Планинарско Спортско Друштво МАКПЕТРОЛ Скопје > Макпетрол Home 
         Почетна страна
         Годишна програма
         Акции
         Документи
         Историја
         Библиотека
         Високогорство
         Topo Maps
         Контакт
         Линкови

 

 

 

 

Сува Гора : с.Ларце - Табахон - Матка - 27 ноември 2010

Во сабота - рано наутро - мала група авантуристи појде со возило од Скопје во правец на Тетово - поточно во близина на с.Групчин. Мојата сопруга не вози нас тројца : Васко Саздовски, Александар Кираџиев и мене - Трајче Панковски. Пред Групчин има одвојување од автопатот - се продолжува паралелно со автопатот. На второто одвојување во лево - во подвозникот под автопатот треба да се сврти. Патот ве води прво низ едно друго селце - Чифлик, за да наскоро навлезете во с.Ларце. Патот е асфалтен, тесен но добро сочуван. Ние сме тука во 8:15 наутро. Претходните денови беше врнежливо, па малку бевме во прашалници за квалитетот на патот што не чека. А она што го замисливме беше нешто што би го нарекле авантуристичка тура - движење од едно до друго место - терен досега непоминат, со барање на патот во тек на движењето, а на места каде што може да се трча - да трчаме. Активност која бара одлична кондиција, јака волја, посветеност, добра ориентација во просторот. Идејата ни беше појдеме од с.Ларце, да се искачиме на планината над него - Табахон и потоа да продолжиме о сртот на Сува Гора до Матка. Меѓу другото - сакавме да испитаме каков е теренот за трчање, за да евентуално организираме некогаш трка на овој терен.


тројцата ентузијасти жедни за нова авантура

Но што ни е во позадина на овие активности. Во текот на минатата недела направивме начелен договор со една (помала) група на атлетичари и планинари да се обидеме во идниот период - околу 2 години - да се подговиме и да се пласираме за најпознатата и воедно најтешка трка "на нозе" на европско тло - UTMB - Ultra Trail du Mont Blanc - трка која има должина од 166 km и висинска разлика од 9500 m. Предизвикот е преголем, бројот на учесници е ограничен и треба да се соберат одреден број поени на други трки за да може да се пласираш на оваа. А треба многу, многу, многу да се тренира и тоа по најразличен терен и по најразлични временски услови.

Има разлика помеѓу неколку слични дисциплини, па би сакал тука да ги појаснам.

Планинско трчање е активност која се одвива на отворен терен - на планина. Натпреварувачите се лесно облечени, патики, маички, гакици или хеланики. Може да носат појас за рехидрација. Трчаат без помош на планински стапови. Трките се одржуваат по добро познати и обележени патеки, каде цел не е ориентацијата, туку брзото поминување на патеката. Должината на патеките е од 4-5 km за младинки, до 12-15 km за сениори.

Трекинг трка е натпревар кој се одржува во природа, на планина, но на терен на кој не е обележана патеката. Обично должините се поголеми - од 30 km па нагоре. Натпреварувачите добиваат карта и компас - со неколку контролни точки кои треба да се поминат - значи потребна е некаква основна ориентација. Условите на патеката може да бидат тешки, временските услови исто така не баш пријатни - тоа е трка на снаоѓање, издржливост. Дозволена е употреба на планинарски стапови. Натпреварувачите мора да носат ранци со одредена задолжителна опрема - вода, капа, ракавици, челна лампа, резервни батерии, кутија за прва помош.

Авантуристички трки се мултиспорт натпревари во кои обично учествуваат екипи - најчесто треба да е мешан состав - машки и женски. Вклучуваат повеќе дисциплини : планинско трчање, планински велосипедизам, пливање, веслање кајак, кањонинг, качување по карпа и спуштање по јаже (абзел) и други секакви можни пречки. Исто така се со голема должина, може да траат неколку дена и притоа големи се шансите во текот на трката екипите да залутаат. Покрај сила и издржливост бара и техничка подготвеност на натпреварувачите.


