Планинарско Спортско Друштво МАКПЕТРОЛ Скопје > Макпетрол Home 
         Почетна страна
         Годишна програма
         Акции
         Документи
         Историја
         Библиотека
         Високогорство
         Topo Maps
         Контакт
         Линкови

 

 

 

 

Тара - рафтинг : Батаљон на авантуристи (20 - 24 мај 2011)

Во организација на планинарско-спортското друштво МАКПЕТРОЛ и планинарското друштво „18 Август“ од Скопје, еден цел баталјон луѓе, дури 85-на, од кои 60 жени, тргнавме на 4-дневна авантура (20-24 мај) низ централен Балкан, во разгледување Сараево во Босна, на рафтинг на реката Тара во Црна Гора и на планината Златибор во Србија. Од една страна, бројот на пријавени беше пријатно изненадување за организаторите, но, од друга страна, тоа беше организациски кошмар (превоз, резервации за сместување, распоредот за сместување во хотелот и кампот, паузи и тргнувања, ...).

Временската прогноза за тие 4 дена не ветуваше многу. Дожд, облаци и по малку сонце. Кога Никола (Доновски) во автобусите почна да чита колку дожд ќе врне во текот на следните денови, сите разочарано воздивнуваа. „3,5 мм дожд во Сараево, 4,5 мм на Јахорина, 2 мм во Фоча и 3,7 мм на Златибор“. Но, сите потајно се надевавме дека прогнозата е погрешна.

На 20 мај 2011 (петок ) , вечерта, започна долгото ноќно возење на двата автобуса кон Сараево, преку Ниш, Ужице и Вишеград.

Утрото на 21 мај 2011 (сабота) стигнавме во Вишеград, Босна и Херцеговина, и се сликавме покрај величенствениот мост на Дрина, мостот на Мехмед-Паша Соколовиќ, познат од книгата „На Дрини Ќуприја“ од нобеловецот Иво Андриќ. Убав, сончев ден и засега ни трага од најавениот дожд.


„На Дрини ќуприја“

Околу пладне стигнавме во Сараево и низ градот не прошета Азра, планинарка од Сараево, со своето 5-месечно бебе во прегратките. Ги посетивме: православната црква Св. Архангел Михаил и Гаврил, Баш чаршија, Гази-Хусревбеговата џамија, Католичката катедрала, вечниот оган на паднатите борци за ослободување на Сараево (II Светска војна), изворот на реката Босна.... Конечно и заврна.


Во Баш чаршија


Во Гази-Хусревбеговата џамија


На изворот на реката Босна

Вечерта се сместивме во пансион и мотел на олимписката планина Јахорина, на 30-тина км од Сараево. По вечерата покрај каминот Никола ја извади гитарата и забавата почна. Вечерта го славевме (божемниот) роденден на Радомир (колку да имаме повод за да се напиеме пиво и вино, да заиграме и запееме) и се забавувавме до доцна во ноќта.


Забава

22 мај 2011 (недела)

Утрото тргнавме на прошетка по околните падини на Јахорина. Чекор по чекор, почнувајќи од 1.500 м. големата група луѓе се искачи на највисокиот врв на Јахорина, врвот Огорјелица (1.916 м.). „Ако не не прелажавте дека врвот е блиску, немаше да се искачиме“ велеа луѓето, сега весели и радосни што (некои за првпат) се искачиле на таа височина. Брзо почнавме да се симнуваме кога ги видовме сивите облаци и првите грмотевици во далечина. Дел од луѓето, за среќа во близина на пансионот, ги зафати вистинско невреме со град. По невремето по улиците на населбата имаше купови град.


Град на Јахорина


Неуморните Кате, Вале, Светле, Зујца, Весна, Ана


На врвот Огорјелица (1.916 м.)

Попладнето тргнавме кон Фоча и кон рафтинг клубот Монтингс, на босанската страна од реката Дрина. Патем гледавме филм за планинарење, но виулестиот пат по кој се возевме им го одзеде вниманието и здивот на тие што седеа до прозорците кога видоа дека автобусот виси над амбиси. Двата големи автобуси се паркираа и река луѓе излезе во кампот. Љубезните домаќини не пречекаа со ракија и не сместија во двокреветни и повеќекреветни соби.


Рафтинг кампот Монтингс

Вечерата повторно премина во забава до доцна во ноќта сега славејќи го (повторно божемниот) роденден на Зоран. Музиката од разгласот ечеше низ планината Тара, а сите играа и пееја околу масите.


