Планинарско Спортско Друштво МАКПЕТРОЛ Скопје > Макпетрол Home 
         Почетна страна
         Годишна програма
         Акции
         Документи
         Историја
         Библиотека
         Високогорство
         Topo Maps
         Контакт
         Линкови

 

 

 

 

Северен Пинд - Тимфи - 3 - 4 ноември 2012

Во деновите 3 и 4 ноември група од 17 планинарки и планинари замина на пат во северо-западниот дел на нашиот јужен сосед - Грција - за да се запознае со една од најубавите планини во Грција - Тимфи - дел од планинскиот венец Пинд кој се протега од во правец север-југ во должина од околу 150 km. Ние се определивме за северните делови на овој венец - планината Тимфи која е интересна гео-морфолошка формација, со изразито карстни и глацијални елементи : остри карпести ивици и ѕидови, повеќе глацијални езера, длабоки кањони. Долго време сонувавме да дојдеме во овој регион и да го запознаеме и конечно сите елементи се поклопија за овој викенд - најважно беше времето да биде добро, за да можеме да уживаме во прекрасните глетки.

Групата се собра во петокот вечерта - во 22 часот поаѓаме од Скопје и по пат во Велес ни се приклучува и Жико. Со дремење во мини-бусот ја минуваме границата и продолжуваме кон Кожани, Јанина. Од Јанина се одвојуваме од автопатот и не чекаат уште шеесетина километри да дојдеме до нашата дестинација - селата Megalo и Mikro Papigo - на висина од 950 m. Тоа е областа Zagori - кањоните Vikos и Aos - можеби имињата ви се познати - најдобрите флаширани води што се продаваат во Грција се полнат во овој регион.


пристигнување во Mikro Papigo


прекрасните куќи од камен во Mikro Papigo - пренаменети во хотелчиња и ресторани

Во Mikro Papigo стигнуваме околу 6:30 утрото. Дотогаш во пониските делови имаше магла, но штом се качивме над 700 m се отвори небото и се појави убаво сонце. Се уште свежичко утрото - ние се спремаме за поаѓање и веќе во 7 часот тргнуваме по убаво обележана патека во правец на домот Astraka - до кој, според ознаките - ни се потребни околу 3 часа.


речиси комплетниот состав на групата во искачување кон домот - Astraka

Патеката е убаво средена, како што тоа знаат да го направат нашите соседи - со греди и скалички каде што е потребно, не премногу маркирано но доволно за безбедно патување. По патеката наидуваме на четири чешми - само едната е пресушена а од другите блика убава вода. Со не многу брзо темпо за околу 3 часа пристигнуваме до домот - сместен на прекрасно место - на седлото под врвот Астрака - на висина од 1950 m. До пред врвот бевме главно во сенка од планината, но пред седлото излеговме на сонце и стана многу попријатно. Околу 10 сме во домот и до кај 10:30 одмараме, јадеме и се спремаме за турата за тој ден.


домот Astraka Refuge


сончање на терасата од домот Astraka

Во домот се среќаваме со главниот домар Giorgios Rokas и неговите неколку помошници. Тие се грижат се во домот да функционира беспрекорно - но дел од грижата нормално се префрла на гостите - си има ред за однесување во домот - сите гости јасно се запознаени се редот во домот - секој си го спушта од планината својот отпад, во домот се движиме со папучи, струја има на агрегат од 18 до 21 часот. Домот редовно работи до крајот на октомври - но за групи поголеми од 8 луѓе домот може да се отвори и подоцна - по договор со домарот - и тоа само во случај на поволни временски услови.

За првиот ден се организиравме на две-три групи - но правецот на движење беше генерално ист - само што некои се движеа побргу, а други побавно, па по патот се среќававме. Се спуштивме од домот по каменестата патека во долината каде имаше две езера и потоа се искачивме до спротивната страна - до езерото Dragolimni - "Змејско езеро". Тука и самото езеро е прекрасно, а и погледот во било кој правец - надолу се гледа длабокиот кањон Aos - со шуми и со карпи, а од езерото се отвора прекрасен поглед во правец на највисокиот врв на планината Tymfi - Gamila (Камила) - 2497 m. Некои побрзаа кон врвот Камила, а некои убаво си поседоа и си прошетаа по околните карпи и врвови уживајќи во преубавото сончево време.


спуштање кон езерата


езерото Dragolimni и врвот Gamila отпозади

За да се стигне до Камила - треба пак да се спуштиме во долината на езерата, но постои можност да се помине од спротивната страна на големото езеро - Xeroloutsa. Следи искачување до подножјето на врвот Камила, кој од кај домот не се гледа, дека е вовлечен подлабоко и дури кога ќе се излезе на висорамнината во правец на езерото Robozi, се здогледува врвот. Се преминува мала планинска рекичка, па потоа теренот е мешавина од камења, карпи и повремено свежа зелена трева како тепих. Патеката е маркирана - ако појдете по неа, немојте да ја напуштате, за да што полесно пристигнете до врвот - околу има големи камени громади по кои може да се изгуби доста време за да се поминат. Успонот кон врвот е доста стрмен и перспективата "лаже" - ви се чини - "еве - тука е врвот" но потребно е убаво одење за да се стигне до него. Ве чека прекрасен поглед надолу - длабочината е фасцинирачка - има денивелација кон долината на Aos од околу 2000 m. Исто така има прекрасен поглед во правец на езерото Dragolimni.


