Планинарско Спортско Друштво МАКПЕТРОЛ Скопје > Макпетрол Home 
         Почетна страна
         Годишна програма
         Акции
         Документи
         Историја
         Библиотека
         Високогорство
         Topo Maps
         Контакт
         Линкови

 

 

 

 

Доломити, Италија : Lavaredo Ultra Trail & Cortina Trail 2013 - 26 - 30 јуни 2013

Дојде и тој ден - среда - 26-ти јуни - денот кој 11-члената екипа желно го очекуваше веќе подолго време. Повеќе месеци тренинзи, планови, подготовки... се требаше конечно да се реализира во следните неколку дена. И да се види што од сето тоа ќе испадне. Очекувањата големи, но кај поголем дел од учесниците и мала доза на анксиозност, мал страв од непознатото, трема, одговорност. Со три коли поаѓаме од Скопје околу 18 часот и минуваме низ Србија, Хрватска. Во Словенија сме веќе во ноќта. Возиме со колите до кај 4:30 часот, па паркираме на еден голем паркинг и правиме пауза од околу еден час за да дремнат малку возачите. Околу 6 часот продолжуваме кон Љубљана, па потоа кон Трст, па потоа Удине. Таму стигнуваме околу 9:30 часот и правиме околу 2 часа шопинг во подавницата за спортска опрема Decathlon.


на пат кон Cortina - прекрасните Dolomiti

Околу 12 часот се упатуваме на север - за да што поскоро стигнеме до убавите Доломити. Вртиме кај Tolmezzo во лево - кон запад и почнуваме да се искачуваме по падините на Доломитите - Ampezzo, Forni di Sotto, Forni di Sopra. Го минуваме преминот Passo di Mauria и почнуваме да се спуштаме кон познатите предели на Cadore се редат едно по друго убави планински гратчиња, полни со туристи, пешаци, велосипедисти, моторциклисти... Се тука живее за и околу планините. Времето за некое чудо е одлично, сончево беше по целиот пат иако прогнозите беа полоши. Но како се приближуваме кон Cortina D'Ampezzo небото почнува да се темни и како што се спуштивме во кампот Rocchetta - така почна да роси ситен дожд. Во кампот имавме резервирано сместување, а и луѓето веќе не познаваа од минатата година. По дождот за експресно кратко време ги наместивме шаторите - израсна убаво логорче за нашата екипа. Малку храна и одмор за екипата, кафенце, па потоа се упатуваме кон градот - за да си ги земеме стартните пакети за трките во кои учествуваме.


нашето маало во кампот Rocchetta

Оваа година е седмо издание на трката Lavaredo Ultra Trail а второ на Cortina Trail - нејзината помала сестра. За големата трка од нашата екипа беа пријавени (уште во февруари) Светлана Стојаноска и Жикица Ивановски, додека за помалата - Cortina Trail бевме пријавени : Тања Манчева, Маја Ѓорѓевска, Петар Герасимов, Александар Симјаноски, Бурим Бафтири, Валдет Османи и јас - Трајче Панковски. По се посилниот дожд стигнавме до салата каде се делеа стартните броеви. Задолжителна контрола на медицинскиот сертификат и задолжителната опрема за во ранците, па ни даваат стартен број, маици на трката и други ситни дрангулии. Срдечна средба со двајцата "главни" на трката - Simone Brogioni и Cristina Murgia - луѓе со кои имаме прекрасна соработка и разбирање и кои навистина со голема жар и љубов секоја година ги организираат овие трки - како што е слоганот "во срцето на Доломитите - со Доломитите во срцето". Во разговор со Симоне - ми рече дека ќе причекаат како ќе се развива времето - можеби ќе треба да се менуваат патеките - иако никој од нас не сакаше тоа да се случи - оригиналната патека на трките е прекрасно смислена.

Но времето очигледно си имало некои свои поинакви планови. Речиси цела ноќ врнеше - ние легнати во шаторите, спиеме со повремени будења за да потврдиме дека - ете - уште врне. Некои од нас имале и поактивна ноќ - поради свежото време и тенките вреќи за спиење морале да прават склекови и слични работи во шаторите за да се загреат.

