Планинарско Спортско Друштво МАКПЕТРОЛ Скопје > Макпетрол Home 
         Почетна страна
         Годишна програма
         Акции
         Документи
         Историја
         Библиотека
         Високогорство
         Topo Maps
         Контакт
         Линкови

 

 

 

 

Триглав од кај долината на 7 Триглавски езера - 1 - 3 јули 2013

Авантурата на единесет-члената група започната на Lavaredo Ultra Trail и Cortina Trail продолжува... Недела наутро - 30-ти јуни - сите се чувствуваме добро - само Жико и Светлана малку се поукочени од другите поради тоа што имаа значително подолга и потешка трка. Се спремаме, се пакуваме, ги собираме шаторите и околу 10:30 часот се поздравуваме со домаќините од кампот Rochetta па поаѓаме пак преку прекрасниот пат низ Доломитите, откај Толмецо - во правец на Словенија. Наша следна цел - обид да се искачиме на врвот Триглав (2864 m) - највисокиот врв на Јулијските Алпи и Словенија.

Попатно, правиме едночасовна пауза. На самата граница меѓу Италија и Словенија, кај местото Fusine вртиме во десно и се упатуваме кај двете Фузински езера - во подножјето на моќниот врв Мангарт (2679 m). Желба ни беше малку да ги истегнеме нозете и да го видиме тој убав карпест врв и карпите околу - во правец на исто така убавиот врв Јаловец (2645 m). Времето сончево, пријатно, не премногу топло - како создадено за одмарање на оваа малку истрошена екипа.


горното Фузинско езеро и над него високо се издига врвот Мангарт

По паузата продолжуваме со патот - Крањска Гора, Мојстрана, Јесенице, Блед. Застануваме пред неколку маркети, но бидејќи е недела - тие не работат, а ние мораме да купиме некои намирници за во планината. На Бледското езеро имаше многу туристи а и прилично капачи во езерото. Продолжуваме накај Бохињското езеро и таму некаде конечно наоѓаме еден отворен маркет, па можеме да си купиме храна за следните денови. Пристигнуваме на Бохињското езеро и влегуваме во кампот "Златорог". Љубезно не пречекуваат на рецепцијата и наскоро наоѓаме локација за нашите шатори и го креваме логорот. Остатокот од денот го минуваме во одмарање, правење супи, шпагети и слични храни за да имаме енергија во нас за предизвиците кои што не очекуваат. Времето од сончево преминува во облачно на поголемите височини. Јас го гледам големиот и стрмен рид пред нас - Комарча - некаде таму по тој навидум непрооден ѕид ние утре треба да го започнеме нашето искачување.


логорот крај Бохињското езеро

Убаво се отспавме ноќта. Утрото - понеделник - 1-ви јули стануваме околу 7 часот. Појадуваме, се пакуваме. Поделивме меѓу себе од потребната качувачка опрема - кациги, јаженца, карабинери, појаси, цепини. Цепини немаше за сите, така да тие ќе си користат планинарски стапови. Знам дека Триглав не е лесен залак, а составот на групата е доста шарен - луѓе со големо планинарско и качувачко искуство, почетници, па и луѓе кои за прв пат се сретнуваат со ваков терен. Но една работа ми беше јасна и ме тешеше - сите се јаки, со одлична кондиција - па во секоја ситуација можеме да играме на таа карта.

Си ги спремивме ранците со кои ќе одиме кон Триглав, а се друго оставивме во багажниците на колите. Се поздравуваме со домаќинките од кампот - таму кај рецепцијата уште еднаш ја проверуваме временската прогноза. Не е баш нај-нај - облачно, но без врнежи. Се надеваме дека така и ќе биде. Поаѓаме со кола уште 4 km до крајот на асфалтот - кај планинарскиот дом "Коча при Савици". Тука има паркинг за кој треба да платиме по 3 евра од кола за ден. Но - тоа е тоа. Барем колите ни се безбедни. Потоа се упатуваме по една долга скалинада полека нагоре - да ја погледнеме главната атракција на ова место - водопадот Савица. Убав водопад излегува од средина карпа и тоа во моќен млаз. Се фотографираме тука и полека се спуштаме долу - пак кај планинарскиот дом - од каде треба да почне вистинското искачување за овој ден.


