Алпи 2011 : Летување на 4563 m (24 јули - 01 август 2011)
Монте Роса е највисока планина во Швајцарија и втора по височина на Алпите. Се наоѓа на крајниот северозапад од Италија, на границата меѓу Швајцарија и Италија. На Монте Роса има многу врвови над 4.000 метри, меѓу кои се третиот (Dufourspitze 4.634 м.), петтиот (Zumsteinspitze – 4.563 м.), шестиот (Signalkuppe – 4.554 м.) врв по височина на Алпите, и многу други врвови. На Монте Роса се наоѓа и највисокиот планинарски дом на Алпите, домот Маргарита (на Signalkuppe 4.554 м.). Преку зима, масивот Монте Роса е популарно скијалиште, вклучувајќи ги скијачките места Alagna Valsesia (каде што бевме), Gressonay, Champoluc, и други. Монте Роса е италијанското име на масивот, но Rosa “ значи „глечер“ на француско-провансалскиот дијалект.
Поради атрактивноста многу е популарно искачувањето на врвовите на Монте Роса од италијанската страна и затоа Планинарско - спортското друштво МАКПЕТРОЛ – Скопје и Планинарскиот клуб БАЛКАН од Белград, Република Србија, организираа искачување од таа страна. Правевме се за да се оствари оваа акција: ја промовиравме акцијата, испративме многу e-mail пораки, баравме спонзори, се подготвувавме и физички и со опрема. Собравме многу информации за патот, за сместувањето, за искачувањето, за временската прогноза. И конечно, се собравме 12 планинари од Скопје, Гостивар, Чачак, Белград и Нови Сад: Миланка, Коле, Ања, Павле, Бојана, Бранислав, Ленка, Бранко, Гордана, Горан В, Нина и Горан Н. Сите искусни планинари и планинарки, со искачени врвови на Балканот, Алпите, Атлас, Кавказ, Андите, Хималаите. Со нас беше и Нина Аѓанин од Белград, водич на искачувањата на врвови на Хималаите.
Дванаесеттемина авантуристи
Патот (според www.viamichelin.com)
На 24 јули 2011, во недела наутро, со минибус тргнавме од Белград кон Словенија. Во Љубљана имаше големи летни попусти на квалитетна планинарска опрема. Сите станавме членови на ПД МАТИЦА од Љубљана (24,5 Евра годишна претплата) со што ги добивме погодностите што ги имаат европските планинари, а што треба да ги има секој македонски планинар и планинарка (ако е поактивна нашата планинарска асоцијација): попусти за сместување во 1.300 планинарски домови на Алпите, Пиринеите и Турција, осигурување од незгода во планини, попусти во богато снабдените словенечки продавници за планинарска опрема (повеќе детали на интернет страната: http://www.pzs.si/index.php?stran=Prednosti%20clanstva).
„Змајчек“ и Нина во Љубљана
Утрото на 25 јули (понеделник), тргнавме преку северна Италија кон Алања Валсесиа. Преку Милано, прво по автопатот А4, и потоа по регионалниот пат SS299 кон стигнавме во долината на Алања Валсесиа. Високи врвови, негувано зеленило, цвеќе на секоја куќа, многу жичарници. Првата ноќ се сместивме во планинарскиот дом „Valle Vogna” ( во него не добивме попуст), во Рива Валдобиа, на 5 км од Алања Валсесиа.
Планинарски дом во Рива Валдобиа
Искачувањето на врвовите на Монте Роса беше дел од акцијата „Жени во Алпи 2011“ за што Планинарскиот клуб БАЛКАН од Белград доби поддршка од српското Министерство за млади и спорт. 6 жени (Миланка, Ленка, Гордана, Ања, Бојана и Нина) ќе се обидат да се искачат на високите алписки врвови.