Во петокот - утрото - веќе не врне - или сосем ситно така да тоа не го ни забележуваме. Појадок и договор - што да правиме овој ден - кој во принцип е слободен се до вечерта. Прогнозата е дека до кај 14 часот ќе биде облачно, а потоа ќе се расчисти. Ние, поголемиот дел од групата, се решивме да правиме туристичка прошетка до соседното гратче Dobbiacco / Toblach - во правец на Австрија и на тој начин да го минеме денот до пладне, а потоа, ако покаже знаци на расчистување, да појдеме до Lago di Misurina - и - евентуално - нагоре кон Tre Cime di Lavaredo. На пат кон Toblach ги гледаме околните врвови - колку што можеше да се ѕирне меѓу облаците - и забележавме дека во текот на ноќта има паднато доста нов снег.

Во Toblach се чувствува близината на Австрија - се е двојазично. Убаво мирно и средено градче кое живее исто така од планинскиот туризам. Прошетавме, и седнавме на кафе на терасата на едно кафуле. Срамежливото сонце пријатно не загреваше.


пауза на пат кон Toblach


на кафе и муабет во Toblach

Со верба во временската прогноза се упативме до Lago di Misurina - на висина од околу 1700 m. Вемето по патот даваше знаци на разведрување. Кога стигнавме кај езерото, забележивме дека границата на снегот е тука - некаде околу 1700 метри. Ни стана јасно дека ако појдеме кон Tre Cime ќе заглавиме во снег, а немаа сите соодветни обувки. Мало разгледување во продавниците за спорстка опрема и сувенири, па поаѓаме на обиколка околу езерото. Само што појдовме - по петнаесетина минути, започна да врне, па решивме дека е најпаметно да се вратиме кај колите. И беше паметно, дека дождот засили прилично. На враќање застанаваме уште на едно место - после Passo Tre Croci кај што поаѓа жичарницата кон врвот Cristallo - ги разгледувавме големите табли со описите на патеките и фератите.


на прошетка околу Lago di Misurina


почнува дождот - хотелот карши езерото и грандиозниот заснежен ѕид на Gruppo del Sorapiss

Попладнето во 18 часот се одржа технички состанок со натпреварувачите. Беше кажано дека има околу 30 cm нов снег по горните делови на терените каде треба да се одвиваат трките и затоа организаторите се определиле за непопуларната, но најбезбедна варијанта - "да се спуштат" патеките и онаа подолгата да се скрати од 118 на 85 km. Според мене правилна одлука, дека секогаш треба безбедноста на натпреварувачите да биде на прво место. Исто така стартот на подолгата трка наместо во 23 часот денес (петок) ќе биде во 8 часот наутро (сабота), додека стартот на пократката трка ќе биде во 9 часот (сабота). Нашите претставници од состанокот се вратија малку разочарани - сепак се подготвуваа за должина од 120 km, но имаа разбирање поради специфичните временски услови на патеките. Вечерта ја минавме пиејќи кафе во ресторанчето од кампот, бидејќи таму имаше и Internet пристап и ги разгледувавме најновите информации во врска со трката - каде ќе одат новите патеки, висински разлики и слично.

Легнавме со мисла какво ќе биде времето утре. Прогнозата беше поволна, но со времето не можеш до крај да си сигурен. Часовниците и телефоните наместени на рано будење - за да се спремиме за стартот на трката.


добро утро - слика во 6 часот наутро од кампот

Се разбудивме - не пречека прекрасно сончево утро. Малку свежичко - ама сончево. На сите страни ѕиркаат шилестите врвови на Доломитите, а под нив густо зелена боја на тревните ливади. Идила. Ние се миеме, појадуваме подобро - да имаме енергија за трката. Кафенце и полека се спрема содржината на ранците, се местат стартните броеви. Поаѓам малку порано за да ги најдам Светле и Жико пред да стартува нивната трка. На плоштатчето до црквата - веќе многу луѓе беа собрани. Сега, од Скопје по враќањето - гледаме дека биле на стартот 696 натпреварувачи на Lavaredo Ultra Trail и 636 на Cortina Trail. Инаку - од вкупно 33 држави пријавени за Cortina Trail - ние сме по бројност на 11-то место. Нормално - домаќините доминираат со 557 натпреварувачи за Cortina Trail.

