Катлановска Бања - с. Дивље - 17 ноември 2013
Убава есенска прошетка
Временската прогноза ветуваше сончево време, но метеоролзите изгледа “ја утнаа” работата. Денот осамна облачен и не баш топол. Но закажано си е закажано. Се собравме 16 планинари и планинарки и со автобус бр. 53 се одвезовме до Катлановска бања. Бањата уште “спиеше” а ние го минавме мостот над Пчиња и се упативме кон с.Градманци. Иако врнеше пред некој ден патот до Градманци и натаму до Дивље беа во доволна мера потсушени и немаше незгодна кал.
Пред с.Градманци се упативме кон блиската гасна станица а оттаму патеката со многу свртувања, мали спуштања и благи искачувања не доведе до горниот приод во с.Дивље. По патот имаше многу шипинки и понекоја дива круша. Имавме доволно време да собираме.
Пред с.Дивље не пречека група од дечиња кои со родителите дошле на викенд. Инаку поминувајќи низ селото не сретнавме многу луѓе. Наидовме на локва крв и веднаш претпоставивме дека некоја свиња завршила на касапска маса и во лонец за чварки. Кон средина на селото влеговме во старата црква (рекоа дека е од времето на Самоил) која е убаво фрескописана. До црквата е планинарскиот дом “ДИВЉЕ” . За наша среќа домакините, планинарите од пл.друштво ВЕНЕЦ беа тука, шпоретот гореше и веднаш испоседнавме околу големата маса во трпезаријата. Ранците се отворија и од нив излезе ракија, мезе, чварки, конзерви, оревчиња, јаболки.... Убаво се подкрепивме со јадење и се разбира “рековме” доста песни.
Околу 15ч се спуштивме до центарот на селото. Од страна во една куќа ја “најдовме” закланата свиња. Се упативме кон с.Средно Коњаре. Првобитно планиравме да се спуштиме во поблиското село Сушица но домаќините ни рекоа дека нема убаво видлив пат. Затоа не сакавме да ризикуваме да не фати мрак на непознат терен.
Околу 17.30ч бевме во центарот на Средно Коњаре. По 15 минути се качивме во автобус. Автобусот “не прошета” до с.Винце и с.Сушица и потоа се упати за Скопје. Околу 18.30ч пристигнавме во Транспортниот центар.
Поминавме околу 9 часа во природа, испешачивме околу 15км и убаво се дружевме. Им се заблагодарувам на сите кои дојдоа на оваа наша акција. Да се видиме одново.
Текст и фотографии : Никола Доновски