Членовите на нашиот клуб и оваа година земаа учество на традиционалната акција на ПД Бистра од Гостивар - Аџина Река. За оваа акција се пројави голем интерес, па на крајот од нашиот клуб појдоа две комбиња со вкупно 31 учесник. Во Гостивар, односно кај Маврово се споивме со комбињата на другите клубови и заедно во колона пристигнавме на Торбешки мост - односно кај бачилото до спомен плочата на од лавина загинатите градители на хидроситемот Маврово - беше 8:30 часот.
поголемиот дел од нашата екипа
По кратката подготовка и групната фотографија, се одвои нашата група која имаше план со трчање / одење да измине подолга патека од предвидената на организаторот - дека ова ни беше последен тренинг пред трката во Италија каде за десетина дена треба да заминеме. Група од 11 луѓе појдовме со лесно трчање назад по патот од каде што дојдовме - околу 3 km - потоа се одвојуваме во десно и нагоре - патеката која води до караулата Победа - патеката која се користи за традиционалното искачување на Голем Кораб.
Потоа трчаме по убава патека спротивно од течението на Штировица - по убава трева, на места прерипуваме вирчиња и поточиња - оваа година има многу повеќе вода отколку лани. По околу 3,5 km се приближуваме до ридот Пројжаба и се решаваме да ја преминеме - прегазиме реката. Од лани имавме искуство дека водата е прилично студена, така да бевме психички подготвени. Соблекуваме патики и чорапи и еден по еден во река - длабока е до колена, така нешто, но струјата е силна и занесува - си помагаме со стапчињата за стабилност.
по долината на река Штировица
преминување преку ладните води на Штировица
Од другата страна не чека бујна и висока вегетација и стрмната падина на Пројжаба. Минатата година фативме едно патче кое серпентински се искачува нагоре, ама оваа година ја минавме реката малку погоре и не ми се враќаше назад за да го фатиме патот. Појдовме директ нагоре по ридот - прилично стрмно но во ред - сакавме да направиме малку појак тренинг. Еден по еден - групата се консолидираше горе на сртот на ридот Пројжаба.
Продолжуваме со лесно трчање по прекрасниот тревнат гребен на ридот - одиме така околу 2,5 km додека да стигнеме на едно мало врвче од каде се отвора прекрасен поглед кон највисоките врвови на масивот на Кораб - Голем Кораб и Радомирските врвови - кои се на албанска страна. Прекрасна слика пред нашите очи. Тука правиме пауза од околу 20 минути за појадок и уживање во убавината.
по сртот на Пројжаба
поглед кон највисоките врвови на Кораб
Од таму почнуваме со спуштање - и тоа прилично стрмно спуштање надолу - околу нас уште има остатоци од снег по некои долчиња, а се формираат и привремени водопади - се е со интензивна зелена боја. Е сега, неколку пати се случува при премин на поток да се шлапнеме во вода, некој во кал, а некој да помине и низ мала плантажа со коприви. Како што бевме со кратки хеланки, доживувањето беше ептен интензивно... Како и да е - излеговме на еден земјен пат кој наскоро не симна до самата граница - кај Луково Поле - односно на реката Црн Камен. Тука пак седнуваме и правиме краток одмор - за да се собере групата и да си ги дополниме резервите со вода.
на спуштање кон реката Црн Камен
Потоа по макадамскиот пат - 5 km трчаме надолу и стигнуваме повторно на Торбешки Мост - од каде што и појдовме, само што изминавме 20 km за 3 часа и 30 минути. Во сенката на почетокот на клисурата на Аџина река одмараме малку и продолжуваме низ клисурата - малку ни е полесно - сега сме во сенката на шумата. Инаку во меѓувреме стана прилично топло а досега се движевме по терен без ниту едно дрвце. Со брзо одење - малку трчање - ја минуваме клисурата и уживаме во прекрасниот поглед на околните стрмни падини прошарани со бели карпи, како и во убавата бујна река Аџина.
на почетокот на клисурата на Аџина Река
Патот низ клисурата е околу 4,5 km. Пак излегуваме на рекичката која мора да ја прегазиме - импровизираниот мост кој стоеше минатата година - го нема. Не е тоа проблем за нас, само што се пожалија луѓето дека и комарци почнале да ги апат околу реката. Бргу продолжуваме нагоре, односно фаќаме во лево - во правец на Ќафа е Кадис. Угорнина на која има тесно патче и треба да се винимава - дека се гази на страна по висока трева, да не се пролизга. По качувањето на превојот - пак одмор - време е групата да руча и одмори - дека следува завршниот долг успон на оваа тура. Но тој терен е прилично пријатен - успонот е долг но е благ, на места дури е и рамно, па може да се трча. Уживаме во зелените падини и трчаме полека - се приближуваме кон бачилото Идризова Дупка.
трчаме по прекрасни патеки
бачилото Идризпова Дупка и - позади - Црн Камен
Групата веќе е малку изморена - зависи како кој - некој има проблем со стомак, некој со поднесување на топлината, некому му се тешки нозете, некому главата... нормални кризи кои треба да се прифатат, да се дружиме со нив извесно време и потоа да ги оставиме - нормално - ако и тие нас сакаат да не остават. Стигнавме до бачилото, дополнивме вода и поразговаравме со бачот - ни кажа колку пред нас е другата група - планинарите - тие се отприлика на 2 часа пред нас - што е во ред - со нашето темпо до крај можеме да им се приближиме. Се искачуваме на седлото - највисоката точка на денешната рута и тука правиме одмор. Уште кога го видовме навевот на снег под нас - почнавме со снежни игри - па трчавме боси по неколку крукчиња во снегот - за да си ги оладиме нозете. Мал одмор, па поаѓаме надолу.
слика од групата планинари кои минале пред нас
боси по снегот
Се спуштаме барајќи го најкраткиот пат надолу - добро се снаоѓаме и по некое време пристигнуваме во село Горно Јеловце. Продолжуваме понатаму до планинарскиот дом - патот се крева нагоре, па и по домот продолжува во блага угорнина, за да пред селото Долно Јеловце почне стрмно да се спушта. Доаѓаме до нашата цел - кај црквата Св. Илија во Долно Јеловце, каде беше пристигнат дел од прупата планинари, а другиот дел се уште пристигаше. Беше околу 18 часот. Одморивме, јадевме и околу 19 часот појдовме со комбето на пат надолу - Гостивар, Тетово, Скопје.
на пат кон Горно Јеловце
на целта - село Долно Јеловце
Нашата група направи убав тренинг, секој можеше да си провери што му одговара а што не од опрема и од храна. Исто така поголем дел од оваа група за прв пат навлезе во длабочините на овој прекрасен предел и се запозна со него, но има уште многу места во околината кои треба да се видат и запознаат - за некој следен пат.
Технички податоци :
Прва патека - планинарење
Должина на патеката: 27 km
Висинска разлика (вкупен успон) : 1270 m
Максимален успон : 31 %, просечен успон : 9,3 %
Втора патека - trail running
Должина на патеката: 44 km
Висинска разлика (вкупен успон) : 2000 m
Максимален успон : 44,2 %, просечен успон : 8,2 %
патеките на движење - црвено - 27 km ; сино - 44 km
висински профил на патеката од 27 km
висински профил на патеката од 44 km
Повеќе фотографии можете да видите на следниот линк :
https://picasaweb.google.com/117320863135421357287/AdzinaRekaTrail2013