Во тек беше најавувањето на фаворитите на трката и потоа се појавија Симоне и Кристина - со последни технички информации за трката, број на контролни и освежителни точки и слично. Симоне кажа дека во текот на ноќта на висина од 2000 метри температурата била -6, така да - доколку се одржеше трката во текот на ноќта ќе имаше веројатно премногу тешки услови - снег 30 cm уште подмрзнат на -6 - би имало проблеми за голем дел од натпреварувачите. Но, нов ден, нови времески услови, нова патека, убаво време. Потоа музиката на Мориконе ги потресува сите од стопалата преку стомакот до мозокот и како во транс групата од околу 700 тркачи поаѓа на својата трка. Ние од страна ги поздравуваме со аплаузи и извици.


пред стартот на Lavaredo Ultra rail со Жико и Светле


екипата за Cortina Trail е спремна


Тетоо - нов центар на ultra trail running во Македонија

Бргу минува и тој саат до нашата трка - музика, фотографирање, пак обраќање од Симоне до тркачите. Се ближи моментот на старт - се собираме сите позади стартната линија. Не се буткаме многу напред - не се бориме за првите места, а во текот на првите неколку километри секако секој ќе си се најде во онаа група со слични тркачки карактеристики на неговите - тоа самата кондициона спремност си го средува.


стартот на Lavaredo Ultra Trail


стартот на Cortina Trail

Старт. Поаѓаме по улиците на градот - бодрени од мноштво гледачи, навивачи. Се спуштаме покрај реката и потоа почнува првиот успон. Некои уште од тука почнуваат со одење, поупорните трчаат уште малку. Под нас се гледа гратчето а околните врвови го привлекуваат нашиот поглед. Застанувам повремено за да направам некој фотографија. Сепак и од овој прекрасен настан треба да имаме некоја слика за успомена.


змијата од натпреварувачи ја почнуа својата прва угорница

Во следните 4,5 km се совладува висинска разлика од 530 m. Некаде на половина пат е езерцето Lago di Ghedina - мало мирно езерце во шумата со една куќарка на брегот. Го минуваме езерцето од едната страна, а заради високото ниво на вода, малку шлапкаме - колку за да имаме мокар почеток.


На Lago di Ghedina

Патеката продолжува по некоја релативна изохипса на висина од околу 1750 m - со - нормално, мали варијации нагоре и надолу. Пред нас се отвараат прекрасни погледи на околните планини, па фотографираме. Времето сончево, но се уште не премногу топло, а во сенка на дрвата и свежо. Трчаме секој со свое темпо и уживаме во оваа убавина. Следува спуштање па потоа пак искачување во правец на првата освежителна станица.


поглед кон Cortina, над неа Sorapiss па Antelao


првата освежителна станица - Ospitale

По некое време (јас за околу 2 h 15 min) стигнуваме на првата освежителна станица - на 18-тиот километар. Мала пауза за да се касне нешто, да се дополнат резервите со вода - и - одиме понатаму. Бидејќи е спуштена трката на пониски височини, има повеќе прилично рамни делови каде повеќе доаѓа до израз маратонското отколку планинското трчање. Но, секако има и "tricky" места - особено на спуштањата каде има лизгави камења и корења, каде треба добро да се внимава да не се повредиме.