Слапот на Савица

Во 10:35 со ранците на грб го минуваме мостето кај планинарскиот дом и почнуваме да се искачуваме по маркирана планинарска патека. Наскоро патеката почнува стрмно да се искачува - тоа и го очекувавме - мора за кратко време да совладаме голема висинска разлика. Поголемиот дел е низ шума, но на повеќе места наидуваме на "железарија" - метални шипки, сајли, со кои се движиме нагоре - како додатна сигурност. Но, генерално, нема опасни места, само треба да се биде внимателен - особено да се пази на одрон на камчиња, дека таков е теренот и ако одиш блиску до крајот на тесната патека, лесно се стркалуваат камчиња надолу - кон главите на тие што се движат под нас.

Патеката која ја избравме за искачување на Триглав е наречена "Патека по долината на седумте триглавски езера" и е најдолга за пристап но затоа пак ја сметаат за најубава, најживописна. Како што реков, изборот беше направен имајќи ги во предвид физичките и техничките способности и искуства на членовите на екипата.

Некаде околу 12:40 часот стигнуваме кај првото од редицата езера - Црно езеро. Некаде на висина од 1320 m мало езеро со темно зелена боја и со многу мали рипчиња во него. Од брошурата за водопадот Савица дознавме дека водата од ова езеро понира и излегува 500 m пониско во форма на водопад и подоцна од таа вода се формира големата река Сава.


Искачување на Комарча


многу треба да се внимава на одрон на камчиња


мирните води на Црно езеро

Ние тука правиме петнаесетина минути пауза, за да јадеме нешто и да ги нахраниме рипчињата во езерото. Потоа продолжуваме, дека имаме уште многу пат. Одиме главно нагоре - некогаш поблаго, некогаш пострмно - наидуваме на остатоци од снег и мраз веќе на 1400 m. Се уште се движиме во патека низ шума. По неколку километри искачуваме еден пострмен успон, но затоа како награда многу скоро ни се прикажуваат две споени езера - Двојното езеро - и таму кај нив - сместен убавиот планинарски дом "Коча при 7 Триглавских језер" - на висина од 1680 m. Таму пристигаме околу 14:20 часот и правиме околу половина час одмор - за ручек. Отидов да ги поздравам домаќините на домот, дека тој припаѓа на пл. друштво "Матица" со кое нашиот клуб има добра соработка. Љубезните домаќини не поздравија и ни посакаа добар провод. Во разговор за време на паузата дојдовме до идеја - во интерес на поскоро поаѓање кон Скопје последниот ден - на враќање да спиеме во овој, а не во погорниот дом. Ги прашав домаќините - имаше слободно место и - си обезбедивме спиење во овој дом при враќање.


Двојното езеро и пл. дом "Koca pri 7 Triglavski Jezer"

Одиме уште натаму - постојано се качуваме се повеќе и повеќе. Шумата постепено се губи и се појавува типично див високогроски пејзаж - камења, карпи, снег, но и по некое поголемо или помало езерце по патот. Времето почна повеќе да се наоблачува па ние брзаме да стигнеме безбедно до нашиот дом.


на пат кон домот - пред нас во облак - врвот Кањавец (2569 m)


преку карпи и снег - кон домот - "Засавска Коча при Преходавцих" - 2071 m


крај на патувањето за првиот ден - домот "Засавска Коча..."

Околу 17 часот пристигнуваме до домот. Тој е на висина од 2071 m и е сместен на прекрасно место - на една многу истурена позиција. Под него се наоѓаат две езера, Зелено и Рјаво (окер) кои беа делумно покриени со мраз и снег. Од другата страна провалија - многу стрмно спуштање кон долината на Трента. Има патека и од таа страна, но таа веројатно ќе ја тестираме некое следно доаѓање. Со домарот Примож повеќе пати контактирав претходните денови - и од Скопје и на поаѓање од Италија - за да му потврдам дека сигурно доаѓаме. Домот стандардно добар, со сите правила - влечки на нозете, 4 евра шише вода од 1,5 литар. Но за ваква дивина - тоа изгледа сосема во ред. Само што влеговме времето речиси комплетно се затвори со облаци, особено од страната на Триглав - натаму ништо не се гледаше.

Се сместуваме па седнуваме да вечераме и да поразговараме за утрешниот ден, како и што ќе правиме... Договор е да станеме во 5 часот и околу 6 да појдеме кон врвот. Во домот има и други планинари - словенци, германци, некои други... така да доколку нема резервирано, ваква поголема група како нашата лесно може да остане без сместување - затоа препораката е задолжително да се резервира сместување по домовите за да не си имате потоа главоболки кои апчиња не ги решаваат.

Рано легнуваме да спиеме во исчекување на утрешниот ден и на тоа какво време ќе не пречека. Всушност договорот беше - ќе се разбудиме во 5 и ќе видиме какво е времето надвор, па потоа ќе одлучиме што ќе правиме.


