Планинарско Спортско Друштво МАКПЕТРОЛ Скопје > Макпетрол Home 
         Почетна страна
         Годишна програма
         Акции
         Документи
         Историја
         Библиотека
         Високогорство
         Topo Maps
         Контакт
         Линкови

 

 

 

 

Жировница - Куртово Ќуле - Високо Брдо - 19 октомври 2014

 

Како по некоја традиција, овој период од годината скоро секогаш ни е резервиран за голема есенска акција, во последните неколку години редовно на потегот во западна Македонија, Корабски масив, Дешат... Овој пат се одлучивме за Високо Брдо, 2245 мнв., ни остана како планирана а нереализирана дестинација.

Пред 2 години имавме организирано акција со крајна цел Високо Брдо, но кога стигнавме до Плоча 2233 мнв., едноставно не можевме да продолжиме. Иако втора половина од ноември, денот сончев, топол, без ветер, преубав... требаше таму само малку да се одмориме и да продолжиме. Но, не секогаш испаѓа како што се планира. Како кој пристигнуваше на врвот Плоча, таа 2011 година, ако добро се сеќавам тука остануваше, маѓепсан од глетката што од таму се пружаше, малку од сонцето, малку од заморот, храната... И овој пат за малку ќе се случеше истото. Некои на Куртово Ќуле на 2082 мнв., некои на Јаворско Брдо 2155 мнв. а други пак на седлото подолу, оценија дека ја оствариле својата денешна цел, и им се препуштија на пријатните есенски сончеви зраци. Некој кажа дека успеал и да заспие па дури и да сонува.

Недела, 5:30 ч. на разденување, се наоѓаме на бензиската на Макпетрол на излез од Скопје, 50-тина души, имаше и повеќе заинтересирани ама немаа превоз за жал. Поаѓаме во правец на с. Жировница каде не чека нашиот локален водач (член на Макпетрол), и наш добар пријател Даут Јашари, со кој имаме извонредна повеќегодишна соработка. Уште тројца негови пријатели од селото ни се придружуваат. Полниме вода на селската чешма за целодневната тура, бидејќи нагоре нема ниту еден извор. На излез од селото после неколку се уште зелени ливади, веднаш влегуваме во шума по разгазена но за жал не маркирана патека, која не води во правец на Куртово Ќуле. На момемти поради паднатите листови од дрвјата патеката се губи, па така на оние кои прв пат одат на овој терен не би им препорачувал да тргнуваат сами без водач или GPS уред со вцртана патека. Следи релативно стрмно и долго искачување. На околу 1800 мнв. излегуваме од шумата и по тревнат терен стигнуваме до Куртово Ќуле каде ја правиме првата поголема пауза.

Тука се отвора поглед кон сите околни врвови. На запад пред нас се покажува нашата денешна цел, по релативно рамен терен се стигнува до Јавоско брдо, со исклучок на самото врвче со своите 100-тина висински метри отстапување од околниот терен, па има едно стрмно спуштање до седлото и завршното искачување на Високо Брдо. Некаде околу пладне, еден по еден, поголем дел од групата пристигнува на врвот.

Преубавата глетка не ни дозволи, и покрај прилично студениот ветер, во наредниот 1 час да ги одлепиме погледите од есенскиот пејсаж од 360 ?. Небото беше темно сино, скоро и да немаше облаци, би рекол не инспиративно за љубителите на фотографијата. Но затоа пак извонредно чисто, без измаглица, на хоризонтот можеа да се видат нам веќе добро познатите планински венци во соседните држави.

Во 13 ч. точно, како што бевме договорени започнавме со спуштањето, но не како што дојдовме по сртот на Куртово Ќуле туку од неговата северна страна во правец на бачилото и понатаму по течението на Таировска река, многу живописен предел. По пат на седлото помеѓу Високо и Јаворско Брдо ги собираме заспаните убавици (овој пат без бакнежи, не како во бајката на Перо) и сите заедно продолжуваме надолу. Кај бачилото направивме поголема пауза а потоа уште една на изворот пред излезот од шумата. Во селото пристигнавме пред 17 часот. Некои веднаш си заминаа поради обврски, останатите се освежија во селската слаткарница, други пак во кафанчето подолу коментирајќи ги се уште свежите впечатоци.

 

Технички податоци: 17 км. , 1430 м. D+

Автор: Петар Герасимов
Фотографии: Борис Гаџовски, Петар Герасимов

 


© Copyright 2004 - 2014 Makpetrol A.D. Skopje