‘‘Ајде Милке да бегаме в наше село Малешево. Од три страни сонце грее, од четврта месечина‘‘. Не сум забележал досега но утрото на 18 мај од исток блескаше јасно сонце а на западната страна јасно се гледаше месечината. Значи вистина е! И еден постар жител ми кажа дека и три пати трева се коси а додека на една страна се жнее на друга се сее.
Малешевијата е извонредно убав дел од Македонија. Затоа и оваа година таму ја организиравме нашата традиционална планинарска акција. Во саботата по прекрасно сончево време направивме прекрасна прошетка по висорамнината над Беровското езеро. Ја поминавме браната и после 20 минутно искачување по стрмнината излеговме на шумска патека сред убавата комбинирана шума – бука и борови. Боровите се во фаза на цветање и беа полни со нови врвчиња од кои мештаните го прават познатиот боров сируп. Од шумата по околу e ден час пешачење излеговме на ливади и по уште половина час стигнавме до нашето одредиште – бачилото во месноста Шабан. А таму ја затековме тетка Елена која ни понуди органски мед, органска сливова ракија и органска урда. Во амбиент од прастара селска куќа и најпримитивна маса со клупи за седење но сред преубав природен амбиент уживавме во специјалитетите дополнети со храна што ја носевме во ранците. Потоа полека започнавме да се спуштаме кон езерото следејќи го текот на една рекичка по каллив земјен пат. Излегувајќи на другата страна од езерото бевме воодушевени од убавината што ни се откри пред нас. Тоа беше една прекрасна ливада обиколена со езерото од три страни а на неа прекрасна викенд куќа. Им завидувам на тие кои живеат таму.
Таму излеговме на асфалтниот пат кој води кон Клепало и по околу 30 минути стасавме до нашето одредиште за сместување. Тоа е еден убав мотел чиј газда многу пријателски не пречека и навистина се трудеше да ни овозможи пријатен престој. А вечерта се погриживме да добие типично планинарски шмек : распаливме скара, направивме салати, и по многу испеани песни нешто пред полноќ на спиење. Надвор заврна убав дожд и падна убав град.
Утредента не пречека јасно сонце. По доручекот заминавме за Пехчево до локалитетот Рамна Река. Таму не чекаше екипата која требаше да го спреми гравчето. Огнот беше веќе запален, казаните спремни и веднаш го ставивме ‘‘тетовецот‘‘ да се вари. Околу 10.15 ч. пристигнаа автобусите од Скопје со околу 145 учесници.
По краткиот поздравен говор екипата планински тркачи замина кон изворот на Брегалница а сите планинари тргнавме по шумскиот пат кон водопадите и потоа нагоре до караулата од некогашната ЈНА. А таму не ‘‘изненади‘‘ убав дожд и ситен град кој направи доста ученици да се вратат назад иако до врвот Ченгино кале имаше уште околу 45 минутно пешачење. На враќање ги посетивме преубавите водопади на Брегалница и потоа се припремивме за гравчето. А гравчето беше ‘‘мајка да јаде, ќерка да гледа, мајка на ќерка да не дава‘‘! Поубаво гравче во животот не јаделе – изјавија многумина. Имаше и посно гравче за вегетаријанците. Вкупно беа поделени околу 220 порции гравче. И по ручекот песна и така со песни во 17.30 ч. учесниците на ова дружење се качија во автобусите и заминаа за Скопје. По нив откако се збогувавме со екипата готвачи заминавме и ние со комбето. Навистина убаво дружење сред преубав планински амбиент. Имаше дечиња од 9 – 10 години и возрасни над 65 години.
Се надевам дека ваквите дружења ќе им бидат потик на многумина од нив почесто да побараат релаксација во природен амбиент далеку од градската загадена џунгла.
Благодарност до сите кои не почестија со своето присуство на ова наше традиционално дружење. Благодарност до планинарите и колегите од БП во Пехчево. Во недела (25 мај 2014) во 18.10 ч. ќе можете да ја проследите репортажата што ја сними екипата од ТВ ТЕЛМА која го следеше настанот.
Автор: Никола Доновски