Планинарско Спортско Друштво МАКПЕТРОЛ Скопје > Макпетрол Home 
         Почетна страна
         Годишна програма
         Акции
         Документи
         Историја
         Библиотека
         Високогорство
         Topo Maps
         Контакт
         Линкови

 

 

 

 

Тара Маратон 2013 - 17-18 август 2013

Во деновите 17 и 18 август на планината Тара во рамките на истоимениот Национален парк - во близина на гратчето Бајина Башта се одржа првото издание на настанот Тара Маратон. На програмата беа три трки.: првата CROSS со должина 25 km и вкупна висинска разлика во искачување (D+) 1200 m, CHALLENGE - 56 km со 2600 m D+ и најдолгата - ULTRA со должина 99,6 km и 4500 m D+ . За должините може ќе се најдат и други податоци поради промената на патеките пред трката и непрецизноста на мерењата, но секако имаше доволно километри за сите. Покрај овие трки имаше и планинарска акција од околу 18 km за да се прошетаат и запознаат дел од убавините на овој Национален парк богат и со пририодни реткости и со културно-историско наследство. На иницијатива на нашата мала дружина се собра добра екипа од Македонија, вкупно дваесетина души, распоредени по различни трки, секој според моменталната подготвеност, желби и аспирации. На крајот се прекрасно помина, Жико зема прво место на ултрата, а бројни наши претставници освоија пласман во првите три било во генерална било во својата старосна категорија. Но најважно - сите беа среќни и задоволни и научија нешто ново и за трките и за себе.

Во продолжение следува видувањето на Александар Симјаноски на настанот а особено на текот на трката.

 


вечерта пред трките - чекаме за технички состанок со организаторите

 

Согласно однапред направениот план и договор на 16.08.2013 година (петок) Трајче Панковски (Трајче), Софија Панковска (Софија) и Жикица Иваноски (Жико), ме собраа со колата на Трајче неколку минути пред 09:00 на договореното место. А потоа следуваше долг пат од 10-тина часа до Баjина Башта (Србија). Во Баjина Башта пристигнавме приквечер некаде околу 19 часот. Следуваше местење на шаторите, а потоа подигање на пакетите со стартните броеви. Јас како и секогаш, гладен како волк, неможев да дочекам да поминат формалностите, состанок и останатите чуда пред трката и да започне паста забавата која беше закажана за во 22 часот. Конечно дојде на ред и тоа паста парти, додека другите ги одлагаа своите ствари во шаторите, јас и Жико се договоривме да јадеме, па потоа да одиме во шатор. Нормално за Жико, си касна човекот пола чинија макарони, а пак јас си утепав две полни до врв чинии, та нели утре цел ден ќе акаме по планините не личи човек да оди со празен стомак. Се сместивме во шатор, навивме саати да не будат во 04:30, со надеж дека ќе поспиеме некој час пред трката, но адреналинот те тепа, крвта врие, а и во близина се дешаваше некоја журка, гитара, пеење, чуда. Во моментот кога веќе се решив да излезам од шатор и да замолам за тишина, се појави женски глас, културно се претстави на тие што се журкаа како човек од организација и ги замоли да се стишат или да се преместат на некое место каде што нема да им пречат на останатите. Конечно тишина и сладок сон, кој не траеше повеќе од 5 часа.

Уште пред саатот како јас да бев навиен, а не саатот се разбудив и почна припремата. Доручек: два сендвича и некаде околу 2-3 dl сок. Во ранецот ставив резервна маица, шушкавец, таблети јаглен и линекс, Ц-витамин, Б-комплекс, 9 гелови од два различни производители, 5 кесиња со електролити од три различни производители, мало кесе со прва помош, челна лампа со резервен пар батерии, празно шише и мобилен телефон. Иако имаше опција да се остави кеса која ќе не чека на 55 км, на контролна точка Vezanja, сепак некако покомотно се чуствувам кога се си имам со мене во текот на целата трка, па затоа решив се да си носам со себе.


