Планинарско Спортско Друштво МАКПЕТРОЛ Скопје > Макпетрол Home 
         Почетна страна
         Годишна програма
         Акции
         Документи
         Историја
         Библиотека
         Високогорство
         Topo Maps
         Контакт
         Линкови

 

 

 

 

Стогово : Дводневна зимска убавина – 26-27 март 2011
Прв ден: Остри Камен, Кршисер, Османица

Во деновите сабота и недела - 26 и 27 март 2011 година група планинари од Македонија и од Србија бевме на падините на планината Стогово - снежната убавица во западниот дел на Македонија. Организацијата беше од нашиот планинарски клуб - МАКПЕТРОЛ заедно со нашите пријатели од ПК БАЛКАН од Белград. Од Белград во раните утрински часови во саботата пристигнаа четири планинари предводени од Миланка Арсиќ. Тие и ние петорица од Скопје се сместивме во три коли и појдовме од Скопје околу 5:30 часот.

Учесници во акцијата: Миланка Арсиќ, Милорад Џелалија, Душко Дамјановиќ, Драган Богдановиќ, Марин Стојановски, Александар Буцевски, Томе Попчевалиев, Петар Герасимов и Трајче Панковски.

По пат застанавме во Маврово и причекавме околу половина час за да пристигне лебот - оние кои немаа леб да си купат за во село Гари, бидејќи таму немаше да се купи.

Околу 8:30 пристигаме во Гари - тука не пречекува чичко Васе - нашиот добро познат домаќин. Присутни се повеќе други луѓе од селото - тој ден го определиле да биде "денот на дрвото" и се спремаа да заминат на садење млади садници по околните ридови. Ние на брзина се сместивме по собите, ги оставивме работите што не ни се потребни и - нестрпливи што поскоро да почнеме со запознавање со планината - во девет часот - појдовме - група од девет.


по мостот преку Гарска река

За првиот ден планот беше да одиме на источната страна на Гари - накај Остри Камен, Кршисер, Османица. Овој дел минатиот пат го оставивме и сега беше вистинска прилика да го запознаеме од близу - бидејќи од далеку делува прилично атрактивно.

Одиме по убава пешачка патека која селаните си ја уредиле за свои прошетки. По патот на две места има убави зелени клупи како во градскиот парк во Скопје, на кои може човек да седне, да одмори и да ужива во погледот кон село Гари и околината.


селото Гари останува зад нас

Но по околу 2 km од селото мора да се појде многу пострмно нагоре. Селаните прво ни рекоа - "таму не се иде" за да после - откако видоа дека навистина ќе одиме натаму - почнаа да кажуваат - "мислам дека има патека баш по гребенот", "лани јас со татко ми поминавме под карпите"... - значи - можело. Ние од дома го анализиравме теренот и знаевме дека може да се искачи, но дека е интересен и стрмен - тоа се надевавме и така се покажа во стварноста.


искачување по снегот во правец на карпите


стрмните карпести падини на Кршисер

Многу бргу искачувањето премина во таква стрмнина што требаше да се извадат цепините или со стаповите да се оди многу внимателно. За среќа денот веќе беше во поодмината фаза па снегот не беше тврд, иако не и мек, така да беше убав за газење и забивање на нозете. За оние учесници на акцијата од минатиот пат - на Шар Планина кога бевме со шатори и кога ги повторивме техниките за движење по стрмна заснежена падина - овие два дена беа идеална прилика во пракса да се повтори и извежба сето тоа што тогаш беше кажано.


искачувањето по снежната падина


приодот до карпата при крајот на стрмнината

Одејќи нагоре баравме место од каде да го извршиме крајното искачување. Се определивме да поминеме покрај една поголема карпа која штрчеше во тој дел од сртот. Имаше и други места, ама ова ни беше најблиску и оценивме дека можеме оттука да поминеме без поголеми проблеми. Тоа не значи дека поминавме лесно - имаше интересни моменти, но полека и внимателно - целата група успешно се искачи на платото кое ги спојува Остри Камен и Кршисер - на висина од околу 1730 m.


