Планинарско Спортско Друштво МАКПЕТРОЛ Скопје > Макпетрол Home 
         Почетна страна
         Годишна програма
         Акции
         Документи
         Историја
         Библиотека
         Високогорство
         Topo Maps
         Контакт
         Линкови

 

 

 

 

Рибничка Скала (2305m) - Кораб - 12 септември 2010

Секој планинар кој барем еднаш бил на Голем Кораб по релативно добри временски услови, не можел а да не ја забележи низата од врвови кои се протегаат паралелно со патеката, во правец исток - запад. Тоа е еден прекрасен низ од карпести остри врвови кои ви го пленат погледот и објективите на фотоапаратите. А помеѓу тие врвови и патеката за Голем Кораб се наоѓа долината на Длабока Река, притока на Рибничка река, позната по тесниот кањон и најголемиот водопад кој се формира во горниот тек на реката. Тие врвови се: Рибничка Скала (2305m), Кабаш (2395m), Гури Куј (2380m), Кепи Гропа Фонгот (2494m) и Боази (2495m). Тука овој гребен се спојува со р'бетот на Кораб кој се движи во правец север - југ и на север веднаш се наоѓа Мал, па Голем Кораб.

Нормално дека овие врвови побудија интерес кај нас да ги посетиме. Планираме поодамна, особено за првите два од низата - Рибничка Скала и Кабаш. Но, еве овој викенд - поточно во недела (12 септември 2010) имавме можност да појдеме таму. Имаше други некои комбинации за овој период кои не се реализраа од разни причини, па решивме да му посветиме повеќе внимание на овој регион, кој и во иднина имаме намера да го истражуваме.


Рибничка Скала и Кабаш - во услови на добра видливост

Поаѓаме од Скопје во 4:30 наутро - Марин, Васко и Трајче. Одиме по патот Маврово - Дебар. Го минуваме одвојувањето за Голем Кораб (Ничпур) и возиме понатаму до следното одвојување - Волковија. Тука слегуваме од главниот пат некои 200m. Има убава ширина уредена за излетници, со клупи и настрешница, веднаш до реката. И само тука да дојде човек на еден ден е вистински рај. Карпи од двете страни, шума и прекрасна рекичка со зелена вода, вирови за бањање.

Утрото е облачно. Прогнозата беше дека во текот на денот ќе се расчистат облаците и ќе биде убав ден. Ние во 6.08 поаѓаме по широкиот макадамски пат во правец на двете главни села во тој правец : Рибница (лево) и Нистрово (десно). Од страна на Рибница се уште селата : Грекај, Нивиште, Тануше, а кај Нистрово се уште Бибај и Жужње. Патот е одлично набиен рамен макадам - со по некоја мала дупка, но може да се оди дури со обична кола до Нистрово. Има една или две угорници каде треба да се биде повнимателен. Со теренско возило е како да си на автопат. Патот оди во многу благ успон покрај реката некои скоро 2 km. Доаѓате до една крстосница - лево (т.е. право) е за Рибница, а десно, преку мостот е за Нистрово. Има и една стрелка како патоказ која кажува дека тука се врти за Нистрово. Веднаш по мостот има една голема превисна карпа под која има ставено клупа. Малку чудно е поставена - ја нарековме клупа за самоубијци - седиш под неа а карпата ти виси над глава. Веројатно кога врне штити од дожд, но сепак е малку чудно...


на пат кон Нистрово

Продолжуваме нагоре по широкиот макадамски пат. По пат на две места има уреден простор - убави чешми и одморишта со клупи и настрешници. Се гледа дека некој се грижи за патот до селото. Патот има и кратенки на неколку места - ако ви се брза. Ние на враќање пробавме една - добри се, но очигледно се доста користени од локалното население кое се движи со коњи, па по нив има и доста измет, треба да внимавате кај газите.

Макадамскиот пат завршува во село Нистрово. Понатаму со возило не можете. Пред селото Нистрово има едно двоење - лево (или право) е за селото Бибај - убаво мало селце од спротивната страна на Нистрово - исто така можен кандидат за посета - може и оттаму да се оди во правец на Рибничка Скала. Најверојатно следниот пат ќе го пробаме тој правец.

