Планинарско Спортско Друштво МАКПЕТРОЛ Скопје > Макпетрол Home 
         Почетна страна
         Годишна програма
         Акции
         Документи
         Историја
         Библиотека
         Високогорство
         Topo Maps
         Контакт
         Линкови

 

 

 

 

Осоговски планини : Руен (2252m)- 20 февруари 2011

Акцијата беше посветена на нашиот драг пријател, човек и маратонец Горан Стојанов,
кој по еднонеделна борба за својот живот по тешката сообраќајна несреќа,
почина на овој ден - 20 февруари 2011.

Вечно ќе се сеќаваме на неговата добрина, ведрина и неуморниот спортски дух.

Во неделата изведовме еднодневна планинарска акција на Осоговските планини, поточно го искачивме врвот Руен (2252m) од јужната страна, од рудникот Саса. Од поодамна разговаравме за тоа дека е добро да посетиме некој врв во источниот дел од Македонија и притоа да се дружиме со планинарите од тој крај, меѓу кои има луѓе со кои порано убаво се дружевме, но во последниве години контактите некако ослабнаа. Решивме да дадеме поттик овие планинарски дружби пак да заживеат. Акцијата одржана во неделата е навистина убав пример за тоа.

Учесници беа 10 планинари и едно куче. Од Кочани (домаќините) : Сашко Јосифовски, Владо Симеонов, Виктор Симовски, Ване Синадиновски (со ротвајлерот Вара) и Борис Попгоргиев. Од Штип дојде членот на АК "Aстрајон" Жикица Ивановски и од Скопје екипата од ПСД "Макпетрол" : Петар Герасимов, Васко Саздовски, Александар Буцевски и јас - Трајче Панковски.

Дефинитивниот договор се прецизираше во саботата попладне. Во 4 часот наутро во неделата почнавме да се прибираме еден по еден од различните скопски населби, за да некадe пред 4:30 веќе излеземе од Скопје во правец на Велес. На влезот во Штип го земаме и Жика, кој овој пат е осамен претставник од AK "Астрајон", неговите другари имале некои обврски. Продолжуваме кон Кочани. Со екипата од Кочани се чекаме кај мотелот "Шагал" - некаде на патот помеѓу Кочани и Виница. Тука со две возила доаѓа екипата од Кочани. Продолжуваме покрај езерото Калиманци - веќе е разденето па уживаме во убавите камени и карпести форми покрај патот. Стигнуваме до Македонска Каменица - рударското гратче и продолжуваме по долината на Каменичка река по релативно добар асфсалтен пат кон рудникот Саса. По патот веќе почна да се забележува новопаднатото снекче од изминатата ноќ - веќе сме на висина од околу 1000 m.

Стигнуваме до капијата на рудникот Саса. Подлогата е раскашавена, па мораме во багажникот на колата да ги препакуваме ранците - бидејќи цепините, стаповите, снегохотките - наутро ги ставаме посебно, заради полесно товарење во возилото. За пет-десет минути - некаде околу 7:20 поаѓаме од рудникот Саса по патеката за која домаќините од Кочани ни рекоа дека тие најчесто ја користат за искачување, а особено во зимски услови.


поглед кон рудникот Саса - јаловиштето за руда и текот на Каменичка река

Прво мал вовед општо за овој планински масив

Осоговски планини

Осоговските планини се планиниски масив којшто доминира во североисточниот дел на Македонија. Со својот источен дел навлегува на територијата на Р. Бугарија, со тоа што околу 72% припаѓа на македонската, а со 28% на бугарската страна. Тој по големина е втор планински масив во Македонија, после масивот на Јакупица. Должината (во правец исток-запад) е околу 50 km, а ширината околу 28 km.

Припаѓа на групите на постари планинини, односно е дел од старото копно на Балканскиот полуостров. За време на терциерот тука се одвивале значителни вулкански активности и како резултат на тоа сега има наоѓалишта на руда, пред се олово и цинк, но и злато, сребро, железо и бакар.

