Планинарско Спортско Друштво МАКПЕТРОЛ Скопје > Макпетрол Home 
         Почетна страна
         Годишна програма
         Акции
         Документи
         Историја
         Библиотека
         Високогорство
         Topo Maps
         Контакт
         Линкови

 

 

 

 

Трем, Србија - 6-8 ноември 2009

" Се очекуваат обилни врнежи во југоисточна Европа, по долината на Морава, и Вардар...“ велеше во четвртокот навечер озбилниот метеоролог.

И поради тоа, тие што планираа да дојдат на Трем, врв на Сува планина, во околината на Ниш, Република Србија, во сабота и недела, не дојдоа.

Но, дождот за планинарите не е проблем, туку предизвик. Во петок навечер, во планинарскиот дом Студенац се собравме 17 планинари од Србија, Македонија и Бугарија. Две ноќи спиевме во домот, во кого има камин и затоплени радијатори во секоја соба. Каминот беше вцрвен од жарот, а ние покрај него јадевме муабетејќи на македонски, српски и бугарски.


Каминот во домот Студенац

Утрото, во сабота, прво четворица, а потоа уште 13 планинари тргнаа кон врвот.


Пред тргнување

Стазата е напорна иако врвот наизглед не е висок, само 1.809 м. Поминувавме низ густа шума, прескокнувавме паднати дрвја. Како што се доближувавме до местото наречен Девојачки гроб, на 1200 мнв, се посилно се слушаше силен, заглушувачки звук. Одеднаш од густата шума излеговме на плато без дрвја каде што дуваше многу силен ветер. Но, здивот не ни застана од силниот ветер туку од неверојатниот пејсаж. Планината како со нож беше пресечена и, од едната страна, каде што беше густата шума, имаше море од магла, а од другата страна чист поглед кон врвот и кон селата во долината. Како да војуваа силниот ветер и густите облаци при што силниот ветер не им допушташе на густите облаци да покријат целата планина.


На месноста Девојачки гроб


Поглед кон Соколов гребен

На врвот Трем, 1809 м, се искачија 12 планинари од Србија, Македонија и Бугарија.


Никола на Трем (1.809 м.)

На враќање поминувавме низ густата шума сега сета потоната во магла, која изгледаше баш морничаво. Почна да врне досаден ситен дожд.

Вечерта, околу 18 часот, седнавме до каминот, секој со своја приказна за искачувањето. Го распославме јадењето по масите, домаќините во домот ни донесоа грав со колбаси, извадивме пиво и ракија, и запеавме и заигравме. На Коле - Никола Доновски, му се доволни само гласот и неколкумина да го следат во пеењето за да направи добро расположение. Запеавме и "Ој Вардаре Македонски“, и “Несаница“, и "Чакам те да дојдеш“, ....

Во групата имаше и неколку воени лица од Србија кои беа пријатно изненадени од дружењето во текот на денот и вечерта и ветија дека повторно ќе ни се придружат на некоја следна авантура.

Детали за сместувањето и стазата: Планинарскиот дом Студенац се наоѓа на 17 км од Ниш, на падините на Сува Планина. Во домот има 40-тина лежаи, со радијатори во собите. Стазата е обележана, но при густа магла, влезот од платото во густата шума не е многу јасно обележан. Од Домот до месноста Девојачки гроб низ шумата, искачувањето трае околу 2,5 часа, а од тука до врвот, по бришан простор, уште дополнителни 2 часа.

Утредента, во недела, празничен ден, Свети Димитрија, тргнавме во разгледување на Ниш и околината. Прво ја посетивме Нишка бања, мирно бањско место, а потоа бевме во Ќеле кулата изградена од 952 пресечени српски глави од страна на Турците. Го посетивме и Концентрациониот логор во кого германците затвориле и мачеле илјадници Срби, Роми, Евреи, ....


Концентрационен логор во Ниш

За да се орасположиме свративме во центарот на Ниш на скара и пиво во ресторанот "Код Рајка“.

Пред разделбата, на крајот од денот, го посетивме Чегар, споменик за загинатите српски војници во битка против Турците во 1809 година каде што инспирираниот чувар на споменикот не послужи со вино и со кафе. Од ридот Чегар во далечина се гледаа светлата на градот Ниш.


На Чегар, споменик на загинатите српски војници

 

Значи, не беше се така страшно и морничаво како во концентрациониот логор и во Ќеле кулата.

Се дружевме, пеевме, уживавме во неверојатни пејсажи.

"Врнело во Белград, истурало во Куманово, ....“ велеше прогнозата.

Но, секогаш најмногу врне седејќи пред .... телевизор.

 

автор : Горан Николоски

Слики од: Горан Николоски, Миланка Арсиќ, Бранко Дикиќ

© Copyright 2004 - 2014 Makpetrol A.D. Skopje