Две јагниња за вечера

23 мај 2011 – понеделник

Ден за рафтинг. Сите возбудено по 100-ти пат прашуваа кога ќе тргнеме на рафтингот, дали ќе ги соберат оделата, дали е опасно, ...... Домаќините од кампот на 60-тина луѓе ни поделија неопренски одела, чизми, појаси за спасување и шлемови, а вредните работи (пасоши, мобилни телефони, паричници) им ги оставивме на неколкумината кои не дојдоа на рафтингот. Се облековме во тесните одела, ги ставивме шлемовите и појасите за спасување и почнаа да штракаат фото апаратите. Се смеевме на нашиот нов изглед.


Подготвени за рафтинг

Планот за тој ден беше сите, облечени во рафтинг одела, со комбиња да преминеме во Црна Гора, на 24 км од нашиот рафтинг камп Бастаци, и потоа со чамците да се спуштиме до кампот. 20 км веслање по дивата река Тара и 4 км по мирната Дрина.

Не распределија во 8 чамци со по 7 до 8 луѓе во секој чамец и со по еден кормилар. Не поучија како да весламе, каде да седиме, што да правиме во случај на опасност, ... и еден по еден чамец тргнавме по реката.

Возбудата почна уште веднаш. Првите „букови“ (слапови) беа веднаш зад кривината. Водата силно, како лушпа од орев, ги креваше и спушташе чамците, а ние се трудевме да весламе, викајќи од возбуда. На фотографиите, кои подоцна ни ги поделија во кампот, сите бевме со возбудени лица, со „ококорени“ очи и отворени усти.

Кога го поминавме букот Борови, одеднаш видовме нестварна слика. Црвен шлем пловеше по смарагдно сината река, а под шлемот ... нашиот возач Зајко. „Што ли прави Зајко во вода? се прашувавме во себе. Изгледаше како да го тестираше она што ни го кажа кормиларот: „Ако паднете во реката, нозете нека ви бидат напред, главата горе, а рацете на страна“. Во прв момент не разбравме што се случува. Тогаш нашиот кормилар свика „Брзо, треба да го спасуваме човекот“ и силно завеславме. Брзата река го превртуваше Зајкота, а тој како да не се обидуваше да се фати за камењата и мирно пловеше низ реката (подоцна ни кажа дека водата била толку брза и ладна што не можел да се држи за карпите). Му се приближивме и нашиот кормилар пожртвувано се фрли во реката да го фати. Кога Зајко се качи во чамецот ни кажа што се случило. Еден од чамците удрил во карпа, се превртел и сите осмина паднале во реката. Ние смрзнавме од страв. А, никој од нас, преминувајќи го слапот каде што се преврти чамецот, поради големата возбуда, не видовме ништо.

Чамците застанаа на брегот и сите бевме во исчекување. „Што се случува со нашите пријатели?“, се прашувавме. Кога после 20-тина минути превртениот чамец помина покрај нас со сите во него, живи, здрави и насмеани, но потполно мокри и смрзнати, се слушна силно ракоплескање и мафтање со веслата. Им честитавме на голема храброст и повторно завеславме. Силната река повторно не носеше низ буковите и повторно сите викавме од возбуда.

Патем застанавме на брегот за да посетиме водопад во шумата. Сонцето грееше и не топлеше во влажните одела.


Под водопадот

 

Продолживме со веслањето и како да немаше крај од возбудите. Повторно букови, повторно викање, се додека Тара не се влеа во мирната Дрина. И како да не бевме доволно изводенети заврна силен дожд. Сликата беше нестварна: врне силен дожд како од чешма, а 60-тина луѓе развикани и насмеани веслаат по мирната река.

Стигнавме до нашиот камп, ги извлековме чамците на брегот и со трчање се пикнавме под тушевите со врела вода. Се одморивме од силните возбуди и на вечерата се стопливме со вкусното јадење, вино, пиво и прославата на уште еден (божемен) роденден (на Весна П.). Вработените во рафтинг кампот неколкупати повторија дека досега немале толкава група весели луѓе кои направиле толку добра забава од која буквално ечеше планината.

Сите возбудено ги прераскажуваа случувањата на рафтингот. Буковите биле вакви, кормиларите биле такви, ... Се шегувавме со нашите пријатели од превртениот чамец: „Нашите нуркачи“, „Нашите паднати борци“, ... Но, и тие станаа и заиграа на веселата музика.

Синот и пишал СМС порака на Весна П. (која беше во превртениот чамец): „Да не се преврти некој чамец?“. А, Весна му пишала: „Па, да, .... се преврти еден“. ......„Нашиот“ : - ) : - )


Дел од кормиларите

Забавата траеше долго во ноќта. Но, вистинска кулминација настана кога го најавија (вистинскиот) роденден на Борче Г. Група девојки (Весна, Зујца, Ана, Вале, Кате и Светле), подготвиле кореографија и кога преку разглас ја пуштија песната „Еј, Боро, лепи Боро“ станаа и заиграа. Сите други воодушевено се смееја и ракоплескаа. На славеникот, од Фоча дури му набавиле и роденденска торта со свеќички.


