Планинарско Спортско Друштво МАКПЕТРОЛ Скопје > Макпетрол Home 
         Почетна страна
         Годишна програма
         Акции
         Документи
         Историја
         Библиотека
         Високогорство
         Topo Maps
         Контакт
         Линкови

 

 

 

 

Проклетије : "Планинарски меморијал Звонко Блажина 2014" - 8 март 2014

Изминатите две години (2012 и 2013) поради големи количини снег, беше откажувано традиционалното зимско искачување на Маја Језерце. Оваа година имаше релативно поволни услови за успешна реализација на акцијата се до последен момент. Сите показатели беа на наша страна, временската прогноза за претстојниот викенд, моменталната состојба со снегот па дури и оптимистичките прогнози на организаторите на акцијата ПД Победа и ПСД Раднички од Белград, предвидуваа убав викенд за освојување на врв каков што е Маја Језерце.

Во петокот на 7 март нешто пред 5 часот тргнавме на пат кон Проклетие. Преку Генерал Јанковиќ-Урошевац-Пеќ, па преку граничниот премин Кула во Црна Гора, Рожаје-Беране-Андријевица-Плав-Гусиње и крајната точка селото Вусање каде што ја оставаме колата на паркингот на напуштената полициска станица.

Истата рута од лани летото и дел од таа екипа : Александра, Буце, Боро и Перо по втор пат на истото место и Боре за прв пат. По суво и релативно топло време се упатуваме по долината Ропојане до старата напуштената летна караула (околу 7 км.), во која беше планирано ноќевање за сите учесници на акцијата. Како и претходните години, имаше учесници од бившите југословенски републики, дел од нив наши добри пријатели и познаници од претходни заеднички планинарски акции.

По пат застанавме на Савиње Око да поуживаме на кратко во глетката и да наполниме вода плашејќи се дека на изворот кај Ропојански Застон нема да најдеме, но се испостави дека згрешивме, па така со уште неколку непотребни литри повеќе, околу 15 ч. стигнавме до нашето одредиште. Напуштениот објект нуди одлични услови за ноќевање во зимски услови, во него може да преспијат дури 100-тина планинари. Групата што беше пристигнала рано наутро ги затвори искршените прозорци со најлони кои ги земале специјално за таа намена и со тоа направиле навистина убави услови за престој. Кога пристигнавме на ропојански застон планинарите веќе ги завршуваа припремите за „ summit day “.

Пожелно беше и за нас тоа да го сториме пред зајдисонце за да можеме што порано да си легнеме. Будењето беше закажано за 1 ч. наутро, еден час за припрема и веќе во 2 ч. сите беа построени пред караулата спремни за поаѓање.

Колоната тргна невообичаено тивко, без никаква најава, без коментари... сите обземени со своите мисли. Не верувам дека во прашање беше поспаност поради раното будење, попрво би кажал дека секој си имаше нешто во главата што не му даваше да се однесува како на други слични групни акции. Највисокиот врв на Проклетије, поучени од минатогодишното искачување ни приближно не наликува на останатите колективни искачувања. Ако пак на тоа го додадеме и етимолошкото значење според кое, претпоставувам, овој планински венец го добил своето име или пак само асоцира на тоа???... ќе ја разбереме во потполност загриженоста на секој учесник на акцијата поединечно. Секој со своите прашања без конкретен одговор... дали ке имам сила да го издржам искачувањето, дали времето ке ни дозволи, како ли ќе биде на кулоарот во овие услови, дали ќе има лавина... одрони на камења и сл. Премногу прашања на кои никој не би можел да даде конкретен одговор, требаше само да почекаме времето да каже. И така, обземени со мислите во колона еден позади друг се упативме по маркираната планинарска патека која не изнесе од шумата до висина од околу 1750 мнв. До тука имавме меко време и малку кашав снег, но кога излеговме од шумата се почувствува висока концентрација на влага која по малку не гушеше, што значеше дека влегуваме во густа облачна маса.

