Планинарско Спортско Друштво МАКПЕТРОЛ Скопје > Макпетрол Home 
         Почетна страна
         Годишна програма
         Акции
         Документи
         Историја
         Библиотека
         Високогорство
         Topo Maps
         Контакт
         Линкови

 

 

 

 

Банско, Пирин планина, Бугарија 11-13 февруари 2011

На 11 февруари, петок , околу 18 часот, 46 луѓе, во организација на планинарските друштва „Макпетрол“ и „18 Август“ од Скопје, со автобус, тргнаа кон скијачкиот центар Банско на Пирин планина, Бугарија.

Скијачко-планинарско-излетнички викенд.

Автобусот се наполни со ранци, куфери, скии и планинарски чизми. Како и секогаш во автобусот некому е многу топло, некому ладно, гласна е музиката, силно е светлото, ... И така, во постојана дискусија со возачот, околу полноќ стигнавме во Банско, по чии улици, иако доцна, беше доста раздвижено. Бевме сместени во неколку удобни хотели „Вихрен“, „Панорама“ , „Иван Рилски“ и „Надежда“. Целиот викенд аранжман, пат + сместување, чинеше 60 евра.

Неколку детали за патот и за ски центарот Банско. Од Скопје до Банско, преку Крива Паланка и Благоевград, има околу 270 км или околу 6 часа возење со автобус ( со чекањето на граница). Во ски центарот Банско кој е на 930 метри надморска височина има 75 км скијачки стази и 16 жичарници и ски-лифтови. Највисока точка до која се доаѓа со жичарница е 2600 м., а најдолгата стаза има 17 км. Дневната ски карта чини 60 лева од кои 5 лева се депозит ако ски картата се врати назад, а користењето на само на „Кабинките“ (гондолите) чини 20 лева. Изнајмувањето на ски опрема чини до 30-тина лева. 1 евро се менува за 1,80 до 1,91 лев.

Градот е полн со новоградби, од кои дел зјаат празни. Во Банско има добар забавен, Apres ski ( после скијање) и ноќен живот и многу „механи“. Тоа, споено со снегот и планината прави одличен спој за добар повеќедневен одмор.


Една од многуте „механи“


Центарот на Банско

Утрото, сабота, 12 февруари , секој се подготвуваше за нешто. Некој за скијање, некој за планинарење, некој за посета на продавниците, а возачот се подготвуваше да продолжи со спиењето.

Повеќемината од нашата група беа дојдени на скијање. Ги спремија скиите и скијачките даски и нетрпеливо тргнаа кон скијачките стази подготвени со вештачки снег. Со комбе не пренесуваа до „Кабинките“ каде имаше голема мешаница на луѓе и македонски, грчки, бугарски, руски, англиски јазици. Сите сакаа што побрзо да се качат во гондолите и да стигнат на снегот на Пирин планина. А, снег немаше многу. Бели беа врвовите на планината, а низ Банско снег, односно мраз имаше само на лизгалиштето. Од „Кабинките“ се гледаше дека стазата број 1 која води од планината до градот е покриена со вештачки снег, оти изгледаше нестварно бела во однос на околните сиви и суви ливади.


Стазата 1 со вештачки снег


Нашата цел – Тодоров врв

Додека сите брзо се спуштаа со скиите надолу, јас се искачував по осончените скијачките стази кон Тодорин врв. Неколкупати од мислите ме тргне силен звук „Крррр“ и псовки - тоа некој скијач поминал со скиите по камења. Топлото време и ветрот не оставија многу снег на стазите. За жал, од Шилигарник па се до Тодорин врв нема обележана зимска планинарска патека, па морав да одам по краевите на скијачките стази и да претрчувам преку нив кога се спојуваа повеќе стази. За нагоре не толку, но за надолу по подмрзнатите скијачки стази, потребно е користење на дерези (челични шилци како додаток на планинарските чизми).

Од Бандеришка полјана, на 1.635 метри до крстот на 2.620 метри, со кратки одмори, ми требаа околу 3,5 часа искачување по заобиколните скијачки стази (1, 5, 10 и 11). Патем поминав покрај две „бачила“ и ресторани, Шилигарник и Козата.