се подготвуваме за старт на ULTRA

Стартот закажан 06:00 се одлага за 15 мин., па трката почна во 6:15. До стартот убаво расположение кај сите, сликање, цупкање, кај секого се чуствува работењето на адреналинот. Во 6:15 трката почна. Напред се издвоивме 6-7 луѓе, Жико, ја, Никола Перац, Бојан Дулејан (бил на UTMB со Жико и Трајче, во разговор со Жико пред трката тој ме информираше дека се работи за доста јак тркач, можеби еден од фаворитите), и уште еден Србин - Игор (тој што заврши како трети на трката, а за кој Перац ни кажа дека е ориентирец). Темпото ми одговараше, не беше пребрзо, а ниту пак преспоро, одлично се чуствував и мислев дека така ќе можам да терам најмалку 5 дена. Перац не информираше за патеката, начинот на маркирање итн. корисни информации и интересен разговор. Уште на стартот имав мал проблем, многу ми солзеа очите, и тоа некако ме правеше нервозен и ми оневозможуваше добар поглед.


водечката група во првиот дел од трката


во близина на Чолаков Брег

Прва контролна точка Colakov Breg, прв перфорира Ориентирецот, по него јас, па останатите од групата, се напив малку вода, немаше потреба да дополнувам па не се задржував многу. Ориетирецот исфорсира малку, Бојан го пратеше, а веднаш по нив тргнавме јас и Жико, групата се распадна па останавме напред само ние четворица. Жико ми делуваше некако лабав, како да нема сила, па почнав да се загрижувам за него, иако тоа не му го кажав. Групата од четворица се спои, но за кратко, повторно заостанавме јас и Жико, а после извесно време почнав да заостанувам само јас. Но некако сите бевме туку на оддалеченост од мах. 100 м и во видно поле. Едно време поради потот ми се скина бројката, подзастанав да ја наместам, тогаш ги изгубив од видно поле Жико и останатите двајца, и како по правило веднаш ја утнав маркацијата. Не можам точно да се сетам каде беше тоа и пред која контролна точка, но знам дека наместо право па малку десно надолу да влезам во шумичката, јас скршнав лево нагоре, трчав додека излегов на еден отворен дел каде се извршуваа градежни работи се градеа куќи или викендици, кога таму на отворено не видов никого од тројцата пред мене, ми текна дека најмалку 400-500 м од скршнувањето наваму немам видено маркација. Тогаш ми текна колку е саатот, колку што можев побрзо се вратив назад и оп веднаш ја најдов маркацијата, но останатите тројца веќе ми се оддалечија многу. Планот беше да ги бркам додека можам, да им дишам во грб се до целта, се надевав дека порано или подоцна некој ќе кризира и ќе можам да го уловам, но се молев на бога тоа да не биде Жика и дека ќе успееме да триуфираме заеднички тимски што би се рекло.


километрите минуваат...

На контролните точки не се задржував долго мах. 2-3 мин., дополнување на вода во меурот, перфорирање на картичката, на секоја пиев по пола шише вода или Aqua Viva Recharge напитоците кои беа обезбедени од спонзорите на трката, и земав во рака по една банана за попат. Ме восхитуваше природата некако повеќе личеше на нашите планини, не толку диво и големо како во Италија на Кортина, ама и не толку питомо и мало како на Фрушка Гора. Луѓето кои ги среќавав попат најчесто ги прашував колку се далеку од мене водечките тројца и секогаш добивав ист одговор 3-5 мин., ваквиот развој на настаните ми даваше сила. Се чуствував како јунак и баш јуначки ме дигна на крилја, кога кај викендиците блиску до ски лифтот, пред КТ бр.3 Sekulici, добив прашање „Одакле си јуначе?“, а ја гордо одговарам „Од Македонија“ и засилувам темпо на успонот нагоре.


