Планинарско Спортско Друштво МАКПЕТРОЛ Скопје > Макпетрол Home 
         Почетна страна
         Годишна програма
         Акции
         Документи
         Историја
         Библиотека
         Високогорство
         Topo Maps
         Контакт
         Линкови

 

 

 

 

Мала Шарпланинска Трансверзала 12 јули 2014

Старо Село - Љуботен - Пирибег - Езески Врв - Црн Врв - Вешала

Скоро 2 недели чекав некој од екипата која трчавме да напише извештај. Сметам дека подвигот кој го направивме иако неуспешен бидејќи не се заврши замислената цел заслужува да биде ставен во историјата на акции од ПД МАКПЕТРОЛ. Бев многу среќна кога слушнав дека после толку години повторно ќе се рестартира Трансверзалата Љуботен-Охрид, но поради работни обврски и веќе испланиран годишен одмор не бев во можност да учествувам на овој подвиг.

За време на викендите кога успевавме заедно да направиме некој тренинг со Трајче Панковски и останатите наши членови се развиваше една идеа. Трчање од Старо село до Попова Шапка за еден ден на приближно 70 км. со 6000 м. Д+. Дојде моментот кога и тоа се случи. Се собравме јака интернационална екипа планински тркачи и еден планинар: јас-Светлана Стојаноска, Жикица Ивановски, Јовица Јованчев, Дејан Крле, Александар Симјановски, Никола Перац (Србија) и Марко Николиќ (Србија).


Почеток.Старо село.

Од Старо Село тргнавме во Сабота 12.07.2014 г. во 22:30 часот. Трчавме по широкиот земјен пат до планинарскиот дом Љуботен.

Пред да стигнеме во домот не пречекаа овчарските кучиња од блиското бачило. Во домот домарот Митко не послужи со топол чај.

Вечерта небото беше прекрасно. Месечина поголема од кога и да било до сега опкружена со мнoгу ѕвезди.

 


На Љуботен.

На врвот Љуботен бевме за околу 3 часа. Имавме лизгаво спуштање по сипарот до седлото кај Козја стена од каде веќе можеше полесно да се трча. На седлото покрај самата патека има мало изворче за вода.


Пред Пирибег.

Некаде во втората половина од патот помеѓу Љуботен и Пирибег. Марко ни кажа дека неможе да не прати со темпото. На себе носеше голем ранец и беше облечен со планинарски чизми, Што сметам дека дополнително му го отежнуваа трчањето. Бидејќи бевме ограничени со време сметавме дека мора да запнеме појако за да може да стигнеме по замисленото.

Така се договоривме со Марко ако сака да се искачи до Пирибег каде требаше да го дочекаме изгрејсонцето и од таму по ден да се врати во планинарскиот дом Љуботен па во Старо Село од каде би го земале попладнето.

Марко се согласи ни кажа дека има со себе ГПС и тргна да се движи побавно.

На Пририбег искористивме да ги направиме последните слики со огромната месечина сега на светло небо.


На Пирибег.

Како се движевме понатака, сега веќе нов терен за сите нас така се отвараа се поубави глетки. Неможе да се изнагледам на убавината. Голема инспирација и провокација за да продолжиме да трчаме.


После Пирибег.

После

Цело време трчавме по самата граница со Косово. Во првите 20 км. Патеката постојано се качуваше и се спушташе по врвовите кои се наоѓаа на самиот срт. Трчавме колку се можеше но во главно беше брзо одење. Пред Езерски Врв наидовме на терен со многу камења. Големи камења по кои мораш да поминеш. Тука сакал-неќел мораше да се движиме внимателно и прилично бавно, доплнително влажните патики се лизгаа по мазните камења.


По патека.


По камења.


Сртот.

После изминати 21 км. со 2300 м Д+ Александар Симјановски реши да се спушти во едно од блиските села. Панот беше да стигне до Доброште и од таму со такси до Тетово. Мене лично многу ми беше криво што така одлучи. На почетокот од тчањето се договоривме сите да се движиме заедно. Но тој не убедуваше дека лесно ќе се снајде и дека нема да има никаков проблем. Почнавме да се зафркаваме дека како сме почнале да се откажуваме на крајот може само еден да стигне.

Само што се раделивме со Александар јас го исклучив ГПС пратењето на мојот саат бидејки батеријата му беше при крај. И на ГПС –от што го земавме од Макпетрол му сменивме батерии бидејќи тие што беа во него се потрошија. Јас носев 2 АА нови батерии и го замолив на Жико да понесе уште 2 за да имаме за секој случај. После 500 метри батериите кои ги носше Жико наводно добро наполнети (имаше од тие на полнење) откажаа. Ги ставив новите батерии и продолживме со трчањето.

Како трчавме накај Црн камен теренот малку се израмни дури и почна патеката малку да спушта така што веќе можевме побрзо да трчаме.

До тука имавме можност да дополниме вода од поточињата кои се сливаа по самата планина. Но препорачливо е да се носат со себе поголеми количестава на вода 2-2,5 литри. Посебно во лето кога овие поточиња може да пресушат.

