Планинарско Спортско Друштво МАКПЕТРОЛ Скопје > Макпетрол Home 
         Почетна страна
         Годишна програма
         Акции
         Документи
         Историја
         Библиотека
         Високогорство
         Topo Maps
         Контакт
         Линкови

 

 

 

 

Пилав Тепе - локалитет Плоча, Радовиш - 1 декември 2012

Во сабота - 1-ви декември 2012 - се решивме да ја искористиме прецизната временска прогноза која за тој ден најавуваше добро време. Речиси цела ноќ врнеше дожд но ние со голема верба во нашите норвешки прогнозери си појдовме кон Штип и Радовиш - кон локалитетот Плоча близу Пилав Тепе. По патот уште имаше темни облаци но како се приближувавме кон Радовиш времето стануваше се поубаво и кај нашето одредиште веќе имавме прекрасно утринско сонце. Од Скопје појдовме 7 души а од Штип ни се приклучија нашите домаќини за овој ден - Жико, Боби, Горан и Мики. Околу 8 часот се прибираме двете групи во подножјето на карпата каде ги паркираме колите и ја вадиме потребната опрема. Потоа поаѓаме на кратко искачување до самиот локалитет. Ставаме појаси, кациги, ги одмотуваме и проверуваме јажињата. Имаме три јажиња и доволно опрема за три наврски истовремено да се во карпа - за да што повеќе искачиме во овој мал по должина декемвриски ден.


Пилав Тепе рано наутро - огреано од прекрасните сончеви зраци

Желбата беше да се искачи некоја полесна насока во карпа - за поголемиот број на нашите членови - ново искуство.- сите имаа пробано качување на помало вежбалиште - top rope - но ова беше сега нешто посериозно - околу 130 метри должина, со три сидришта, со осигурување на партнерот... На почеток Боби, Жико и Горан одржаа теоретско предавање и практично покажаа некои од неопходните работи за денешниот ден и за почетните чекори во алпинизмот воошто. Потоа вежбавме врзување на осмица и лагерски јазол повеќе пати.


дел од вежбите на врзување на "осмица"

Потоа се поделивме по наврски - домаќините водеа во насоката "Младина 88" а ние - еден по еден - како втори во наврската се искачувавме. Боби како водач на првата наврска наиде на малку лизгав терен и на трева, мов и суви лисја издувани тука од ветрот, па имаше малку чистење на насоката. Но за чудо - карпата не беше многу мокра - сосема малку и тоа не пречеше при искачувањето. По стигнување на едната наврска на првото сидриште поаѓаше втората, па потоа третата... се си мина во најдобар ред - сите пробаа по еднаш во оваа насока. Само Татјана Герасимова имаше мал проблем што и пукна капилар на еден од прстите и почна да и тече крв, па затоа мораше да се спушти долу од првото сидриште - но и неа искачувањето дотогаш одлично и одеше. Како за прва проба на скоро сите членови, оваа акција беше сосема успешна.


Владо на почетокот од насоката "Младина 88"


Петар во насоката


Жико во насоката


Софија...


на локалитеот се појави и Зоран Мајсторски - еден од најдобрите и најактивните македонски алпинисти


Татјана Герасимова


Боби - поглед од горе

Потоа Жико и јас искачивме насоката Атис - многу убава насока но која од мене бараше повеќе сила во рацете - ја качив но во наредниот период треба малку да додадам во моите тренинзи вежби за раце. За останатите - бидејќи немаше многу време - во оваа насока поставивме вежбалиште top-rope и скоро сите пробаа искачување на почетниот дел од насоката.


во насоката "Атис"


Аце во еден деликатен дел од насоката "Младина 88"


Петар - поглед од горе


Тања Манчева...


... и на првото сидриште


Софија


од вежбалиштето на почетниот дел од "Атис"


на крајот - собирање на опремата - па испадна смешна конструкција

Околу 15:30 се спуштивме кај колите. Сонцето веќе почна да ја менува бојата на околината кон потемни тонови. Дури кога од поголема далечина луѓето ја видоа целата карпа и насоката по која се качуваа претходно, сфатија што направиле и колку убаво изгледа насоката. Ова искуство ќе биде почетно - на пролет ќе продолжиме со слични тренинзи - на вакви и можеби малку потешки насоки. Во секој случај прекрасно искористен ден, добиени многу нови сознанија и искуства - голема благодарност до домаќините од АК Астрајон - Штип - за советите, водството и трпението.


Пилап Тепе на зајдисонце


поглед кон карпата Плоча од подалеку


приказ на искачување на насоката "Младина 88" и враќање на почетната точка


профил на насоката "Младина 88" заедно со враќањето назад

Повеќе фотографии можете да видите на следниот линк :
https://picasaweb.google.com/117320863135421357287/PlochaRadovishClimbing

Автор: Трајче Панковски
Фотографии: Петар Герасимов, Радосав Тасевски, Тања Манчева
, Трајче Панковски


© Copyright 2004 - 2014 Makpetrol A.D. Skopje