Планинарско Спортско Друштво МАКПЕТРОЛ Скопје > Макпетрол Home 
         Почетна страна
         Годишна програма
         Акции
         Документи
         Историја
         Библиотека
         Високогорство
         Topo Maps
         Контакт
         Линкови

 

 

 

 

Русе, Велико Трново, Ботев врв (2.376 м.) Р.Бугарија - 8-11 октомври 2010

Во организација на три планинарски друштва од Скопје (ПД „Макпетрол“, ПД „18 Август“, ПД „Кораб“) и со учество на членови од Планинарскиот клуб „Балкан“ од Белград, Република Србија, меѓу 8 и 11 (па и 12) октомври, беше изведена планинарско-излетничката акција „Русе – Велико Трново - Ботев Врв“, во Република Бугарија.

На акцијата учествуваа 60-тина планинари и излетници, кои по убаво време посетија интересни населени места, манастири, ... а 33 од нив го искачија највисокиот врв на Стара Планина, Ботев врв, висок 2.376 м.

Но, ајде од почеток.

Скоро 540 км оддалечен од Скопје е градот Русе. Град на широкиот Дунав, на границата со Романија. Таму е се големо. Големи непрегледни рамници, некои обработени, а некои со несобран исушен сончоглед, 204 метри високата ТВ кула, огромни споменици во сеќавање на бурната бугарска историја, огромниот Дунав, .... . Градот е познат и под името „Мала Виена“. Низ центарот на градот има убави барокни згради, но повеќето запуштени и необновени. А, предградието, ... соц-реалистичко.


Големата група во центарот на Русе

 

Во близината на Русе посетивме две цркви во карпи, „Св. Димитар Басарбовски“, и „Св. Богородица“.


Св. Димитар Басарбовски

G:\Botev vrv 040.JPG
Св. Богоридица

 

Посетивме и пештера, Орлова чука, исто така во близината на Русе. А, во пештерата работи човек, брзозборец, кој за секое камче и гребнатинка има интересна приказна. Сталагмити и сталактити кои личат на гуски и лебеди, на Адам и Ева, гребнатинки од мали мечиња кои им стоеле на грбот на големите пештерски мечки, .........


Во пештерата Орлова Чука

Стигнавме во Велико Трново. Се сместивме во местото Шереметјев, во хотелот „Момина крепост“ и не помина долго за да почнем e со јадењето, пеењето и играњето. Некои ги јадеа своите огромни домати израснати среде Скопје, некои играа, а сите пееја.

   

Дел од луѓето, кој пешки, кој со такси, го посетија градот Велико Трново. А, градот не пречека со интересна светлосно-звучна претстава, во која тврдината Царевец и објектите во неа, беа осветлувани со најразлични бои. Ние, воодушевени од глетката од првата, изгледавме и втора полсатна претстава. Мора да се признае дека граѓаните на Велико Трново нашле многу инвентивен начин за да ја покажат убавината на градот и да привлечат туристи.


Тврдината Царевец ноќе

Утрото, 10 октомври, недела, по сончев и убав ден го разгледавме градот, наречен и „Град на царевите“, односно историски главен град на Второто бугарско царство (12-14 век). Реката Јантра тече меѓу трите рида на кои е распространет градот. На еден од ридовите е Тврдината Царевец.


Панорама на градот распослан на три рида

На врвот во тврдината е издигната градба која однадвор личи на црква, но сите не остави зачудени со внатрешните цртежи. Наместо икони, уметникот ги насликал најинтересните делови на историјата на Бугарија во сиви и црни тонови. Скелети, ланци, разголена Богородица, .... Повеќемината излегоа од градбата збунети и со нелагодба.

А, низ градот има стари, убави куќи, занаетчиски продавници, но ги има и неодминливите големи споменици и сиви згради.

   G:\Botev vrv 142.JPG
Панорама на Велико Трново ; Етр

На патот кон нашата највисока дестинација, врвот Ботев, го посетивме Етр, архитектонско-етнографски комплекс, во кого се изградени стари, традиционални куќи, воденици, занаетчиски работилници, .... се за туристите.

Преку преминот Шипка над кого се издигнува повторно уште еден монументалниот споменик до кого треба да се искачат неколку стотини скали, стигнавме и до селото Шипка. А, во Шипка е манастирот Шипка. Во зелената шума, скриени меѓу зелените дрва, се извишуваат десетина златни куполи на големиот руски манастир, подигнат од чест на погинатите руски и бугарски војници во Руско-турската војна ( 1877-78 ). Однадвор манастирот е повеќебоен, со многу лакови, ѕвона, и златни куполи. Внатре има голем дрвен иконостас, повторно многу злато, убави икони и мермерни плочи со издлабени имињата на мртвите војници.

