Даутица : Бел Камен (2074 m) - 11 декември 2011
Убавото врвче Бел Камен од поодамна беше ставено на листата на врвови кои треба да ги искачиме. Набиената агенда и комбинацијата на временските услови неколку пати не одвраќаа од намерата да го искачиме ова многу атрактивно врвче на југозападната страна на масивот на Јакупица - поточно на Даутица. Но, еве дојде и тој момент. Временската прогноза и за овој ден - недела - 11 декември - светскиот ден на планината - беше прилично променлива - можеше сешто да се случи. Но ние во саботата донесовме конечна одлука - да појдеме - па ќе видиме како ќе биде - сепак прогнозата даваше и доза на надеж.
Сосем мала група - шест души - какошто обично правиме кога одиме на некој дотогаш неиспитан терен - поаѓаме од Скопје во 3:35 - имаме 160 km возење од Скопје преку Тетово, Гостивар, Кичево, Македонски Брод до с. Локвица - благодарение на мудрите власти кои вака ни овозможуваат да запознаеме поголем дел од Македонија, наместо да одиме по многу пократкиот пат - низ резерватото "Јасен". Учесници : Тања Манчева, Александар Буцевски, Ѓоре Ѓорѓиевски, Деан Тодоров, Петар Герасимов и Трајче Панковски.
По патот времето и натаму променливо - магла во Полог, а од Стража натаму до Кичево - дожд. Си мислиме во себе - "зарем станувавме толку рано за да кркаме дожд цел ден?". Но, продолжуваме понатаму. Пристигаме до Македонски Брод и потоа се одвојуваме во лево кон Самоков - односно селото Суводол, а не десно кон Прилеп. На местото каде што се скршнува од патот Македонски Брод - Самоков кон с. Локвица, веднаш тука се наоѓа големата пештера Пешна. Ги гледаме ознаките но се уште е темно и продолжуваме кон селото. По околу 6-7 km возење пристигнуваме во селото Локвица. Не баш малото село спие во длабок сон - никој не реагира на нас - дури ни селските кучиња. Во селото сме околу 6:10. Се спремаме за поаѓање и во 6:20 - таман кога почнува истокот по малку да се осветлува - поаѓаме по полето во правец на селата Вир и Старовци - односно по изохипса кон север ја заобиколуваме планината Бел Камен за да пристигнеме до подножјето од нејзината западна страна - најстрмната гола страна која ја избравме за искачување. По околу 5 и пол километри го напуштаме патот патот за село Старовци и Црешнево кај местото Ковчези и поаѓаме нагоре - малку по карпест терен, па низ една голема ливада, па потоа низ дабова шума - се приближуваме кон Буков Дол - местото од каде почнува директното искачување кон врвот.

рано поаѓање од село Локвица - уште е темно
на пат кон почетокот на успонот - поглед кон планината Караџица и Борополе
нашата цел - западната страна на Бел Камен

понекој сончев зрак ни го разубавува денот
Низ многубројните шумски патчиња добро се снаоѓаме благодарени на GPS-уредите. По патот наоѓаме траги на неодамнешни ловечки акции (огништа). Времето е убаво, суво, без ветар, на моменти се појавува и прекрасна сончева светлина која ги осветлува врвовите на Јакупица и ни мами воздишки и веќе во главите се коваат планови за нови акции во тој предел. Буков Дол го пресекуваме и одиме од другата страна, каде што има помалу вегетација - поголо е. Патеката е мешавина на камен терен и трева - убаво за движење - како по скали во некоја зграда. Бргу напредуваме до седлото - Бора Преслап - кое е на висина од 1450 метри и претставува место за мал одмор пред последниот и најстрмен успон до врвот - не чекаат уште околу 600 висински метри нагоре. 
убавото Борополе и врвовите на Караџица зад него

еден од убавите врвови на Даутица (2178 m)

