Планинарско Спортско Друштво МАКПЕТРОЛ Скопје > Макпетрол Home 
         Почетна страна
         Годишна програма
         Акции
         Документи
         Историја
         Библиотека
         Високогорство
         Topo Maps
         Контакт
         Линкови

 

 

 

 

Дурмитор : Запознавање со прекрасниот масив - 11-12 август 2012

Повеќе години наназад читав и слушав за убавините на Дурмитор, според некои најубавата планина на Балканот. Желбата да се посети ја потиснував неколку пати поради недостигот на време - сметав дека се потребни повеќе денови за да се запознае ваква прекрасна планина. Но како штo и многу други работи се случуваат - случајно, така испадна и оваа посета. Во организација на АК "Сљеме" од Загреб се организираше - "Дурмиторски Трекинг" - трка во која е вклучена и ориентација, а и трчање, качување, спуштање по дурмиторските терени. Се пријавивме неколку души - за да се запознаеме со луѓето од Хрватска а и конечно да се запознаеме со Дурмитор.

Се организиравме со сопствени возила - две коли поаѓаме во петок околу 15 часот - време кога можевме поголемиот дел од нас да излеземе од работа. За пат до Жабљак се определивме да одиме преку Косово и Албанија. Дел од патот е добар, особено автопатот што се протега низ Албанија, кој се уште е во изградба но веќе се користи. Но имаше и егзотични и понекогаш мрачни моменти - зависи каде ќе завлезеш во тие се уште не до крај дефинирани простори. Потоа влегуваме во Црна Гора - последните 2-3 km пред границата озиме по макадамски пат. Оттаму патот е одличен - Подгорица, Никшиќ - па се одвојуваме во десно кон Шавник и потоа кон Жабљак - каде што пристигаме во ситните часови - околу 1:40 после полноќ. По пат не фати и малку дожд. За среќа во кампот "Развршје" пред Жабљак, каде претходно се јавивме да резервираме место - немаше врнато. Набрзина ги местиме шаторите, каснуваме нешто и легнуваме да отспиеме - дека утре не чека трка.

Се будиме во 7 часот. Набрзина миење, појадок, подготовки на ранците за трка. Кампот е сосема пристоен, со чисти тоалети. Поаѓаме со колите да ја бараме стартната точка на трката, која треба да е некоја викендичка во една викенд населба. Е тука почнува шоу. Еден од тие што ги прашавме ни покажува на една страна - возиме - прашуваме - не е таму. Пак назад. Се качивме на брдото над населбата - ги гледаме куќите - до нив нема асфалт, ама нема никаква ознака по која би познале која е куќата што ни треба. Му се јавуваме по телефон на оганизаторот кој ни вели да пријдеме не од горната туку од долната страна. Пак во колите и вози - стигаме од долната страна - пак завршува асфалтот. Бараме но не ги наоѓаме. Во еден момент гледаме мали групички како трчаат покрај нас - трката веќе почнала. Движејќи се во обратен правец од натпреварувачите - ја лоцираме куќата на организаторите. Се мислиме дали вреди вака изморени и деконцетрирани од барањето на стартот воопшто да стартуваме. Кај поголемиот дел од нас преовлада мислењето дека трката веќе почна, а ние би можеле да си направиме своја тура по планината, пак со трчање - некој вид на тренинг и запознавање со оваа убава планина.


Барајќи го стартот - Дурмитор во позадина

Со колите доаѓаме близу до влезот во Националниот Парк Дурмитор. Ги оставаме колите и купуваме влезници за во паркот - по 2 евра. Можевме и да не платиме ако фатевме патче од страна, но сметав дека е добро на некој начин да дадеме придонес за развој и оддржување на инфраструктурата во паркот. По кратка асфалтна патека наскоро стигнуваме на брегот на Црно Езеро - едно од најпрепознатливите места на Дурмитор - големо - "дупло" езеро - две езерца кои зависно од водостојот или се допираат или се спојуваат.


прекрасното Црно Езеро и назад врвот Меџед

Тука се разделивме со Тања и Софија кои останаа да шетаат околу езерото и потоа во градот Жабљак, а ние почнавме со нашиот тренинг - лесно трчање прво околу езерото, а потоа полека нагоре кон првото следно езеро кое планираме да го посетиме - Змиње езеро. По пат се разминуваме со некои од натпреварувачите на трекингот и ги поздравуваме и бодриме. Наскоро стигнуваме до езерото - покриено со локвањи и слични езерско-барски растенија. Правиме мала закуска - по еден бар или чоколатце и потоа назад - до една раскрсница од каде се одвојуваме во лево и нагоре - во правец на Јаблан езерото и потоа - врвот Црвена Греда. По патот пак сретнуваме многу планинари, туристи од балканските земји но и од подалечни европски земји. Со некои од нив разменуваме поздрави и по некоја информација. Ние имаме карта од теренот и GPS запис на дел од патеката, но убаво е кога на терен некој тоа и со збор ќе ти го потврди. Теренот од Црно Езеро до Змиње езеро и потоа кон од Јаблан езеро и подножјето Црвена Греда е со прекрасни патеки и овозможува пријатно трчање.