во меѓувреме нашите другари во кампот се спремаат за старт на своигте трки


ете ги на стартот


почнува и нивната трка

КТ бр.3 Sekulici заврши успонот на денот 23 км искачување, време на пристигање на контролна точка 2 часа и 45 мин. Согласно планот правен претходниот ден на оваа точка требаше да бидам за 3 ч – 3 ч и 30 мин, бев многу побрз, и повторно добив одговор дека водечката група е на 5 мин. од мене. Одлично, се одеше според планот, следуваше спуст, а потоа успон кој се движеше по патека низ шумичка, во сенка. Потоа патеката се префрлаше по ливада која завршуваше на едно седло, а оттаму следуваше спуштање кое претежно беше по асфалтен пат. Кога се наоѓав на врвот од ливадата во подножјето долу за прв пат забележав човек позади мене.


првиот поглед кон езерото Заовина

Спустот по асфалтот воопшто не ми беше пријатен, и некако полека за прв пат тој ден почнав да губам сила, на чешмата кај што требаше да биде КТ Tocak, подзапрев да се измијам и да се напијам вода, човекот позади мене ме стигна подзастана и тој. Некое време заедно спуштавме по асфалтот, а потоа се одвоив напред. Во разговор ми кажа дека е од Русија. Од асфалтот патеката се префрли во шума и повторно успон се до КТ бр.4 Kremici , овој пат Русинот ме помина и замина далеку пред мене, не можев долго да го пратам ми се изгуби од вид. Во овој дел од патеката имаше можност, да се сече низ шума или да се оди по патот, маркации имаше и за двете варијанти и сето тоа ме збунуваше, па мораше често да одам напред назад и да се мислам кој правец да го фатам. На самиот излез од шумата, во непосредна близина на КТ бр.4 Kremici , ме стигна и Никола Перац, заедно дојдовме на контролната точка. На оваа контролна точка се задржав малку подолго, се повеќе ја губев силата, па сакав малку да одморам. Изедов две лубеници, пиев вода, се обидов со ханзапласт да ги бандажирам брадавиците кои ми беа разранети, и опасно многу ме печеа. Никола си замина, неколку минути после него тргнав и јас. Не очекуваше успон се до Батура, а потоа спуст до КТ бр.5 Vezanja, каде што требаше да има ручек. Успонот од Кремичи до Батура претежно карпа, камен, на некои места каде што ќе се појавеше земја, таа беше сува испукана од суша како да сме среде пустина. Сонцето почна се појако да пече се ближеше пладне и најтоплиот период од денот. На Кремичи заборавив да дополнам вода во меурот, така што цел овој дел до Батура, го поминав без вода пиејќи само електролити од шишето кое го имав специјално за оваа намена. Патеката потоа продолжи повторно низ една шума, а на Батура наидов на едно трло, во кое што немаше ни човек, ни овци, ни кучиња, но имаше чешма и тоа со ладна вода. Задоволен од развојот на настаните со насмевка, се напив од водата се измив, и го дополнив шишето. Меурот не го наполнив, сметав дека сум многу блиску до Vezanja, но не испадна така. Среќа по пат имаше куќи и гостољубивите домаќини ми овозможија да дополнам вода во меурот, шишето и да се измијам. Се повеќе ја губев силата и енергијата, често уринирав и мокрачата беше бела или нормално жолта што ме упатуваше на заклучок дека добро се хидрирам. Редовно тукуречи на секој час јадев по една банана или земав по еден гел, но сепак губев сила, почнаа да ме болат стапалата и главата. Се спуштив на КТ бр.5 Vezanja, таму се измив и за првпат тој ден ја потопив капата со вода за да ми ја лади главата, но изгледа веќе беше доцна, главата ме болеше, а сонцето го земаше данокот. Јадев, ми понудија макарони, но јас си земав чорба со месо на која и дотурив многу сол. Ја сркнав чорбата, каснав и од месото, но не премногу за да немам тежина во стомакот, две кришки леб и една банана, се истегнав, одморив додека јадев и не се задржав повеќе од 20 мин.


