Планинарско Спортско Друштво МАКПЕТРОЛ Скопје > Макпетрол Home 
         Почетна страна
         Годишна програма
         Акции
         Документи
         Историја
         Библиотека
         Високогорство
         Topo Maps
         Контакт
         Линкови

 

 

 

 

Скијање во Австрија - јануари 2012

„Нешо, покривов крцка, слушаш? Од снегот е, нели?“ прашуваше тивко Снеже, гледајќи загрижено во таванот.

А, на покривот имаше метар и кусур снег. Дури и дрвото во дворот беше скоро потопено во снегот. Нам пејсажот ни изгледаше како од бајките, но на домаќините тоа им беше 24-часовен ангажман. Да се исчистат патиштата и тротоарите, покривите и дворовите, да се подготват ски стазите,....


Идилично-работен пејсаж


Дрво потопено во снег

Во организација на Планинарско-спортското друштво МАКПЕТРОЛ од Скопје, 15-тина заљубеници во скијањето од Гостивар, Охрид, Скопје и Белград, од 8 до 14 јануари 2012 година, бевме во ски центарот Саалбах – Хинтерглем (Saalbach – Hinterglemm) во Австрија. Бевме сместени во комотни апартмани во селото Фиехофен (Viehhofen), на 9 км од гратчето Саалбах, на 80-тина км од Салцбург, на 500 км од Загреб и на 1.250 км од Скопје.

Патиштата од Скопје до таму беа чисти освен последните 100-тина км кога почна да врне силен снег. Кога вечерта ги вклучивме телевизорите видовме дека сме дел од, како што австријците го нарекуваа, „Schneechaos im Alpen – снежен хаос во Алпите“ . Снег во огромни количини, завеани ски центри, затворени жичарници, четврти степен на опасност од лавини (на скала од 5 степени)... Во долината имаше наврнато 1,5 м, а на планината 2,6 метри снег. Во ски центарот Ишгл (Ischgl), на границата со Швајцарија, кажуваа на ТВ, имало наврнато дури 5,5 метри снег. Но, на скијачите не им пречеше таквото време. Скијачи од цел свет: Холандија, Русија, Германија, Хрватска, Јужна Африка, Македонија, ....и никој не сакаше да испушти ниту еден момент за тоа што дошол - скијање во еден од најголемите ски центри во Австрија, прогласен за „Најповрзан ски центар во Австрија“.


Надолу кон Саалбах


Прекрасниот пејсаж кон Леоганг

А, ски центарот Саалбах - Хинтерглем е „Сон на секој скијач“. 200 км сини, црвени и црни одлично подготвени ски стази, стази за Светски Куп и Светско првенство во скијање; ски стази за ноќно скијање; ски паркови за деца; Нитро ски паркови за скијачи на даски; стази за санкање; 55 жичарници и 3-4-6- и 8-седни седешници кои ни ги топлеа задниците и со хаубите кои не штитеа од снег и ветер; скоро 500 снежни топови; 50-тина „бачила“ кои нудат јадење и пиење и Appres ski забави (забави после скијање) и едно чудо забава за не-скијачите (базени и спа третмани, шопинг центри, гратчињата Zell am See, Kaprun и Kitzbuehel во близина, возење моторни санки или најнови Ауди возила по мраз,...).


Пред логото на ски центарот Саалбах - Хинтерглем

Ние секој ден имавме сличен распоред: станување околу 7:30, доручек, скиите на рамо и веќе околу 9 нестрпливо го чекавме ски бусот. „Каде е автобусот? Зошто доцни? Вчера веќе беше тука“. 5 минути возење до жичарницата и потоа со трчање, со ски чизмите и скиите во раце, се втурнувавме во кабините кои не носеа на врвовите. А оттаму, се ни беше како на дланка. „Каде сакате да скијаме денес?“, прашував. „Кон Леоганг? Кон Саалбах или Хинтерглем?“ И, тргнувавме надолу. Скијавме до 13 часот, па ручек во некое „бачило“ и пак скијање до 16 часот. Во Фиехофен се враќавме по најдолгата стаза во ски центарот (7,5 км.). Пред крај од стазата застанувавме во нашето омилено “бачило“ Hecherhuete на врело вино и на германско/австриска турбо музика. Развеселени, по темница го скијавме последниот километар до дома. Вечеравме и од 20 часот пак на Appres ski забава до полноќ. И така секој ден. Како на норма да бевме.


