Планинарско Спортско Друштво МАКПЕТРОЛ Скопје > Макпетрол Home 
         Почетна страна
         Годишна програма
         Акции
         Документи
         Историја
         Библиотека
         Високогорство
         Topo Maps
         Контакт
         Линкови

 

 

 

 

Шар Планина : Титов Врв - ноќен старт - 03 март 2013

Најчесто треба некоја жртва да падне за да се постигне тоа што се сака. Слично на минатата година и овојпат за да се доживее едно Шарпланинско, зимско, целосно изгрејсонце треба од Скопје да се тргне околу полноќ. Тоа значи една непроспиена ноќ или ноќ и ден како комплет поминати на падините на Шара, далеку од благодетите на цивилизираното општество.

Со Виктор градот го напуштаме околу 01 20 часот, тоа е веќе 03.03.13 год. (се потрефија тројките), за да не дочека ретка магла на 1-2 км пред паркингот и температура од -6 степени на Шапка. Времето е тивко, магловито, светат само запалените светилки од објектите, не залајаа ниту кучињата, се слушаше само нашето подготовување на ранците и опремата која ја носиме. Времето беше мирно, без ветар со доволна видливост, така да во 02 :30 часот ја стартувавме оваа акција по скоро замрзнатата и одлично натапкана ски патека на Церипашина, а за да се движиме безбедно после првите неколку метра успон мораше да ги монтираме дерезите на планинарските чевли. Сега без страв, со сигурни чекори угоре, чекоревме кон целта, само што овој пат, не видовме ниту една ѕвезда, ја немаше ниту месечината, ниту светилките на бројните населени места во Полошката котлина, затоа што по првата шестина по патеката влеговме во густа, многу густа магла и силен ветер. Иако светилките на главите ни го покажуваа патот,иако газевме по ски патеката (видливи треги од ратрак и скиори) на момент, два битна  ориентација ни беа столбовите од едноседот, а покасно и од двоседот, така да во 04 часот влеговме во кучичката на спасот (крајот од двоседот Церипашина) која многу пати до сега ја имаме спомнувано. Првиот момент кога влеговме внатре ни личеше на некоја бинго добивка, но покасно тоа не излезе така, затоа што до 05: 45 часот кога ја напуштивме научивме нова лекција од планинарството. Како, па на своја кожа и свое тело, а така таа лекција нема никогаш да се заборави. Ние внатре, а надвор, ноќта, маглата, ветрот, и по такво невреме (знаејќи што би било горе на гребенот пред Антени) решивме да не мрдаме од тој мал, затворен, полн со промаја, ладен простор, се додека времето не се смири. Веднаш облековме се топло што носевме со нас но тоа испадна НЕДОВОЛНО, затоа што сфативме по само едно 30 тина минути дека се наоѓаме во фрижидер, не оној за длабинско смрзнување, не оној обичен, ами нешто измеѓу.


монтажа на дерезите


топлиот под во ладната соба


ладната куќичка

Замислете, загреани па еден час и четериесет и пет минути постојано да се ладите, да стоите во место, да ја губите внатрешната топлина, да чуствувате како се празните, да почнете да се тресете од студ, а надвор шиба ветер, чија јачина ја слушаме и од внатре, а уморот е присатен ве тера да заспиете, ама ние сме искусни и сме читале за бела смрт (не беше до тој степен критично) и затоа почнавме да правиме се што знаевме и умеевме за да се размрдаме и стоплиме (цупкање, тресење, чучњеви - прв пат на таа висина од околу 2400м, мавтање со раце, нозе, буквално се, само да не се заспие) и да не сме статични и знајте дека тоа помага, ви ја одржува потребната температура. Малку недостасуваше да решев да се враќаме назад, но како за среќа (на време) излегов надвор (од прозорите ништо не се гледаше) осетив дека звукот на ветрот е послаб, а и просторот за суви тренинзи и вежби ми стана мал па сакав малку надвор да се размрдам и да проверам каде е постудено, но тогаш од исток здогледав некое  расчистување, маглата веќе околу нас беше многу послаба, над нас исто, што ми кажуваше дека за кратко време ќе може наместо надолу, повторно да се движиме нагоре.


почеток на преродбата



утрото се буди

Тоа и се случи некаде во 05: 45 , веќе беше јасно дека за кратко време се ќе биде на наша страна и победнички во борбата со студот, ќе го видиме, снимиме и осетиме повторно на своја кожа изгрејсонцето (06 :10 часот), ќе осетиме како не загрева, како не полни, како го акумилираме, како движејќи се нагоре се загреваме, како се смееме и сме среќни на се она што го гледаме, наоколу, како си одиме по својот пат, како полека на време ќе стигнеме на Титов врв, па назад ќе налетаме на познати и признати спортски фигури како Лиде и Рашо, група странци со турно скии, Марјан, тројца наши младичи, заљубеници во сноубордрингот кои со даските на грб беа пред Бакардан, и после Антените кратка средба со Љаби, и како е убаво кога над тебе има модро небо, без ниту едно облаче, без ветер, силно и топло сонце, а под тебе крцкав снег и колку се сите задоволни што овој ден го поминаа високо горе во планините. Во 16 :30, нашиот двоец ја напушти Шапка, уморен за сон, но презадоволен затоа што видовме и доживевме предвидени, ама и непредвидени нешта кои на овој начин сакам да Ви ги пренесам, интересно враќајќи се назад од  височините осетивме зголемена глад, која по нас се должи на мрзнењето во куќичката (како да организмот природно  се борел за одржување на потребната топлина со забрзано топење на вишокот калории во нас - можда грешам но таков впечаток имавме и двајцата) и затоа одсега за резерва ќе си носиме нешто плус храна во ранец.


пред Антени


Шарпланинскиот "автопат"


кон Бакардан


море од магла


Виктор


под Бакардан


Бакардан


Виктор и Кораб во позадина


Мал Турчин


Титов Врв и Викотр


поглед на север


гужва на Бакардан

Инаку во 09 часот бевме на Бакардан, во 10,30 на Титов врв, во 12 часот повторно на Бакардан или вкупно 14 часа поминати на Шара, за да потоа дома прво да каснам нешто конкретно, а второ веднаш во кревет, треттото го оставив за најпосле, а за Виктор не знам кој бил неговиот приоритет, само знам дека во ауто се мислеше што прво да направи (спење, храна или туш) ама не знам по кој редослед, за тоа си решава секој сам за себе.


патекие на планинарите


враќање во цивилизација

Автор и фотографии: Марин Стојановски


© Copyright 2004 - 2014 Makpetrol A.D. Skopje