на брдата пред спуштањето до Везања

Следуваше спуст до езерото и вртење околу езерото, спуштав со трчање, трчав и некое време околу езерото, но главата се повеќе болеше, а нозете, стопалата, ме болеа до таа мера што мислев дека ќе се онесвестам од болка. Сакав да се напијам аналгин, но стомакот ми се матеше, па ми беше страв да не повратам од аналгинот и да се доведам себеси во уште полоша ситуација. Неможев повеќе да трчам дури и одењето ми беше тешко, бев во агонија, мислев дека во секој момент ќе се превртам, ќе паднам. Кога излегов на чистина кај браната, видов како луѓето се капат во езерото, па ми дојде во глава чудна идеја. Си реков зошто да не слезам на една од плажите да се разладам, ако ништо друго, барем да ги оладам нозете, колку толку ладната вода ќе ми ја смири болката. Поради агонијата, решив вака, натпреварувачкиот дел од трката за мене заврши, во ваква состојба не можам да се тркам, сега ќе уживам во прекраснава природа, не е битно кога и на кое место ќе стигнам на целта, битно е да дојдам на целта. Се спуштив на една од плажите, прашав за правецот бидејќи немаше маркации на браната, а потоа ги соблеков патиките и чорапите и се пикнав во езерото. Ладната вода ми дојде како мелем, се измив по рацете, вратот, главата, ја наквасив капата и седнав со нозете во езеро. Седев така некаде 10-15 мин. од далечина видов како доаѓа еден тркач, а по него уште еден. Двајцата ме поминаа се оддалечија првиот на околу 500-800 м, а вториот на околу 300-400 м далечина.


поглед на езерото од кај Везања

Тогаш решив дека е време да станам, ги облеков чорапите на водена нога, стравував дека заради тоа ќе ми се јават пликови, но немав друг избор. Многу брзо го стигнав првиот, тоа беше Босанецот со брада, Триатлонецот што спиеше во шатор веднаш позади нашиот. Се знаеја со Жико, но јас никогаш не му го дознав името. Од браната нагоре се креваше успон, многу брзо го стигнав и вториот што ме пројде, се запознавме, се викаше Младен и беше од Ваљево. Бидејќи не ми се брзаше, а и агонијата сеуште ми траеше го качував успонот заедно со него, направивме две кратки паузи, Младен се жалеше на проблеми со стомакот, а пак мене почна да ми се приспива, но фативме заеднички ритам пешачевме со некое средно темпо, заедно одевме низ шумата се до макадамот и знакот на кој пишуваше 2,7 км до Милошевац. Падна сонцето саатот покажуваше нешто помеѓу 16-17 ч., главата престана да ме боли, болката во нозете не ја чуствував толку силна како претходно, нозете ми станаа полесни и фатив чекор. Младен заостануваше, се поздравив со него, му се извинив и со многу брз чекор го качував брдото, следуваше рамен терен и слаб спуст низ ливади, а потоа КТ бр.5 Milosevac, на овој дел прв пат почуствував грч на листовите на нозете.

Младен остана многу позади, иако беше отворен терен не можев да го видам. На КТ бр.5 Milosevac перфорирав картица, дополнив вода, за прв пат тој ден се напив Aqua Viva Hydroactive енергетска вода со вкус на праска. Водата не беше многу ладна, но со секоја голтка осеќав како ми ја полни душата, се освежив и со 1-2 кришки лимон. Момците таму, ми викаат, а бе овој вашиов многу јак, ич не се задржа овде ни делуваше како само да ја почнал трката. Ги прашувам: кој наш? Тие ми одговараат: па Жикица. Ги прашувам па што е со Жикица? Тие ми одговараат, па прв е. Прв? Да, им бега на сите за едно 30-40 мин. Ме облеа среќа ми се плачеше од радост, бидејќи веќе физички закрепнав, оваа вест ме дигна психички, се мотивирав, ми се појави желба за тркање. Прашав колку ми бегаат 4-тиот и 5-тиот? Ми рекоа 40-45 мин., ги прашав третиот? Ми рекоа 1ч 30 мин., ама ми кажаа дека тој бил здробен на таа контролна точка, сакале да го посипуваат со вода. Уф си реков еве шанса, мора и треба да почнам да бркам. Сега почнува 20 км долг спуст, испрекинат со рамен терен и мали занемарливи успони, првичниот план пред трка беше да нападнам со сета сила и жестина на овој спуст, а сега само добив шанса и мотив плус. Набрзина се спакував, и пат под нозе.