по угорниците кон Cimabianche


прекрасни снежни врвови на крај на месец јуни


освежителната станица кај Malga Ra Stua

Патеката пак продолжува уште неколку километри релативно рамно, потоа го минуваме асфалтниот пат по кој вчера се движевме кон Toblach и почнуваме со искачување на угорницата кон Cimabianche. Оваа угорница ја памтам од минатата година - долг константен успон - само што лани беше на температура од 30 степеи а јас од проблемите со стомакот - дехидриран. Оваа година доста посвежо - а јас знам каква е угорницата и со оптимално планирање на силата и брзината се качувам до седлото - највисоката точка на оваа трка - околу 2020 m. Потоа почнува релативно кратко но на места лизгаво спуштање кон Malga Ra Stua - втора освежителна станица на 30-тиот километар - местото каде лани на 76-иот километар се откажав. Сега се беше лесно. Стомачни проблеми до сега на трката немав - ми одеше добро, па решив овде да земам и Coca-Cola. Многу мала пауза - неколку парчиња банана и едно лебче со нутела - па одам надолу, кон дното на кањонот на Val de Fanes. Потоа пак следи искачување - малку пострмно, но некако сега сум си влезен во ритам и нема проблем - по угорниците претекнувам повеќе натпреварувачи. Потоа доаѓаме на место каде има еден тесен бетонски мост, а под нас многу длабокиот и тесен кањон - тука некад во близина се и познатите водопади, се слуша шумење на моќна вода. Наскоро излегуваме на истата патека каде утрото се движевме - време е да се завршува трката. Уште десетина километри до крајот. Прво релативно рамната изохипса, а потоа спушта кон езерото Lago di Ghedina.


на враќање кон Cortina D'Ampezzo

Од езерото (таму беше ставена единствената контролна точка на нашата трка) не вртат уште малку по планината - за да направиме повеќе километража, а потоа стрмно не спуштаат по една ски-стаза директно во градот. Ја минувам рекичката па уште малку - излегувам на стартно/целната рамнина. Со лесен чекор - како да не сум трчал воопшто денес (адреналинот на крајот си го прави своето) - влегувам во целта. 7 часа и 3 минути. ме дочекуваат водителите на шоуто кои цело време збореа и збореа - "трет македонец што пристигнува..." Пред мене стигнал Александар за 5 часа и 20 мин, па Валдет за 6 часа и 59 минути. Наскоро по мене доаѓаат и Бурим и Перо, па Тања Манчева и потоа Маја. Сите во добра форма, свежи, весели. Одличен успех за сите.


кај целта ... чекајќи го .... Жико

Остануваме на целта - ги враќаме стартните броеви и добиваме награда - тенки елеци за трчање North Face. Седиме и го очекуваме пристигнувањето на Жико. Во меѓувреме следиме кој и како пристигнува. Сретнуваме пријатели од Словенија, Хрватска. Пристигнуваат и првите три женски на ултрата - Канада, Италија, Велика Британија. И потоа доаѓа Жико - време 10 часа и 10 минути. И тој и Александар (секој во својата трка) го освојуваат 62-то место генерално, односно 59-то место во машка конкуренција.


Жико во целта - 10 часа и 10 минути

Одиме до кампот дека имаме информација за Светлана - правиме прогноза дека ќе и требаат уште два, два и пол саати за да пристигне. Се тушираме, се пресоблекуваме и каснуваме малку, па назад да ја пречекаме Светле. Таа стигнува баш кога почна да се стемнува - за 13 часа и 24 минути - освојувајќи го 32-то место во женска конкуренција од 77 натпреварувачки.


Светлана во целта на Lavaredo Ultra Trail

Одиме сите на вечера - Pasta party во блиската спортска сала. Пиеме и по едно пивце и полека кон кампот. Полека завршува големиот ден - и голем и бааѓи долг. Уморни сме но и возбудени од трката и од стопроцентниот успех на екипата. Легнуваме да одмориме. Дека од утре ќе почнеме нова авантура - пат кон Словенија и обид истава екипа да се искачи на највисокиот врв на Словенија - Триглав.


на кафе и договор утрото (недела) - пред заминување од кампот

 

Технички податоци за Cortina Trail :

Должина на патеката : 47 km
Висинска разлика (вкупен успон) : 2200 m
Макс.процент.успон : 36 %, просек 7,8 %


патеката на Cortina Trail 2013


висински профил на Cortina Trail 2013


Повеќе фотографии можете да видите на следниот линк :
https://picasaweb.google.com/117320863135421357287/LavaredoCortinaTrail

Автор: Трајче Панковски
Фотографии: Тања Манчева, Петар Герасимов, Трајче Панковски


© Copyright 2004 - 2014 Makpetrol A.D. Skopje