Температурата стануваше се пониска а снегот посув. Се движевме по многу стрмен терен по изохипса, на секои 50-100 метри имаше помали лавини кои неодамна паднале од теренот над нас. Тука се појавија и одредени проблеми со дезориентација, доста често моравме да застануваме за да можеме да го одредиме правецот на движење, одевме те лево те десно додека не успеавме да се усогласиме. Видливоста беше едвај 15-20 метри. Успорувањето на темпото и се почестите паузи поради ориентирање направија да ја изгубиме телесната температура, па ние решивме самостостојно да си го продолжиме патот раководени од непогрешливите навигациски уреди кои досега никогаш не не изневериле. Светилките што ги носевме иако со голем домет, не успеваа повеќе да осветлат, како да се одбиваа од некаков ѕид пред нас, слично чувство како кога возите автомобил во магла со вклучени долги светла. Некако премногу траеше ноќта, сите очекувавме дека со разденувањето ќе се подобри видливоста, но се излажавме. Денот само ја замени црната темница во безгранично заслепувачко белило со таа разлика што сега имаше моменти кога ќе се појавеше по некоја силуета на карпа и ќе ни дадеше лажна надеж дека можеби ќе се смени нешто на подобро. Како многу пати до сега, очекувавме упорноста да се исплати, врвот да ни се покаже во целиот свој сјај... Одевме така и понатаму, исклучиво по GPS , како во некаква компјутерска игра, поминувавме покрај прекрасните зелени езера во нашите сеќавања од минатогодишната акција, сега ги гледав само во облик на дводимензионални плави полиња во мојот GPS уред. Се искачувавме нагоре а како одевме се погоре така и снегот стануваше се подлабок. На моменти моравме да се пробиваме и низ мали формирани стреички. Едно време сфативме дека малку сме се одвоиле од главнината на групата, ние петорица од Македонија и тројца Срби, јаки момци, едниот од нив, Јовица Спаиќ, рекордер во Србија во ултра маратон, како ратрак пред нас ни го пртеше снегот а ние сателитски ги наведувавме, неколку степени лево... ај сега малку десно... добро е држи го тој правец... и така стигнавме до некои си 2100 мнв.

Тука решивме да се одмориме и да ги почекаме малку останатите. Поради ниската температура, ветерот и се поинтензивниот снег што вееше бевме приморани дополнително да се облечеме. Како ни се ладеа телата така почнаа да ни се ладат и главите од дотогашната еуфорија која не водеше напред, па почнавме да размислуваме малку потрезвено. Сега веќе беше повеќе од јасно дека е ова крај на нашата авантура, само беше прашање на време кога тоа ќе го прифатиме како наша реалност. Снегот веќе ни беше над колена, тазе напаѓан, нестабилен, не легнат на постариот слој, со еден збор „идеален“ за лавина. Напред не чекаше кулоарот кој многу добро го помниме од минатиот пат и ни беше точно јасно, што би значело продолжување нагоре во вакви услови. Немаше веќе никаков смислол одење по секоја цена. Пристигнаа и останатите предводени од искусниот Милан Памучар. На наше големо задоволство и тие дошле до истиот заклучок. По кратки консултации... одлука је пала, акција се прекида, идемо назад... и така си го фативме патот кон караулата Застон.

Во малку порелаксирано темпо, со чести застанувања за фотографирање и многу повеќе разговор се вративме во караулата. Не можевме да им веруваме на своите очи кога видовме во часовникот дека е всушност само 10 ч наутро кога стигнавме на Застон. Очигледно талкањето полни 8 часа во темница и магла си го направило своето, ја имавме комплетно изгубено ориентацијата за простор и време. Увидовме дека останувањето уште една ноќ немаше никаква потреба па решивме полека да се спакуваме и тргнеме назад за Скопје. По пат застанавме пред Пеќ во ресторанот „Боби“ каде ги јадевме, мислам, најубавите ќебапчиња на свет, се разбира со по две никшичќи пива. Топло им го препорачувам на сите кои мислат да одат во тој правец. Во 20 ч. во сабота бевме дома.

Нашиот обид да се искачи во зимски услови највисокиот врв на Проклетие, Маја Језерце 2694 мнв., за жал беше неуспешен, од една страна, но од друга страна многу поучен, а како најважно од се, би рекол, научивме да бидеме дисциплинирани, реално да ја процениме ситуацијата и да донесеме тешка одлука да ја прекинеме долго очекуваната акција поради неповолни и крајно ризични услови на теренот а со тоа да не дозволиме водени од некаква еуфорија да си ги загрозиме животите. Можеби не сме навикнати на тоа, но знаејќи дека дадовме се што можевме од себе, дури не се ни почувствувавме „поразени“, напротив, бевме задоволни од постигнатото, од убавата атмосфера, прекрасното дружење, и се она што ни се случуваше верувам дека кај секој од нас ќе остане во трајно сеќавање. Се обврзавме дека следната прилика нема да ја пропуштиме и дека, задолжително, повторно ќе се собереме на ова исто место со надеж дека ќе имаме малку повеќе среќа наредниот пат.

Колку за информација, туку што разбрав дека од 2007 година до денес само во 2011 година било успешно изведено традиционалното зимско искачување на Маја Језерце.

 

Линк од видеото на youtube: http://www.youtube.com/watch?v=aCxmfDqH4fQ

Автор: Петар Герасимов


© Copyright 2004 - 2014 Makpetrol A.D. Skopje