Durmitor Trail Running


Јаблан езерото под карпите на Црвена Греда

Јаблан езерото е ледничко езеро кое се наоѓа баш под вертикалната карпа на убавиот врв Црвена Греда. Езерце со убава зелена боја - со правилна елипсовидна форма. Од тука патеката пак се качува, по терен се повеќе каменест - се искачуваме кон врвот кој е висок 2175 m. Најголем дел од патеките на Дурмитор се убаво маркирани и направени, така да на патот кон овој врв сретнавме едно семејство со две деца, од кои едното - помалото девојче имаше околу 7 години.


на врвот Црвена Греда (2175 m)

На врвот наоѓаме место каде ќе бидеме заштитени од повремените налети на ветар и правиме пауза за ручек - веќе е околу 13 часот и треба да се обноват енергетските резерви во организмот. За спуштање избираме доста стрмна и малку авантуристичка патека - во првиот дел се пробиваме низ густиш од планински бор, а потоа по стрмна тревна падина помеѓу карпести блокови - ваква мала авантура како нарочно да си бараме во секоја наша акција. Требаше да се внимава но сите успешно се спуштивме во Долна Алишница - во близината на друго врвче - Жута Греда (2118 m).


спуштање од Црвена Греда

Оттука имавме план да одиме кон врвот Обла Глава, односно да ја најдеме прочуената Ледена пештера. Појдовме во правец на запад со цел да го заобиколиме гребенот кој е лево од нас за да од реалативно попитома страна се приближиме до Обла Глава. Кире одлучува дека му е доста за денес и го праќаме надолу по убаво обелажана патека која ќе го однесе до Црното езеро. Ние продолжуваме, но веќе резервите со вода ни се при крај. Правиме обид да се упатиме кон Обла Глава и се искачуваме на едно гребенче во близина на пештерата Урљача - но кога се качивме таму видовме дека не чека уште доста пат и тоа искачување по сипар и карпи - тоа ќе беше премногу за нас со веќе скромни резерви на вода. Го менуваме планот - на радост на Здраве - ќе одиме до врвот Планиница од каде ќе фрлиме поглед на големото и убаво Шкрчко езеро - па назад кон Жабљак.

Продолжуваме со искачувањето и од Долна навлеговме на платото на Горна Алишница - од каде веќе пука поглед на највисоките и најсуровите врвовои на Дурмитор - Боботов Кук, Безимени Врх, Шљеме, Савин Кук. Прекрасен амбиент за секој мераклија на глацијални форми - или што би рекле ние - "голо".


поглед од Горна Алишница кон највисоките врвови на Дурмитор

Кај преминот од едната кон другата страна од овој масив - Медвеџе ждијело - не сретнавме мечки, туку неколку крави, а погоре еден прилично напален бик кој - кога ние се приближивме - беше спремен да стартува на еден од натпреварувачите на трекингот - дали дека беше облечен во црвено - не знам. Му реков да се враќа назад и мудро го заобиколивме бикот кој уште долго потоа рикаше по другите кои идеа по нас. И наскоро сме на врвот Планиница (2330 m) - заоблен - широк врв од кој имаме прекрасен поглед на Шкрчко езеро, лево од нас се највисоките врвови на Дурмитор, а од спротивната страна е врвот Пруташ - врв кој го испланиравме за идниот ден.


трите највисоки врвови на Дурмитор - од лево кон десно : Безимени врх, Боботов Кук и Соа (Дјевојка)


долу се Големо и Мало Шкрчко езеро - а од спротивната страна - врвот Пруташ

На врвот се сликаме, се одмараме, малку јадеме, се потпишуваме во книгата. Потоа - веќе малку е свежо - со трчање поаѓаме надолу - прво за да се загрееме, а потоа - онака - повеќе со трчање - помалку со одење бргу ја спуштаме висината и околу 18:30 стигнуваме до Црното езеро. Тука екипата прави Recovery - соблекуваат патики и чорапи и во езерото - ладење на нозете - вистинско уживање по цел ден движење по планината. Потоа се прибираме во кампот - вечера - пивце - раскажување кој како си поминал - планови за утре... спиење, па ноќта рафали од пиштоли и пушки - Црна Гора освои сребро во женски ракомет на Олимпијадата...