Спремни за врвовите на Монте Роса: Нина, Ана, Ленка, Гордана, Миланка, Бојана
26 јули, 2011 А, како се стигнува од Алања до планинарските домови на Монте Роса? Може и пешки за 5 часа од Алања, по добро обележаната патека број 6а до домот Мантова. Но, полесно е ако се користат трите жичарници од Алања (1.250 м.) до Pianalunga (2.050 м.), преку Passo Salati (2.971 м.), па до Punta Indren ( 3 . 275 м.).
Со жичарницата кон Punta Indren (3.275 м.)
Од Punta Indren до домовите Мантова или Гнифети, пешки (низ глечер со дерези). До домот Мантова се стигнува за 60-тина минути одејќи по долната патека од крајот од глечерот, па по карпа осигурана со јажиња (15-тина метри). До домот Гнифети се оди или од домот Мантова (подолг пат) или по горната патека низ карпите (пократок пат). Прво до врвот на карпите по обележана патека и потоа по снег до последниот карпест и срмен дел (15-тина метри) па по метални скали и ортоми до домот Гнифети. Искачувањето од Индрен до домот Гнифети (со опрема за повеќедневно искачување) трае максимум 2:30 часа.
Левиот засек во карпите – патека кон домот Мантова, а десниот засек – патека кон домот Гнифети
Осигурана, но стрмна патека кон домот Гнифети
Планинарскиот дом Гнифети на 3.647 м.
Влеговме во големиот и комотен дом Гнифети со љубезен персонал. Во домот има 180 кревети, има ресторани на првите 2 ката и соби на горните 2 ката, има лавабоа со вода (од глечерската вода која ние ја пречистувавме со активен кислород купен во нашите аптеки) и тушеви (4 евра за 2 минути туширање). Има и светла низ целиот дом, систем за затоплување и мала просторија за кување на првиот спрат. А, има и мал хелиодром на покривот на кого слетуваат хеликоптери кои носат храна, а одвезуваат ѓубре. Ние се сместивме во повеќекреветни соби во кревети на 3 нивоа.
На 26 јули 2011 (вторник), се одмаравме, се аклиматизиравме на висина од 3.647 мнв., пиевме многу вода (минимум 4-5 литри по човек) и се обидувавме низ облаците и маглата да ги видиме околните врвови. Временската прогноза за следните 4 дена не ветуваше многу. Алпите беа зафатени од невреме, снег, магла, дожд и грмотевици. Слушнавме дека многу наши пријатели – планинари, го прекинале искачувањето на Гран Парадизо и Мон Блан поради невреме. Нашиот план е да искачиме 7 врвови на Монте Роса, повисоки од 4.167 м.: Vincent Piramide (4.215 м ), Balmenhorn (4.167 м ), Corno Nero (4.322 м ), Ludwigshoeche (4.341 м ), Parrotspitze (4.432 м ), Signalkuppe (4.554 м ) i Zumsteinspitze (4.563 м. ) . Дали времето ќе ни дозволи ... ќе видиме во следните денови.
Врвови на Монте Роса (италијанска страна)
Утрото на 27 јули (среда), во 6:00 тргнавме нагоре. Во 3 наврски, со дерези на чизмите, со цепини во рацете. Пред и зад нас имаше уште 50-тина планинари од цел свет се искачувавме прво низ глечерот Garsteletgletscher, па низ глечерот Lys. Поминавме покрај длабоки глечерски пукнатини, огромни сераци (испакнати грамади снег), по стрмна патека ( 30°/35°) и стигнавме до снежната долина на Balmenhorn, некаде на 4.010 м.
Нагоре, меѓу глечерските пукнатини
Времето беше облачно, но набрзо маглата од долината се качи нагоре и видливоста беше се послаба. Заеднички одлучивме денес да искачиме два врва Vincent Piramide ( 4.215 м.) и Balmenhorn ( 4.167 м . ).
