На покана на П K “Балкан” од Србија за учество на “нивното прваче” - трката на Авала во Белград се комплетираше македонската делегацијата на учесници : Илија Пајмакоски во јуниорска конкуренција и јас – Марјан Бонев во сениорска конкуреција на чело со водичот Никола Доновски.
“Најбезболната комбинација” на патување со цел да не се изгуби многу време во пат, а секако тоа да биде по работните обврски се одлучивме да биде во Петок во 23:30 со директна автобуска линија Скопје – Белград.
Планот беше да пристигнеме околу 6 часот наутро и веднаш да отпочнеме со припремите за трката која беше закажана во 10 часот, малку се забавивме на граница, па така се симнавме пред Белград околу 6.30 часот.
Отспавме околу 4,5 часа во периодот помеѓу 1 и 5,30 часот што не беше баш најсјајно за на трка каде целите ги поставивме на највисоко ниво т.е. двоен триумф.
Стигнавме кај претседателката и главниот организатор на трката - Миланка Арсиќ . Веднаш започнавме со подготовка на стандардниот доручек пред трка – за мене тоа е овесна каша, со комбинација од мелени семиња, цимет, чиа, оризов пијалак и суво овошје, Илија го имаше имаше заборавено својот доручек но се снабди со житарици од бензинските пумпи на паузите по пат, па така во комбинација со чајот од домаќинката се беше под контрола. За време на доручекот Миланката ни обрна внимание на мапата за трката со сите потребни детали.
Околу 8.30 со 2 возила тргнавме кон стартот, стигнавме кратко пред 9ч. на Авала. Започна регистрацијата, малку загревање и на мое интересно изненадување се видовме со победникот на Тара Крос – Владимир Рилинг (единствениот од 5мината први на стаза кој не ја згреши патеката таму) па така шансата за реванш случајно дојде многу побрзо :)
Илија и Марјан
објаснувања на Миланка пред стартот
Околу 30 возбудени тркачи на стартот и уште толку учесници на пешачката акција. По краткиот осврт на стазата, во 10.05 беше означен стартот на трката. Илија требаше да трча 11,5 км со околу 500м D+ а јас 21,7 со 900 D+ па така тој снажно повлече на почетокот а јас и останатите го следевме.
По асфалт тесната цик-цак и стрмна делница стигнавме до паркот со споменик каде требаше да има малку напред-назад трчање што не беше баш најдобра идеја без Контролор – посочувач на правецот па така направивме безначајно прилагодување според разбирањето на целата група. По качување и симнување на скали, трчање по коцка и асфалт за кратко бевме на КТ1, а таму снаодливиот контрол во недостиг на пенкало за потпис во контролниот картон се реши за фотографија на првите 6 како најсоодветно решение.
старт на трката
,
Од тука натаму патеката на трчање продолжи да ја трасира вториот натпреварувач во јуниорска конкуренција кој воедно бил репрезентативец на Србија во ориентација па така не ориентираше во погрешен правец по само 200 метри откако го превзема водството. Целата група изгубивме околу 3 минути и на среќа се вративме на добар пат откако прилично стрмно се спуштивме од правилната патека.
Веќе влеговме во шумата со поширок пат и брзо стигнавме на КТ2 (раскрсница) каде на Илија му реков да ме следи мене без разлика каде ќе одат останатите поради тоа што бев решен оваа трка да не ја изгубам поради промашена патека. Продолживме да спуштаме по широк земјен пат со неколку можни опции за свртување во десно и назад како што налагаше мапата кога конечно здогледав стрелка на дрво, а потоа и циклама лентите кои беа користени како маркација. Го качивме веќе спуштеното по нова патека и стигнавме повторно кај КТ2 за да продолжиме во друг правец, веднаш нагло брзо спуштање по малку обрасната патека и освежување од коприви. Група од 5 веќе се одделивме од останатите, а ни трага ни глас од репрезентативецот по ориентција. Качување неколку минути по јака стрмнина веќе подлабоко во шумата, па трчање по рамно, па стрмно спуштање, прецизно следејќи ги маркациите. По околу 50 минути стигнавме на КТ3 каде што сениорите требаше да продолжиме лево – правејќи втор круг, а јуниорите десно – комплетирајќи ја стазата.
Тука се разделивме со Илија и само што почнавме да го трчаме вториот круг јас, Владимир и неговите другари Иван и Филип осетив јак нагон за во WC па така веќе трката се претвори во борба на 2 фронта и правење комбинации дали да застанам и со спремна палома во рака да се олеснам во шумата или пак да продолжам претпазливо и контролирано. Сепак одлучив да продолжам и да стегам до крајни сили имајќи предвид дека Владимир ме следеше на само 5 секунди зад мене додека полека се одвојувавме од неговите другари кои сепак не беа далеку.
Веќе позната патека а Владимир остава повторно да ја водам и диктирам темпо – ситуација која ми одговараше имајќи ја предвид состојбата во која се наоѓав. Темпо без премногу задишување, со сила од која дел насочувам во нозете, а дел мораше да биде распределена и во Gluteus Maximus со поддршка на помалите мускули за да се избегне беља :)
Стигнувам до последната контролна точка и во следните 7-10 минути треба да се финишира според тоа што може да се процени од мапата – на не повеќе од 10 секунди пред Владимир. По дотогаш не трчан дел од патеката се јурнувам по асфалтот надолу, но сепак со внимателно темпо за да не промашам маркација.
Јасно се гледаат лентите на дрвата кои скршнуваат низ шумичката, па пак на асфалт, па пак низ шума и во дел од секунда кога јако ме стегна горе наведениот проблем спуштив глава за момент и ја промашивме маркацијата заедно со Владимир на само 300 метри пред крајот, па така потрчавме 200 во погрешен правец каде застанав и го констатирав промашувањето поради тоа што наместо лево нагло скршнување на видик беше скршнување во десно и без знаци за финиш линија.
Како со темпо на џогирање почнавме да се враќаме назад и оп откако од далеку ја здогледав циклама лентата пред последниот спуст се јурнав како никогаш пред тоа, веќе ја гледав целта, а и Владимир на околу 30 метри зад мене. Јасна, но неуспешна беше и неговата стратегија за финиширање со јак шпринт пред крајот, па така јас задоволен поради извојуваните битки на 2та фронта ја поминав целната линија. Тука беше Дамир - задолжен за пречек на целта и проверка на контролните картони, обострани честитања си поделивме со Илија кој финишираше прв во јуниорска конкуренција со време 58мин, а јас го дополнив двојниот триумф со време од 1час 38 мин во сениорска конкуренција.
Веќе беше се полесно по само неколку минути, истегнување, очекување на останатите натпреварувачи и закрепнување со топол чај.
Откако стигнаа првите 10 тркачи во наша конкуренција се премина кон доделување дипломи и подароци за најдобрите.
по двојната победа - заедно со организиторите
Одлична организација на првата планинска трка на ПК Балкан со мали пропусти кои и самите организатори ги воочија и ветија нивна корекција.
Задоволни од постигнатиот успех и среќни полека се подготвивме за пат кон Скопје и завршување на ова 24 часовно патување, натпреварување и освојување!