   
Рускиот манастир „Рожденство Христово“ ; Златните куполи на манастирот

Преку градот Калофер стигнавме до селото Паниците и на 5 км од него се истоваривме од автобусот и тргнавме кон планинарскиот дом „Рај“ на 1.450 м. Пред нас, завиен во облаци високо се издигнуваше Ботев врв, највисокиот врв на планината Балкан (Стара Планина), по која Балканскиот полуостров го добил името.

   
Ботев врв во далечина ; Дел од планинарите

Ноќта брзо се спушти. Долгата колона од 40-тина планинари забрзано пешачеше кон домот со лампи на челата. Околу 20 часот стигнавме до домот каде што гладно се нафрливме на топлите супи. А, големата печка во домот „баботеше“. Брзо се стопливме и пак почна смеа и песна. Изморени од искачувањето се прибравме во затоплените соби. Но, не сите. Дел од групата, заедно со бугарските домаќини пееле и пиеле до 4 часот наутро.

Утрото, 11 октомври, понеделник, голем празник на Македонците, Ден на востанието, во 6 часот тргнавме кон врвот. 33-ца. Јасно и чисто небо. Поминавме покрај водопадот, велат највисок на Балканот и таман на разденување стигнавме на почетокот на „Тарзановата патека“ – патека обезбедена со сајли за полесно искачување. За многумина искачувањето со помош на сајлите беше многу атрактивно и фото апаратите „штракаа“. После „Тарзановата патека“, веќе газевме по снег.

   
Почеток на Тарзановата патека ; По Тарзановата патека

Во далечина прво се појави високиот црвено-бел „оџак“ (антена) на врвот, а потоа и „силосот“ (повторно антена) и на крај, големите згради. Се искачивме на Ботев врв, највисок на Стара планина, 2.376 м., кој го добил името по бугарскиот поет и револуционер Христо Ботев (до 1950 година врвот се викал Јумрукчал, старо турско име кое значело „Врв во вид на тупаница“. Ботев врв, велат Бугарите, се наоѓа блиску до географскиот центар на државата.


Ботев врв (2.376 м.)

Метереологот, дежурен таа недела на врвот, не пречека со топол чај. Се одморивме, јадевме, групно се сликавме и по сонце и низ магла, тргнавме надолу по патеката обележана за зимско искачување со метални шипки.

   
Повеќемината планинари на Ботев врв ; Дел од планинарите на врвот


Последен поглед кон Ботев врв

Додека ние се искачувавме на Ботев врв, дел од членовите на акцијата уживале во убавината на градот Калофер.

   
Во Калофер

Долу, во подножјето на планината не пречекаа другите членови на акцијата. Потоа сите заедно го продолживме патот кон Софија, со нашиот „распеан автобус“. Ечеше автобусот од песни и игра.

G:\CIMG2769.JPG    G:\CIMG2772.JPG
На крај од успешното искачување на врвот ; Распеаниот и разигран автобус

Кратко ја разгледавме Софија и понудата на продавниците за планинарска опрема и тргнавме кон Скопје. Ноќта, те. утрото околу 3 часот, на 12 октомври, вторник, работен ден, стигнавме во Скопје.

Неколку интересни епизоди од патувањето.

Епизода 1

Порачката на пиво беше одбиена од келнерот поради тоа што: „Снежанка сврши“. Прво молк, а потоа прснавме во смеа. „Снежанка“ е вид бугарско пиво и келнерот сакал да каже дека веќе нема пиво.

Епизода 2

„Река Марица сливова да стане, а тревата шопска салата“. Тоа е рефренот на една од најинтересните новокомпонирани песни отпеани во автобусот од страна Ганчо од Тетово.

Епизода 3

Очигледно е дека и Бугарите имаат голема склоност кон изградба на монументални, огромни споменици обележувајќи делови од својата историја, победа или сојузништво. Како што возиме, и, ... оп, ... одеднаш во шумата или во центарот на градот ќе се појавеше огромната глава на Христо Ботев, статуата на Васил Левски, исправената фигура на некој цар или партизан.

 

Интересна слика:


„Запознај ја татковината за да ја сакаш уште повеќе“ – мермерна плоча на Ботев врв

 

Автор: Горан Николоски

Слики: Лила Костовска, Горан Николоски


© Copyright 2004 - 2014 Makpetrol A.D. Skopje