село Ларце

Да се вратиме на нашето авантуристичко патување. Појдовме од селото Ларце кон север. На патот наскоро почнаа да се појавуваат вирчиња со вода и со кал. По неколку заобиколувања на ваквите пречки по околната трева и грмушки, и кратки преговори со една група од 2-3 кучиња - се одлучивме да ја напуштиме првобитната идеја да одиме од околу на Табахон - патеката ќе ни донесеше премногу кал и ќе не успореше - немаше да има услови за трчање. Затоа тргнавме директно нагоре во правец на врвот. Тоа беше движење практично по едвај видлива патека - или се движеле животни или ловџии повремено тука минуваат - патеката или ја нема или се наѕира. Стрмно. Наскоро ни се придружува едно ловечко куче - газдите му се тука некаде - ги слушаме повремено, а еднаш - дватати имаше и истрели. Викаме повремено за да не им текне дека ние сме некој дивеч. По некое време - на висина од околу 1200 m почнуваме да газиме снег. Наскоро снежната покривка станува се подебела, па ние, со патики, почнуваме да си ги мокриме патиките и чорапите. Ама и пред поаѓање бевме подготвени дека ова ќе не пречека на патот, па не се жалиме туку продолжуваме право нагоре. Искрено кажано, не очекував дека ќе има баш толку снег на оваа надморска височина. Како што се приближувавме кон билото на планината, ветрот стануваше се посилен, па кога излеговме горе - тој беше прилично силен - толку силен што почнуваше да не занесува во движењето и моравме да се навалиме на спротивната страна за да одржиме правец. Се искачивме на висина од околу 1700 m. Главниот врв Табахон (кој е само неколку метри повисок од точката на која се искачивме) се наоѓаше посеверно од нас. Силниот ветар и количеството на снег не одврати од идејата да одиме натаму. Бевме лесно облечени и толку ќе ги измокревме нозете што понатака продолжувањето на акцијата ќе можеше да биде доведена во прашање. Пред самиот врв Аце на едно место "заглави" до колена во снегот. Местото каде што излеговме на картата е седлото помеѓу Cafa pleve и Cafa e Culigarvet.


со ловечкото куче по снегот - Васко и Аце

Од сртот се отвори поглед кон висорамнината околу Табахон. И во вакви сурови временски услови не можев да не уживам во таа прекрасна глетка. Секако ќе дојдам тука кога е убаво време и кога има трева и цел ден ќе шетам по околината.


пред излегувањето на гребенот (1723m)


поглед по гребенот на Сува Гора во правец на Матка и Водно

Решивме по сртот да одиме со трчање - за да се загрееме и да што побргу му побегнеме на силниот ветар. Кученцето се уште не следеше, ама сега почна да квичи. Се обидовме на неколку пати да го избркаме да се врати назад.

Наскоро се искачивме на тоа врвче (1723 m) и потоа почнавме да се спуштаме - повторно со трчање по средно стрмната падина надолу. Ветрот тука послабо дуваше па наскоро убаво се загреавме и уживавме во трчањето по снегот надолу.

Од Табахон (за неговото откривање му должам благодарност на Димитар Боцевски) се отвара прекрасен поглед кон цела Шар Планина, кон масивот на Јакупица, кон езерото и браната Козјак. Место создадено за посети и уживање во убавините на Македонија.


Шар Планина покриена со тазе снег


езерото Козјак

Продолжуваме со трчање по снегот уште надолу - се до висина од околу 1300 m , кога го минуваме (сечеме) асфалтниот пат кон иде кон селата Луковица и Седларево во правец на езерото Козјак. Тука е границата на снегот. До оваа точка може да се стигне од селото Ларце ако се појде на југ - има убави патчиња. Ние намерно се опредливме за подолгата и потешката варијанта. Во случај кога би ни се брзало - на пример ако правиме тура од тука преку Матка до Скопје, би оделе од оваа страна.