контролната точка на 67-ми километар - Милошевац

Спуштав трчајќи најбрзо што можам, не се штедев, на малите успони кои ќе се појавеа, качував со одење, лесен и брз чекор. Од време на време повторно ми се јавуваше грч на листовите на нозете, но сето тоа сега не ме загрижуваше. На РКТ Sljivovica , прашав колку се далеку 4-тиот и 5-тиот ми рекоа 20-25 мин. дополнив вода и пат под нозе. Следуваше малку спуст, потоа порамен терен со по некој успон, а пред крај се поминуваше како низ корито на река, имаше многу вирови со кал и мали дрвени мостиња. Идеален терен за трчање, освен делот кај вировите кал кој беше повеќе за да ги наполни очите и душата, отколку за трчање. Калливиот дел се викаше Калуѓерски Бари, па веројатно и контролната точка беше наречена по местото. Од барите се искачуваше не многу долг успон и се излегуваше пред еден хотел. Тука решив да си купам Кока-кола, но се премислив, наместо тоа си зедов сладолед кој ме освежи за сите пари. Малку погоре од хотелот беше контролната точка, но јас тоа во моментот кога пристигнав кај хотелот не го знаев. Застанав и на контролната точка, перфорирав картица дополнив вода, јадев едно големо парче лубеница. Ми кажаа дека 4-5 место се на 15-20 мин. од мене, а дека третиот повраќал и дека на оваа КТ одмарал цели 30 мин. Уф адреналинот прскаше од мене, повеќе не чуствувам ни болка, ни агонија, ми се чинеше дека летам надолу на спустот. Спуштав со сета сила, нема веќе штедење, нема веќе неможам, стискам заби и гази. На околу 1-1,5 км од РКТ Манастир Рача, ги видов Никола Перац и Бојан Дулејан, тие двајца биле 4-5 место. Ги поминав, Перац ми честиташе освоено четврто место, а јас му вратив со фала и реков ќе биде четврто ако издржим до крај.


Жико влегува во целта - прв на ULTRA


финишираат и Тања и Данчо на 56 km

РКТ Манастир Рача, за малку ќе ја одминев точката, но луѓето на пунктот ме видоа, ме вратија назад на прав пат. Наполнив вода, пиев вода малку лимон и шибам. Јас излегов од контролната точка, а Бојан и Перац влегуваа. Следеше успон од 5-7 км, а потоа спуст од 5-7 км, си реков ако не ме стигнат и не ме пројдат на успонот, нема да им дозволам да го направат тоа на спустот. Се чуствував одлично, имав оптимизам, сакав да грабам напред да стигнам до трето, не ни размислував на Бојан и Перац. Фатив одличен ритам, имав перфектен брз и лесен чекор на успонот, до тогаш имав испиено 3 кесиња електролити, решив веќе да не пијам електролити, шишето го полнев со вода, а меурот го испразнив за да бидам полесен на успонот. Вода во овој дел имаше насекаде, имаше река, извори, чешми, шишето го полнев од каде ќе стигнев, не ми беше грижа дали водата се пие или не, од време на време ги ладев со вода нозете и летав нагоре. Непосредно пред да се искачам на врвот го лапнав последниот гел за тој ден (осми), знаев дека нема уште многу до целта и дека доаѓа ноќ, па затоа од двата гела кои ми останаа, се одлучив за гелот со кофеин. Знаев дека брзо дига, ќе ме разбуди, и ќе ме држи горе најмалку час, час и половина, што сметав дека е доволно за да стигнам до цел. На спустот што почнуваше 1 км пред КТ бр.8 Colakov Breg, ме стемни морав да вклучам лампа.


