Планинарско Спортско Друштво МАКПЕТРОЛ Скопје > Макпетрол Home 
         Почетна страна
         Годишна програма
         Акции
         Документи
         Историја
         Библиотека
         Високогорство
         Topo Maps
         Контакт
         Линкови

 

 

 

 

Богословец - Ѓаволски Ѕид - 21 април 2013

Недела - 21-ви април 2013 - мирно сончево утро. На железничката станица Овче Поле несекојдневен призор. Во раните утрински часови се прибираат повеќе возила од разни градови на Македонија - излегуваат планинари и се спремаат за поаѓање на планинарска тура. Васко кој е по потекло од овие краишта и порано често ги крстосувал околните ридови и планини ни вели дека оддамна не се случило да се соберат 30 планинарки и планинари за да одат кон Богословец. Времето беше навистина прекрасно - вистински чист и мирен пролетен ден - околните ридови раззеленети во светло зелена боја - се дише со живот.

Нашиот план за денес - да појдеме до речиси напуштеното село Богословец, потоа да се искачиме на истоимениот рид - Свети Јовански врв кој доминира со својата височина на целиот овој предел на патот помеѓу Велес и Штип и кој уште од својата рана младост сум го гледал кога сум минувал со кола и сум мечтаел да се качам горе. Потоа, преминување од другата страна - во правец на реката Брегалница и пронаоѓање на фамозниот Ѓаволски Ѕид. Групата е голема и има учесници со различно ниво на кондиција, но знаеме дека имаме доволно време за да се заврши успешно целата акција, па затоа од почеток се договоривме да не форсираме, туку да поминеме еден убав и лежерен ден во природа.


на поаѓање од Овче Поле

Поаѓаме од околу 240 метри надморска височина и полека се движиме по широк земјен пат следните два километри, искачувајќи само 50 метри висина. Баш добро загревање за претстојните угорници. Потоа се одвојуваме по патеката која води во десно и нагоре - во правец на селото Богословец. Не се движиме цело време по широкиот пат туку повремено фаќаме кратенки. Наскоро пред нас се појавуваат некои селски куќи. Забележуваме и некои луѓе кои ги поздравуваме. Во минатото селото било многу живо поради блискиот рудник на азбест, но во подоцнежниот период рудникот се затвора и селото полека запустува. Се упативме кон селската црква која за жал не беше отворена па ние само направивме кратка пауза во сенките од црквата. Потоа продолжуваме понатаму, почнувајќи да се искачуваме по ридот, поточно движејќи се уште на исток во правец на едно седло помеѓу двата врва на овој рид - скоро со иста висина - Тиски врв (источно) и Свети Јовански врв (западно). Тука доаѓа едно пострмно но не долго искачување, додека да излеземе на седлото, а потоа по нешто поблага стрмнина се упатуваме кон Свети Јовански врв - по пат треба да се поминат две-три лажни врвчиња.


пострмно искачување после село Богословец - позади се гледаат остатоци од фабриката за азбест

Времето се стоплува а угорнината си го прави своето, па колоната прилично се развлекува. Тоа не претставува некаков проблем бидејќи видливоста е идеална и нема шанси некој да го погреши патот. Следува последниот успон пред врвот. Таму полека се собира групата, време за појадок. Уживаме во погледот од високо на целиот предел, Овчеполието од една страна, Слан Дол - пустинскиот предел по текот на Брегалница на друг - а позади врвовите на Јакупица со Солунска Глава. Потоа поглед на југоисток пак по еден полупустински предел во правец на Серта и Неготино. На исток Плачковица, па Осоговските планини уште покриени со снег.


последниот успон пред Свети Јовански врв


групна фотографија на Свети Јовански врв

По убавиот одмор на врвот и фотографирањето, полека почнуваме да се спуштаме од другата страна на ридот. Спуштањето е стрмно, но не премногу, отпрвин по тревнат терен а потоа по каменест и зрнест терен каде треба да се внимава да не се лизнеме. Како што се спуштаме постепено се движиме во лево - во правец на југоисток. По некое време го здогледуваме Ѕидот - тоа си е природно формирана карпа која се разликува по состав од околината и под дејство на ерозијата останала издигната над останатиот терен. Како појава овде тој е највисок - до 12 метри на некои места, но такви форми ребрасто се протегаа по целиот овој дел, само релативно пониски.


спуштање од Свети Јовански врв

Стигнавме до ѕидот - некои веднаш почнаа да се качуваат на него и да се фотографираат, други - веќе прилично загреани од топлото сонце, седнаа покрај него да одморат. Имавме пауза околу половина час.


кај Ѓаволскиот Ѕид


и на Ѓаволскиот Ѕид

И потоа требаше да се враќаме назад. Е тој дел од патот - морам да признаам - од почетокот на планирањето на акцијата - го мислев како ќе испадне. Дека составот на групата не дозволуваше сите заедно повторно да го искачуваат брдото, прилично стрмно од оваа страна, плус сонцето веќе силно печеше. Но и заобиколувањето околу брдото не беше без непознаници. Теренот избразден со многу ситни но длабоки долчиња, карпи, поточиња, терен сличен на Аризона ила така нешто. Тргнавме во насоката која GPS-от ми ја покажуваше и по изминати три-четири такви долчиња - секое мала авантуричка - излеговме на малку помирен терен од каде постепено се спуштивме до патот кој оди спротивно на течението на Свети-Николска река.


барање на патот во прилично неиспегланиот терен


еве едно помало ѕитче - од помало ѓаволче


интересни моменти од патот

Од излегувањето на широкиот земјен пат требаше да се изминат уште 8 километри до местото каде ги оставивме колите. Но - тоа е - патот мора да се помине. Беше топло и резервите на вода беа при крај, но сепак на крајот сите успешно се вративме на почетната точка - некаде околу 15 часот.


на широкиот пат кон Аџибегово и Делисинци

Што да се каже на крајот - убава акција, посетивме места на кои не сме биле и затоа ни се будат убави чувства. На некои од учесниците можеби враќањето им беше мачно поради топлото време, но на крај непријатностите се забораваат а остануваат убавите спомени.

 

Технички податоци :

Должина на патеката: 20 km
Висинска разлика (вкупен успон) : 800 m
Максимален успон : 28.7 %, просечен успон : 5.4 %


патаката на движење


висински профил на патеката

 


Повеќе фотографии можете да видите на следниот линк :
https://picasaweb.google.com/117320863135421357287/BogoslovecGjavolskiZid

Текст : Трајче Панковски
Фотографии: Марин Стојановски и Трајче Панковски


© Copyright 2004 - 2014 Makpetrol A.D. Skopje