Планинарско Спортско Друштво МАКПЕТРОЛ Скопје > Макпетрол Home 
         Почетна страна
         Годишна програма
         Акции
         Документи
         Историја
         Библиотека
         Високогорство
         Topo Maps
         Контакт
         Линкови

 

 

 

 

Штип Trail - планинско трчање - 14 јануари 2012

Оваа календарска година (слично како и претходната) еден - поголем дел од акциите и тренинзите што ќе ги правам ќе бидат планинско трчање - или попознато на запад како trail running. Тоа е разбирливо, бидејќи амбициите на еден дел од нашата екипа е да се појави и натпреварува на одреден број ултра-планински трки во странство. А бидејќи мојот партнер по овие трки од минатата година - г-дин Жико е од Штип, веќе поодамна се договараме да направиме тренинг - "на негов терен". Испланиравме ден за одржување на оваа акција да биде сабота. Од Скопје немаше особено голем интерес - само уште Перо реши да трча со нас. Сосема разбирливо, дека времето не е баш (по некои стандардни мерила) за да трчаш по брда. Вечерта пред акцијата во Скопје почна да вее нов снег и тоа баш онака убаво, па во главите си го вртевме прашањето како ли ќе биде утре на терените предвидени за трчање.

Дојде и утрото - поаѓаме во 6:30 од Скопје - во придружба на нашите госпоѓи кои имаа намера да направат шопинг туристичка тура во Штип. На пат кон Велес - врне мокар снег со ветар. Од Велес натаму веќе не врне, времето дава надеж дека сепак ќе испадне нешто од акцијата. Околу 8 часот сме во Штип и се сретнуваме со домаќинот Жико. И неговите другари со кои обично трча во Штип овој пат решиле да не го дружат - "стравот лозјето го чува". Ама ова лозјево испадна супер овој ден.

Имавме нацртано во нашите GPS-и некаква патека - сакавме да поминеме некои 30-ина километри и да минеме околу кањонот Камник. Стартна точка ни беше една населба на крајот од градот - во близина на зградата на "Канал 77". Ги спремаме малите ранчиња, облекуваме патики, капи, ракавици. Свежичко е и облачно. Но ние сме спремни за нова авантура.


тројката на старт близу "Канал 77" во Штип

Нова снежна покривка има веќе во горниот дел на градот. Почнуваме да трчаме со умерено темпо и меѓу куќите излегуваме од градот. Широкиот земјен пат (покиен со снег) кон селото Шашаварлија го оставаме и поаѓаме по потесни патчиња директно на сртот на брдото - сакав повеќе "off-road" да се движиме. Снег има околу 5 cm, па нешто подоцна стигнува и до 10 cm. На некои места се случува да навлеземе и во некој мал навев, па да пропаднеме и малку повеќе, така да полека - но сигурно - патиките и чорапите во нив почнуваат да се мократ. Времето уште е променливо - облаци, понекогаш навлегуваме во нив па видливоста се намалува, ладникаво ветерче. Но ние трчаме и тоа не држи загреани. Патеката не е многу стрмна така да речиси цело време се движиме со трчање.


кај последните куќи - нагоре кон ридот


се е бело - уживање без граници

По околу 8 km трчкање по околните ридови - стигнавме до манастирот кој е во изградба "Свето Преображение Христово". Значи, отприлика по еден и пол час трчање. Тука има убава чешма. Застанавме, каснавме по едно чоколатце и се напивме вода. Ги слушнавме жените кои беа разочарани од изборот и од цените во продавниците и ни рекоа дека ќе било подобро и тие да појдат во планина отколку во шопинг. Одговор кој некако и го претпоставував.

Продолжуваме натаму. Поради се подлабокиот снег - се договараме дека првобитниот план - да одиме кај кањонот Камник нема да биде баш најдобро решение - прво дека таму поради снежната покривка нема да може баш многу да се види, а второ што таму теренот е пострмен и на вакво лизгаво време - а особено со нашиве патики - нема да биде баш најпријатно. Затоа се определивме за полесна варијанта - да се држиме до пошироките патишта каде што имаат минато некои возила и каде снежната подлога беше поцврста. Трчаме по широкиот пат до село Шашаварлија.


