Два врва во два дена – Пелистер (2.601m) и Магаро (2.254m) - мај 2010
Во организација на планинарските друштва „Макпетрол“ и „18 август“ десетина планинари од Скопје, Куманово и Гостивар учествуваа на традиционалното мајско искачување на Пелистер.
На 7 мај 2010, петок, со комбето со најубави завеси , расположени бидејќи штотуку ни заврши работната недела, тргнавме кон Битола и кон Баба планина.
Комбето со најубави завеси
Пред да се сместиме во Детското одмаралиште на Баба планина, свративме во Битола. А, Битола, весела, весела. Излегле битолчани по Широк сокак, се распеале, засвиреле. Луѓето уживаа во музиката на групата „Паркети“, во хитовите на народна музика, уживаа во кафе во полните летни тераси, и во пица и пиво во пицеријата „Буре“.
На Широк сокак
Планинарки во сандали и во чизми
Ноќта беше ведра и расположени легнавме во исчекување на искачувањето.
Утрото, 8 мај, сабота, облаците беа ниски и врнеше дожд. Но, без обѕир на времето, стотина планинари до цела Македонија, од Бугарија, „из Београда“, ... тргнаа кон врвот. Патем љубезните организатори на искачувањето не служеа со топол чај. Дождот не престануваше да врне. Кај „Ловечката куќа“, некаде на 2.000 м. надморска височина почна да дува силен ветер. Почнавме да одиме по снег. Кој со побрзо, кој со побавно темпо, кој со чизми, а кој со патики, се искачувавме кон врвот Пелистер, сиот обвиткан со облаци. На некои места ветрот беше толку јак, што ги туркаше планинарите надолу.
Облаците на врвот ги пречекаа сите што се искачија на врвот до околу 11 часот. Но, силниот ветер полека ги истера облаците и осамна убав, облеан во сонце, врв. Во долината се гледаше Преспанското езеро и високиот столб пареа од термоцентралата.
Пелагонија од врвот Пелистер
На врвот Пелистер (2.601 м.)
На враќање од врвот Пелистер
Луѓето се одмараа и уживаа во сонцето. А цвеќињата срамежливо се појавуваа покрај снегот.
Времето беше толку убаво што луѓето ги соблекоа јакните, мантилите за дожд и одеа по куси ракави. Во месноста Копанки беше организиран ручек и многумина уживаа на сонцето.
А, патеката до Копанки беше уживање да се пешачи. Како да поминувавме низ зелен тунел, под високите дрва низ кои сонцето едвај се пробиваше, диви потоци кои ги прескокнувавме, а тишината ја разбиваа само птиците кои пееа. Убавина.
Кон Копанки
Попладнето, низ Ресен и низ селото Јанковец, каде што купивме ресенски јаболка, стигнавме во Охрид.
Се сместивме во населбата Рача, блиску до Охрид и набрзо излеговме низ градот. Охрид беше мирен и тивок, без туристи.
Утрото, 9 мај, недела, околу 7 часот, 15-тина планинари тргнавме кон врвот на Галичица.
Покрај Пештани, покрај Трпејца, по тесниот пат преку Галичица стигнавме до „седлото“ од каде се тргнува кон врвот. 10-тина планинари по убаво и ветровито време тргнаа кон врвот. Прво низ шума, потоа по снег, и по сртот, за 2 часа стигнаа на врвот Магаро (2.254 м).
Кон врвот
Кумановчани, Никола и Бојан , на врвот Магаро (2.254 м.)
Денот на победата над фашизмот, Денот на Европа, обвиткани со македонското знаме, планинарите го прославија на врвот Магаро (2.254 м). Од врвот се гледаат делови од двете езера, Преспанското и Охридското, а има убав поглед и на градот Поградец во Албанија.
Уште час и половина надолу и со комбињата тргнавме кон Свети Наум.
Патем застанавме на видиковецот Корита. Тоа е место, велат охриѓани, каде што се снимани сцени од филмот на режисерот Рајко Грлиќ „Караула“. И не згрешил човекот. Од видиковецот Корита, се гледа ама баш целото Охридско езеро. Седиме на клупи и уживаме во погледот.
Селото Трпејца од видиковецот Корита
Патот кон Галичица од видиковецот Корита
Во Свети Наум не пречекаа тезгите со сувенири и развиканите пауни кои се перчеа со своите раскошни опашки пред женките-пауни.
Околу 18 часот тргнавме дома, преку Кичево.
Имавме интересен викенд во кој обиколивме пола Македонија, искачивме два врва, одевме по снег, не врнеше дожд, не вееше ветер, не печеше сонце. И уживавме во убаво друштво и во убави предели.
Автор: Горан Николоски
Слики: Горан Николоски, Никола од Куманово
|