Рељефот на масивот се карактеризира со широки, масивни и заоблени врвови, испресечени со длабоки и стрмни долини. Планината обилува со вода и тука извираат неколку реки : Тораничка река, Каменичка река, Оризарска река, Злетовска река. Руенскиот гребен претставува вододелница помеѓу Вардарскиот и Струмичкиот слив, додека Костадинечко-Лисечкиот гребен е вододелница помеѓу сливот на Пчиња и Брегалница.

Во долниот дел има шума, најмногу бука во средниот дел, има и иглолисни дрвја и смрека во суб-алпскиот појас. Горните делови - над 1800 метри се богати тревни пасишта и во минатото многу илјадници овци тука пребивале во летниот период и оваа планина била центар за производство на млечни производи (сирење, кашкавал). И денес постојат неколку бачила, а постепено се прават обиди да се обнови сточниот фонд.

Рудното богатство се користи од дамнешни времиња. Делови од германското племе Саси биле тука доселени во средниот век поради нивната технологија на вадење и преработка на рудата. Остатоци се бројни топоними, а пред се селото и (сега) рудникот Саса. Уште нешто за можното потекло на името Осогово - од osso - бог и gov - место - што би рекло - божје место.

Осоговските планини имаат повеќе врвови, од кои неколу се со висина над 2000 m . Но и оние кои се пониски имаат своја убавина и предизвик да бидат посетени. Еве список на некои поважни и поинтересни врвови : Руен (2252 m , 2154 m ), Царев врв (2085 m и 2057 m ) и Сокол (2038 m), Китка, Калин Камен, Чеперник, Бабина Чешма, Бел Камен, Бандера, Петрово Брдо, Орлов Камен, Маркова Ступка, Костадиница, Јаловарник, Чука, Лисец, Уво, Буковец, Панаѓур, Пониква, Чукар, Висока Чука, Кула, Бреза, Борова Глава, Пропотнички Чукар.

Осоговските планини се навистина голем планински масив којшто треба подолго време да се открива и запознава. Со своите дебели и долги гребени и рамни тревни површини, убава мрежа од помали и поголеми патчиња, дава можност не само за планинарење, туку и за планинско трчање, планински велосипедизам - во зимски услови е прекрасен терен за турно скијање, правење на повеќедневни тури со шатори... Ова во комбинација со топлите и гостопримливи луѓе од овој крај се одлична формула за успешен развој на алтернативниот - планински и селски туризам.


Искачувањето на Руен

Почетокот на патот не води низ една маала - селото Саса е поделено на повеќе маала, со куќи расфрлени овде-онде. Времето е облачно - магливо, а под нозете има едвај центиметар-два нов снег - паднат изминатата ноќ. Одиме по кратенки на асфалтниот пат кој води до еден објект од рудникот каде се наоѓа филтерот за воздух. На неколку пати излегуваме на патот, одиме по 100 - 200 метри по асфалтот прекриен со снег па пак фаќаме кратенка нагоре.


во почетокот на искачувањето - покрај куќите

Со добро темпо и со разговор на разни теми од планинарењето со планинарите од Кочани, се искачуваме нагоре. Како што одиме нагоре, снежната покривка се здебелува. На висина од околу 1400 до 1600 метри наидуваме на слој убаво време, без магла. Но тоа трае кратко. На почетокот на Тракато брдо - некаде од висина од околу 1700 m почнува пак да се стемнува, влегуваме во облак и почнуваме да го чувствуваме дејството на ветарот кој доаѓа од северната страна. Мораме да застанеме и добро да се облечеме, да се заштитиме од ветарот кој претпоставуваме дека нагоре ќе биде уште посилен.


група од планинари од Кочани, Штип и Скопје по патот


поглед од почетокот на Тракато брдо во правец на рудникот Саса


продолжуваме во типично зимски услови

Оттука нагоре искачувањето е типично зимско искачување - вее ситен снег, дува студен ветар, рацете ако ги оставиш малку незаштитени или со слаби нараквици бргу ѕемнат. Брдото е прекрасно - со постојан наклон од околу 22 проценти - долго - и бара убав ангажман - но претставува прекрасен тренинг ако редовно се практицира, како што имаат прилика тоа да го прават нашите пријатели од Кочани. При крајот, се стигнува до точката - мало врвче со висина од 2154m - од каде се оди малку по порамен терен пред последната мала угорнина до врвот Руен. Видливоста е намалена на само неколку метри, ветрот северен, умерен, но доста студен. На врвот едвај се прави разлика меѓу околниот снег и каменот со кој е означен врвот. Одиме педесетина метри на бугарска територија каде што се наоѓа мала куќарка - заслон. Целата куќарка е окована во снег и мраз - личи на инвертиран фрижидер на кој му треба чистење од мразот.