Во наврска, низ маглата
Тргнавме десно по стрмната северозападна страна на Vincent Piramide следејќи во маглата стапки и внимавајќи на GPS уредот. Во наврски и со цепини во рацете. Стрмната стаза не водеше до врвот. Успеавме да се искачиме на првата „4.000-ка“ денеска. Низ маглата се наѕираше и врвот Балменхорн. Имавме GPS патека и решивме да се искачиме и на него.
На Vincent Piramide ( 4.215 м .)
Се симнавме до Vincent Pass (4.088 м.) од каде што Нина Аѓанин со својата наврска тргна низ длабокиот снег кон врвот. На врвот Балменхорн (4.167 м.) се стигнува преку кратка via ferrata со 10-метарско јаже каде што со раширени раце не пречекаа скулптурата на Исус Христос и засолништето за итни случаи „Cabana Vivac Giordano“. Во близина се наѕираше врвот Corno Nero (Црн рог), 4.322 м., до кого води стаза со успон и до 50 степени, но во лошо време не е за искачување.
На Balmenhorn (4.167 м.)
По густа магла тргнавме кон домот Гнифети. Конечно во домот. За денешното искачување на двете „4.000-ки“ (и симнување) ни требаше 8 часа. Препорака: нагоре да се тргне со цепини и со GPS уред. Вечерта ги јадевме најубавите тестенини Pasta Pesto (тестенини со босилок и маслиново масло) – честитки до куварот во домот.
Утрото, 28 јули (четврток), беше јасно и ѕвездено. Во 6:30, пак во 3 наврски заедно со уште 100-тина планинари, тргнавме кон повисоките врвови на Монте Роса. Одиме врзани кон североисток кон Lisjoch, заобиколувајќи ги пукнатините зад домот, повторно поминавме низ глечерот Lys, поминавме покрај врвовите Балменхорн, Винсент Пирамид, и Корно Неро, кои сега јасно се гледаат и на кои веќе се искачуваа планинари.
Низ глечерот Lys
За појасна претстава на големиот Монте Роса масив (врвовите од од италијанска страна), погледнете ја сликата подолу.
Врвови на Монте Роса од италијанската страна
Поминуваме покрај врвот Vincent Piramide.
Покрај врвовите Corno Nero и Balmenhorn
Покрај врвовите Ludwigshoeche и Corno Nero
Големиот Lyskamm и „малиот“ Матерхорн во позадина
Стигнавме на платото Colle del Lys на 4.250 м. („раскрсница“ меѓу два глечера Lys и Grenzgletscher) кое е тн. „базен камп“ за искачување на неколку 4000-ки. Од десно во далечина го видовме и Матерхорн. После краток одмор тргнуваме нагоре.
Скијачи на 4.300 м.
И конечно, кога излеговме на платото на 4.300 м. ги видовме врвовите Dufourspitze, Zumsteinspitze и највисокиот планинарски дом на Алпите, Capanna Margherita , нашите цели за денешниот ден. Покрај нас поминаа двајца скијачи, едниот на скии, а другиот на скијачка даска. Богами, имаат доста за скијање до долу.
Dufourspitze (4.663 м.), Zumsteinspitze (4.563 м.) и Signalkuppe (4.554 м.)
Стигнавме до Colle Gnifetti (4.454 м.). Ги оставивме ранците, и во наврска и со цепини во рацете тргнавме кон Zumsteinspitze. До врвот се стига по тесен срт (нож), по кого не треба да се искачува неискусен планинар. Од Zumsteinspitze (4.563 m.), петтиот врв по височина на Алпите, скоро на ракофат беше третиот врв на Алпитe, Dufourspitze (4.663 м.) , но до него пристапот води по тесен и многу опасен срт.
По „ножот“ кон врвот Zumsteinspitze
Никола со македонското знаме и знамето на ПСД Макпетрол на Zumsteinspitze
На врвот (Ана, Бојана, Горан Н, Бранко, Бранислав)
На врвот: Миланка, Гордана, Ленка
Горан В. на врвот
Поглед од врвот Zumsteinspitze (4,563 m) кон 100 метри повисокиот врв Dufourspitze (4.663,4 м.)
