Планинарско Спортско Друштво МАКПЕТРОЛ Скопје > Макпетрол Home 
         Почетна страна
         Годишна програма
         Акции
         Документи
         Историја
         Библиотека
         Високогорство
         Topo Maps
         Контакт
         Линкови

 

 

 

 

BormioSki : април 2014

Додека чекавме на семафор, држејќи ги со едната рака скиите на рамо, а со другата воланот на точакот, покрај нас помина скијач бавно вртејќи ги педалите со тешките скијачки чизми. „Каде е снегот во Бормио?“, се прашувавме. Крај на март, а по улиците на Бормио имаше само сув асфалт и прашина.

Во срцето на Италијанските Алпи, е областа Алта Валтелина, областа во која растат убавите јаболка (Црвен и Златен делишес). Областа се наоѓа североисточно од Милано, на тромеѓето меѓу Италија, Швајцарија и Австрија. Таму е малиот алпски град Бормио над кого остро се издигнуваат 3.012 и 3.148 метри високите врвови Cima Bianca и Monte Vallecetta. Од Cima Bianca надолу почнуваат доооооолгите скијачки патеки, се до Бормио кој е на 1.225 метри, со висинска разлика од 1.800 м. Значи, дневно скијачите само со 5 искачувања со жичарниците и гондолите до врвот (и спуштања по скијачките патеки) можат да направат неверојатна висинска разлика од скоро 9.000 м. Како да се искачиле повисоко од Монт Еверест (8.828 м.). Затоа, поради должината на патеките во Бормио се одржуваат трки во Светскиот скијачки куп и Светско првенство во скијање.

Скијачките патеки се широки и одлично подготвени, најмногу црвени и црни, и поретко сини патеки. Од градот Бормио до Бормио 2000 (метри) вози гондола, а потоа скијачите може да скијаат надолу или да се искачат уште погоре се до 3.012 м. со жичарници и со голема гондола за 80 луѓе. По патеките има неколку ресторани, современи и постари, со цени за јадење (4-10 евра) и за пиење (1,5-5 евра).

Во соседниот ски центар, St. Caterina Valfurva , на само 15-тина км од Бормио, има неверојатно добри црвени и црни скијачки патеки, како на пример „црните“ Adler и Deborah Compagnioni (поранешна трикратна светска и олимписка првенка во скијање од Бормио). Во овој ски центар има и најнова, но и постара инфраструктура (стара двоседешница, дури и ски лифт за еден скијач), но затоа, скијачките патеки се „светски“. А, околината е алпска. Секој врв е повисок од соседниот.

Она што е најдобро при крајот на март и почетокот на април се многу поволните понуди за сместување и скијање, барем на Италијанските Алпи. На пример, годинава најдовме понуда за 7-дневно сместување во хотел со 3 ѕвезди, среде Бормио, и вклучена 6-дневна ски карта за ски центарот Бормио само за 165 евра. Со доплата од 10 евра, се добива 6-дневна ски карта за 4 скијачки центри (Бормио, St. Catarina, Cima Piazzi и San Colombano) .

Каков е снегот во тој период? Снегот на крајот на март и почетокот на април е одличен (над 1.500-1600 м., а има патеки до 3000 м.), а скијачките патеки кои се широки како автопати се израмнети како огледало. При дното од патеките снегот е воден и бавен, а на паркинзите веќе е прашливо (и калливо).

Стариот град на Бормио изгледа „сиво“, не така живописно како некои други алпски градови. Има продавници со релативно високи цени, неколку ресторани со прифатливи цени на италијанските специјалитети (4-20 евра) и неколку барови. Има и хотел со термална вода и затворени и базени под ведро небо. Преку денот има забави во Apres Ski ( после скијање) баровите, но навечер градот е релативно тивок. Секој понеделник во центарот на Бормио, од 21 до 24 часот, има многу интересна забава, Welcome party за туристите, со локални специјалитети (греано вино, ракија, колачи) и со DJ .

Што има да се види во околината на Бормио? Дали вреди долгиот пат до таму? Во околината е езерото Комо; убавиот град Сондрио; преку преминот Бернина, е ексклузивниот Сент Мориц (во Швајцарија); од гратчето Тирано до Сент Мориц може да се стигне и со црвениот воз Бернина Експрес; близу до Бормио е Ливињо, град со стотина Duty free продавници (затоа што е во пограничната зона меѓу Италија и Швајцарија), но и со многу убави широки и сончеви скијачки патеки.

Како да се стигне во зима/ почеток на пролет во Бормио? Од Скопје со автомобил (скоро 1.500 км. преку Хрватска, Словенија, Австрија и Италија), или со авион до Бергамо, Италија, и потоа со директна автобуска линија до Бормио.

Значи, за сите кои се авантуристички расположени и спремни за скијање по одлични црвени и црни скијачки патеки, скијачките центри во областа Алта Валтелина се идеални за посета.

Овде бевме сместени ние:

Hotel ALBERGO APPARTAMENTI STELVIO

Via della Vittoria, 36, 23032 BORMIO (SO), Tel/fax +39 0342910130

www.hotelstelvioabormio.com , albergostelvio@bormio.it

E-mail: albergostelvio@bormio.it

Следете ги понудите на интернет страната www.bormioski.it

 


Бормиоски


Скијачки центар Бормио


Бормио од 3000 м.


На скијање со точак


Скијачките учители во Бормио облечени во Emporio Armani


Скијачки центар St. Catarina


На крај од скијачкиот ден, во Apres ski бар со Бомбардино (пијалак)


Welcome Party во Бормио


DJ и разиграните туристи и домаќини


Млеко од автомат во Бормио


Милано на 200 км од Бормио


Лалиња во Сондрио, на 67 км од Бормио


3 м. снег на преминот Бернина (2.330 м.), на 56 км од Бормио


Во Сент Мориц, Швајцарија, на 78 км од Бормио


Довидување во Ливињо, на 38 км од Бормио

 

Автор: Горан Николоски



© Copyright 2004 - 2014 Makpetrol A.D. Skopje