Дел од групата авантуристи


Квартет Keiserschmarr'n


Квинтет Руменко - семејна слика со најубава позадина – долината на Леоганг


Јанкоски на 2000 м

На 12 јануари скијавме рекордни 51 км. Значи, „коски му искршивме“ на ски центарот. Од еден врв на друг, од една стаза на друга, од една жичарница на друга. А, сонцето сјае, не мами да застанеме и да се одмориме. Застанавме на ручек во Ellmaualm - најдалечното „бачило“ од Фиехофен, и во тишина уживавме на сонцето. И, во еден момент Јасна од Белград тивко рече: „Секој ваков ден ни е подарок во животот“. „Ха, во право си“, се насмеавме во себе и продолживме да дремеме на сонцето.


Уживање

На интернет страницата на ски центарот (www.saalbach.com на линкот Skiline) секој скијач може да го внесе бројот на ски картата и да ја види својата дневна ски статистика: поминати километри на скии, висинска разлика, поминати километри со жичарниците, .... и да види дали е „Pisten-Profi – ски-професионалец“ (со поминати 50-тина км на скии дневно), или “Sportlicher Hobbyfahrer – спортски хоби скијач“ (со поминати 20-тина км на скии дневно). Ние на 12 јануари бевме Pisten-Profi !!!


Дневна ски статистика

Вообичаено, после скијањето, после 16 часот, сите одат на Appres ski забави, на врело вино Gluehwein или пиво и лаф муабет за дневните ски авантури. Најхрабрите, облечени во ски опрема продолжуваа со забавите до доцна во ноќта. И на забавата одеднаш ќе осетиш дека некој те згазил со тешките скијачки чизми, но, ... и „згазениот“ и „газителот“ тоа го прифаќаа со смеење.

   
Appres ski забава

Ова е рефрен на „најзаразната“ германско/австриска турбо-поп/фолк песна која и ние ја научивме:

Fliegerlied (пеат Die Jungen Zillertaler)

Und ich flieg', flieg', flieg' wie ein Flieger,
bin so stark, stark, stark wie ein Tiger
und so gross, gross, gross wie 'ne Giraffe – so hoch ohohoh …
Und ich spring', spring', spring' immer wieder
und ich schwimm', schwimm', schwimm' zu dir r ue ber
und ich nehm', nehm', nehm' dich bei der Hand,
weil ich dich mag, und ich sag:
„Heut' ist so ein schоner Tag! Lalalalala …

На македонски јазик

И летам, летам, летам како авион,
Јак, јак, јак сум како тигар,
Голем, голем, голем сум како жирафа, толку висок, охохо ...
И скокам, скокам, скокам пак,
И пливам, пливам, пливам кон тебе,
И те фаќам, фаќам, фаќам со раката,
Оти те сакам, и велам,
Денес е толку убав ден, лалалала ...


Неколку занимливости од Саалбах:

На 13 јануари традиционално се одржа една од најтешките трки во турно (touring) скијање – Mountain Attack, после која следуваше забава во центарот на Саалбах. Храбрите скијачи на турно скии попладнето и вечерта трчаа и скијаа нагоре-надолу по околните врвови по вистинска снежна виулица.


Mountain attack – трка во турно скијање


Забава после трката

На најверните долгогодишни гости, ски центарот им подарува нешто единствено. На семејството Erdmann од Appel за 30-годишна верност им обележале една од кабините на жичарницата кон Леоганг. И вработените во ски центарот кажуваат дека господинот Ердман сакал да се вози само во „својата“ кабина и во ниедна друга. Така се обележани 20-тина кабини од жичарницата со презимиња на верни гости.


Кабината број 37 на г-динот Ердман

На 2.000 метри најновиот BMW X3 беше качен на постамент со соларни панели и стоеше на отворено дење-ноќе, на секакви временски услови. Одлична реклама за издржливост на возилото.


BMW на 2.000 м

Скијачките чизми Fischer може да се обликуваат според ногата и тоа не само внатрешниот дел на чизмата - влошката, туку и надворешниот, пластичниот дел. Продавачот во Intersport Bauer во Саалбах, ги завитка чизмите на Елена со некаков материјал, ги прикачи на машината Vaakum Fit и после 10-тина минути скијачките чизми беа совршено обликувани според нозете на Елена.

Наутро пред да тргнеме на скијање редовно ја следевме локалната ТВ станица Саалбах бидејќи ја покажуваше временската состојба на повеќе места низ ски центарот со камери во живо (24 часа).


Локална телевизија

И конечно, после неколку години скијање во ски центарот Саалбах-Хинтерглем, скијавме по сите 200 км ски стази и се возевме на сите 55-те жичарници и скилифтови, ги пеевме заразните турбо песни, се запознавме со сите вработени во „бачилата“. Тоа значи дека идната година мора да бараме друг ски центар, да научиме и видиме нешто ново.


Автор: Горан Николоски
Слики: Христина Коловска, Елена Цицковски, Билјана Јанкоска – Торбица, Ненад Пенчиќ, Горан Николоски



© Copyright 2004 - 2014 Makpetrol A.D. Skopje