Планинарско Спортско Друштво МАКПЕТРОЛ Скопје > Макпетрол Home 
         Почетна страна
         Годишна програма
         Акции
         Документи
         Историја
         Библиотека
         Високогорство
         Topo Maps
         Контакт
         Линкови

 

 

 

 

Малешевски планини : "По Трасата на Гасоводот"- 18-19 мај 2013

И оваа година ја подолжуваме традицијата на нашиот клуб, кон средината на месец мај да организираме голема планинарска акција која ја нарековме "По Трасата на Гасоводот". Не навлегуваме во тоа зошто нема низ цела Македонија гасовод, но ние се однесуваме како да има, па затоа организираме акции на разни места, притоа се трудиме да отидеме на некои места на кои досега не сме биле или поретко сме ги посетувале - и на тој начин да ги откриваме планинските убавини на Маедонија. Оваа година тоа се Малешевските планини - во близина на градовите Берово и Пехчево - на крајниот исток на Македонија.

Акцијата започна во саботата со заминување на една група од дваесетина планинари со мини-бус до Берово. Тие имале убав ден на прошетка околу беровското езеро и потоа искачување на прекрасните падини и гребенот од јужната страна на езерото - Долни Шабан. Групата преспива во Берово во прекрасна атмосфера, а во недела наутро доаѓа на теренот на Пехчево - Равна река, каде ги прави подготовките за дочек на големата група планинари од Скопје.

Од Скопје во недела наутро околу 6 часот поаѓаат околу 100 планинари со два автобуса, но се приклучуваат и неколку патнички возила, бидејќи интересот за оваа акција беше навистина огромен. За тоа придонесе веројатно и одличната временска прогноза за стабилно сончево време, но секако и местото кое се посетува, дека навистина ретко се организираат планинарски акции со поголема посетеност во овој регион.

Околу 10 часот (има доста возење до таму) сите сме на излетничката локација - Равна Река - голема ливада покрај горниот тек реката Брегалница. Просторот е прекрасно уреден за излет на поголем број луѓе, па дури има и лизгалки за малите дечиња. Кога пристигнавме ние, веќе беше распален огнот и беше почната подготовката на тетовското гравче во малешевска вода.


пристигнување на Равна Река


групна фотографија пред почетокот на искачувањето

Покрај големата група на планинари, се одвоивме една група за трчање во планина - група од 9 членови. Желбата за одржување на формата и подготовка за претстојните трки не упати во овој прерасен предел. Избравме една малку поинаква патека - наскоро по стартот се одвојуваме во десно (кон југ) спротивно на течението на рекичката Бреза. Низ шума по широка патека - на неколку пати преминуваме потоци и рекички - има и по некое шлапнување во водата но се минува со смеа - времето е топло а распложението - не може да биде попозитивно. Патеката благо се искачува нагоре - со просечен нагиб од 6,5 % многу лесно се трча и за кратко време изминуваме убава дистанца од 5 километри


веселата група планински тркачи


имаше интересни моменти при преминување на рекичките

Потоа почнува поголема стрминина на патеката - почнуваме да се искачуваме во правец на Бреза - но тоа кратко трае - имаме само 100 висински метри за искачување. Се движиме по прекрасна патека во сенка од дрвјата а подлогата е прекриена со лисја и е многу пријатно за движење. Бреза се наоѓа на околу 1440 метри надморска височина и претставува една ледина со трева. Таму забележуваме куќа во почетна фаза на распаѓање и стадо овци. Всушност овците беа малубројни, можеме да кажеме дека имаше стадо кучиња. Првите се стрчаа кон нас но се помина мирно - наскоро се појави и овчарот - чичко Митко со кој поразговаравме малку и кој ни кажа каде се наоѓа чешмата со вода. Од кучињата најмногу си играше со нас големиот едногодишен шарпланинец Дино.


се искачуваме по убава патека кон Бреза


на Бреза - средба со кучињата

Малку на чичко Митко му беше изгледа тој ден расипан компасот дека кога му спомнавме дека одиме за Ченгино Кале, тој ни покажа дека треба да одиме во правец на Беровското езеро. По пиењето вода и дополнувањето на залихите, подолжуваме со лесно трчање низ шумичката во правец на следната ледина - Средња. Навистина уживавме во трчањето, кое ни дојде толку лесно и природно што си разврзавме разговор. Во еден момент се свестувам дека всушност трчаме и така разговараме - како да сме во Скопје во некој кафиќ. Нозете веќе самите си ја знаат работата.


