Планинарско Спортско Друштво МАКПЕТРОЛ Скопје > Макпетрол Home 
         Почетна страна
         Годишна програма
         Акции
         Документи
         Историја
         Библиотека
         Високогорство
         Topo Maps
         Контакт
         Линкови

 

 

 

 

Пирин планина - Банско - февруари 2007

44 + 54 расположени и распопоредени патници во 2 автобуса на Еуролајн тргнуваат од Скопје во 17:15 ч: за Банско на скијање, планинарење, прошетки и други активности. Петок, убав ден за патување, суво, мирно и радост меѓу сите актери во двата буса, бидејќи се беше на нивна страна.

Вообичаена тура ,традицинална, проверена, испитана, но овој пат полна со ситни и крупни изненадувања кои почнаа да се редат како на филмска лента уште од самиот почеток на патувањето. Првото изненадување беше движењето кон Катланово, а не за Куманово (стандардно ) што значеше премин и влез за прв пат во Бугарија како земја членка на ЕУ со визи од гр. премин Делчево. Второто изненадување беше танкирањето на гориво на Б.П. како да сме авион, а не бус (долго, споро и многу). Третотто (веќе нема да ги редам, многу се) малку рели Лисабон - Дакар, земјан пат, ниви, румби – тумби, (недостасуваа камилите) малку рикверц и Езеро Младост кај Велес осветлено од сјајната полна месечина .Во бусот веќе склопени нови познанства, многу разни комични коментари, досетки, смешки, а уште до Велес не сме стигнале. Трпението секојпат се исплати и награда за тоа e АСФАЛТ и голем аплауз во бусот за “мајсторот“. Сега километрите се нижат,а исто и градовите (Велес, Штип., Кочани, Ез. Калиманци). Од Кочани дојде патник за Скопје и пак си помина во исти ден покрај својата куќа во Кочани – во вториот бус( Виктор) ,Мак.Каменица, Делчево и најпосле Границата. Малку трема поради визите но лесно се помина и сега сме во Бугарија. Споро се движиме (лазиме ) поради лошиот пат и нерамнините на него (ама затоа сме со полни резервоари гориво), и наместо по пократка делница (во километри) побрзо да стигнеме, поради лошиот пат и лазењето, Банско го видовме после полноќ. Измрзнатиот и нервозен Митко (домаќинот од Банско) кој не чекаше под ведро небо (во возило) да не прифати и распореди по објектите за престој не пречека со зборовите: Што направивте, да не доаѓате од Грција? Сместувањето беше релативно брзо во споредба со патувањето и секој го доби она што го сакаше па дури и Душко, Виктор, Денко и Марин кои отседнаа во Еделвајз (Туристички запуштен дом во центарот на Банско) но идеален за 3-4 часа покрив над главата и исправање на уморните нозе и искривениот рбет како последица од времетраењето на патувањето и комодитетот во бусот. Измеѓу 01 и 02 часот си легнавме, а треба во 05 ч. да станеме и се подготвиме за искачување на врвот Вихрен. Заспав како заклан, но некако среќен бидејќи надвор ноќта е ведра,чиста,мирна, а се тоа носи убаво утро, комбе кое ќе не чека во 06 и однесе до каде може (што повисоко подобро за нас) на убавиот и бел Пирин.


Дел од екипата се капе во утринското сонце

Будење на време, облекување, средување, покрет, пеш со ранците низ глувото Банско и ни трага ни глас од нашите и комбето на синоќа договореното место. Само разлаени кучиња и прекрасно јасно полуутро. Сомнежи, нови планови, идеи и доаѓа Митко со зборовите: Многу рано сте дошле, комбето трга околу 10 ч кон Шилигарник на прошетка.. НИЕ : Каква прошетка со тешки ранци? Ние сме за искачување на врвот Вихрен. ТОЈ : Горе е се блокирано и никого не пуштаат поради разбивање на лавино опасни стрмнини и анонимен повик оти некаде на 65 километри долгите писти за скијање некој подметнал некоја или неколку бомби. Вчера ништо не работеше поради тоа и скијање немаше,а исто и денес ќе нема.ШОК, ШТАМА, РАЗОЧАРУВАЊЕ, МОЛК но само за кратко, бидејќи и покрај тоа решаваме да изнајмиме комбе и на лице место се увериме за оваа навидум безнадежна ситуација и да се обидеме да го реализираме нашиот план. Храбрата екипа е тука, се чека комбето, минутите се долги, а имаме и лице за испраќање и подршка (Синиша). Состав на екипата Ивана, Мето, Спасе и ние четворицата што од 98 души се солидни 7,142857 %. Некаде околу 06:45 комбето дојде, ги ставивме ранците, влеговме и право кон Шилигарник.Од половина пат нагоре веќе снег, па мраз на патот, снег наоколу и потврда дека горе е права зима.

