Планинарско Спортско Друштво МАКПЕТРОЛ Скопје > Макпетрол Home 
         Почетна страна
         Годишна програма
         Акции
         Документи
         Историја
         Библиотека
         Високогорство
         Topo Maps
         Контакт
         Линкови

 

 

 

 

Аџина Река Trail - 16 јуни 2012

На покана на ПД Бистра од Гостивар нашето планинарско друштво реши да се упати кон областа на Горна Река - изворишниот дел на реката Радика. Тоа е просторот на западната граница на Македонија, кај тромеѓето со Албанија и Косово - природната граница помеѓу масивите на Кораб и Шар Планина. Се собравме 19 учесници од нашиот клуб, шест души за трчање, останатите за планинарење. Временската прогноза беше идеална, така да беа исполнети сите предуслови за да се има убав ден во планина.

Од Скопје поаѓаме со наши возила во 5:20. По пат од Тетово го земаме Александар и околу 6:20 стигнуваме во Гостивар - кај општината - зборното место од каде треба да не земат комбиња. Кратка средба со организаторите, поздравување и веднаш во комбињата - на пат кон Маврови Анови, Ничпур, па се до Торбешки Моест - местото од каде треба да започне акцијата. Покрај планинари, имаше и двајца велосипедисти.


почеток на акцијата - Торбешки Мост

Пределот - уште како што се приближувавме - не плени со својата убавина и живописност. Во овој период од годината се беше толку зелено што речиси не болеа очите од зеленило. Се подготвуваме за поаѓање и околу 8:20 поаѓаме. Со трчање прво благо се спуштаме - за загревање по патот по кој пристигнавме со комбињата - до раскрсицата која води кон караулата Победа - патот по кој оди традиционалното искачување на врвот Голем Кораб. И ние се движиме по тој пат - трчајќи го во целата негова должина. Времето веќе станува топло.


кон караулата Победа

Кај караулата пиеме малку вода и потоа продолжуваме по убава патека покрај текот на реката Штировица. Повремено наидуваме на вирчиња на патот кои се обидуваме да ги избегнеме. По околу половина час трчање - наидуваме на местото каде треба да ја преминеме реката - за да почнеме да се искачуваме по соседното брдо - Пројжаба. Реката има многу вода во овој период од годината и немаме друг излез, туку ги соблекуваме патиките и чорапите и боси во водата. Водата е прилично ладна, но некако ги минуваме тие неколку метри за да дојдеме од другата страна. Но таму теренот е цел под вода - има високи растенија, но долниот дел е се - вода. Одиме така - боси - уште околу 200 - 300 метри полека нагоре - додека да наидеме на сув дел. Тука застануваме и правиме пауза од пет минути - да се касне нешто и да се облечат чорапите и патиките.


преминувањето на Штировица

Сега следува искачување по падината на ридот Пројжаба - а потоа кога се искачуваме на висина од околу 1700 m - го следиме гребенот и постепено се искачуваме. Уживаме во глетката што ни се отвара - прекрасната долина на Штировица, врвовите на Кораб уште под снег, од другата страна клисурата на Аџина Река, Божино, Луково Поле... Продолжуваме така до една точка - од каде има прекрасен поглед на највисоките врвови на Кораб. Седнуваме, правиме пауза за појадок и уживаме во глетката.


по гребенот на Пројжаба


врвовите на Кораб под снег

Од таа точка - на висина од околу 1930 m се спуштаме, прилично стрмно - во правец на границата со Косово - Луково Поле. Наскоро излегуваме на широкиот макадамски пат и реката Црн Камен која тече надолу - во правец на Торбешки Мост. Полниме вода од реката и трчаме надолу следните 5 km. Наидуваме на бачилото и на спомен плочата подигната во чест на загинатите работници на хидросистемот во 1956 година - од лавина.


реката Црн Камен - граница со Косово


спомен-плоча за загинатите градители

Се најдовме на почетната точка на денешната тура. Тука реката Црн Камен се спојува со Аџина Река. Малку подолу, кога ќе им се приклучи и Штировица - се создава реката Радика. Сега вртиме во лево и навлегуваме но најживописниот дел на денешната акција - клисурата на Аџина Река. Оваа клисура, со многу стрмни падини, со високи и преубави иглолисни дрвја, со зелени тревнати падини и бели карпи - претставува еден од најубавите предели низ кои сум минувал во Македонија. И пријатно е да се оди или да се трча во сенката на тие високи дрвја - по убавото планинско патче. Од другата страна - во карпите - се гледаат отвори од повеќе пештери - во една од нив - Симка - имало два ходника со должина од околу 500 метри.