детали од заобиколувањето на карпата


карпата околу која се искачивме и на која потоа се фотографиравме

Правиме одмор од околу половина час за да сите членови на групата се соберат, да се фотографираат во разни позиции и со разни позадини, бидејќи имаше прекрасни погледи на разни страни и планини во околината. Потоа се упативме - како што беше планот - накај врвот Кршисер. Одејќи натаму, забележавме едно мало врвче кое што штрчеше над снегот како пераја од ајкула и на кое имаше еден прекрасен снежен јазик - упатуваше повик да дојдеме и да се искачиме. Бидејќи решивме овој пат да одиме "јако" и да не правиме компромиси - појдовме кон него. Беше прекрасно чувството да се качуваш по такво убаво врвче, по многу цврст снег - како да се наоѓам некаде на алпите. Од врвчето свртивме еден полукруг и стигнавме на Кршисер - каде има наредени камења што го обележуваат врвот.


кон убавото врвче "ајкулина пераја"


и времето помогна во доловување на "алпското" чувство - облаци, ветар

На Кршисер повторно одмараме - криејќи се по околните дупки за да фатиме некаков завет - да не не дува многу ветрот кој стана посилен и студен. Се сликавме сите заедно, малку каснавме и продолживме во правец на врвот Османица - широк и дебел бел (поради снегот) врв на југ од Кршисер.


групна фотографија на Кршисер


езерцето под Кршисер

Среќни што ветрот ни дува главно во грб, чекор по чекор одиме кон Османица - опиени од белината на целиот тој простор. Врвот го лоцираме по тоа што само на него наоѓаме "копно" мал круг со пречник од неколку метри каде има трева - ветрот го издувал снегот баш на врвот. Одиме уште малку на исток - ме интересираше да фрлам поглед во правец на Јама. Од спротивната страна - на запад се гледаат и штрчат со своите карпести форми Канеш и Бик Дорук.


по широкото било на Османица


погледите насочени кон целта за утрешниот ден - Канеш и Бик Дорук

На барање на учесниците - особено на Драган - решивме да продолжиме натаму на југ и да ја преминеме границата од 2000 метри. Се упативме кон Голема Османица. Повторно во пријатна атмосфера, иако некои од учесниците веќе почна да им влијае заморот и засилениот ветар - стигнавме на врвот. По многу кратката пауза - бидејќи ветрот земаше замав, гледавме што побргу да почнеме да се спуштаме и да дојдеме до пониските падини каде би биле зашититени од налетите на ветар.


кон Голема Османица


спуст по убавиот снег надолу - кој со трчање - кој со скијање на чевли

Се спуштаме во долината на Гарска Река - околу има повеќе извори. Ние се упатуваме кон едно убаво средено бачило и тука правиме пауза за да каснеме по некој залак. Потоа пак надолу - по текот на реката. Наскоро реката треба да се премине. Нема мост и секој од нас се обидува да се снајде на најдобар можен начин, а според своите афинитети и способности. Беше многу интересно да се гледа какви се вратоломии беа употребени - но беше убаво искуство и многу забавно.


одмор кај бачилото


Томас во "троскок" преку Гарска река

Од реката уште околу еден час и стигнуваме во селото Гари. Домаќинот Васе не чека. Тој со другите од селото успешно ја извеле акцијата за садење на млади стебла. Сега можеше да се посвети на нас. А ние бевме мокри - снегот на враќање беше многу мокар, а некои се измокрија и од преминавањето на реката и неколкуте поточиња по патот. Воглавно, скоро на сите им беа мокри чевлите, на некои и пантолоните и почна операција на сушење на облека и обувки за да можеме и следниот ден да одиме на планина. Во меѓувреме се правеа супи, чаеви, јадевме и пиевме за да ги наполниме резервите за утре.

За следниот ден договоривме станување во 4 часот (односно 5 часот по новото - летно сметање на времето) - значи во мрак. Сакавме да појдеме многу рано за да го начекаме снегот тврд и да не пропаѓаме во него - барем на искачување. Така - околу 21 часот сите заминавме на спиење,

Технички податоци за првиот ден:

Должина на патеката : 17 km
Висинска разлика (вкупен успон) : 1200 m - Макс.процент.успон : 58%
Најниска точка : 1100 m
Највисока точка: 2088 m


3D патека (со виолетова боја)


профил на патеката

Повеќе фотографии можете да видите на следниот линк :
https://picasaweb.google.com/117320863135421357287/StogovoKrsiserOsmanica#

GPS записот можете да го симнете од :
http://www.stazeibogaze.info/2011/03/29/stogovo-ostri-kamen-krsiser-osmanica/

<понатаму - Втор ден: Бик Дорук, Канеш >


© Copyright 2004 - 2014 Makpetrol A.D. Skopje