Шар Планина: Антени - 08 јануари 2011
Прва акција на планина во новата 2011 година. Временска прогноза - одлична - сонце, слаб ветар. Дестинација - Попова Шапка. Учесници (со две коли): Перо, Александра, Јоцо, Марин, Вања и јас - Трајче. Поаѓаме од Скопје во 5:30. Околу 7 сме на Шапка. Кратко пресоблекување - сонцето се уште не е излезено, но околу е веќе светло. Времето мирно, убаво - Шапка - скијачкиот дел - уште спие - снег - малку - едвај да може да се скија, на места голо, трева, камења. Но нашиот план е нагоре. Поаѓаме кон Церипашина, следејќи ги горе-долу столбовите. Изгрева сонцето - долу под нас - Македонија потопена во морето од магла, само неколку островчиња ѕиркаат.

Македонија во магла
Во горниот дел на Церипашина снегот на неколку места е доста цврст, и со гојзерици со тврд ѓон едвај да остава тенка црта. Но ние за денес сме опремени со full опрема: дерези, цепини и бајли, кациги, појаси, јаже, deadman-и... Планот ни е да одиме на стрмните падини веднаш после Антени - месноста Казаниште и таму да се качуваме и спуштаме по снежните падини, вежбајќи техника на качување и обезбедување. Се надеваме дека од таа страна на планината која е под сенка ќе биде доволно цврст снегот за таков тип на тренинг. Вања одлучи да оди накај Титов врв, а ние останавме на нашиот првобитен план.

по падините на Церипашина планина
колоната оди накај Антените
Без многу да брзаме и да се потиме, во услови на топло време и речиси без ветар, полека се искачуваме на Церипашина и продолжуваме до Антените. Таму почнува некаков ветар, но не е силен - сепак не тера да облечеме јакни, да ставиме капи и нараквици. Наоколу се гледаат сите наши и соседно-државски планини - особено е убав погледот на Пирин планина на исток и масивот на Проклетије на северо-запад.
Проклетије се чинат како да се на дофат на раката
Александра и Јоцо со Кобилица и Трескавец во позадина

се упатуваме кон Казаниште
Малку по Антените скршнуваме во десно, некаде од најниската точка на сртот. Горниот дел е камењар со камени плочки, прошаран со снег. Снегот за жал е мек. Сепак, надевајќи се дека подолу може да е поцврст, ставаме со Марин дерези и поаѓаме надолу. Повеќе ги бараме снежните делови за да не си ги тапиме без потреба дерезите. Стрмнината е убава, околу 50° но лесна е за движење по полумекиот снег, во кој ногата пропаѓа одолу 15-20 cm - движењето е стабилно и сигурно. Малку ни е жал што е мек снегот, но тоа е - на времето не можеме да влијаеме. Она што можеме да го направиме е да се прилагодиме на условите и да извлечеме она што може да се извлече.

на почетниот дел од спуштањето
навлегуваме во делот со снег
спуштањето видено од друг агол
нашите траги во снегот - горе - точки - Перо, Александра и Јоцо
Се спуштивме во подножјето на казаните на висина од околу 2300 m. Перо, Аександра и Јоцо одлучија да не слегуваат надолу, туку да не чекаат на Антени. Долу направивме мал одмор, да каснеме нешто и да се напиеме малку топол чај. Потоа избравме еден правец кој ни изгледаше интересен а водеше накај Антени и појдовме нагоре. Снегот беше на места длабок, но на места беше и потврд, така да имавме одличен тренинг. Без да правиме пауза за околу 45 минути ја искачивме падината. Во горниот дел беше помал нагибот, но затоа пак беше микс на снег и камења, така да повеќе требаше да се внимава како се гази. Се на се - одлично искуство. Дома кога проверив испадна просек околу 50° со тоа што максималниот нагиб достигна околу 58°.
на дното на Казаниште
еден момент од искачувањето по снежната падина
Горе се сретнавме со нашите пријатели, па бидеќи времето беше се уште мирно и сончево, поседовме малку на Антени забавувајќи се и сликајќи фотографии на сите страни. Потоа полека појдовме надолу, но во правец на Бобинова стена и ски терените. Имено, утрото во тој правец забележавме 5 фигури на животни, но не бевме сигурни дали се волци или дивокози. Дојдовме до трагите и утврдивме дека се работело за дивокози, што подоцна дома го поверивме и на фотографиите со zoom.

Александра и Јоцо одмараат на Антени

Перо и Александра на Антени
Александра со цепинот Petzl Summit покажува кон Титов Врв
групна фотографија на врвот

Бобинова стена

магла, Водно, Пирин планина на хоризонтот
Полека се спуштаме надолу, весели поради убавото време. на моменти лизгајќи се на местата со потврд снег. Минуваме околу Бобинова стена и уживаме во убавините на карпата, на интересните форми и сенки што се јавуваат. Потоа, уште подолу, излегуваме на ски терените. Мирис на бензин од моторните санки, жагор на луѓе, од подалеку караоке-шоу - со еден збор - 21 век, цивилизација... back to reality.
Како за почеток на година - одлично поминат ден, одлична прошетка, добар тренинг по средно стрмна падина, времето повеќе од одлично.
Технички податоци : Должина на патеката : 10 km
Висинска разлика (вкупен успон) : 1050 m
- Макс.процент.успон : 65% - Просечен.проц.успон : 22%
Висинска разлика (вкупен спуст) : 1050 m - Макс.процент.спуст : 57% - Просечен.проц.спуст : 22%
Најниска точка : 1710 m
Највисока точка: 2515 m

3D GPS-регистрирана патека - детал од спуштањето и качувањето по снежната падина на Казаниште
профил на патеката

профил на патеката - детал од спуштањето и искачувањето
Повеќе фотографии можете да видите на следниот линк :
http://picasaweb.google.com/117320863135421357287/Anteni08Jan2011#
Автор: Трајче Панковски
Фотографии: Петар Герасимов, Марин Стојановски, Јордан Атанасовски
|