Брзо се доближивме до убавата Кобилица. Дејан ни кажа дека овој дел од теренот го познава бидејќи доаѓал повеќе пати. И се сеќава дека тука некаде во подножјето треба да има извор на вода. Пробавме да го најдеме но не успеавме. Решивме да не губиме многу време бидејќи сите имавме доволно вода јадевме и тргнавме да го заобиколиме врвот и да се движиме накај Вртоп.

Поминавме под неверојатно убавите карпи на Трескавец и стигнавме под мал Вртоп. Тука веќе сите се осетивме уморни. Додека се договаравме напомнав дека Трајче ми спомна дека полесно ќе биде е да го искачиме Вртоп отколку да го заобиколуваме и од таму да одиме накај Караниколички Езера. Гледајќи ја стрмината по која требаше да се искачиме на седлото помеѓу Трескавец и мал Вртоп се убедивме да продолжиме по постоечката патека и потоа да пресечеме дирекно накај Караниколица.


Никола Перац


Јовица Јованчев


Светлана Стојаноска


Дејан Крле

Набрзо го заобиколивме мал Вртоп и стигнавме до едно големо седло од каде во далечината се гледаше дупката каде се наоѓа Караниколичко Езеро. На другата страна Титов врв беше прекриен со темни облаци.

Направивме кратка пауза за да се договориме што да правиме. Мене и 2 нови батерии кои ги ставив на ГПС ми се потрошија. Не ми беше јасно како, обично еден нов пар на батери треба повеќе да траат. Така останавме без дополнителна навигација. Која ќе ни беше и тоа како потребна во лошо време и магла кое не очекуваше на Титов врв.


Тазе маркација.

Патот до Караниколица изгледаше долг и со доста искачување. Одприлика по мое видување до тогаш имавме поминато околу 40 км. Ни преостануваше уште скоро пола патека и пола висинска разлика за искачување.

Со тоа се повлекуваше дека ќе ни треба уште многу време. Со храна бевме ограничени бидејќи сите имавме понесено за околу 20 ч. а веќе беа поминати 15 часа. Имавме повеќе причини според кои се одлучивме да се откажеме и да се спуштиме во првото село кое беше под нас. Испадна дека ни беа потребни повеќе од саатите кои ги предвидовме. Имавме уште малку храна. Во првите 20 км.се движевме побавно од планираното. Лошото време на Титов Врв и уморот од неспиеност беше најголемата причина.


Диви кози.


Тргнавме во 22:30 пред таа вечер кој спиел, кој не. Во најмала рака зад нас остануваше една цела непроспиена ноќ која телото почна да ја бара.

Избравме една патека која дирекно и стрмно се спушташе на земјениот пат кој го гледавме во долината.. Спуштањето траеше околу 20 минути или можеби повеќе. Мене ми се чинеше како цела вечност. Дејан тврдеше деко тој пат ќе не однесе до Бозовце. Му се јавивме на Алекдандар да дојде да не земе во Бозовце. Мене патот иако сум го одела во снег многу ме потсеќаше на тој што сум го одела за Вешала.


Мал одмор

Само што тргнавме да се движиме по патот некаде на 2 км пред селото почна да врне. Се затскривме под едно дрво и за кратко време престана. Кога стигнавме над самото село утврдивме дека се приближуваме во Вешала и му се јавивме на Александар за да ги смениме координатите. Дождот некако не сакаше да не одмине. Почна повторно да врне доста интензивно. Додека успеавме да се затскриеме под една тераса во локалните куќи веќе бевме жива вода.

Александар го чекавме доста долго –среќа што не беше ладно. Кога му се јавивме тој веќе беше на пат да го собере Марко од Старо Село. Мораше потоа да се враќа до Тетово па да дојде по нас.

На крај се добро се заврши. Сите здрави, живи и среќни што навреме решивме да избегаме од невремето. Единствено Александар имаше болки во долниот дел од едното стапало кое лошо го набил на голем камен при слегувањето.

Ова за мене беше едно големо позитивно искуство и незаборавна авантура.

Технички податоци :
Должина : 46.5 km
Вкупна вис.разлика : +3900 m, - 3570 m
Просечен нагиб : +13,8%, -13,4 %
Максимален нагиб : +52%, -50%


Приказ на изминатата патека


висински профил на патеката

Поука:
• На ваква должина и висина најдобро е да се тргне во група од минимум 2 и максимум 4 луѓе кои се во добра физичка кондиција за потфатот кој следува.
• Да се понесе повеќе храна и вода од предвиденото.
• Да се понесат повеќе пара полни батерии за ГПС уред.
• Да се смисли добра стратегија со време на поминување, паузи.
• Трчачите да бидат добро наспани и одморени претходните денови.
• Да се прати временска прогноза.

Автор : Светлана Стојаноска

 


© Copyright 2004 - 2014 Makpetrol A.D. Skopje