Планинарско Спортско Друштво МАКПЕТРОЛ Скопје > Макпетрол Home 
         Почетна страна
         Годишна програма
         Акции
         Документи
         Историја
         Библиотека
         Високогорство
         Topo Maps
         Контакт
         Линкови

 

 

 

 

Проклетије - Северен врв и Очњак, 04-06 јули 2014

Петок, 4 јули 2014 година, некоја тешка омарнина го имаше покорено скопското небо. Чудно вжестено сивило, надополнето со тресоци од шок бомби кои одекнуваа од протестите кај Бит Пазар уште повеќе ја правеше состојбата неиздржлива. Бегството под пазувите на некоја планина беше единствениот спас од оваа вжештена градска џунгла.

Ги собравме набрзина спакуваните ранци и со Горан Николоски, Борче и Емилијана Ѓелевски тргнавме кон планинскиот масив Проклетије кој се протега на тромеѓето помеѓу Албанија, Косово и Црна Гора . Нашиот пат не водеше преку Косово до Црна Гора, до долината Грбаја, каде се сместивме во истоимениот Еко катун. Срдечно добредојде ни посака Ленче, наша сонародничка од Крупиште, штипско, која работи како главна куварка во овој катун. Веднаш почнавме да се шегуваме, дека нема спас од нас Македонците, дека мора секаде да не има. Уморни од патувањето се сместивме и веднаш му се препуштивме на сонот, кој многу брзо не покори заедно со свежината и остриот планински воздух кој паѓаше од планинскиот масив над долината.

Веќе во раните утрински часови, со првото отворање на очите, преку прозорот не пречека прекрасна глетка на Северен врв, кој љубоморно се издигаше над долината прекршувајќи ги сончевите зраци од свооето карпесто тело.

Се спремивме и околу 6:10 часот тргнавме во нашиот поход. Преку долината почнавме да се искачувавме низ кулоарот меѓу врвовите Очњак и Каранфили. Обележаната патека „цик-цак“ водеше низ тесниот засек меѓу врвовите Очњак и Каранфили, прво низ шума, а потоа по голина. Патеката беше под сенка се до снежниот кулоар.

Снегот , кој имаше чудна кафеаво-бела боја, измешана од ветровите, прашината од карпите и вегетацијата, изгледаше како неко е планинско суштество Јети да има направено засеци на површината што нам ни го олеснуваше искачувањето без дерези. Над снегот патеката продолжуваше по ситен камен, а потоа стрмно, по карпи.

Преминавме низ „Портата“ од која надолу имаше прекрасна глетка на снежниот дел и зелените карпести врвови во далечината како и на долината Грбаја длабоко под нас. Тука беше и охрабрувањето од нашиот водач Горан: „Ако успеавте да се искачите до овде и го преминете прагот, тогаш, спремни сте за до врвот“. Ах, да е ова на Алпите, сигурно ќе имаше осигурување (сајли, клинови). Вака, мораме сами, без дополнително осигурување, внимателно да се искачуваме нагоре. Патеката дефинитивно не е погодна за неискусни планинари бидејќи води над длабоки амбиси и климави камења, по растресита земја, при што се потпиравме на карпите и се држевме за тревата. Како што велат тамошните жители: „Сине, ово су Проклетије, земља се бруни (се рони), и време се брзо мења“. До Северен врв (2.460 м.), од Еко катунот, се искачивме за три часа и триесет и пет минути , иако долу, на патоказот пишуваше 5 часа и триесет минути . Прилично брзо што и нас не изненади.

Горе на врвот, од 2460 метри, глетката не може да се опише со зборови. Се гледа целиот масив на Проклетије, највисокиот врв од масивот Маја Езерце 2650 метри кој се наоѓа во Албанија. Ги видовме врвовите Попадија и Талијанка, како и врвот Очњак, остар и застрашувачки, а кој ни беше следен предизвик. Во далечината се пружаше неверојатна глетка и на Плавско езеро, како и на едно бачило длабоко долу во долината. На врвот ни се придружија и двајца планинари од Црна Гора, со кои ги споделивме своите планинарски искуства.

По направените фотки, како и упис во книгата на врвот, по краток одмор почнавме со симнување. По само некои 15-тина минути наидовме на една група на планинари од Чешка (19 на број) кои исто се искачуваа накај Северен врв.

