Редовниот неделен високогорски тренинг и овој пат го направивме на Попова Шапка, како една од најпривлечните локации за нас планинарите, дел поради убавите терени за планинарење а дел поради логистиката што ја нуди. Поради најавите за силен ветер (50-60 км/ч.), рековме... нема да правиме некои амбициозни планови, сакавме како и обично еден ден од викендот да го поминеме на чист воздух, што подалеку од скопскиот смог.
Тоа утро појдовме во 6 ч. од Скопје, два автомобили-осум души. Стигнуваме на Шапка, не пречекуваат нашите стари познаници, неколкуте кучиња кои редовно ни прават друштво до каде и да одиме. Така и овој пат, откако ги завршивме сите потребни подготовки, предводени од нашите безимени четириножни пријатели се упативме во правец на Церипашина по скијачката патека бидејќи, движењето по нејзе ни нуди најлесно совладување на тој дел од патот. Со температура неколку степени под нулата снегот од самиот почеток беше прилично тврд и лизгав, па на самиот почеток бевме принудени да ставиме дерези. Ветерот кој во подножјето не го ни чувствувавме веќе на висина од 2000 м. почна прилично силно да дува и да ни ги мрзне рацете и нозете. Во куќичката на крајот од жичарницата направивме одмор, доручек и рехидрација, се опремивме соодветно, ставивме се што имавме на себе бидејќи од тука па нагоре дуваше многу и температурата беше околу -15 ° С. Тргнавме во правец на Антени, кога стигнавме ни се виде малку па рековме ајде уште малку додека можеме, и така се најдовме на Бакардан петорица.Двајца стигнаа до седлото кај Карабунар и решија да се вратат.
Беше 12 часот на пладне кога стигнавме на Бакардан, направивме мала пауза и кога дојде време за тргнување се двоумевме околу тоа дали да продолжиме до Титов Врв или не, па по кратки консултации, сепак решивме да не се изложуваме беспотребно на дополнителни 2-2.5 часа на ветришта со јачина до 60 км/ч.
На враќање ветерот, за промена не шибаше од другата страна. Околу 14:30 ч. се најдовме повторно кај куќичката на Церипашина, малку седнавме на клупата покрај нејзе, земавме здив и оттука решивме патот до доле да го продолжиме со жичарницата од безбедносни причини, да не не повреди некој скијач.
Текст: Петар Герасимов
Фото: Петар Герасимов, Борче Гелевски