Планинарско Спортско Друштво МАКПЕТРОЛ Скопје > Макпетрол Home 
         Почетна страна
         Годишна програма
         Акции
         Документи
         Историја
         Библиотека
         Високогорство
         Topo Maps
         Контакт
         Линкови

 

 

 

 

Голешница планина : Бреза (1410 m) - планинско трчање - 19 ноември 2011

Во саботата - 19 ноември - околу 6 часот наутро - од Скопје поаѓа 9-члена група планинари и маратонци со две возила. По магликаво и ладно време патуваме по клисурата прво на реката Пчиња, а потоа на реката Вардар - кон Велес. Во Велес ни се приклучува и Жико од Штип - па сега сме 10 учесници на акцијата. Автомобилите ги оставаме во градот а со такси патуваме уште 10-ина километри до селото Бузалково - село со околу 1000 жители претежно албанско население. Пред 8 часот сме во Бузалково. Селото е на надморска висина од околу 500 метри. Тука сонцето полека се издигнува над маглата и почнува попријатно да грее. Малите ранчиња ни се веќе спремни - само ги ставаме на нас и сме спремни за старт. Поголемата група има план да трча до врвот Бреза, додека помала група со брзо одење ќе се обиде да дојде до домот Бреза - на висина од околу 1200 m. Составот на екипата е : Тања, Софија, Адам, Марин, Данчо, Јовица, Срѓан, Перо, Жико, Трајче. Идејата за оваа акција и за оваа патека потекна од Данчо - кој по потекло е од Велес и кој во времето кога живеел во Велес често пати го посетувал планинарскиот дом "Бреза". Во 7:55 поаѓаме од село Бузалково.


ладно утро во Велес - реката Вардар


убавиот земјен пат

Трчаме по широк земјен пат - нагибот сосема пристоен - во просек околу 8% така да може да се трча цело време без да се замориме премногу. Иако имаме GPS со нас, поради муабетот што си го затеравме додека трчаме - малку ја зрешивме патеката, па моравме да се враќаме назад. Не дека беше некоја голема грешка - можеше да се помине и од таа страна, но таму беше прво еден рамен дел па потоа поголем нагиб, па немаше да ни биде толку убаво за трчање. По патот има неколку убави чешми со ладна вода.


домот "Бреза" и над него врвот Бреза


поглед наназад кон патот по кој пристигнавме

По околу час и половина сме веќе кај домот - кој - за жал - од војната во 2001 година стои разрушен. Веднаш продолжуваме понатаму - најпрво по патот, а потоа директисима кон врвот на кој има неколку антени - последниот дел беше доста стмничок, ама убав за качување - сува трева. Врвот е едно големо тревнато плато со понекој камен блок. Таму не чека Перо - најбрзиот планински тркач денес - не успеавме да го стигнеме иако трчавме речиси цело време. За 2 часа завршува нашето искачување - 13,7 km


платото на врвот Бреза


екипата планински рарамурци со врвот Лисец позади нив


поглед од Бреза кон врвот Солунска Глава

Во продолжение на врвот Бреза - кон запад - следува едно големо седло па потоа почнува успонот кон врвот Лисец - највисокиот врв на Голешница кој е висок околу 1900 m. Одиме до крајот на ледината - за да ѕирнеме надолу - во правец на текот на реката Тополка и масивот на Јакупица : Прерок, Кале, Иванов врв - на Прерок бевме минатиот декември. Се сликаме тука и потоа се упатуваме назад кон домот за да се сретнеме со остатокот од групата - оние што пешачеа. Ги чекаме уште некое време и потоа даоѓаат и тие. Сонцето толку силно пече што почнуваат да ни горат образите и вратовите. Одмараме уште малку и уживаме во убавата глетка наоколу. Под нас - море од магла ја покрива Македонија и само врвовите повисоки од 1000 метри ѕиркаат над маглата.


групата кај пл. дом Бреза


поаѓање назад - пак со трчање


многу убава патека

Трчањето надолу е вистинска забава - само мора да внимаваме како газиме за да не си свиткаме скочен зглоб на некој камен. За 1h 15 min сме долу - застануваме малку над селото за да го пречекаме останатите од групата. По комплетирањето на групата - одиме до селото каде што наскоро доаѓаат договорените такси-возила кои не носат до Велес. А таму се погоди денот да биде фестивал на пита-пастрмајлија, така да ние моравме да земеме активно учество и во таа манифестација. Убаво освежени и насмеани - си дојдовме во Скопје околу 18 часот. Патеката за трчање многу ни се допадна - си направивме убав тренинг и запознавме едно ново и убаво место.


чекаме такси во с.Бузалково

 

Технички податоци :

Должина на патеката: 28 km
Висинска разлика (вкупен успон) : 1060 m


измината патека


профил на патека

Повеќе фотографии можете да видите на следниот линк :
https://picasaweb.google.com/117320863135421357287/BrezaTrailRun#

GPS записот можете да го симнете од :
http://www.stazeibogaze.info/2011/11/21/golesnica-planina-s-buzalkovo-breza/

Автор: Трајче Панковски

Фотографии: Марин Стојановски, Петар Герасимов


© Copyright 2004 - 2014 Makpetrol A.D. Skopje