме на 3780м. А таму не дочека снег и бочки - тоа се метални контејнери за 6 лица. Две-три бочки не се празни - некои американци заради лошо време го продолжиле престојот за уште еден ден и сеуште не се вратени од врвот. Некако се сместуваме а потоа на аклиматизација нагоре кон Стена Пастухова (4600 - 4800м). Враќање назад и одмор. Времето се влошува, врне убав снег. Во бочката е ладно. Среќа е што сме опремени со добри вреќи за спиење!
Утредента повторно аклиматизација. Времето променливо. Со страв очекуваме временска прогноза за наредните денови. Бојан се разболе, има температура и утредента го спуштаме долу во Терскол. Ранците со ратрак ги пренесуваме до 4150м - во контејнери над домот Пријут. Ден за одмор и припрема за искачување на врв.
И конечно доаѓа часот за искачување. На полноќ група од 35 планинари тргнува нагоре со челни лампи. Температурата надвор е околу нулата. Другата група од 6 планинари решава со ратрак да се префрли над Пастухова стена. Околу 3 часот групата со ратрак се искачува над 4800м и доаѓа пред главната група. Започнува со искачување. Патеката е обележена, снегот е цврст но во грутки, тежок за качување. Некаде околу 5150м Коле и Катерина заради здравствени проблеми се откажуваат од натамошно искачување и започнуваат со спуштање а останатите се приклучуваат кон големата група.
Според кажувањето: Над 5000м е студено. Започнува ветар. Групата полека напредува. Многумина се при крај со силите но не се предаваат. Некои одат инстиктивно, следејќи ги тие напред. Изгрева сонце и тоа го олеснува искачувањето.Околу 9ч првите стапнуваат на врвот ЕЛБРУС 5642м. Прв е Виктор од ПД Кораб, втор е Виктор од Кочани, трет е најмладиот учесник Тоше Велев, четврти е Александар Митев од Штип, петти е Стефан - најстариот учесник и потоа еден по еден останатите. Краток одмор за сликање и честитање па назад. Миланка заостанува со последните и им помага да се искачат а потоа последна со Маријана започнува спуштање. Нивната одисеја завршува на 15 минути пред полноќ - цели 24 часа!
Утредента се сумираат резултатите, се прегледуваат измрзнатите прсти на нозете, се мачкаат усните отечени и испукани од херпес. Резултатот е рамен на подвиг - од 41 учесник 39 се искачија на врвот, двајца стигнаа до 5150м. Според разговорот со рускиот администратор на Гарабаши тоа е најголема група која се искачила на Елбрус. Сите сме радосни и насмеани, уморот е во втор план. Се сликаме со сите знамиња. Се спуштаме долу во Терскол.
Навечерта фешта - се делат сертификатите за успешно искачен врв Елбрус, се пее се слави до полноќ. Потоа на спиење зошто не очекува долг пат назад и две проблематични граници.
Руско-грузиската граница ја поминавме за 5 часа, а натамошното патување беше формалност. Повторно капење во Трабзон, повторно во Истанбул цел ден шетање и разгледување, потоа Едрење со џамијата на султан Сулејман Величествениот. Во Ниш стигнуваме предвреме, го фаќаме автобусот во 5ч и околу 9,30ч сме во Скопје.
Што да се каже за крај?
Тоа беше експедиција - подвиг, добро осмислена и уште подобро реализирана иако се беше ново, непознато.
Морам да се заблагодарам на сите учесници што машки ги поднесоа сите напори, долгото возење и проблематичните граници. А највредно од се беше сепак оствареното пријателство меѓу учесниците од седум земји кое верувам дека засекогаш ќе опстојува во нашите срца.
Секој крај е почеток на ново доживување. Се надевам дека следното ќе биде поубаво од претходното.
Автор: Никола Доновски
Фотографии: Влатко Крбалески, Никола Доновски