денот полека си заминува

Дојдов на КТ бр.8 Colakov Breg, перфорирав, малку се измив, и наполнив вода, сега го наполнив само меурот, а шишето го спакував, кога спуштам полесно ми е да пијам вода од меур, а шишето можеше само да ми смета па го испразнив и го ставив во внатрешноста на ранецот. Луѓето на контролната точка ми честитаа четврто место и ме храбреа да тргнам во потера по третиот, кога ми кажаа дека тој поминал таму пред 40 мин., духовито им одговорив дека можам да го стигнам само ако го киднапираат вонземјани, тој веќе е на цел или многу блиску до неа. Продолжив да спуштам со ист интензитет, лампата одлично ми осветлуваше, вистинска инвестиција во право време си викам, да не ја купев непосредно пред трката сега со мојата стара лампа ќе се мачев за сите пари. Спуштањето брзо и лесно не чуствувам никакви болки, немам никаква криза, енергијата на највисоко ниво, не чуствувам потреба за ништо освен што побрзо да дојдам на целта. Маркациите беа многу лоши како за ноќно време, недостигаа флуоросцентни траки, па два или три пати го утнав скршнувањето, првиот пат беше најкритично. Ги гледав светлата на Бајина Башта, но не знам зошто скршнав во спротивниот правец спуштив околу 300-400 м должина, гледам знак покажува дека патеката оди во некое друго населено место, не видов никаде маркација, а и не можев да се сетам дека сабајлето сум поминал оттаму. Сфатив каде сум го утнал вртењето и трчајќи се вратив назад, ги видов стрелките означени на еден камен и продолжив по вистинската патека. Иако спуштав брзо, сега веќе бев повнимателен на скршнувањата, подзастанував проверував која е вистинската насока, а потоа летав. Светлата од градот беа се поблиску, а јас бев се посреќен. Конечно влегов во градот, сега се беше полесно имаше луѓе на секој чекор и можев да прашам за правецот, сите ми викаа оди по оваа улица само право се до центарот, маркациите беше тешко да се забележат заради гужвата, но сепак ги имаше. Стигнав до центарот, неможев да најдам маркација, и некое време се шуткав лево десно по улиците три пати влегував во погрешна улица, а потоа некој ми довикна и ми кажа каде е целта. Се завртив и летнав во тој правец на околу 100-200 м беше целта, влегов низ цел, а некој одзади, од кафиќите викна „Еј ене го Александар“, се завртив, и видов дека во мој правец идат Перо, Тања и Софија, ми честитаа, се изгушкавме и конечно мило ми беше да видам некој од нашите.

Потоа следуваше топол туш, две парчиња пица и две пива, и нормално колку и да не можеш, колку и да си истрошен фер и спортски е до крај да ги дочекаш останатите од тимот, Трајко се откажа на 81 км, а Јовица Јованчев го дочекавме негде околу 01:00 часот.


утрото после трката - откочување на краката и размена на импресии во логорот


нашата мала ама весела екипа од Македонија


Жико - нашата гордост - на победничкото прво место на ULTRA - сениори, второ место Владимир - Русија, трето место Игор - Србија

Наредниот ден правевме ладни терапии на нозете во езерото на р.Дрина што беше во близина на кампот, сплаваревме по р.Дрина, се капавме во ладните води кои што ја вадеја и олеснуваа болката во мускулите. Некаде околу 17 часот го фативме патот и се враќавме назад во Македонија. Колку и да ти е убаво на некое место, некако враќањето секогаш е побрзо од одењето, па нешто околу 01:30 се прибравме секој во своето живеалиште или престојувалиште, по што следуваше краток, но сладок сон.


од спуштањето со чамци по Дрина

 

Повеќе фотографии можете да видите на следниот линк :
https://picasaweb.google.com/117320863135421357287/TaraMaraton2013

Автор: Александар Симјаноски
Фотографии: Петар Герасимов, Војкан Недковски, Трајче Панковски, Тара Маратон


© Copyright 2004 - 2014 Makpetrol A.D. Skopje