Кораб : Длабока Река - Однесено од виорот - 19 мај 2013
На 19 мај, 2013 година, до водопадот Длабока Река, длабоко во пазувите на масивот Кораб, тргнавме од селото Рибница, испразнето долнореканско село, потонато во зеленило. Патот до него се двои од регионалниот пат Маврови Анови – Дебар и прво по околу 1 километар асфалт, а потоа по релативно зачуван рамен земјен пат погоден за теренски возила или за „повисоки“ патнички возила, стигнавме до селото. Ние со комбето, од издвојувањето до селото патувавме 20-тина минути.
Група од 22-ца планинари, во организација на ПСД МАКПЕТРОЛ од Скопје, и со тројца планинарски водичи, од селото, околу 8 часот наутро, тргнавме нагоре, кон водопадот. Од селото не испратија мрзливите овци и лутите кучиња. Земјениот пат над селото премина во тесна, зарасната и ретко обележана патека, која водеше низ нискостеблеста шума низ која како да немаше воздух. Набрзо влеговме во високостеблеста шума, дувна ветер и веќе подобро се дишеше.
Првиот 15-минутен одмор го направивме на местото Попови ливади, од каде се гледаше стрмната Рибничка скала. Потоа патеката не водеше низ шумата, до првиот и единствен извор вода, и потоа над долината на Длабока Река. Се слушаше река во далечината, но не се гледаше од густата шума.
Прескокнувавме преку паднати дрвја, високи, прави и здрави, но кои, како што ни кажуваше нашиот пријател од Струга, шумарски инженер, паднале од тешкиот и влажен снег. Под стрмниот Кабаш, наидовме на голема лавина од снег и камења. Местото изгледаше како да паднал метеор; извиткани дрвја без ниту едно ливче, измешан снег со камења, уништена патека.
Оваа година, ние што почесто одиме кон водопадот, констатиравме дека има многу повеќе снег, отколку во истиот период лани. Преминувавме преку широки снежни јазици, низ кои со планинарска лопата правевме стапки за полесно чекорење. Снег имаше по целата патека над шумата се до платото на околу 1.970 м., од каде што првпат се гледа водопадот. Навистина беше неопходно внимателно искачување.
На „видиковецот“ ги извадивме тешките ранци, ги соблековме испотените маици и како хипнотизирани се загледавме кон водопадот. Јас тоа место го викам „најдобриот природен телевизор на светот“; десно се Голем и Мал Кораб, лево е стрмниот Кабаш, долу е Длабока Река, а пред нас, во далечина, е водопадот.
Оддалеку, водопадот изгледаше како тенка бела нишка среде темните карпи, но како што му се приближувавме, тој беше се повисок и побуен. Неколкумина планинари останаа да уживаат во глетката од далеку, од „видиковецот“ со најубав поглед, а ние 15-тина тргнавме надолу кон водопадот. Повторно преминувавме преку широки снежни јазици, преку опасни стреи над длабоки засеци, но безбедно стигнавме во близина на водопадот. Реката беше бујна, брза и „грч“ ладна. Патем поминувавме покрај темно црвени, скоро црни цветови. Некој рече, „Корабски лалиња“.
Во тишина се одмаравме во близина на водопадот. Снегот под Мал Кораб се топеше и од работ водата како завеса се слеваше во длабочината.
Во еден момент дувна силен ветер и ... го одвеа водопадот. Неверојатна глетка.
Но, мораше да се вратиме назад, и неволно ги правевме последните фотографии од водопадот. На секој 10-тина чекори се вртевме назад да провериме дали навистина сме во близина на водопадот. А, тој мирно паѓаше од височина, и ги чекаше другите посетители. А, снег под Мал Кораб имаше за уште многу денови водопад.
На „видиковецот“ не пречекаа двајца планинари кои ни кажаа што им се случило. Вели едниот, во далечина гледаме како ни се приближуваат две затрчани животни. Брзо го преминуваа снегот, преку кој ние одевме 30-тина минути. Станати, вели, гледавме како ни се приближуваат кон нас. Волци? Кога се приближија, видовме, вели, што е. Тоа всушност биле вљубени дивокози, кои несвесни за околината, претрчале 10-тина метри пред нив.
Ние, се сеќавам, пред 2 години, на истото место видовме, мечка. Изморени, полека се искачувавме до „видиковецот“ од каде што првпат се гледа водопадот. Го видовме водопадот и ... го симнуваме погледот надолу и гледаме ... мечка. Во истиот момент мечката го дигна погледот и гледа ... луѓе. И ние и таа се вкочанивме. Одеднаш таа се сврте и се стрча надолу кон шумата, тресејќи и се целото тело. А, ние останавме зачудени со планинарските стапчиња во рацете.
Последен пат го погледнавме водопадот и внимателно почнавме да се спуштаме надолу.
Надолу, како примерни војници, во тишина и со воедначен ритам, чекоревме кон селото Рибница. Таму стигнавме околу 19:30 часот, направивме групна слика и тргнавме дома.
Патот до секоја скриена убавина е долг и тежок, но на овој сите се сеќаваме со радост.
Сите слушаат
Над селото Рибница
Патоказ
Паднати дрвја
Лавина
Од лавината
Кон водопадот
Од „видиковецот“
Вљубени дивокози 1
Вљубени дивокози 2
Вљубени дивокози 3
Водопадот Длабока Река
Под водопадот
Лалиња
Од близина
Однесено од виорот
Дел од групата
Напишал: Горан Николоски
Сликал: Андреј Минчевски, Марјан Јовановски, Светомир Милошевиќ, Кире Миловски, Горан Николоски
|