Планинарско Спортско Друштво МАКПЕТРОЛ Скопје > Макпетрол Home 
         Почетна страна
         Годишна програма
         Акции
         Документи
         Историја
         Библиотека
         Високогорство
         Topo Maps
         Контакт
         Линкови

 

 

 

 

Искачување на Солунска Глава - 9-10 април 2011

„Еј, баш супер викенд имав“, рече Мила. „Бев во Солун по продавници, на кафе. А ти? Каде беше ти?“ – ме праша.

„Па, зар не ме виде како ти мафтав од Солунска Глава?“ и реков.

„Да? И навистина се гледа Солун од врвот?“ – заинтересирано праша Мила.

Од толку убавина што видовме овој викенд, не ми текна да го барам Солун на хоризонтот.

Во саботата наутро, 9 април 2011, по убаво сончево време, во организација на Планинарското спортско друштво МАКПЕТРОЛ од Скопје, 24-ца и кученцето Геа, прво по автопат до Велес, потоа по локален пат преку село Теово, Богомила, стигнавме во село Нежилово, во подножјето на планината Јакупица. Од Скопје до селото Нежилово има 110 км (2 часа возење). Ранците ги ставивме во трактор и поголемиот дел од луѓето тргнаа нагоре кон планинарскиот дом „Чеплес“ на 1.450 метри.


Село Нежилово

Од селото Нежилово по оштетен, неасфалтиран селски пат во должина од 6 километри (1:15 минути брзо одење) стигнавме до стазата која води кон изворот и водопадот на реката Бабуна.


Кон планинарскиот дом „Чеплес“

До изворот и до водопадот има уште 45 минути одење по обележана, тесна планинска патека.


Кон изворот и водопадот на реката Бабуна

Изворот на реката се наоѓа на дното од карпестиот дел на Јакупица која како инка ги собира водотеците од стопениот снег. Седнавме покрај изворот, над кого има пештера, и се разладувавме со ладната вода.


Изворот на реката Бабуна

А, бучниот и буен водопад, на 100-тина метри подолу од изворот, фрлаше ситни капки на сите страни.


Водопадот на реката Бабуна

Од изворот до домот „Чеплес“ има околу 2 часа одење, прво по тесната планинарска патека, а потоа по селски пат, по кого поминуваа и возила, велосипедисти и моторциклисти.

Во домот „Чеплес“ се сместивме во повеќекреветни соби со кревети на спрат и чиста постелнина. Во домот има вода и тоалети. Има и телевизор, кујна со шпорет, садови и бојлер со топла вода. Новиот дел од домот сеуште е во изградба. Домот беше полн со луѓе, планинари, средношколци на настава во природа и студенти кои дошле да учат во мир.

После вечерата ги подготвивме стварите за утрешното искачување и легнавме.

Утрото, 10 април 2011 година во 6:20 часот, по ветровито време тргнавме кон врвот. 17 луѓе.


Рано наутро низ шумата

По обележана стаза (на таблите покрај патеката пишува многу амбициозни 3 часа до врвот), прво низ густа листопадна шума до изворот во (долна) Бабина дупка (1.680 м.), па низ зимзелена шума и ниско стеблеста шума и снег до (горна) Бабина дупка и сртот (2.100 м.).


Врвот Солунска глава во далечина

На сртот не пречека силен ладен ветер и прекрасниот врв Солунска глава во далечина. Бел и висок, и како круна на него, воениот објект на врвот. Се завиткавме во јакни, капи, ракавици и тргнавме кон врвот. Поради ладната ноќ и ладниот ветер, снегот беше замрзнат и чекоревме без пропаѓање.


По сртот кон врвот

Последните висински 200 метри до врвот ги поминавме за околу 1 час. На врвот (2.540 м.), околу 10 часот наутро, не пречека уште посилен и поладен ветер, но и љубезен војник од највисокиот воен објект со луѓе во Република Македонија.


Со развеани знамиња на врвот

На тој студ ги полневме очите и душата со убавина од непрегледните предели пред нас. Од западна страна благите планински линии на Јакупица и Караџица, а од исток, како со нож отсечени, длабоки амбиси и стреи од снег над нив. Во далечина Шара и Кораб на Запад, Пелистер и Кожуф на југ и Пирин на исток.


Во далечина - врвот Љуботен на Шар планина (крајно десно)

Го заобиколивме воениот објект и ја видовме цела северна Македонија: Бегово поле под врвот, Водно и Скопска Црна Гора во близина, и Проклетије во далечина.


Комета врз Македонија?

Врвот, сите со различно темпо, го искачивме за временски период од 3:10 до 4:15 часa. Надолу веќе беше полесно.


Надолу е полесно

До (горна) Бабина дупка стигнавме брзо по сеуште смрзнатиот снег. Но, снегот низ шумата веќе беше „раскашавен“ и лизгав. За надолу, до домот, ни требаа околу 2:30 часа симнување.


Драматична природна сценографија


Последен поглед кон Солунска глава

А, во домот не пречекаа разлаеното кученце Геа и домаќините со големо тенџере топла пилешка чорба (сите состојки за чорбата ги донесовме ние).


Кученцето Геа не пречека во домот „Чеплес“

Се одморивме, се препакувавме, направивме групна слика и околу 16 часот тргнавме надолу кон селото Нежилово. До селото ни требаше околу 1 час пешачење по стрмна, обележана патека.


Групна слика на заминување од домот „Чеплес“

За да ја видат убавата Јакупица и да се искачат на Солунска глава беа дојдени планинари дури од далечниот Сомбор, Република Србија (скоро 700 км од с. Нежилово). Но, и ние од поблиските места, Скопје, Гостивар, Велес, уживавме во убавиот викенд и во дружењето со сродни души и авантуристи.

Технички детали за искачувањето:
•  Вкупно изминати километри за двата дена (9-10 април 2011): 33 км.
•  Од селото Нежилово до одвојувањето кон изворот и водопадот (по селски пат) = 6,2 км.
•  Од одвојувањето до изворот и водопадот (по тесна планинарска патека) = 1,5 км.
•  Од изворот и водопадот до планинарскиот дом „Чеплес“(по тесна планинарска патека и по селски пат) = 6 км.
•  Од планинарскиот дом „Чеплес“ до врвот Солунска Глава (по обележана патека) = 7 км.
•  Од планинарскиот дом „Чеплес“ до селото Нежилово (по стрмна, обележана планинарска патека) = 4,4 км.


Сликовен приказ на патеката по која се движевме во текот на викендот


Графички приказ на висинската разлика

Автор: Горан Николоски

Слики: Петар Герасимов

 


© Copyright 2004 - 2014 Makpetrol A.D. Skopje