Сончева скијачка стаза


Банско во долината гледано од скијачките стази


Никола, Миланка, Петар на скии

На 2.600 метри каде што завршува жичарницата „Бандерица 2“ е раскрсница на скијачите и планинарите. Скијачите надолу, а планинарите нагоре. Но, во денешно време, кога сите бараат дополнителен адреналин, скијачите со скии на грбот се искачуваат кон врвовите од каде без страв се спуштаат надолу, меѓу карпите. Од крстот, на 2.620 метри, до Тодорин врв се потребни околу 45 минути внимателно искачување по срт, заобиколувајќи неколку карпи, преминувајќи преку „стреа“ (надвиснат снег над амбисот) и чекорење преку тесен премин.


Врвот Вихрен (2.914 м.) гледан од подножјето на Тодорин врв

Нагоре, по сртот, по едвај видливите стапки во смрзнатиот снег, се искачувавме јас и едни млади Руси. Јас со ранец и со дерези на планинарските чизми, а Русите со скии на грбот и со дерези на скијачките чизми. „Каде ќе скијаат лудиве Руси?“ се прашував во себе гледајќи во амбисите лево и десно од тесната патека.


Сртот и патеката кон Тодорин врв

А, на Тодорин врв, на 2.746 м, меѓу камењата беше заглавено парче дрво обвиткано со „Мартинки“, црвено-бели врвки, знак дека доаѓа пролетта. Искрено, на тој снег, мраз и силен ветер, не осетив ништо пролетно, но, затоа глетката беше неверојатна. Лево, највисокиот врв на Пирин планина, Вихрен, висок 2.914 м., напред, целата долина со градовите Банско и Разлог како на дланка, а десно, двајцата млади Руси качени на скијачки даски се спремаа да „јурнат“ во длабочините на планината.


На Тодорин врв (2.746 м.)

Меѓу карпите под Тодориниот врв, во амбисот, приметив тенки трагови од скии, на сантиметар од карпите по кои се спуштил некој авантурист.


Траги од скии меѓу карпите

За слегување од врвот е потребна добра концентрација и прецизност да се „погодат“ стапките по кои се искачувавме нагоре. Надолу, по скијачките стази веќе беше полесно. Поминав покрај (затворената) стаза популарно наречена „Томба“ која беше совршено подготвена, како да ја мазнел некој вешт слаткар со нож. Всушност, стазата ја „мазнеа“ големите ратраци кои неуморно одеа нагоре-надолу. По „Томба“ на 26/27 февруари ќе се одржува трка од Светскиот Куп на скијање. На Бандеришка пољана ги најдов Миланка, Коле, Перо и Валдет и уживавме во сонцето, колачите и пивото. Најгласни во гужвата беа Грците, најсоголени Британците, а најрасположени за пиво Русите.


Стазата „Томба“ и монтажните трибини


Британци и британки на сонце

Неколкумина од групата, предводени од Синиша од планинарското друштво „18 Август“, тргнале на скоро 3 часовна прошетка до планинарскиот дом Демјаница каде што поминале убав ден покрај распалена скара на снег.

Вечерта, иако изморени, прошетавме низ Банско, ги посетивме „Механите“, слушавме весела македонска, бугарска и грчка музика, јадевме бугарски специјалитети и се веселевме во убаво друштво.

Во недела, 13 февруари , седуммина планинари од Македонија, Србија и Бугарија тргнаа кон Тодорин врв, кој утрото беше завиен во облаци, и шестмина успешно се искачија на него.

Забелешка: ако немате ски карта, а сакате да се искачите со некоја жичарница нагоре, ќе помогне ако на некој од вработените на жичарницата им „тутнете“ 5 лева во рака. За надолу нема потреба од пари, туку без прашање се качувате на жичарницата.


Тодорин врв во облаци


Висечки електрични кутии

Градот беше полн со туристи, најмногу Грци. Шетаа по продавниците и по улиците низ Банско вешто избегнувајќи ги висечките електрични кутии на бандерите чии рабови беа заштитени со сунѓери и стиропор (кои штитат од удар и од главоболка).

На пат кон Македонија, во 16:30 часот застанавме во огромниот маркет „Метро“ во Благоевград, ги дотрошивме преостанатите левови, ги дополнивме празните дупки во автобусот со купените работи и тргнавме кон Македонија.

 

Автор: Горан Николоски

Слики: Горан Николоски, Петар Герасимов

 


© Copyright 2004 - 2014 Makpetrol A.D. Skopje