Веќе се гледаат врвовите осветлени од сонцето, а ние нетрпеливи што ќе биде и дали е се ова вистина или не. И вистина беше, патот e блокиран, Стоп Полиција, возила, моторни санки, планински спасители, луѓе во различни унифирми вооружани, ТВ екипи со репортери, микрофони, сниматели, камери баш како кадар за снимање некој филм. Ние ги отвараме вратите, излегуваме, од багажникот ги вадиме ранците и наеднаш сите погледи на присутните се вперија во нас и следуваше контакт со одговорните таму во вид на наша молба за добивање нивна согласност за нашата цел и ДААА!!!! не пуштија да продолжиме во опасната и блокирана зона. Наеднаш станавме најсреќни луѓе во тие моменти и резултат на тоа беше интервју за Бугарската Национална Телевизија. Тие збунети зошто одиме на опасно место, а ние среќни бидејќи ни дозволија и се договоривме како и каде да се движиме до хижата Вихрен. Снегот, елките, смрчите, сонцето, врвовите, едно куче ние и нашите трагови беа единствените нешта што тогаш ги чувствувавме и впивавме во нас. Ведриот дух, позитивната енергија, оптимизмот, среќата, мотивот, прекрасното време беше постојано со нас, околу и во нас се до моментот кога се слушна мотор и звук од моторна ски санка како брзо се доближува кон нас и застанува и на најљубезен начин шефот и полицаецот не замолуваат (наредуваат) веднаш да почнеме назад да се враќаме.


Со моторна санка доаѓаат да не повикаат да се вратиме назад

Нова и итна наредба од најодговорните луѓе за оваа операција добиле од Софија. Разочарување бидејќи бевме блиску до хижата Вихрен но тоа е тоа и повторно назад по истите стапки во снегот и довидување Вихрен. Повторно сме збунети и дури сега некако по свесни за ситуацијава во која се најдовме. Вчера немало скијање на цело Банско, денес исто така, се блокирано, а 7 планинари се движат напред назад во епицентарот на настаните. Еве не пак на блокадата каде има уште повеќе униформирани луѓе од пред 1 час. Сега сме другари со шефот и послободно разговараме и бараме дозвола за искачување на врвот Тодорка и повторно ДААА!!!! и добиена дозвола за движење во тој правец. Време = фантазија, снег = фантазија, терени са скијање = фантазија, ние = фантазија.Зошто? Па само ние сме горе, сите под нас, како да сме го откупиле правото на користење на центарот и движење по Пирин, а илјадници скиори од цел свет (пардон и сноу бордери и турно и телемарк скиори и се) се долу во Банско и не знаат што да прават, а ние знаеме се движиме угоре и уживаме во се околу нас.


Главниот штаб на терените за решавање на проблемите


Сите угоре како еден

Добро се движиме, напредуваме и еве нешто над 2335 м.н.в. почнаа да се слушаат и одекнуваат детонации на експлозии од некаде силно и долго ехооооо... или пак почесни плотуни за нас (малку сме важни) што стигнавме до 2560 м.н.в. крајната куќичка на центарот и први гости на таму затекнатиот дежурен и љубезен домаќин. Брзо се привикнавме на татнежите, детонациите и одеците и сега сме во топла просторија кај дежурниот на закрепнување, на добивање некои информации кои ги баравме, па си честитавме за искачувањето и уште не можеме да веруваме дека навистина се ова е реално и зошто токму нам ни се случува вакво нешто. Надвор -10Ц,но без ветер, без облаче, без гужва но еве и 2-3 сноу бордери и толку. Малку одмор, средување па уште малку нагоре до еден крст, поглед на долината и хижата Вихрен, врвот Вихрен, се наоколу до Рила и Мусала.


Прегратка за целиот свет


Прекрасните Вихрен и Кутело


Кај крстот

За кратко од дрвениот крст уште малку угоре и доста. Зошто? Скоро сме на 2600 м.н.в., а за малку ќе останевме во Банско и ќе останевме без се ова горе доживеаното и опишано, а угоре е тврдо, лизгаво, каменито, стрмо, опасно и нема потреба да се ризикува бидејќи и се ова до сега доживеаното беше вид награда за сите нас која вечно ќе ја паметиме.

