Планинарско Спортско Друштво МАКПЕТРОЛ Скопје > Макпетрол Home 
         Почетна страна
         Годишна програма
         Акции
         Документи
         Историја
         Библиотека
         Високогорство
         Topo Maps
         Контакт
         Линкови

 

 

 

 

Програма за работа на ПСД Макпетрол


ПРОГРАМА ЗА РАБОТА НА

Здружението Планинарско спортско друштво

МАКПЕТРОЛ Скопје

 

Програмата за работа на Друштвото ќе се одвива низ следните активности:

- Развивање и омасовување на планинарењето и останатите спортови во планина

- Постојана едукација и усвојување на најсовремени светски сознанија за подобрување на квалитетот на спортовите во планина

- Развивање на тимови за врвни остварувања во планинарењето, алпинизмот, планинското трчање и други планинарски спортови

- Истражување на нови, непоминати патеки или патеки кои многу ретко се поминуваат, нивно документирање со слики и GPS запис, објавувањ e на тие информации за општо добро на сите планинари

- Организирање планинарски акции во земјата и странство со цел да се стекне способност за снаоѓање и престој во природа, здобивање навики за здрав живот и градење на тимски дух.

- Постојана грижа за природата и развивање на еколошка свест кај планинарите и населението.

- Развивање спортска соработка со поединци и друштва од нашата земја, од Балканот и од целиот свет

 

1. Развивање и омасовување на планинарењето и останатите спортови во планина

Со основањето на Планинарското спортско друштво МАКПЕТРОЛ Скопје како Здружение се очекува да продолжи активноста на популаризирање на овој спорт кај населението. Посебни активности ќе се насочат кон појаснување на корисноста од бавењето со планинарење на младите луѓе и нивната ангажираност во слободното време со физичка активност, посебно во овие времиња на компјуте ­ ризација и поголема статичност во редовните и задолжителни активности.

Покрај организирањето конкретни акции во природа / планина, повремено ќе се организираат предавања - односно тематски презентации наменети за младите, со цел да им се претстават разните аспекти на спортовите во планина, особено планинарењето и да се поттикне кај нив желбата и тие да се занимаваат со овој спорт.

2. Постојана едукација и усвојување на најсовремени светски сознанија за подобрување на квалитетот на спортовите во планина

Планинарењето сфатено правилно е навистина сериозен спорт, којшто од планинарот бара постојан тренинг и стручно усовршување. По пат на набавка на стручна литература од одредени области, посетување на специјализирани курсеви во организација на Федерацијата на плананарски спортови на Македонија, односно на асоцијациите кои се во нејзин состав, како и на Центарот за Стручно Усовршување при ФСПМ, ќе се трудиме нашите членови да имаат највисок можен степен на теоретски и практични познавања, со што и квалитетот, а особено безбедноста на нашите акции да биде на високо ниво. Исто така наши членови може да вршат предавања или презентации на некои интересни теми, односно на начини на кој е освоен некој врв, или пак е решен некој технички проблем во карпа/снег/мраз.

3. Развивање на тимови за врвни остварувања во планинарењето, алпинизмот, планинското трчање и други планинарски спортови

Со да се постигнат високи резултати, потребно е високо ниво на истренираност на нашите членови, за да можат да се носат и со најголемите предизвици во овој спорт.

Нашите амбиции се насочени кон создавање на тим кој ќе може да учествува во освојување на врвови на Балканот, во Европа и пошироко.

Имаме желба, а и можност да развиеме компетентна екипа од планински тркачи кои ќе бидат дораснати да учествуваат во сите европски и светски планински и ултрамаратонски трки од највисок ранг.

Алпинизмот е нераздвоен дел од планинарењето и секој планинар мора да ги познава основните техники од алпинизмот и со нив добро да владее. Затоа алпинистичката обука ќе биде наша присутна определба.

4. Истражување на нови, непоминати патеки или патеки кои многу ретко се поминуваат, нивно документирање со слики и GPS запис, објавувањ e на тие информации за општо добро на сите планинари

Членовите на нашето планинарско друштво и досега се стремеа секогаш да истражуваат нови - односно многу ретко посетувани планини, патеки, врвови во Македонија. Љубовта кон непознатото, предизвикот да се откријат и видат работите на еден нов начин постојано не водат во нови авантури. Овој тренд ќе продолжи понатаму, со тоа што интересот на нашите патувања ќе го прошириме и на околните балкански земји. А сите акции детално ќе ги опишеме со текст, слика, видео материјал, и особено со GPS запис, мапа на патеката и други технички детали, кои ќе може да им послужат на сите оние кои во иднина би сакале да ги повторат нашите акции. Сите овие информации редовно ќе се објавуваат на нашата web -страница.

5. Организирање еднодневни, дводневни и повеќедневни планинарски акции во земјата и странство со цел да се стекне способност за подобро снаоѓање и престој во природа, здобивање на навики за водење на здрав живот и градење на тимски дух

Неколку пати во годината, а секако барем еднаш во зимски и еднаш во летни услови да се организираат престои - планинарски тури - во планина со шатори, вреќи за спиење и се што е потребно. Станува збор за локации каде барем неколку дена се нема контакт со цивилизацијата и екипата треба успешно да се ориентира во природа, да се снаоѓа, да логорува и сложно да живее. Ова особено придонесува за искуството и цврстината на секој поединечен член, но и на кохерентноста на целиот тим. Вакви акции ќе се организираат како во Македонија, така и во околните земји.

6. Постојана грижа за природата и развивање на еколошката свест меѓу планинарите и населението

Ние сме дел од природата и како свесни битија мораме да ја прифатиме одговорноста да се грижиме за нашата природна околина. Тоа ние како планинари можеме најмногу да го почувствуваме, доволно е само да ја спомнеме разликата во квалитетот на воздухот на планина и во град. Со сите средства треба да се залагаме за поздрава природна околина, помалку загадување и уништување на природните богатства.

Личната свест на секој од членовите на Друштвото постојано ќе ја потенцираме и зголемуваме, за да со своите дела бидеме позитивен пример и за останатите.

7. Развивање спортска соработка со поединци и друштва од нашата земја, од Балканот и од целиот свет.

Нашето друштво ќе се стреми за соработка и остварување на позитивна клима за разбирање и соработка помеѓу сите учесници во случувањата на планина, независно за кој спорт се работи. Притоа националната, верската или било каква друга припадност на луѓето не смее да претставува пречка да се биде на планина, да се биде позитивен и активен. Ние и досега имаме многу пријатели од Балканот и Европа, па и пошироко, со кои редовно комуницираме и остваруваме контакти.


© Copyright 2004 - 2014 Makpetrol A.D. Skopje