Планинарско Спортско Друштво МАКПЕТРОЛ Скопје > Макпетрол Home 
         Почетна страна
         Годишна програма
         Акции
         Документи
         Историја
         Библиотека
         Високогорство
         Topo Maps
         Контакт
         Линкови

 

 

 

 

SKY RUNNING - VERTICAL KILOMETER : Церипашина - второ издание - 06 октомври 2013

Второ издание на трката Ceripasina Vertical Kilometer - 1000 висински метри за што пократка должина - за тркава последните мерења покажуваат некаде околу 4400 - 4500 метри во должина. И - што е најважно - почна да се создава традиција - иако овој пат дојдоа малку луѓе, за тркава се знае, се дискутира. Се надевам дека понатаму ќе учесетвуваат повеќе натпреварувачи - не е најважно да се победи туку да се провери својата моментална состојба, па по месец дена пак... и така ќе има напредок. Па ќе дојде зимо и снег, па ќе правиме трка на тој терен, нешто пократка но по снег, а ако е потврдо и со дерези...


Попова Шапка видена од првиот дел на патеката кон Церипашина


маркирање на патеката - назад - врвот Антени - целта на трката

Екипата одговорна за маркација пристигнавме на Попова Шапка во сабота околу 11 часот - право во пл.дом "Смрека" каде се сместивме и веднаш заминавме на терен. Времето беше сончево, тивко и многу пријатно. Маркациите од минатиот пат стоеа скоро сите, но сепак уште повеќе го подобривме маркирањето - маркирање со црвено-бел спреј почесто, а исто и со белите ленти во делот каде беше трева и боровинки. Во 16 часот се враќаме во домот па се спрема ручек (скара). Во вечерните часови - додека група студенти од правните факултети имаа свој собир, ние вежбавме врзување на алпинистики јазли - убава и корисна вежба.


вежба - врзување јазли

Утредента осамна убаво утро - со малку облаци но топло и мирно. Околу 9 часот почнаа да пристигнуваат натпреварувачите на стартното место - кај ски-лифтот "Тетекс" блиску до истоимениот хотел. Ги делиме стартните броеви, луѓето се загреваат. Точно во 10 часот означуваме старт на трката. Овој пат имаше само 10 учесници, но беше тоа група со многу висок натпреварувачки квалитет и се очекуваше добра борба за првите места.


на местото за старт


групна фотографија пред стартот


старт на трката


групата заминува кон ски-центарот "Попова Шапка"

Од почетокот Марјан Бонев го зема водството, но зад него се води борба за останатите позиции. По некои 300 висински метри на второто место доаѓа Жикица Ивановски, а потоа - на трето место Александар Симјановски. Следува Бурим Бафтири, а зад него Илија Пајмакоски, кој на почетокот беше втор, но повеќе фактори му влијаеа да не успее да ја задржи таа позиција. Овој распоред на врвот остана така до крајот на трката.


некаде на 250 висински метри од стартот


последната стрмнина пред целта - врвот Антени


Александар - трето место


победникот Бонев (лево) му прави друштво на Илија Пајмакоски пред целта


приближување до целта на првата и единствена во женска конкуренција - Светлана

Резултатот на победникот 54:49 - подобрување на рекордот од минатиот пат за 7 минути и 23 секунди. Првите четворица имаа времиња подобри од најдобриот резултат од минатиот пат. Тоа доволно зборува за условите во кои се одржуваше натпреварот како и за квалитетната конкуренција која ги поттикна натпреварувачите да дадат максимум од себе. Сите успешно ја завршија трката, па потоа заедничка фотографија, заедно со гостите кои беа пристигнале со пешачење, Тања, Боби и Аце. Нормално, на целта беше најважната фигура - Перо - главниот судија кој и ги забележуваше времињата и ги фотографираше финишерите. Секако - треба да го спомнеме и Буцевски како судија на Церипашина кој ги бележеше времињата на минување - исто така многу битна информација.


групна фоографија на врвот

Потоа дел од тркачите си подолжија во правец на Карабунар да се дотрчаат и се симнаа од страна на Вакаф. Тука направиле и неколку многу убави фотографии кои не можам да не ги објавам - убава складна група релаксирано трча по планина - Тарахумара - 100 %.


групата на дотрчување

 

На крајот сите бевме собрани во планинарскиот дом "Смрека" каде направивме прогласување на победниците на ова издание на трката. Имаше и еклери во домашна изработка на Тања Герасимова и тоа значително ја разубави церемонијата на прогласување.


кај пл.дом "Смрека"


прогласување на победниците

Одлична трка во одлични временски услови - нов рекорд на патеката и традиција која си фаќа ред - и најважно весели и позитивни луѓе - зар можеме да посакаме повеќе.

 

Резултати од трката :

Место

Име и Презиме

Време

1

Марјан Бонев

00:54:49

2

Жикица Ивановски

00:57:45

3

Александар Симјаноски

01:01:00

4

Бурим Бафтири

01:02:20

5

Илија Пајмакоски

01:05:35

6

Марин Стојановски

01:10:25

7 (1Ж)

Светлана Стојаноска

01:15:20

8

Спасе Милески

01:21:53

9

Борче Милоскоски

01:23:30

10

Данчо Марковски

01:24:20



Технички податоци :

Должина на патеката: 4,5 km
Висинска разлика (вкупен успон) : 1021 m
Максимален успон : 53,8 %, просечен успон : 25,5 %



патеката на трката


висински профил на патеката


Повеќе фотографии можете да видите на следниот линк :
https://picasaweb.google.com/117320863135421357287/CeripasinaVerticalKilometer002

Текст: Трајче Панковски
Фотографии: Петар Герасимов, Радосав Тасевски, Жикица Ивановски, Трајче Панковски


© Copyright 2004 - 2014 Makpetrol A.D. Skopje