Се симнуваме од врвот, ги земаме ранците и одиме преку платото, па по стрмна патека нагоре до врвот Gnifetti (италијанско име на врвот), односно на SignalKuppe каде што е домот Regina Margherita. Домот е именуван според италијанската кралица Маргарита која официјално го отворила домот во далечната 1893 година. А, во домот невидена гужва, 30-тина планинари од Словачка, 10-тина од Германија, ние 10-тина, планинари од Италија, ... Ја дочекавме третата наврска (Миланка, Ленка и Гордана) и тргнавме надолу.
Кон врвот Gnifetti (SignalKuppe )
Времето попладнето почна да се менува, почна да врне снег и како што слегуваме надолу стануваше се помагливо. Среќа го имавме GPS уредот и безбедни, без грешка, се спуштивме по истата патека по која утрово се качивме, избегнувајќи ги глечерските пукнатини. Околу 20 часот се спуштивме во домот, после скоро 12-часовно планинарење на Монте Роса. Иако сакавме да се почестиме со убавите тестенини Pasta Pesto, кујната после 21 часот веќе не работеше. Штета, баш ќе беше добар, хранлив завршеток на напорниот ден.
Со точак на Монте Роса?
Рано утрото, во 5 часот, 29 јули (петок), голема група планинари се подготвуваа за искачување на врвовите на Монте Роса. Ние, од друга страна, релаксирано се подготвувавме за симнување во Алања Валсесиа, и пат кон Словенија. Од прозорците на домот Гнифети се гледаше драматичната околина, огромен распукан Lys глечер, високи врвови и многу „мали“ луѓе кои се искачуваа нагоре, внимателно поминувајќи покрај глечерските пукнатини.
Од прозорот на домот Гнифети
Хеликоптерот носи храна во домот Гнифети
Карпите и патеките беа покриени со нов снег (од претходниот ден) и ние внимателно тргнавме надолу, кон планинарскиот дом Мантова и кон жичарниците.
Шатори покрај планинарскиот дом Мантова
Поминавме покрај планинарскиот дом Мантова и се спуштивме до Индрен, до жичарниците.
Алања Валсесиа
Температурата горе, околу домот Гнифети, утрото беше околу минус 2 степена, во Алања Валсесиа, сонце и околу 20 степени, околу Милано 33 степени, а во Нова Горица во Словенија дожд и околу 18 степени. Сменивме 4 годишни времиња во едно деноноќие. Веќе по традиција, на секое враќање од нашите алпинистички авантури спиеме во Нова Горица и во Ново Место, а уживаме во топлите води на Терме Чатеж во Словенија.
Со нашите пријатели – планинари од Ново Место
Терме Чатеж
ВАЖНО!!! Неколку коментари за сите што во иднина ќе се искачуваат на Монте Роса од италијанска страна:
Мора да имате резервација за кој и да е дом на Монта Роса. Мора да пратите e-mail до Booking Center, на info@rifugimonterosa.it Прикачете информации за: бројот на луѓе, број на ноќевања, доручек, вечера. Во првиот e-mail треба да се нагласат датумите на престој, и депозитот кој може да биде платен или со картичка или со банкарски трансфер. Треба да депонирате 30% од вкупната сума за да ја потврдите резервацијата. Без резервација место во дом овите (Mantova, Gniffetti, Margherita, ....) има само на подот, за 6 Евра по човек. Кога ќе го платите депозитот треба да добиете потврда на платениот депозит. Задолжително имајте копија од вториот e-mail (со потврдата) за да избегнете недоразбирања. Телефон Monte Rosa Booking Center: 0039.0163.92280 5.