во близина на Средња - групата тркачи


убава патека - прескокнување преку паднати стебла

Пред да излеземе на Средња, патчето се спушта до една рекичка - тоа е Брегалница - ама како мало поточе кое може да се прескокне. Во некоја дупка сме од спротивната страна брденце на кое на тревата стои бел коњ, а над нашите глави лета голем орел. А природата зелена, зелана - вистински празник за очите - питома, брдата мирни, заоблени.


коњ пред нас а орел над нас


излегуваме на Средња

Излегуваме на Средња која е огромна ливада, едно куче дотрчува до нас и трка кај секој од нас и му се фрла пред нозе и се валка - сака да си игра. Ние трчаме надолу, тоа пак по нас и ни се плетка околу нозете. Почнуваме благо искачување кон Бел Камен - трева преполна со шарени цвеќиња. Потоа преминуваме од другата - источна страна - веќе сме скоро на границата со Бугарија. Лево и подолу од нас е извориштето на реката Брегалница, а позади е нашата цел - врвот Ченгино Кале. Ние вртиме малку од десно за да не изгубиме многу висина и да не се зацапаме во водата од реката. Ја сечеме реката во погорниот дел - тиа и не е река туку водата извира од повеќе места и се формираат минијатурни поточиња па како што минуваме низ тој дел шлапкаме по малку во мокра трева.


изворишниот дел на Брегалница и Ченгино Кале позади

Е потоа не чека малку пострмно искачување до врвот Ченгино Кале - во горниот дел се пробиваме низ мали грмушки - колку да си останеме доследни на традицијата дека нема да имаме trail без да имаме близок контакт со грмушки и трња. На врвот стигнуваме околу 13 часот. Изминавме 16 километри до тука. Таму ја затекнуваме групата планинари кои од друга страна - од кај караулата се качиле на врвот - околу 15 минути пред нас изминувајќи 8 километри. Одмараме, се фотографираме групно и поединечно, јадеме малку. Од врвот се нуди прекрасен поглед на Пирин планина со врвот Вихрен, прошаран пола-пола со снег.


групна фотографија на Ченгино Кале - 1745 m

Иако имавме план да трчаме еден додаотк од околу 10 километри, мнозинството од групата изрази желба да не го правиме додатокот туку со целата група планинари да се враќаме кон Равна Река. Ја прифативме сугестијата и во многу пријатна атмосфера, со разговор полека се спуштивме прво до караулата а потоа и во долниот дел на планината. Притоа посетивме и неколку прекрасни водопади близу до патот - мора да ги пофалиме домаќините дека завршиле огромна работа во обележување на сите битни места и во расчистување, правење патчиња, дрвени мостчиња и огради за придржување по стрмните терени каде се водопадите.


Ж'тачки водопад


водопад "Скокото"

На крајот акцијата заврши со ладење на нозете во водите на Брегалница, мал одмор и потоа гравче од казан и салата. Нормално, имаше и музика, оро... околу 17 часот сите во автобусите и автомобилите и задоволни на пат кон дома


ручек и разонода на Равна Река


од автобусот на враќање кон Скопје

Општ беше впечатокот на сите учесници на акцијата дека ова се прекрасни терени, толку убави и питоми а имаат да понудат разноврсни типови на уживање во природата - пешачење, трчање, планински велосипедизам, посета на водопади, има во близината неколку рибиници - идеални услови за развој на планинскиот туризам. Се надевам дека во иднина многу повеќе луѓе ќе го посетуваат овој предел и дека ќе се погрижат да остане вака убав, чист и незагаден.


Технички податоци :

Должина на патеката: 24,5 km
Висинска разлика (вкупен успон) : 970 m
Максимален успон : 27 %, просечен успон : 7,5 %



патеките на движење


висински профил на патеката


Повеќе фотографии можете да видите на следниот линк :
https://picasaweb.google.com/117320863135421357287/CenginoKaleTrail02

Текст: Трајче Панковски
Фотографии: Марин Стојановски, Никола Доновски и Трајче Панковски


© Copyright 2004 - 2014 Makpetrol A.D. Skopje