 


Поглед кон врвот Тодорка

Дишеме длабоко, се прочистуваме, се дрогираме со се она што е наоколу и апсорбираме во нас, следуваат многу фотки па ни дојдоа и гости без ранци од Словачка двајца момци, а потоа и одговорните за расчистување на проблемот од високо да ја надгледуват операцијата (дојдоа со ратраци Еверест), и околу 13:00 решаваме по друга патека да се враќаме назад, додека претходно Душко, Виктор и Денко одлучија да одат до хижа Дамјаница и таму да преноќеваат.


Ратракот "Еверест" - во позадина Рила, а долу Банско

Спуштањето беше пропратено со многу лизгања, а Мето беше цар и хит бидејќи во полна мерка ја искористи пластичната под заднична санка (диск, чинија) и утврди како добро се препарирани ски пистите и можеби 40% од патот до Шилигарник го помина на пластиката и дел од задникот. Последица беа мокри пантолони но полно срце и многу смешни ситуации т.е. превртувања по снегот.


Meto The Great


Мето на едноседешница се спушта надолу

Повторно уште неколку детонации, а долу кај критичната точка уште повеќе сниматели, објективи но и голем воен камион со голем артилериски топ на приколка и вистински гранати спакувани во дрвени кутии. Испуканите чаури не ги видовме па да земеме за спомен и долго сеќавање (мала шега, бидејќи војниците сигурно ги собираат) на овој незаборавен ден. Бидејќи некако не бевме уморни решивме пеш да се спуштиме до дома т.е. Банско, а заштедените 50 Лева (за превоз) вечер добро ќе ни дојдат. Најдовме кратенка со многу снег, остар нагиб, скриени вили и планински мали и големи куќарки во густата и висока елова шума, патчиња, мовче, рекичка полна со обли камења замрзнати со чудни форми и се тоа сами, се за прв пат и триумфално пред крај излеговме на вештачкиот снег на патеката бр.1 се до почетокот на кабинките.

16:00 часот и пак во цивилизација, а погледите прво одат кон Вихрен па кон Тодорка и восхит за се она што поминавме. Времето се наоблачува, облаци се спуштаат над врвовоте и прогнозата за промена на времето се остварува. Полека стигнавме до хотел Ротманс од каде утрово тргнавме, а таму не изненадија нашите и домаќинот Митко со тоа што утринското интервју и нашата екипа биле прикажани на ТВ вести, па примаме честитки од нив и така станувме ѕвезди на денот.. Следуваа многу изјави од прва рака за тоа како сме си поминале па наше средување или дотерување, па долг ручек/вечера со се и сешто и одличен апетит, пропратен со неколку пати Живели, На Здравје, За арно за убаво, а наздравувањето и малку играње во ритамот на музиката продолжи во еден клуб се до 01:00 часот.

Следниот ден, неделата 04.02.07 год. немаше организирана планинарска активност туку секој сам по своја желба си го искористи на свој начин (трчање, скијање, шетање, шопинг, базен, масажа, долго спиење и др.).Стигнаа и Душко, Виктор и Денко кои убаво си поминале во домот Дамјаница со домарот, а успеале да се искачат и на врвот Тодорка 2746 м.н.в (без Денко).

Во 16:00 ч. тргнавме за Скопје сите задоволни но овој пат преку Деве Баир т.е. Куманово што испадна подобро и побрзо решение се до моментот на 20 минути до Бугарската граница кога заглавивме кај КОКОШКИТЕ (Ресторан и мини маркет) само час и половина, па премин преку граница и брз спуст од граница кон Крива Паланка па кон Куманово како да сме на трка и награда од "мајсторот“ за нашата издржливост беше повторно танкирање на резервоарите од истата Б.П. што значеше повторно до Катланово и еден час подолг престој во бусот. Конечно сите здрави и живи стигнавме после полноќ во Скопје, побогати за нови искуства, авантури и необични случки кои се случуваат само со ваков тип екскурзии.


Довидување до следниот пат ... во Банско

ПОРАКА : Ако сте расположени за вакви доживувања, дружете се со планинарите, ако не седете дома на топло и читајте ја нивната веб страница !!!

 


Марин Стојановски


© Copyright 2004 - 2014 Makpetrol A.D. Skopje