заслонот "Руен"


мал одмор во заслонот

Во заслонот е значително подобро. Не дува и температурата е барем десет степени повисока. Се гледаме меѓу себе и си се смееме на мразулците што почнале да ни висат. Наскоро земаме за јадење и пиење и се е во ред. Силата се враќа на оние што малку се чувствуваа исцрпени. Виктор од Кочани - инаку член на "Македон" ја наоѓа книгата за посетители и сите еден по еден се потпишуваме. Паузата трае петнаесет - дваесет минути. Нашиот почетен план (од Скопје) беше - ако дозволуваат условите, да одиме по седлото до Царев Врв и потоа, од страна на Китка да се вратиме во Саса. Но слабата видливост и студениот ветар не одвратија од идејата - дури и да го изминевме тој пат, немаше ништо да видиме. Затоа, еден по еден, излегуваме од заслонот во суровите зимски услови на Руен и брзаме надолу - не дека немаме време, туку брзаме за да движејќи се - се загрееме - што би рекол Сашко од Кочани - "E дека е де енергијата, дека е?".


момент од спуштањето од Руен

Одиме така по снегот надолу, снегот на места и до колена, а ротвајлерката Вара се плетка околу нашите нозе и ранци и постојано внимаваме да не ја згазнеме несакајќи. Спуштањето оди брзо и по некое време ефектот од студениот ветар ослабнува, спуштени сме пониско. Станува потопло па еден по еден слој од облеката се сместува во ранците.

Пак на средна висина од околу 1700 метри се појавува сонцето и тоа пече доста јако. Време е да се раскомотиме и полека да го истераме последниот дел од патувањето. Бидејќи облаците малку се расчистија - ова беше прилика за нашите фотографи да го надокнадат изубеното од искачувањето. Мал куриозитет - овој пат немаме слика од врвот бидејќи условите беа такви што никој не сакаше да постои малку на врвот, а и на фотографите баш не им се вадеа рацете од ракавици за да не измрзнат. Малку подолу - кога излеговме на асфалтниот пат, правиме групни фотографии за спомен на ова искачување.


соблекување на зимската облека во ливадата со папрат


групна фотографија

Полека, со разговор и добро расположение - се спуштивме до рудникот Саса. Околу 15 часот бевме кај автомобилите. Ги замивме малку чевлите и планинарските стапови од калта во долниот дел од патеката, се спакувавме. Се поздравивме со пријателите од Кочани со ветување дека и друг пат ќе направиме некоја слична акција, бидејќи оваа планина со своите огромни пространства и својата убавина бара повеќекратно доаѓање и запознавање.


убавата патека меѓу дрвјата


бабата и внучето не испратија со насмвка на лицето

Со попатно застанување во Штип нашата група беше во Скопје околу 18 часот - на почетокот на смркнувањето. На нашите лица останаа трагите од студениот ветар и потоа јакото зимско сонце - образите ни беа зацрвенети.

Убава акција која уште еднаш ни го потврди уверувањето дека само со позитивна мисла и взаемна соработка на планинарите можеме многу повеќе да постигнеме.

 

Технички податоци :

Должина на патеката : 14 km
Висинска разлика (вкупен успон) : 1260 m - Макс.процент.успон : 43% - Просечен.проц.успон : 18%
Најниска точка : 1030 m
Највисока точка: 2252 m
Потрошена енергија: 3320 CCal


3D GPS-регистрирана патека


профил на патеката

Повеќе фотографии можете да видите на следниот линк :
https://picasaweb.google.com/117320863135421357287/Ruen20Fev2011#

GPS записот можете да го симнете од :
http://www.stazeibogaze.info/2011/02/21/osogovske-planine-s-sasa-ruen/

Автор: Трајче Панковски
Фотографии: Петар Герасимов


© Copyright 2004 - 2014 Makpetrol A.D. Skopje