Васко и Аце на пат кон Матка

Тука се обидуваме да ги исчистиме патиките и чорапите од снегот. Успеваме во тоа но мокрите чорапи си остануваат. Се надеваме дека со понатамошното трчање и загревање делумно ќе се исушат.

Одиме понатаму - на северна изложеност дува ветар - од спротивната страна е мирно. Комбинираме лесно трчање со одење, зависно од теренот - честопати има помали и поголеми камења и треба да внимаваме како газиме - неколку пати ја виткам ногата, но без посериозни последици.

Го искачуваме Крстец врв - висок 1401 m и продолжуваме по прекрасниот планински гребен кон Матка - дел што сум го гледал од кола секогаш кога сум се движел по автопатот и секогаш сум мечтаел еден ден да го поминам "од горе".

Понатаму теренот кон Илиин гроб, а особено кон Согоре и Раса е поизразито карпест, на места патот е тесно карпесто гребенче кое треба внимателно да се помине. Често пати за да ги заобиколиме карпите одиме по зараснати патчиња, а гранките и трњето ни ги гребат нозете, така да на крајот бев прилично "исшаран" по нозете, бидејќи моите хеланки беа до колена, а на Васко хеланките на крајот беа скинати на едно место. При искачувањето кон Раса на некои места моравме да ги користиме и рацете за да се искачиме по карпите. Нам тоа ни беше убаво и многу забавно. Времето веќе беше многу подобро - ветрот беше стивнат, сонцето убаво светеше.


поглед наназад кон Табахон - Аце и Трајче


врвот Раса - прилично карпест дел по кој не може да се трча


детал од искачувањето на Раса

Почнавме да се спуштаме кон Матка. Веќе го надминавме предвидениот рок - она што ние го испланиравме. Беше околу 13 часот кога почнавме да се спуштаме, а нашиот план беше околу 12:30 или 13 веќе да бидеме на Матка. Ова доцнење беше поради теренот за кој се одлучивме дека дефинитивно не е да правиме трка - бидејќи ако и се друго е во ред, на спуштање е многу незгоден, со многу камења, гранки и трње, па при поголеми брзини може лесно да дојде до повреди и скршеници.

Васко имаше договорено патување кое сега мораше да го одложи за некој саат. Се слушнавме неколку пати со жена ми за да и кажеме дека ќе задоцниме. Конечно излеговме на асфалтниот пат над селото Горна Матка и почнавме да трчаме во правец на тоа село. Жена ми со кола појде во пресрет кон нас, за да добиеме во време. Се сретнавме на висина од околу 770 mnv . Тука ја завршивме денешната авантура - весели и задоволни. На враќање на моменти дури не ни се веруваше кога ќе се сетевме на ситуациите и суровите временски услови во снегот и ветарот кај Табахон.


над Матка

Технички податоци :

Должина на патеката : 26 km - ако продолжевме до Долна Матка ќе имаше уште 2-3 km
Висинска разлика (вкупен успон) : 1830 m - Макс.процент.успон : 46,6% - Просечен.проц.успон : 14,4%
Висинска разлика (вкупен спуст) : 1640 m - Макс.процент.спуст : 43,6% - Просечен.проц.спуст : 11,3%
Најниска точка : 560 m
Највисока точка: 1723 m



3D GPS-регистрирана патека


профил на патеката

Повеќе фотографии можете да видите на следниот линк :
http://picasaweb.google.com/117320863135421357287/SuvaGoraNov2010#

GPS записот можете да го симнете од :
http://www.stazeibogaze.info/2010/11/29/suva-gora-s-larce-tabahon-matka/

За крај - како десерт - текст од почитуваниот планинар и професор Ферид Мухиќ за Сува Гора на <<овој линк: "Прамен Волна - Сува Гора">>

Автор: Трајче Панковски



© Copyright 2004 - 2014 Makpetrol A.D. Skopje