Селото Нистрово е многу убаво и не баш мало - типично планинско село. Населено е - тоа утро не пречекаа повеќе разлаени кучиња - има доста овци во и околу селото, а ние минавме рано (околу 7:30) и овците заедно со кучињата се уште беа во селото. Особено е убава архитектурата на куќите, скоро сите беа во долниот дел од камен, а горниот дел од дрво. Некако целото село оддаваше впечаток на доста живо село, со планински, речиси алпски карактеристики.


патот до село Нистрово


Селото Нистрово

Пред селото има крстосница - еден крак право (лево) а втор горе и десно. Ние го избравме горниот пат - по горно маало. Всушност ние одевме по GPS записите - прв пат сме во овој предел и се ориентиравме според она што по сателитската снимка ни изгледаше подобро. Испадна дека сеедно е од каде ќе одиш - на другиот крај на селото патиштата пак се спојуваат и продолжува тесно патче во правец на селото Жужње.


селото Бибај горе лево и црквата - средина десно

Патот кон Жужње е на висина од околу 1300 метри и оди паралелно со длабокиот кањон на Длабока Река - прекрасна глетка - кањон на кој не се гледа дното, вертикални карпести блокови и шум на реката.

Околу 8:30 сме во село Жужње. Мало, напуштено планинско село. Патеката од Нистрово се спушта надолу до реката - тука долината е поширока. На реката има два моста. Ние, нормално отидовме на првиот кој го видовме, но тој беше само пола мост - втората половина ја немаше, но без некој проблем ја минавме и се упативме во правецот на црквата. Претходно на Internet гледав слики и читав дека црквата била оштетена и затоа многу се изненадив кога ја видов со нов покрив, обновена, средена. Имаше на неа табла на три јазика (албански, македонски, англиски). Претпоставувам дека е обновена во рамките на некаков странски проект.


премин преку првиот мост во Жужње


црквата св. Варвара и куќите од село Жужње позади неа

Разгледуваме малку околу и во црквата и продолжуваме понатаму. Патеката сега оди дијагонално по ридот на селото - во правец на северо-запад. Поголемиот дел од патот е низ прекрасна шума, главно бука, но има и иглолисни дрвја. Патеката е прекрасна, добро видлива, на места маркирана со црвена боја - веројатно од луѓето кои оделе кон водопадот на Длабока Река. На неколку места се излегува на ливада, па пак се влегува во шумата. Времето - постојано облачно.


патот низ шумата

На висина од околу 1700 метри веќе шумата привршува. Маркираната патека продолжува во десно - на север, од страната на реката и води по изохипса длабоко во долината на Длабока Река. Ние се одвојуваме во лево и за кратко време излегуваме од шумата. Веќе сме во облакот - видливоста е доста намалена, па сите навигации ги правиме со двата GPS уреди - мојот Garmin и Android телефонот на Васко со вчитани топографски карти. Наскоро излегуваме на гребенот. Патот ни го успоруваат едни немилосрдни боровинки - огромни и многу вкусни - никако не можеш да ги одминеш и оставиш.


по гребенот кон врвот Рибничка Скала

Гребенот е впрочем она што и очекувавме - стрмен. Но не очекувавме дека маглата баш нема да се подигне. А претходниот ден паднал силен дожд. Се беше мокро и лизгаво - карпите беа полизгави од тревата. А тревата висока, на секој допир се мокриме. Но, нема врска - одиме нагоре, надевајќи се дека малку погоре облаците ќе завршат и ќе се ресчисти.


делот што го нарековме - "уши"

Некаде на половина пат наидуваме на една поголема карпа пред нас. Во добри услови би можела и да се искачи, но не без обезбедување. Се решаваме да ја заобиколиме од лева страна. Падините се многу стрмни, а гребенот тесен - околу 50 cm на некои места некаде поширок.Треба да се внимава како се чекори - сопнување би можело да биде проблематично. Размислуваме колку би било овде опасно во зимски услови. И пак жалиме што ништо надолу не се гледа, па нека е и провалија - само магла и најблиските карпи околу нас.


