16-17 март, сабота –недела, последен календарски зимски викенд во сезоната 2012-2013 г., Тања Манчева, Јани Беака, и јас Петар Герасимов решаваме за последен пат годинава да ја почувствуваме суровоста на планината во зимски услови. Планот ни беше во сабота попладне да се искачиме до Антени на Попова Шапка да направиме камп на врвот, рано сабајле во недела да прошетаме по гребенот во правец на Титов Врв без некои амбиции да отидеме до таму, да се вратиме кај Антени и да се состанеме со Групата на Марин, која што исто така имаше план да постави шатор и по потреба да се загреат во топлите вреќи предвидени за екстремни зимски услови. Тие требаше да пристигнат утрото во недела и заеднички да проведеме еден убав сончев зимски ден над 2500 мнв. и на крајот од денот да уживаме во прекрасното зајдисонце кое требаше да се случи некаде над самиот Титов Врв. Ниту нам, ниту пак на втората група ни се исполнија желбите во целост, но тоа н e не направи ништо помалку среќни и задоволни од она што го поминавме. Можеби малку ја потценивме временската прогноза која предвидуваше поларни температури од -23 ° C до -28 ° C real feel (wind chill) , која пак, за разлика од нашите планови за викендот, во целост се оствари.
Сабота, 16:30 поаѓаме од Скопје, на Попова Шапка пристигнуваме нешто пред 18 ч. на зајдисонце, температура -10 ° C , ги ставивме тешките околу 20 кг. ранци и со челни лампи се упативме кон Церепашина. Доле во подножјето ветерот беше слаб а температурата иако ниска беше идеална за движење по стрмнина со голем товар. Како што добивавме во висина така и ветерот стануваше се посилен. Кога стигнавме до крајот на жичарата на Церепашина сфативме дека поставување шатор на Антени би било право лудило во вакви услови, ветерот веке толку силно дуваше што не можевме повеќе да ги чувствуваме образите. Влеговме во куќичката, ја затворивме вратата за да се засолниме од ветерот и загрееме на -6 ° C колку што измеривме во моментот внатре, малку јадевме пивме кој што имаше и заеднички донесовме одлука да не и пркосиме на природата и шаторот да го поставиме веднаш пред куќичката каде што проценивме дека најмалку дуваше ветерот.
Со големи напори, копање снег на смени, малку копање, малку греење во куќичката успеавме за околу половина час да го поставиме шаторот. Во 21 ч. термометарот поставен надвор покажа -15 ° C така да немавме нешто посебно избор освен да се бутнеме во вреќите во шаторот и заспиеме, што, морам да признам не одеше така едноставно во тие услови. Ветерот не стивна во текот на ноќта, напротив мислам дека доби во интензитет, на моменти мислев дека ке го подигне шаторот. Сепак без поголеми потешкотии ја истуркавме некако ноќта. Сабајлето констатиравме дека нашиот нов шатор за екстремни алпски услови и не бил така како што производителот го претставил во спецификацијата.
Вреќите ни беа покриени со слој снег кој ветерот во текот на ноќта успеал да го навее некако во шаторот. Со првите сончеви зраци веќе заборавивме на ладното, стана толку топло што моравме да ги раскопчаме вреќите.
Термометарот кој го ставив пред легнување во шаторот сега покажуваше на наше големо изненадување -10 ° C , а чувството беше како да се работи за температура од +10 ° C . Меѓутоа, и покрај прекрасната глетка што се пружаше радоста траеше кратко, кога излеговме од шаторот по кратко воодушевување на зимскиот пејзаж, сфативме дека времето нема да ни биде наклонето ни во недела како што очекувавме и како што стоеше во временските прогнози во однос на силината на ветерот па поради тоа, решивме дека прошетка до антени би била сосема доволна. Така и направивме, отидовме до антени каде се запознавме се тројца планинари кои беа со намера да стигнат тој ден до Титов Врв, разменивме некои планинарски искуства, фрливме уште еден поглед кон хоризонтот, од Бакардан, Мал Турчин, Титов Врв, на север кон прекрасниот планински венец на Проклетије во Албанија, под нас Плат, Среден камен и Кривошија па како се вртиме на десно, во далечина Копаоник, и останатите врвови од Шара, Караниколица, Вртоп, Трескавец, Кобилица, Црни Врв и натаму по ред, еден по друг се до Љуботен, на југ Солунска глава итн.
Се вративме до куќичката кај жичарата да ја собереме камп опремата кога ете ја групата на Марин. Беше помеѓу 11-12 часот, се поздравивме, малку лаф муабет, заеднички фотографии па потоа ние надолу кон Шапка, тие нагоре накај антени. Како се симнувавме надолу така температурата стануваше повисока а ветерот стивнуваше, на Шапка веќе права пролет. Сакавме максимално да го искористиме убавиот сончев ден, па така, традиционално го завршивме на терасата на “ војното ” со ладно пиво и чорба, уживавме уште еден час, час и половина во заветрина на сонце, прашувајќи се како е можно за само 2 часа да доживееме температурна разлика од скоро 30 ° C . Попосле разбравме дека и другата наша група дошле до истата констатација дека чекање на зајдисонцето во тие екстремни услови не е баш паметна идеја, па како по протокол и тие подоцна денот го крунисале со закуска во војното.
Текст и фотографии : Петар Герасимов