во домчето на гости кај Примож

За спиењето во домот дадовме наши планинрски книшки - од нашата федерација, кои љубезните домаќини ни ги уважуваат и ни даваат 50 % попуст од редовната цена. Во долниот дом следната ноќ (од некоја голема и чудна љубов кон нас од Македонија) добивме плус екстра попуст. Благодарни сме за љубовта и почитта кон нашите планинари. Нормално, ние се трудевме со нашето однесување да ја оправдаме укажаната доверба.

За наша среќа осамна убав, чист ден. Ги фативме првите сончеви зраци врз околните, прекрасни врвови кои би сакал некогаш да ги посетам (а има ли некој врв што не би сакал да го посетам) - тоа се Пихавец, Разор, Шкрлатица... убавини. Еден зрак се пробива меѓу куполите на Триглав и Кањавец. И така ја гледаме нашата цел - Триглав. Доручкуваме на брзина и се спремаме за поаѓање. Утрото температурата беше +3 степени, додека претходната вечер беше +5 степени.


првиот сончев зрак од кај Триглав (средина горе)


екипата во колона преку снегот покрај Зеленото езеро и назад - карпите на Велика Зелнарица

Во 6:30 поаѓаме - прво се спуштаме стотина метри до Зеленото езеро, а потоа почнува искачување по - во почетокот тесна и каменеста - но добра патека - која наскоро навлегува во снежни јазици а потоа во комплетен снег - се искачуваме кон седлото Хрибарице - помеѓу врвот Кањавец од лева и Вршаки и Мишељски Конец од десна страна. За жал информацијата од домарот Примож дека горе има сосема малку, речиси нема снег - не се покажа точна. Веројатно дечкото бил повеќе ангажиран со домот и не прибирал точни информации од оние кои се враќале од врвот. Доста снег, но за среќа не беше многу тврд, така да со помош на цепините и стапчињата без проблем се движевме. Но сепак во групата имавме неколкумина кои појдоа со патики и на нив наскоро им се намокрија нозете. Но беше сончево, убаво време, расположението на групата одлично. Одевме напред и само напред, фотографирајќи ги повремено дивите планински сцени.


искачување кон Хрибарице

На крајот на седлото застануваме - 10 минути одмор - сега треба да се спуштиме - да "изгубиме висина" - во седлото Долич - од оваа точка пак можеме да го видиме Триглав - и близу но и далеку - најголем од сите околни врвови. Поаѓаме по стрмната снежна падина со големи чекори од 7 милји, повемено подлизнувајќи се по малку. Топло е и сите сме по маици или тенки блузи.


спуштање кон Долич


нашата цел - Триглав - толку блиску а толку далеку

Од седлото одиме уште малку во лево - до планинарскиот дом "Trzaska Koca na Dolicu". Тука пристигаме околу 9:10. Одмараме петнаесет минути, да јадеме мелку за да имаме сила за понатаму. Е тука следуваше еден малку повозбудлив дел - една стрмничка падина со прилично тврд снег - бидејќи местото е во осој. Некако успеавме со нашата опрема да го минеме, но секој со по 4 отворени очи и останати органи. За среќа тој дел беше краток но мораше многу да се внимава некој да не пролизга.


парчето со потврд снег


кон подножјето на врвот Триглав

И така, пак нагоре по извиена камена патека, па пак снег и така... трае искачувањето. Си ги провеурваме резервите со вода - денот е топол и доста се потиме. Некои од нас ставаат од подолните слоеви снег во шишињата за да подоцна се стопи снегот во вода. И така - околу 10:35 сме во подножјето на самиот врв. Го гледаме усекот и еден снежен јазик по кој се качуваат или спуштаат некои планинари. Ставаме кациги, се спремаме и еден по еден нагое - прво по ронливиот сипар до почетокот на карпата - мала ферата со сајла и шипки. Наскоро наидуваме не снежниот јазик кој се минува со задоволство и уживање - снегот е доволно мек и доволно тврд - има утабана патека, а за нагоре си помагаме и со потпирање на карпата. Потоа излегуваме од другата страна - на Триглавскиот гребен што доаѓа од страна на врвот Рјавец. Пак малку снег, па сува карпа со сајли и шипки. Без некој проблем нагоре - до врвот. На врвот првите стигнуваме во 11:13. Малата куќичка - Алајжев Столп е за два - три метри надвишен со нанос на снег. Нормално - се искачуваме на највисоката точка. И тоа е тоа - Триглав е искачен. Еден по еден доаѓаат сите членови на екипата - некои имале мала трема на некои места, но сепак сите успешно се искачија. Алексанар си ги соблече патиките и чорапите и го искористи сончевото време да се обиде да ги исуши за спуштањето надолу. Се собира целата група, се одмара до кај 12 часот, се фотографираме. Потоа - време е да се слегува. Временските услови се усложнуваат - почнуваат да се креваат облаци од разни страни така да треба што побргу да се "чистиме" од овде.