на влезот во клисурата на Аџина Река


детал од стрмните падини на клисурата

На крајот од клисурата во Аџина Река се влива река Ќафа е Кадис. Дел од овие води е опфатен од хидросистемот, а помал дел е пуштен да тече по површината, затоа на некои места и се губи водата. Нашата патека оди по текот на Аџина Река, додека другата група - планинарите - го следеа текот на Ќафа е Кадис. Патеката во почеток се искачува во висина, за да може подобро да се минат стрмните страни на овие ридови.


поглед наназад кон клисурата, Кораб и под него ридот Пројжаба

Се движиме со лесно трчање по прекрасното тесно патче кое е усечено во ридот. Наскоро пред нас - изненадување - како бела брана се испречува голема громада на снег - остаток од снежен навев. Во долниот дел реката си пробила пат и има тунел во правилна форма - а од ѕидовите надолу се сливаат тенки млазови на капки вода - како да сме под некој глечер. Убава прилика за освежување и фотографирање на волку снег - во средината на јуни месец.


"глечерот" на Аџина Река


тунелот под "глечерот"

Патеката води малку од едната па од другата страна на Аџина Река, која сега во својот горен тек тече низ едно широко поле. Од страните на реката, од секаде се вливаат мали поточиња, скоро целиот тој дел е под вода и ние често одиме по трева, а под нозете ни шлапка вода. Но веќе се навикнавме... Правиме на едно место поголем одмор - околу половина час. Потоа почнуваме да се искачуваме на десната страна - полека фаќаме правец за да го качуваме врвот Лера.


горниот тек на Аџина Река

Врввот Лера е висок 2197 m и е врв од широк, заоблен тип - целиот со трева. Само од десната страна на две места има едни - за него карактеристични карпи. Од тука се отвора прекрасна глетка на целиот масив на Кораб, на Шар Планина, надолу Веливар, Крчин, Стогово, па на другата страна Јакупица и Сува Гора... убавини на сите страни.


поглед кон масивот на Кораб од Лера


поглед од Лера кон Шар Планина

Заморот почнува полека да делува кај членовите на екипата, па се јавува желба за мало кратење на патеката - исто така гледаме да се вратиме побргу, за да не не чекаат многу другите од групата - дека кога ние стигнавме на Лера, тие веќе беа речиси кај планинарскиот дом "Шарски Води" кај Горно Јеловце. Затоа наместо да го качиме Фудан Брдо, ние го сечеме по изохипса и се упатуваме полека надолу - во правец накај Горно Јеловце, кое го гледаме во далечината.


во правец на Фудан Брдо


спуштање во правец на Горно Јеловце

Во еден дел на спуштањето по Дедел Бег - моравме да преминеме еден од ракавците на Јеловјанска река -имаше стрмно спуштање - прилично непрегледно - со густа вегетација, а нозете повторно газат во вода - па ептен стрмно спуштање до рекичката и преминување, па стрмно искачување нагоре. Тренинг - за мерак. Наскоро потоа наидовме на маркацијата наравена од домаќините на акцијата и ја следевме до селото Горно Јеловце. Таман мислевме дека готово - сега ќе стигнеме до домот и ќе одмориме, пристигна нова информација - комбињата не сакале да се качат до таму, па ќе мораме од домот да одиме уште некои 5 km понатаму - кон селото Долно Јеловце.


мал одмор по возбудливиот премин на рекичката

Сите веќе прилично уморни, а некои и доста гладни, стигнавме до планинарскиот дом "Шарски Води". Тука љубезните домаќини не пречекаа и не угостија со гравче, алва, пиво - состојки неопходни за враќање на силата во нашите тела. Остатокот од групата планинари веќе беше тргната во правец на комбињата. Јадевме набрзина, мал одмор и продолжуваме понатаму, по најзаморниот дел од патувањето - широк пат, наместа со многу прашина - но како и да е - по некое време стигнавме до комбето и до нашите верни пријатели кои не чекаа таму - за да се вратиме назад кон Гостивар.

Истеравме убава тура, живописна, некои од членовите за прв пат земаа учество на ваква една акција и одлично издржаа. Се надевам дека и во иднина пак ќе се дружиме на вакви авантури по нашите планини.


Технички податоци :

Должина на патеката : 50 km
Висинска разлика (вкупен успон) : 2500 m
Макс.процент.успон : 40 %, просек 9,6 %


измината патека


профил на патека

Повеќе фотографии можете да видите на следниот линк - https://picasaweb.google.com/117320863135421357287/AdzinaRekaTrailUntouchedBeauty#
GPS записот можете да го симнете од следната адреса - http://www.stazeibogaze.info/2012/06/19/korab-adzina-reka-trail/

Автор: Трајче Панковски

Фотографии: Петар Герасимов, Трајче Панковски


© Copyright 2004 - 2014 Makpetrol A.D. Skopje