Планинарско Спортско Друштво МАКПЕТРОЛ Скопје > Макпетрол Home 
         Почетна страна
         Годишна програма
         Акции
         Документи
         Историја
         Библиотека
         Високогорство
         Topo Maps
         Контакт
         Линкови

 

 

 

 

SKY RUNNING - VERTICAL KILOMETER : Церипашина - прво издание - 01 септември 2013

За прв пат во нашата држава организиравме и ја изведовме првата трка по углед на европските и светските трки од серијата на SKY RUNNUING и тоа - VERTICAL KILOMETER. Под sky running се подразбираат трки во планински предели со значителна висинска разлика, обично се организираат на висини над 2000 метри, доколку во таа држава има такви терени. Vertical Kilometer е тип на трка со точно утврдена висинска разлика - 1000 m и пожелно е теренот да биде колку што е можно пострмен, не подолг од 5 km, а не пострмен од алпинистичка скала II - значи може да има карпи, фаќање со раце за камењата или тревата ако е многу стрмно. Ние, поттикнати од тие трки, решивме да се обидеме да организираме таква трка и кај нас. Теренот од Попова Шапка се покажа погоден пред се поради тоа што во близина има таква стрмна патека а и поради лесниот пристап до стартот - асфалтен пат речиси до самиот старт. Патеката - според првото мерење, поаѓаше од кај ски-лифтот Тетекс, се качуваше до врвот Церипашина на 2470 m, потоа се спушташе накај Бобинова стена и потоа нагоре до врвот Антени - 2530 m. Малку е незгодно што моравме да додадеме дел за спуштање па пак искачување за да се достигне потребната висинска разлика.

Во саботата јас и Александар Буцевски се искачивме на Шапка, се сместивме во пл.дом "Смрека" и наскоро се спуштивме долу и започнавме со обележување - "маркирање" на патеката. Комбиниравме лента во бела боја - за на дрвја, грмушки и трева и спреј со црвена и бела боја - за по камења и карпи. За околу 4 часа ја завршивме работата и се вративме во домот да ги дочекаме нашите пријатели - натпреварувачи. Дел од нив пристигнаа вечерта, некои спиеја во шатори, некои во домот. Двајцата судии - контолори - Александра и Александар - околу 21 часот ги испративме со челни лампи нагоре, да се сместат во куќичката на крајот на жичарата - на тој начин ќе имаат утрешниот ден доволно време да се распоредат на своите места пред почетокот на трката.

 
судиите заминуваат кон Церипашина

Сите легнавме релативно рано на спиење - да бидеме одморени и спремни за утрешната трка. Во домот имаше и една група од седум-осум планинари од Словачка, кои исто така планираа да станат утре порано, за да појдат кон Титов Врв.


зазорува - гостите што спиеја во шатори


сонцето изгрева над Попова Шапка

Осамна убаво утро, сончево со по некој облак, но мирно, без ветар. Почнавме со будење околу 6:30 и секој си почна со подготовките. Околу 8 часот сме веќе долу кај хотелите. Доаѓаат и првите коли од Скопје, Тетово со натпреварувачи. Заедно се упатуваме кон стартот - кај ски-лифот "Тетекс".

Ги поделивме стартните броеви, причекавме да се соберат сите кои тој ден решија да се натпреваруваат - имаше вкупно 14 - од кои 11 машки и 3 женски. По кратко објаснување за патеката и начинот на кој е обележана - во 9 часот го означивме стартот на трката.


последни инструкции за патеката


пред стартот


стартот на трката

Започна трката. Некои од стартот појдоа појако, другите си ги штедеа силите за подоцна. Теренот - по првите неколку стотини метри започнува стрмно да се искачува, па веќе трчањето мора да се замени со силно одење па јачината на нозете и капацитетот на белите дробови се се она што ви е потребно. Јако и долго. Во водство цело време беше Марјан Бонев, а по него Жикица Ивановски и Бурим Бафтири. По врвот Церипашина, каде што имаше контрола од Александра, започнува спуштањето кон Бобинова стена. Марјан тука побрзал - се одвоил нешто повеќе, но по преминот на долчето на почетокот на завршниот успон, успеал некако да избега од патеката и да отиде повеќе во лево. Додека увидел дека се работи за грешка и да се врати на патеката, го изгуби водството. На крајот Жико беше прв, Бурим втор а Томче тет. Четврто место зазема Благоја - домарот од домот "Смрека" - на возраст од 61 година. Марјан заврши дури на петтото место. Колку беше добра конкуренцијата зборува фактот дека првите петорица завршија во временски интервал од 4 минути.


при крајот - стрмниот успон убаво се гледа


заедничка фоографија на целта

По некое време сите се искачија до целта. Поголемиот дел од натпеварувачите појде надолу кон хотелите, односно кон пл. дом "Смрека" додека една група од четири луѓе замина на трчање во правец на Долна Лешница и оттаму по патот нагоре до Шапка - да направат подолг тренинг.


една група појде да истрча уште некој километар


одмор и размена на импресии пред пл.дом "Смрека"

Сите се собравме во домот "Смрека" па се разви дискусија - како било, кој што направил, што би можело подобро, па нешто за здравата исхрана, витамински суплементи, рецепти за здрави и вкусни колачи... Сите беа задоволни од првото издание на трката. За следниот пат, според моите анализи, патеката ја има потребната висинска разлика и стартот може да се стави не кај ски-лифт "Тетекс" туку кај почетокот на жичарницата - така ќе биде уште пократка и пострмна и да се постигнат подобри времиња. Останува да се испланира терминот за следното издание на оваа трка - веројатно во почетокот на месец окомври. Се надевам дека сите оние кои сега не можеа да земат учество ќе со појават тогаш. Оние што сега земаа учество ја имаа честа да бидат пионерите во една - се надевам - подолга традиција на натпреварување и поместување на границите - рекордите на оваа патека. И порано разни индивидуалци се обидувале да постават најдобро време, во летни и зимски услови, но сега ја имаме можноста тоа да го правиме заеднички, во исти услови за сите.

Резултати од трката :

Место

Име и Презиме

Време

1

Жикица Ивановски

01:02:12

2

Burim Baftiri

01:02:42

3

Томе Попчевалиев

01:05:50

4

Благоја Ацковски

01:06:18

5

Марјан Бонев

01:06:55

6

Марин Стојановски

01:12:25

7 (1Ж)

Светлана Стојаноска

01:13:50

8

Спасе Милески

01:15:10

9

Philip Jackson

01:15:55

10

Анѓел Ѓорѓиевски

01:16:50

11

Владимир Делев

01:17:27

12 (2Ж)

Тања Пенева

01:23:25

13 (3Ж)

Тања Манчева

01:27:14

14

Александар Димитровски

02:14:33



Технички податоци :

Должина на патеката: 4,8 km
Висинска разлика (вкупен успон) : 1021 m
Максимален успон : 53,8 %, просечен успон : 25,5 %



патеката на трката


висински профил на патеката


Повеќе фотографии можете да видите на следниот линк :
https://picasaweb.google.com/117320863135421357287/CeripasinaVerticalKilometer001

Текст: Трајче Панковски
Фотографии: Марин Стојановски, Жикица Ивановски, Трајче Панковски


© Copyright 2004 - 2014 Makpetrol A.D. Skopje