Славеникот Борче Г.


Нашите храбри „рафтери“: Рајна, Ивица, Силвија, Надица, Весна, Вера

Забавата заврши некаде околу 3 часот наутро, 24 мај, 2011, вторник , иако будењето беше закажано за во 6 часот. Но сите, со подготвени куфери и торби, во 7 часот се најдовме на доручек и тргнавме кон Златибор во 7:40, само со 10-тина минути задоцнување, што за толкава група е голем успех.

Преку мобилен телефон уште од Босна резервиравме билети за возење со возот „Шарганска осмица“ (парна локомотива со вагони) во 10:30 часот. Водичката Миланка Арсиќ брзо „ги провре“ двата автобуса преку границата. Дури ни успеа да го задржиме цели 25 минути возот полн со странски туристи. Со трчање излеговме од автобусот, купивме билети и за нас и за нашите пријатели во вториот автобус, и се качивме во возот. Но, шефот на станицата, и покрај нашите молби да почека уште некоја минута на вториот автобус, сепак не дозволи дополнително доцнење. Кондуктерите свирнаа со свирчето и возот тргна.

Возачот и водичот во вториот автобус, и покрај тоа што требаше што побрзо да стигнеме до железничката станица, прво дозволиле неколкумина на граница да одат во тоалет, и второ, го погрешиле патот, и за жал, не стигнаа навреме. Но, нашите пријатели од другиот автобус отишле во Дрвенград (хотел - етно село Меќавник) каде што шетале по улиците и куќите именувани по Фредерико Фелини, Иво Андриќ, Марадона, Кастро, Гагарин, и уживале во погледот на околните планини. Дури се сликале и со познатиот режисер Емир Кустурица – сопственикот на Дрвенград.


Возот „Шарганска осмица„

Нас возот „Шарганска осмица“ не возеше горе-долу по Мокра Гора, низ тунели, покрај видиковци. Застанавме во местото Јатаре, потоа се сликавме држејќи го Лудиот камен (камен кој исполнува брзи љубовни желби), а од двата видиковца се гледаше долината на планината Мокра Гора и Дрвенград.


Лудиот камен

А, како настанал Дрвенград? Емир Кустурица го снимал филмот „Животот е чудо“ на планината Шарган. И чекајќи да престане дождот за да почне со снимање на филмот со завист гледал како на ридот Меќавник (каде што денес е Дрвенград) секогаш сјаело сонце. Го засакал местото и прво направил куќа за себе, потоа уште една, па уште една, и .... денес во хотелскиот комплекс има и терени за спорт, подземен базен, ... дури и затвор.


Дрвенград и куќата на Емир Кустурица


Слика со домаќинот (Светле, Емир, Кате, Вале)

Ние ручавме на Златибор, а нашите пријатели од вториот автобус во Чачак и тргнавме кон Скопје, преку Косово.

Заврши интересното патување од кое едни се вратија со засипнат глас од пеење, други со модрици од превртувањето на чамецот на Тара, трети со слики на кои се прегрнати со Емир Кустурица, четврти со ѓезвиња од Баш Чаршија, ... Но, сите се вративме со нови пријатели и со убави спомени од дружењето. Дури и луѓето кои беа во превртениот чамец најавија дека повторно ќе дојдат на рафтинг на Тара следната година.


Организаторите и водичите: Миланка Арсиќ, Горан Николоски, Никола Доновски

Автор: Горан Николоски

Слики: Тања Манчева, Мимоза Андреска,. Миланка Арсиќ, Ана Лекоска, Весна Милевска, рафтинг клуб Монтингс

 

Рафтингот на реката Тара на сите ни остави голем впечаток, а Дана Дина Колевска напиша и песна (според песната „И тебе сам сит кафано“ од Харис Џиновиќ).

Rafterski mokri song

Kad me slome sve samoce
na Taru cu opet poci
s neoprenom na guzici
s kacigicom na glavici
raftovacu cijele noci!

Refren:

Zbog tebe sam mokar, Taro,
Da bog da se isusila!
Ti si mene prevrnula,
skipera si prevarila
sta mi radis, Taro, Taro!

Rafteri su celjad cudna
kazu Tara nema duse!
Sjecaju na velke vode
kada skoro glava ode
zbog te reke divljakuse!

Tara reka moja tuga
ali bez nje necu moci
neopren cu novi kupit'
u camac se opet bacit'
Tara ce mi glave doci!!!!


© Copyright 2004 - 2014 Makpetrol A.D. Skopje