по патот кон село Шашаварлија

Стигнуваме во селото. Прво не пречекуваат повеќе кучиња, сите лаат по нас, некои прилично се приближуваат - насмеани, забите им светкаат. Но немаше никаков проблем. Малку понатаму среќаваме и жители на селото, ги поздравуваме. Има и некои мали дечиња покрај патот. Потоа на крајот на селото, всушност веднаш над селото наидуваме на голема селска чешма и тука пак правиме мал одмор. Оттука се отвора прекрасен поглед кон југ-југозапад - ридовите под нас во правец на патот Штип-Радовиш и потоа планината Серта. Времето станува се подобро - отпрвин срамежливо, а потоа се поупорно - почнува да се појавува сонцето. Станува попријатно, а снегот почнува да блеска осветлен од сонцето и нашите лица се почесто се насмеани. До тука имавме поминато околу 18 km, па решаваме да продолжиме сега во правец на Липов Дол дол и истоимено село - на тој начин да го затвориме кругот и да се вратиме во Штип.


почнува да се појавува сонцето - ритчињата кај Шашаварлија


поаѓаме во правец на Липов Дол

Теренот е прекрасен - снег, овде онде некое дрвце. Сонцето свети. Јас добивам желба да скокам "ласта" во снегот. Трчаме лежерно по убавиот терен а погледите ни се насочени далеку - убави брда пред нас, облаците во далечина прават интересни форми и бои. Се спуштаме во долот - еднаш навлеговме во погусти боцкави грмушки, па решивме повторно да се издигнеме на блиското брдо. Насокоро го наоѓаме вистинскиот пат. Пред нас се појавува мало поточе - Липовдолска река. Еднаш ја прескокнавме, следниот пат некако ја преминавме - можеби со мало брцкање на патиките во вода. Но веќе мокрите патики не ни се проблем - се навикнавме на тоа. Минуваме низ еден потесен дел - мало кањонче и еве не пред селото Липов Дол. Мало село од 5-6 куќи но и тие напуштени. А толку убаво место, толку убави куќи...


во кањончето пред селото Липов Дол


влегуваме во селото Липов Дол

Во Липов Дол застануваме во дворот на една од напуштените куќи - има убава дрвена масичка и столчиња - ставени под терасата на куќата така да не се покриени со снег. Правиме пауза за да изедеме по еден сендвич. Дувка ветре па си бараме место каде грее сонце а е завет. Десет минути пауза и веќе телесната температура паѓа. Мора пак да ставиме ракавици. Забрзано се движиме по угорницата над селото - за да се загрееме. Наскоро се си доаѓа на свое место. На предлог на Жико поаѓаме да се искачиме на врвот над селото - Ѓупски Рид на кој има голема радио антена. Повторно по снег од околу 10 cm се искачуваме - повеќе одење помалку трчање поради стрмнината. Горе на врвот пак уживаме во погледот на сите страни. Вниманието ми го привлегува малата но прекрасна планина Богословец и веќе во главата си правам планови следниот пат да трчаме на тој терен.


кон Ѓупски Рид


на спуштање кон Штип

Од овој врв трчаме надолу по широкиот пат кој ќе не одведе во Штип. Ги замолувам моите двајца пријатели да го намалиме малку темпото - од мокрите чорапи почна да ми се формира мал плускавец на десниот палец. Затоа, со повнимателно трчање да успеам да ја завршам турата без да дојде до формирање на посериозен плускавец. Наскоро стигнуваме до првите куќи - уште малку па доаѓаме на паркингот кај Економскиот Факултет - зборното место каде нашите сопруги треба да дојдат да не "соберат" со колата.Така и беше - само што стигнавме ние - за една минута дојде и колата. Преслекување во суво - најважни беа чорапите и патиките. Потоа, нормално, во Штип се оди на пастрмајлија. По убавиот тренинг пастрмајлиите супер си го најдоа своето место.

Како заклучок - теренот околу Штип - овој почетен дел на Плачковица - не е многу стрмен, има одлична патна мрежа како на поширокуи патишта од село до село, така и на богата мрежа на помали trail патеки - идеално за трчање - при што може да се трча скоро цело време, да се постигнат добри брзини. А има интересни места кои може да се посетат, како што е кањонот Камник, кој остана да го посетиме во некое посуво време.



Технички податоци :

Должина на патеката: 30 km
Висинска разлика (вкупен успон) : 865 m
Макс.процент.успон : 24 %, просечен успон 6 %
Време на движење : 5 часа


измината патека


профил на патека

Повеќе фотографии можете да видите на следниот линк :
https://picasaweb.google.com/117320863135421357287/ShtipTrailRun#

Автор: Трајче Панковски


© Copyright 2004 - 2014 Makpetrol A.D. Skopje