Триглав и жлебот (десно) по кој оди патеката од оваа страна - од страна на Долич


почетниот дел од искачувањето


преку снежниот јазик


на пат кон врвот од другата страна


Бурим на врвот Триглав - Алајжев Столп


Александар во фаза на босоного детство


весели за успехот - Перо, Маја, Валдет


сите 11 членови на екипата во групна фотографија

За назад се одлучивме да одиме по нешто полесната патека од страна на планинарскиот дом Планика - преку Мал Триглав. Се покажа дека е тоа добра одлука - малку подолг пат (не многу) но не толку експонирани детали, а потоа по рамната патека групава може да развие брзина. Внимателно по фератите надолу до домот Планика кој е на околу 2400 m. Таму правиме пауза за да се консолидира групата - купуваме вода, Coca-Cola - резервите на течности беа завршени веќе.


на пат надолу - кон домот Планика


на Мал Триглав - се гледа развојот на облачноста


одмор кај домот Планика - веќе поголемиот дел од небото е покриен со облаци

Одиме во колона сега од другата страна - од јужната страна на врвот Рјавец и го заобиколуваме, за да потоа се приближиме до Долич. Тука решаваме да кратиме едно парче од патеката "по наше" и се покажува дека е кратењето успешно - кратиме околу 1 km од патеката. Сега следува искачувањето од Долич до Хрибарице. Групата кондиционо јака - бргу го совладува овој стрмен успон.


"кратенката" кај Долич

Е сега горе не чека изненадување - почнува да врне ситен дожд - облекуваме јакни - но веќе за 3 минути дождот преминува во град со големина на леблебија и тој не тепа по главите, облеката, рацете едно 30 минути. Некои имаат капи а некои и кациги на главите за да не ги боли од ударите на зрнцата град. Брзаме во правец на нашиот дом "Засавска Коча..." каде ни се наоѓа остатокот од опремата што не ни беше потребна за на врвот. Почнуваат да удираат и громови, и тоа релативно блиску, на некои 500 - 700 метри растојание. Бргу надолу - кој колку може. Се прибираме во домот - мокри сите до гола кожа. Примож не прима внатре. Се пресоблекуваме кој има што да пресоблече, јадеме малку и продолжуваме надолу - кон долниот дом. За среќа во меѓувреме дождот речиси престана.


дожд врз Зеленото езеро

Во долниот дом пристигаме за околу 2 часа - околу 17:30 часот сме таму. Се сместуваме, се пресоблекуваме па уживаме во ресторанот на домот - супи, шпагети... за жал немаше омлет на кој јас и Тања му се спремавме два дена. Како и да е - во пријатна атмосфера - среќни од успехот за кој полека се свестувавме - поради епизодата со градот и грмотевиците - ја минавме вечерта. Околу 9 часот сите во кревет. За утре - станување во 5 и поаѓање надолу - што побргу да се стигне во Скопје - дека некои веќе се на работа следниот ден.

И така, станавме рано, повторно убаво сончево време. Се спремивме бргу - ресторанот не беше отворен па јадевме малку "од нога" и пред 6 часот веќе бевме на пат надолу. За два часа веќе бевме кај колите. Се вративме во цивилизација. Се стокмивме малку, па во колите и на пат - прво до Љубљана за да завршиме некои ситници и потоа право за Скопје. Дома бевме ноќта некаде околу 1 часот после полноќ.

Успешна акција во која учествуваа физички јаки луѓе и луѓе со јака волја. Ќе беше добро нивото на техничко знаење да е подобро, но и вака акцијата помина успешно. Времето не послужи - за малку да не беше така веројатно ќе изостанеше искачувањето на врвот. Но ете - лудите често ги прати среќа.

 

Технички податоци :

Должина на патеката : 40 km
Висинска разлика (вкупен успон) : 3200 m
Макс.процент.успон : 79,4 %, просек 15,9 %


изминатата патека


висински профил на патеката


топографска мапа на делот во близина на врвот Триглав
- нашата патека е означена со жолта линија -


Повеќе фотографии можете да видите на следниот линк :
https://picasaweb.google.com/117320863135421357287/TriglavSlovenia

Автор: Трајче Панковски
Фотографии: Тања Манчева, Петар Герасимов, Трајче Панковски


© Copyright 2004 - 2014 Makpetrol A.D. Skopje