врвот Gamila - во средина на сликата - варовнички карпи - лево е врвот Ploskos


највисоките делови на Gamila - поглед во правец на градчето Konitsa


поглед од врвот Gamila кон езерото Dragolimni

Природата во овој предел несебично излевала убавини - особено за нас - љубителите на карстни предели - карпи, карпи....


сенката на врвот Gamila се издолжува

На враќање кон домот се среќаваме со втората група и ги предупредуваме дека е можно да ги фати мрак на враќање - но сите тие се искусни планинари, со потребна облека со себе, со челни лампи - со GPS уреди - во домот се враќаат околу половина час по заоѓањето на сонцето. Во тоа време почнуваат да се појавуваат облаци околу нас - на висина на домот - и температурата веднаш се спушта за неколку степени.


вечерта во домот Astraka Refuge

Седиме во топлината на домот - печка на нафта. Пристигната е и поголема група на грчки планинари - од Патра - Пелопонез. Домот убаво се наполни. Ние нарачавме уште дента домарите да ни направат зеленчукови чорби - некои си порачаа и шпагети. Во весела комуникација со гостите од Грција мина вечерта. Еден по еден нашите луѓе се повлекоа на спиење дека овој ден беше премногу долг - некои дури и немаа спиено целата претходна ноќ. Но никој не се жалеше - сите беа со озарени лица поради преубавата околина во која се најдовме - и велеа "овде мора да се дојде повторно - на повеќе денови".

За спиење имаше неколку соби - ние бевме сместени во горната соба - сето беше една спална со кревети на спрат - се уредно и чисто. Договор за станување за следниот ден беше во 5:30. Не пречека прекрасно сончево утро - сончево со малку облаци. Домарите беа договорени да станат исто во тоа време, па добивме топли чаеви и кафиња. Се спремаме за поаѓање за прошетки во вториот ден.


рано утро од терасата на домот

Околу 7 часот поаѓаме сите заедно надолу на платото кај езерата и потоа пак заедно во правец на езерото Robozi. Малку пред тоа се одвојува групата која поаѓа да се искачи на врвот Gamila. Останатите стигнуваме над езерото Robozi кое е доста големо и богато со вода. Тука се одвојуваме - една помала група поаѓаме кон врвот Astraka, додека останатите - најголемата група - појде до работ на кањонот за да од горе ја види таа убавина. Бевме договорени до каj 13.30 сите да се вратиме во домот и околу 14 веќе да појдеме надолу - сепак мора да се внимава и на тајмингот. Се покажа дека проценките ни биле во ред - сите групи на време се искачија каде што беше предвидено и на време се собравме кај домот. Повторно во прекрасни временски услови, без никаков проблем. Посебно беше убаво што, да речеме за разлика од Олимп, овде бевме сами во планината - едно чувство на пространство, на слобода, на дивина... понекогаш нешто подалеку од нас здогледувавме дивокози.


на пат кон нови искачувања


големи пространства - назад се врвовите Ploskos и Gamila


почеток на искачувањето кон врвот Astraka - долу е езерото Robozi


поглед кон езерото Dragolimni од врвот Astraka


поглед надолу кон домот Astraka Refuge од врвот Astraka - 500 висински метри подолу


кањонот Megas Lakos - огромни вертикални ѕидови и чудни камени форми - како некој да ги ѕидал


кањонот Megas Lakos подолу се спојува со кањонот Vikos

Бидејќи се собравме кај домот уште пред 13 часот, а времето почна да се менува - пристигнаа облаци и температурата падна, појдовме надолу порано - за да се спуштиме во пониските предели од планината каде температурата е попријатна - сепак е почеток на месец ноември и планината мораше да ни покаже кој е тука главен. Ние презадоволни од сето тоа што го видовме изминатите два дена, лежерно се симнавме до Mikro Papigo за помалку од два часа. Возачот на мини-бусот беше таму паркиран и не чекаше, така да тргнавме кон Скопје малку порано од предвиденото време, а имавме и шанса да застанеме во Јанина на по едно гиро.

Прекрасни спомени од оваа преубава планина. И самиот поширок регион нуди многу интересни места, планини, кањони, места за прошетки, карпи за качување, врвови за освојување. Дефинитивно мора да се дојде повторно на повеќе време - ова беше едно убаво запознавање - и - љубов на прв поглед..

 


патеките изминати за двата дена


профил на патеката измината првиот ден - Mikro Papigo - Astraka Refuge - Dragolimni - Gamila peak


профил на искачувањето од домот до врвот Gamila и враќање пак до домот


профил на искачувањето од домот до врвот Astraka и враќање пак до домот


профил на патеката од домот до кањонот Megas Lakos и пак назад до домот

 

Повеќе фотографии можете да видите на следниот линк :
https://picasaweb.google.com/117320863135421357287/TymfiGreece

Автор: Трајче Панковски
Фотографии: Петар Герасимов, Радосав Тасевски, Владимир Сикавица, Климентина Тунтева
, Трајче Панковски


© Copyright 2004 - 2014 Makpetrol A.D. Skopje