Васко и Марин на врвот

На врвот сме во 11 часот. Речиси и нема ветар - тоа е и причината што облакот не си замина. Се сликаме, ама освен нас ништо не се гледа. Првобитниот план ни беше да продолжиме кон Кабаш - да се спуштиме до седлото па горе, ама сега ништо веќе не се гледаше и решивме да се вратиме по истиот пат. Причекавме до 11:40 да не му текне да се поправи времето, ама ништо... Поаѓаме назад, повнимателни отколку нагоре, дека многу е лизгаво - секој од нас имаше по неколку мали лизгања на спуштање.

Препорака за оние што би оделе тука - никако да не поаѓате без добар GPS и постојано да го следите. Особено во лоши временски услови, може да појдете кон некој тешко прооден дел и да си предизвикате компликации.


спуштање по лизгавиот стрмен терен - лево е карпата која треба да се заобиколи


поздрав до моите пријатели од гребенот на Рибничка Скала

Кога се симнавме од гребенот и влеговме во шумата, по стотина висински метри пак излегуваме на патеката која оди по долината на Длабока Река. Тука на едно дрво Васко издлаби стрелка и ознака РС (Рибничка Скала) како знак за нас (кога ќе дојдеме следниот пат) а и за сите други кои би оделе во овој правец.

Понатаму спуштањето до село Жужње се одвива без никаков проблем. Времето за жал останува исто - ниски облаци и не се гледаат планинските врвови.


знакот за скршнување кон Рибничка Скала кои ние го врежавме во едно дрво


на шумскиот пат кон Жужње

Во село Жужње правиме пауза од половина час. Нозете ни беа прилично мокри, па сменивме чорапи, облековме патики дека понатаму патот беше добар, немаше поточиња и калливи места за поминување. Мала закуска и продолжуваме кон Нистрово. Во Нистрово одиме сега по долниот пат, откај џамијата.


Васко на вториот мост - под црквата

На излегување од село Нистрово почнува да роси ситен дождец. Тој не следи се до стигнување до колата. Таму сме во 16:45. На пат кон Скопје, некаде кај Маврвово дождот станува посилен, но нам веќе тоа не ни е важно - безбедно си стигнуваме во Скопје, каде што пак е сосема суво и луѓе се шетаат по бермуди - летна атмосфера.

И на крајот што да се каже - повеќе од очигледна е намерата на планината онака неупадливо да не натера пак да ја посетиме. Од сета убавина и многу прекрасни врвови околу - ние ништо не видовме. Следниот пат ќе дојдеме, можеби на еден, можеби на два дена, ќе видиме - овој дел од планината мораме поубаво да го истражиме, како и делот појужно, околу Рибница и Тануше.

Исто така сакам да истакнам колку во денешно време е добро и пожелно да се користат технолошките помагала кои ни се достапни: со користење на GoogleEarth и употреба на GPS уреди испланиравме, трасиравме и ја изминавме патеката по сложени временски услови (намалена видливост) на сосема нов и непознат терен и тоа без ниту една грешка, колебање или сомнеж дали сме на добар пат. Ова секако не охрабрува и понатаму да правиме слични акции.

Технички податоци :
- должина на патеката : 30 km во двата правци
- вкупно искачување : 1450 m
- вкупно изминато време (со одмори) : 10 часа и 35 минути

GPS записот можете да го симнете од следната адреса : http://www.stazeibogaze.info/2010/09/13/volkovija-ribnicka-skala/

Повеќе слики можете да видите на : http://picasaweb.google.com/117320863135421357287/RibnickaSkalaSep2010#


GPS патеката од Волковија до Рибничка Скала


GPS патеката по гребенот


висински профил на патеката

 

Трајче Панковски


© Copyright 2004 - 2014 Makpetrol A.D. Skopje