Задолжително користете GPS уред со вметнати стази од домовите до врвовите, бидете врзани во наврска и носете дерези и цепини .
Искачете ги врвовите Vincent Piramid, Balmenhorn, Corno Nero почнувајќи од домот Gnifetti. Искачете ги врвовите Zumsteinspitze, Gnifetti, Parottspitze, Signalkuppe и Ludwigshoeche од домот Маргарита (обезбедете сместување таму).
Потребно време за и скачување на врвовите од домот Gnifetti : Balmenhorn : 4,167 м (3 ч ) , Vincent Piramid : 4,215 м (3 ч ), Corno Nero : 4,334 м (3,5 ч ), Ludwigshohe : 4,344 м ( 4ч ), Signalkuppe (Punta Gnifetti): 4,559 м (5 ч ) , Parrotspitze : 4,462 м (4 ч ), Zumsteinspitze : 4,561 м (5 ч ) , дом Гнифети – дом Мантова = 45 мин.
Цени во домот Gnifeti (за членови на планинарски друштва, од Словенија): 14 евра по човек - само преспивање во повеќекреветни соби, полупансион 55 евра по човек/дневно, 30 евра за IFMGA водичи .... За членови на планинарски друштва од Македонија: 25 евра само спиење, 68 евра полупансион, .....
Се додека македонската планинарска асоцијација не успее да обезбеди поповолни услови за своите членови, користете ги услугите на планинарските друштва од земјите членки на ЕУ (на пример, Словенија). Ќе добиете попусти за сместување во планинарските домови, при купување на квалитетна планинарска опрема, итн...
Врвови на Алпите – официјална листа http://en.wikipedia.org/wiki/List_of_Alpine_four-thousanders
(Забелешка: Врвовите што ние ги искачивме во оваа авантура се обележани со поцрни букви)
|
Име на врвот |
Држава |
Височина |
Масив |
1 |
Mont Blanc |
Франција, Италија |
4.810 м. |
Mont Blanc масив |
2 |
Mont Blanc de Courmayeur |
Италија, Франција |
4.748 м. |
Mont Blanc масив |
3 |
Monte Rosa (Dufourspitze) |
Швајцарија |
4.663,4 м. |
Monte Rosa масив |
4 |
Nordend |
Италија, Швајцарија |
4.609 м. |
Monte Rosa масив |
5 |
Zumsteinspitze |
Италија, Швајцарија |
4.563 м. |
Monte Rosa масив |
6 |
Signalkuppe |
Италија, Швајцарија |
4.554 м. |
Monte Rosa масив |
7 |
Dom |
Швајцарија |
4.545,4 м. |
Пенински Алпи |
8 |
Eastern Lyskamm |
Italy, Switzerland |
4.527 м. |
Пенински Алпи |
9 |
Weisshorn |
Швајцарија |
4.505,5 м. |
Пенински Алпи |
10 |
Taschhorn |
Швајцарија |
4.490,7 м. |
Пенински Алпи |
... 15 |
Parrotspitze |
Италија, Швајцарија |
4.432 м. |
Monte Rosa масив |
... 17 |
Ludwigshohe |
Италија, Швајцарија |
4.341 м. |
Monte Rosa масив |
... 19 |
Corno Nero |
Италија |
4.322 м. |
Monte Rosa масив |
... 30 |
Vincent-Pyramide |
Италија |
4.215 м. |
Monte Rosa масив |
... (не е на официјалната листа) |
Balmenhorn |
Италија |
4.167 м. |
Monte Rosa масив |
Технички податоци :
Должина на патеката (за двата дена): 20 km
Висинска разлика (вкупен успон) : 2220 m - Макс.процент.успон : 54%
3D приказ на патеката за двата дена
профил на патеката
Автор: Горан Николоски
Слики: Горан Николоски, Горан Вуќиќ, Миланка Арсиќ, Ленка Рибиќ-Зеленовиќ, Ана Бубања
|