recuperation dans le Lac Noir - Durmitor

Нов ден, утро... Утрото прилично свежо, моравме да облечеме се што имаме од облека, можеби едвај некој степен над нулата. Небото наоблачено - не ветуваше баш дека ќе биде убав ден. Ги собираме шаторите, појадок, кафенце. Решаваме да си одиме ние по планот, без оглед на тоа какво е сега времето - се надевавме дека со појава на сонцето ќе се расчисти облачноста и измаглицата од планините. Поаѓаме од кампот со возила - по убаво асфалтно патче ја заобиколуваме планината прво кон исток па на југ - се искачуваме на познатото седло - "Седло" од каде обично се прават убави фотографии и е појдовна точка за искачување на врвот Шљеме. И сега имаше повеќе возила и мотори паркиранио - не застанавме дека облаци ги покриваа високите врвови па немаше што да сликаме. Над седлото се наоѓа убав двоен врв - Седлена Греда.


рано наутро во кампот

Наскоро пристигаме до паркингот каде е нашата појдовна точка за денес - "Дубоки До". Патеката води прво до седлото "Шкрчко Ждријело" од каде може да се продолжи надолу кон Шкрчко езеро, или преку едно мало езерце "Зелени Вир" да се продолжи во десно со искачување на Боботов Кук, или пак да се појде во лево по гребенот и да се стигне до врвот Пруташ. Температурата во 8.30 се уште е ниска - 8 степени. Поаѓаме нагоре по маркирана патека и наскоро се загреваме, а и сонцето почнува поуспешно да се пробива низ облаците.


по патеката нагоре кон "Шкрчко Ждријело"

По патот стретнуваме еден овчар со пеесетина овци кои се движат во ист правец со нас - кон Шкрчко Ждријело - бараат убава трева за пасење. Ги минуваме и поаѓаме по пострмен успон кон седлото. Од седлото се отвара поглед кон највисоките врвови на Дурмитор, како и - десно од нас - на прекрасните "Шарени Пасови" скалеста формација од ред карпи, ред зелена трева - многу убаво. Езерото од тука не се гледа, треба да се појде уште во лево за да може да се види.


седлото "Шкрчко Ждријело"


на пат кон Пруташ


вертикалните "прачки" по кои врвот Пруташ го добил името

Поаѓаме кон Пруташ но сме фатиле малку пониско од маркираната патека, така да ни испадна малку спуштање и едно стрмно искачување пред врвот Пруташ - добар тренинг. Пред врвот се излегува кај едни карпи - како порта и оттаму од спротивната страна на планината - провалија а десно од нас на соседнио ѕид од планината се гледаат карактеристичните вертикални пруги на Пруташ - карпести форми кои личат на вертикални прачки. Потоа веќе сме на врвот - се гледа убаво на сите страни - и кон врвовите на Дурмитор, и кон долината (кањонот) на Тара, подалеку врвовите на Биоч, Волујак, Маглиќ - на граница со Босна. За жал од врвот не се гледаше Шкрчкото езеро - мораше да се помине уште доста надолу за да се има поглед. Тука одморивме, се сликавме, се запишавме во книгата која беше во метална кутија на врвот.


пристигнување на врвот Пруташ (2393 m)


поглед од Пруташ кон Шарени Пасови (лево), позади него Шљеме во облаци, Седлена Греда (десно)

Надолу се спуштаме многу брзо, на делови и со трчање - сите од екипата ги фати желба да трчаат - се подготвуваат за претстојните планински трки. Времето беше одлично - не премногу топло. За час и половина сме на паркингот кај колите.


поглед кон Боботов Кук (лево) и Шарени Пасови (десно)


поглед од Шкрчко Ждријело кон Седлена Греда

Тука кај колите се преслекуваме во цивилна облека, малку јадење и пиење и поаѓаме со колите на пат - Жабљак, Мојковац, Беране, Рожаје, Пеќ, Приштина, Скопје. Застануваме само кај Џурџевиќа Тара - познатиот мост - вијадукт каде Петар отиде до средината на мостот да ја слика зелената река - начека во водата и една група - рафтинг на гумен чамец.

Во Скопје стигнуваме без поголеми проблеми и задржување - околу 23 часот. За два и пол дена видовме многу, се запознавме со планината и секако овде треба да се дојде на повеќе дена и убаво да се прошетаат повеќето од вровите на овој прекрасен масив.

 

Повеќе фотографии можете да видите на следниот линк :
https://picasaweb.google.com/117320863135421357287/DurmitorZapoznavanje#

Текст: Трајче Панковски
Фотографии: Петар Герасимов, Здравко Спасев, Трајче Панковски


© Copyright 2004 - 2014 Makpetrol A.D. Skopje