Откако повторно се симнавме кај пролазот „Порта“ и симнувањето по камениот сипар, ја заобиколивме снежната долина и свртевме десно накај Очњак. По патеката преку „Шуплја Врата“ влеговме во арената „Љубокуч“ (камен амфитеатар формиран од глечерска ерозија).

Сонцето веќе се имаше кренато во својот највисок зенит, што ни создаваше извесни проблеми во движењето. Посебно кога требаше по карпест дел да се симнеме и да го заобиколиме врвот Очњак за да дојдеме до најпогодната патека за негово искачување. За среќа, откако стигнавме до обележаната патека, она што најмногу не израдува е фактот што 2/3 од нејзе е на северната страна и е во сенка. Така да искачувањето барем на овој дел ни одеше многу полесно, отколку симнувањето и заобиколувањето на самиот врв за да стигнеме до обележаната патека, која е многу стрмна , од црна земја и ситни камења, до каменитиот дел од врвот, и на некои места при искачувањето неопходно е држење за тревата. Искачувањето по стрмната „цик-цак“ патека траеше околу шеесетина минути. Потоа повторно излегување на сонце, на најстрмниот крпест дел кој се искачува на 4 делници со метални сајли. Овој дел бара доста добра техничка и кондициона подготовка и не е препорачлив за планинари кои немаат доволно искуство по вакви каменсти предели и врвови.

Во последните десетина висински метри од врвот Очњак, веќе нема сајли и клинови и треба да се премине преку тесен срт по кршлива карпа.

Од врвот има прекрасен поглед на целата долина и на останатите врвови од масивот. Во првиот ред се врвовите Северен врв, Висок врв и Јужен врв, или Каранфили, сите високи над 2.400 м. Повторно правење на некоја фотка, запишување во книгата на врвот, и внимателно симнување по сајлите назад.

Уморни, но доста претпазливи концентрирани успеавме да се симнеме по стрмните карпести предели по сајлите, за да стигнеме на северната страна и полека да почнеме со симнување во сенка. Резевите со вода ни завршија, и она што ни преостануваше е што поскоро да стигнеме до долината каде веќе го сонувавме белиот „Банатски ризлинг“ измешан со студена газирана „Књаз Милош“.

По патеката надолу, посебно во делот од густата шума, се гледаше дека овде одамна нема стапнато човечка нога. Тревите и копривите во некои делови беа премногу високи, што го отежнуваше нашето симнување. Но жедта и мислата за добро оладениот „Банатски ризлинг“ не водеше напред. По некои два часа симнување, или вкупно 6 часа и 10 минути се симнавме во долината, каде не очекуваше вода, добра сливова ракија, салата, телешка чорба, црногорски качамак со биено кравјо масло и његушки сир, телешко печење и добро оладениот „Банатски ризлинг“.

И за крај, две инспиративни песни, на кои се сетив на искачувањето на Проклетие:

Темен коњ лежи над планините - Славе Ѓорѓо Димоски
Темен коњ темел темен
темна подземна вода
што 'рмори
низ вековите.
Јас,
минувам под коњот,
мрачен и полуд
до глувост, во двиг
ги одбивам
глутниците мора:
Што загубив тука јас?
Што загубив,
та воздухот стана тесен
и кон мене се влече
големата желка
од висините?
Врз планините лежи темен коњ.
Нозете му се во клисурите.
Темна подземна вода
што 'рмори во зглобовите
и ги придвижува вековите,
штамата – мовта врз нив
низ која се пробивам.
(Колку е страшен
тој Вознес!)
Што загубив тука што загубив
Јас? – го прашувам коњот.
А тој темен лежи
врз планините.

Молитва – Блаже конески

Да појдеш ноќе в шума
Од сите утајум тајно,
На тиха полноќ да втасаш
До едно место знајно.

Ставити трепетни борје
До небо таму се вишат,
Тревите околу бујно
Опоен омав дишат.

Нема да истрпи веќе
Срце што лудува силно,
Со викум ти ќе се фрлиш
На земи дивно и вилно.

Земјо, радост  треба
На една младешка снага.
Лекуј ме, лекуј ме, земјо,
Од немир темен и тага!

 

Подготвил: Кире Миловски
Фотографии од: Кире Миловски, Борче Ѓелевски

 


© Copyright 2004 - 2014 Makpetrol A.D. Skopje