Иако временската прогноза ни укажуваше дека на Рила ќе не пречека вистински зимски амбиент навистина бевме изненадени од висината на снежната покривка! Па зарем баш тогаш мораше сиот снег кој не падна во јануари и февруари да се струполи во неколку дена. Или пак за тоа е крив датумот! Неможе да се знае но како и да е Мусала ни остана должна – ќе мораме да ја повториме турата.
На Боровец стигнавме доста касно вечерта на 7 март. Една грешка во навигацијата не чинеше додатни триесетина поминати километри. Домакините Маријана и Николај не очекуваа во пл. дом Шумнатица, собите и кујната беа затоплени и брзо се сместивме. По еден час пристигна и групата планинари од ПК Балкан од Белград.
Уште вечерта започнало да врне снег и врнеше цел нареден ден. Рано сабајле групата од 12 планинари по доручекот се упати кон жичарата со кабинките.
Скијачите од групата дојдоа на ски терените малку подоцна. Се искачивме со жичарата до Јастребец – 2300мнв и таму имаше што да видиме – истура снег, магла. Се информиравме за опасност од лавини и ни сугерираа да одиме по зимската маркација. Тоа значеше спуштање до Мусаленската патека и подолго пешачење до пл. дом Мусала. Сите бевме адекватно опремени со зимска опрема и силно настроени да се качиме на врв Мусала – 2925м но висината на снегот не уплаши. До патеката се спуштивме релативно без проблеми затоа што отаму се спуштаа многуте скијачи. Но откако излеговме на патеката и започнавме со искачување започна пропаѓањето во длабок снег. Напред одеа помладите и го пртеа снегот. Се обидувавме да ги следиме трагите од турно скии со кој пред нас одеше еден планинар кон пл.дом но тешко одеше. Одевме еден позади друг по стапките. Секое промашување на стапките значеше пропаѓање до колена и до појас. За 2 часа стигнавме до хижа Мусала – 2389м. Беше отворена, малку затоплена, испивме чај и се окрепивме со јадење. Мислите ни беа прашање – како понатаму. Четворицата бугари планинари кои ги затекнавме во домот беа тргнале исто кон Мусала со турно скии но увидувајќи ја висината на снегот се свртија и се вратија надолу. Маријана не информираше дека за последните 3 дена на врвот се искачил само еден со скии и од метеоролошката станица сугерираа да не се тргнува нагоре. Затоа со тешко срце се помиривме дека врвот ќе го видиме другпат. И се ќе завршеше досадно и тажно ако не се случеше “ испросувањето “ на Санела! “ Просјакот ” беше Урош од Белград кој планирал на врв Мусала да ја запроси Санела за жена. Е бидејќи врвот отпадна церемонијата се одигра во трпезаријата од хижа Мусала. Како што доликува, на колена, Урош ја запроси изненадената Санела и откако доби позитивен одговор и поклони прстен.
И потоа следеше честитање и во такво весело расположение започнавме со спуштање надолу кон Боровец. До ски патеката имаше пропаѓање во снегот но потоа спуштањето по 12км патека беше право уживање за душата. Околу 16 ч. бевме во домот, се одморивме и се приготвивме за вечерата во чест на 8 март. Маријана беше спремила вкусна вечера а за “ младите ” имаше специјален аранжман во собата. Дури добија и постелина на поклон!
По вечерата, како и секогаш следуваше дружење со песма и игра кое траеше до раните утрински часови.
Неделата наутро не израдува сонце но после еден час се сокри. Скијачите отидоа повторно на скијање а останатите се упативме на прошетка низ хотелскиот комплекс Боровец. Некои во дуќаните се снабдија со потребна планинарска гардероба. Во 15 ч. заминавме кон Скопје.
Им благодарам на учесниците за убавото дружење. Ќе мораме акцијата да ја повториме!
Автор: Никола Доновски