поглед од Бора Преслап нагоре кон Бел Камен

нагоре по стрмната падина
По краткиот одмор на Бора Преслап секој си поаѓа со своја брзина нагоре. Сепак сме прилично компактна група и нема големо заостанување меѓу членовите. На поаѓање очекувавме дека ќе наидеме на снег, но тој момент изостана - снег имало паѓано претходните денови, но само во погорните делови од планината наидовме на траги од снег овде-онде. Инаку да имаше малку снег на оваа стрмна падина ќе беше многу "повесело" - ќе се лизгаше многу па можеби ќе моравме да ставиме дерези. Вака сепак полесно поминавме. Но успонот беше убав - можеби не најстрмен од каде што сме биле досега, но секако меѓу пострмните. Во горниот дел почна да дува посилен и студен западен ветар кој не натера да се облечеме, да ставиме капи и ракавици. Во еден завет позади една карпа каде што имаше наталожено 2-3 cm снег ја чекаме групата да се собере. Тука правиме краток одмор и се договараме дека нема да се задржуваме на врвот кој е некои 50 метри над нас - преку едно седленце, поради влошеното време, туку ќе продолжиме веднаш понатаму - по убавиот гребен кој се движи на југ кон селото Крапа.
поглед од првото - лажно врвче на висина од 2020 m - кон Јакупица / Караџица
во завет - заштита од ветрот
влошено време на врвот - засилен студен ветар, темни облаци
по гребенот кон Крапа
Влошеното време не трае долго - всушност тоа е поврзано повеќе со висината - границата е некаде 1950 метри - над таа граница се движат темни и ладни облаци. Кога се спуштаме по гребенот под таа висина студот попушта и групата е повторно весела и спремна за разни шеги и досетки. Уживаме во погледот околу, прекрасниот гребен, стрмните страни во правец на долината на Крапска река под нас. Одиме уште неколку километри и потоа решаваме да направиме една подолга пауза од половина час кај месноста Којовски Рупи. Целиот овој предел и варовнички, карстен, со многу јами, пештери, вртачи и други карактеристични карстни појави.
поглед наназад кон гребенот и врвот Бел Камен

поглед кон Прилеп - Златоврв, Маркови Кули, Селечка Планина
По одморот бараме начин да се симнеме што побргу кон село Локвица. На наше изненадување кај бачилото над село Крапа - кај местото Лисичина Стапка - наидуваме на мало стадо овци, неколку кучиња и - овчарот Миле од село Крапа - на наше изненадување - во средина на декември Миле си ги пасе овците на планина. И зошто да не - времето пријатно, тревата барут сува, сонцето дури почна да ни ги пече лицата. Миле многу љубезно поразговара со нас и ни го објасни најкраткиот пат кон село Локвица - додуша нема баш патека, ама теренот беше лесен за движење, прегледен. За околу половина час излегуваме на патеката која води покрај водоводот - затрупан канал од село Крапа до Локвица. На неколку места има шахти и црева со испуст од каде може да си наплоните вода. Патеката убаво и бргу не спушти до селото Локвица, каде среќаваме неколку жители, се поздравуваме. Во 15:30 сме кај колите, таман кога сонцето почна да се крие зад планините на запад. Се спремивме и пак во колите - назад. Застанавме накратко на патот кај пештерата, погледнавме нагоре - се виде големиот влез во пештерата. Сепак немавме време да одиме до таму,. ја оставаме деталната посета за оваа пештера и нејзината околина за некоја акција на пролет идната година.
по патеката покрај каналот за вода - близу месноста Јасика
село Локвица во квечерина
Убава акција, времето со оглед на тоа какво беше утрото на поаѓање - ги надмина сите очекувања. Планината прекрасна, за жал овој пат без снег. Успонот убав, достоен за почит. Друштвото прекрасно.
Технички податоци :
Должина на патеката: 24 km
Висинска разлика (вкупен успон) : 1440 m
Макс.процент.успон : 64%
Време на движење : 8h 30 min

измината патека

профил на патека
Повеќе фотографии можете да видите на следниот линк :
https://picasaweb.google.com/117320863135421357287/DauticaBelKamen#
GPS записот можете да го симнете од :
http://www.stazeibogaze.info/2011/12/13/dautica-bel-kamen-2074-m/
Автор: Трајче Панковски
Фотографии: Тања Манчева, Петар Герасимов, Трајче Панковски
|