Планинарско Спортско Друштво МАКПЕТРОЛ Скопје > Макпетрол Home 
         Почетна страна
         Годишна програма
         Акции
         Документи
         Историја
         Библиотека
         Високогорство
         Topo Maps
         Контакт
         Линкови

 

 

 

 

Јакупица : Солунска Глава - 3 ноември 2013

Старата народна... „Добар глас на далеку се слуша“ уште еднаш се потврди во пракса. Идејата на Данчо, неколкумина од нас да ја качиме Солунска а потоа заслужено да се почестиме со велешка пита (пастрмајлија) во Велес каде изминатиот викенд традиционално се одржуваше питијада, неочекувано доби пошироки размери. Од неколку души станавме група од 30-тина планинари од повеќе планинарски друштва од Скопје, Штип и Виница. Сите, водени од желбата уште еден убав ден да се искористи во природа, не натера во неделата да се разбудиме во 3 ч. за да веќе во 4 ч. бидеме во автомобилите возејќи се во правец на Папрадиште. Нашиот првичен план беше да ја испитаме ново маркираната патека која преку Даутица води кон Солунска Глава а на враќање да ја следиме стандардната патека преку планинарскиот дом Чеплес. Од чешмата во Папрадиште од каде обично започнуваат сите искачувања на Солунска глава, поаѓаме во сосема спротивна насока од стандардната патека која води кон Чеплес (по сеча).

Го напуштивме селото, излеговме на земјениот пат по кој со теренско возило може да се стигне до домот и по само неколку стотини метри скршнавме во лево, навлеговме во букова шума... и така неколку стотини метри.

На нешто повеќе од 1400 мнв. се излегува од шумата и остатокот од патот го одиме по гол терен. Како добиваме во висина така и глетката станува поживописна. Се отвара поглед на Солунска Глава од малку поинаков агол од оној од кој сме навикнале да ја гледаме.

На 1700 мнв. доаѓаме до местото Куртовица каде според добиените информации има чешма со вода која не секнува дури ни во најсушниот период. Чешма не најдовме, наместо тоа наидовме на напуштено бачило и еден поток кој се сливаше од планината и едвај да течеше. Но, на наша среќа ние уште од Папрадиште дисциплинирано си ги наполнивме нашите шишиња со количини потребни за целодневната тура. Патеката оттаму по изохипса водеше директно во правец на нашата цел. Се приближуваме кон Горна бабина дупка каде се спојуваме со патеката која води од Чеплес. И тука по пат кон Горна бабина наоѓаме некои мали поточиња кои и те како би помогнале во критични моменти. Тука, по кратка пауза и консолидирање на групата се договараме следниот поголем одмор да го правиме на самиот врв уживајќи во сончевиот и топол ден.

Но, не испадна баш така. Како се приближувавме кон врвот така и ветерот засилуваше, малите бели облачиња кои до пред малку служеа како дополнителен декор на преубавиот пејсаж, во многу краток период го прекрија целото небо како да сакаа да не потсетат дека нема шала со планината, особено на височини над 2000 м. дури ни на ваков наизглед стабилен ден. Врвот веќе не се гледаше, погледот ни беше лимитиран на едвај стотина метри. Тоа и не беше некој проблем бидејќи сите како искусни планинари веќе знаевме како треба да се опремиме кога одиме на овие височини.

На целта стигнуваме во предвидениот термин, последниот член од групата пристигнува во неколку минути пред 12 ч. како што беше договорено на стартот. Следи редовното пријавување-давање на лични податоци на службеното лице кое не пречека на врвот на самиот влез од војната поставка. Тука се наоѓаме со четири члената група која претходниот ден решија да појдат порано и да преспијат во домот, да се најдеме на врвот и сите заедно да се вратиме надолу. По кратка пауза за пресоблекување и освежување со храна и пијалак, средување на впечатоци и фотографирање, почнуваме со спуштање. Набрзо излеговме од облакот и пред нас повторно се отвори величенствениот поглед на нежилова карпа кој изнудува од секој што ќе се најде таму измешани емоции на страв, восхит, напливи на адреналин како се приближуваме поблиску до самиот раб... тука како по правило се прават најбројните и најубавите фотографии од теренот по што Солунска глава со право се смета за еден од најубавите врвови во Македонија.

Боби, алпинистот од Штип, уште на поаѓање од Папрадиште се издвои од нашата група со намера да пронајде алпинистичка насока и соло да ја искачи нежилова карпа, во што и успеа. Сега веќе комплетираната група, секој посебно, задоволни од постигнатото во зависност од своите афинитети и желби, грабиме надолу во правец на Чеплес преку Долна бабина дупка каде правиме кратка пауза.

Пријатно не изненади кога видовме дека кај домот се случуваат некакви градежни активности. Внатре сеуште не беше ништо променето за жал, но да се надеваме дека во скора иднина ќе се створат најосновните услови па ќе можеме малку подостоинствено да престојуваме во него.

Тука, после заслужениот поголем одмор направивме групна фотографија и се упативме кон Папрадиште низ шумата. Тајмингот ни беше „компјутерски“ точен, како го поставивме, така и го спроведовме во дело тој ден. Групата иако голема функционираше зачудувачки компактно и покрај тоа што повеќето од нас не се ни знаевме помеѓу себе. Можеби тоа даде посебна драж на оваа акција, нови познанства итн. Веќе почнавме со планирање и договарање на следната акција, традиционалното искачување на Љуботен за наредниот викенд. Дружењето го крунисавме со вечера во познатиот велешки ресторан Маринела, во беспрекорна организација на нашиот домаќин Данчо кој се погрижи да добиеме брза и квалитетна услуга и впечатоците од тој ден да бидат навистина комплетни... цело е кога има се :)

Текст и фотографии: Петар Герасимов


© Copyright 2004 - 2014 Makpetrol A.D. Skopje