Планинарско Спортско Друштво МАКПЕТРОЛ Скопје > Макпетрол Home 
         Почетна страна
         Годишна програма
         Акции
         Документи
         Историја
         Библиотека
         Високогорство
         Topo Maps
         Контакт
         Линкови

 

 

 

 

Пирин убав - 12-15 јуни 2014

„... Над мојата земја в небото опира Пирин, облаците в бура илинденски прикаски пејат ... “ пее Никола Вапцаров за Пирин во 1939 година. Нас Пирин од 12 до 15 јуни не пречека без бури и облаци, убав, зелен, полн со езера и со насмеани и љубезни луѓе.

Четири дневната авантура на Пирин со Борче Ѓелевски ја почнавме над Банско каде што ја оставивме колата и тргнавме кон планинарскиот дом „Јаворов“ на 1.750 метри надморска височина. До „Јаворов“ ни требаа час и половина низ убава и густа борова шума, или како што ја викаат бугарите „великолепна мурова гора“.

Следното утро тргнавме кон врвовите и во следните три дена веќе не се спуштивме под 2.000 м. Со ранци од околу 15-тина кг. во кои имавме четиридневни залихи облека, опрема (дерези, цепин, шлем, појас, Y -сет за ферати, планинарски чевли) и јадење, преминавме преку едно чудо сртови, се искачивме на многу врвови, се одмаравме покрај убави езера.

По стрмната патека над домот „Јаворов“ се искачивме до Суходолското езеро (на 2.311 м.), првото од многуте езера покрај кои поминавме во следните денови. Се искачивме на врвот Разлошки Суходол (2.640 м.) и преку Банови дупки (2.820 м.) и Бански суходол (2.884 м.) тргнавме по сртовите кон врвот Вихрен. Стигнавме до засолништето на Коњчето по чиј остар срт кон врвот Кутело (2.908 м.) има поставено метална сајла по која поминавме со комплет за самоосигурување. Како и дивите кози кои ги видовме во далечина се искачивме на Кутело (2.908 м.), па слеговме на седлото Премката за да се искачивме на највисокиот врв на Пирин, Вихрен (2.914 м.), од неговата западна и оснежена страна. Пред врвот по патеката имаше снег па мораше да се искачуваме по карпите. Околу пладне бевме сами на врвот од кого се гледаше колку е голем Пирин. Западниот дел од кој дојдовме го обви магла и како да ни кажуваше: „Тоа е веќе завршена приказна, ајде, напред ве чекаат нови врвови“.

Се симнавме во планинарскиот дом „Вихрен“ во кого спиевме втората вечер. На 30-тина минути под домот „Вихрен“, по асфалтен пат се доаѓа до ресторан со одлична храна. Првиот ден, од „Јаворов“ до „Вихрен“ поминавме околу 9 часа по сртови и врвови над 2.000 м. и затоа заспивањето ни беше лесно.

Следното утро преку тргнавме кон езерата во Бандеришкиот циркус (потоа низ Василашки циркус, па од Превалски циркус влеговме во Ваљавишки циркус и преку Поповоезерски циркус завршивме во Безбошки циркус). Бугарите го користат францускиот израз „Циркус“ за долини во вид на амфитеатар формирани од глечерска ерозија. Ние од убавината на „циркусите“ останавме неми. Секое езеро беше поубаво и повисоко од претходното. Снегот се топеше и се слеваше полнејќи ги бројните езера наредени едно над друго. Еден бугарски планинар ни кажа дека на Пирин има околу 170 езера, од кои неколку пресушуваат во текот на летото. Ги броевме езерата покрај и над кои поминувавме, но бидејќи не им ги знаевме имињата брзо им го заборавивме бројот. Дваесет и седмо ли беше, или триесет и прво? Патеката не водеше по сртот над кого од лева страна висеа снежни стреи, готови за паѓање.

Во една брошура прочитавме дека од домот „Вихрен“ до Тевното езеро требаат околу 5-6 часа одење, но ние после толку одење во околината не видовме дом. Затоа се спуштивме покрај Типицките езера се до зимско обележаната патека во долината каде што е наоѓа домот „Демјаница“ и тргнавме по патеката нагоре кон Тевното езеро. „Тевно“ значи „темно“ на дијалектот кој се збори во околината на Банско.
До Тевното езеро, на 2.512 м. не водеше обележана патека со црно/жолти шипки по која одеа уште неколкумина планинари од Бугарија. Се искачивме низ снежниот кулоар и преку Мозговишката порта влеговме во нов областа на Малокаменишки езера над кои што се извишуваа Малка Каменица (2.679 м.) и високата Каменица (2.822 м.).

А, во домот „Тевно езеро“ не пречекаа со песни. Едно весело друштво од Банско пееше убави песни за поробена Македонија, за македонското девојче, за шумите што шумат и за чифлигот на Кољо. Како да бевме на „Гоце Фест“. Со Борчета планиравме да спиеме во планинарскиот дом „Безбог“, на уште три часа од Тевното езеро, но кога ја видовме атмосферата во домот, се премисливме и останавме. Музиката, песните и ората продолжија и до доцна во ноќта во полниот дом со бугарски, македонски и чешки планинари и планинарки. Во домот подготвуваа храна, а имаше и вода и пива.

Следното утро преку Кралевдворската лева порта, внимателно се спуштивме во Поповоезерски циркус, со уште поубави езера. Тридневната авантура над 2.000 метри ни заврши на езерото Безбог, од каде што до местото Добриниште води стара, но функционална жичарница. Додека горе , над 2.000 м. времето беше сончево и топло, долу, во долината врнеше дожд и беше облачно.

Интересно, но како што се искачувавме над 2.000 м., така атмосферата во домовите се подобруваше, а тоалетите се оддалечуваа. Во домот „Јаворов“ забава ни правеше телевизорот, а во секоја соба имаше тоалет. Во домот „Вихрен“, управителот не беше многу разговорлив, а тоалетот беше на 10-тина метри од домот. А, атмосферата во домот „Тевно езеро“ беше највесела, додека тоалетот беше на 100 метри од домот.

Детали:

•  Од домот „Јаворов“, преку врвот Бањски суходол, Коњчето, Кутело и Вихрен, до домот „Вихрен“, со одмори, се потребни околу 8-9 часа.

•  Коњчето со металните сајли се поминува за околу 20-тина минути. Последната третина од сајлата е стара и ‘ рѓосана и потребна е употреба на ракавици за ферата (без прсти). Неопходен е комплет за самоосигурување (појас, Y- сет за ферата, шлем, ракавици).

•  За искачувањето на Вихрен од запад, од седлото Премката, се потребни околу 45 минути.

•  Од домот „Вихрен“, преку Бандеришките езера, по сртот над Превалскиот циркус, до Тевното езеро, се потребни околу 7 - 8 часа.

•  Од планинарскиот дом на Тевното езеро до езерото Безбог се потребни уште 4 часа симнување и искачување покрај бројни езера и ниска зимзелена шума.

Во Софија купувавме спортска опрема, па ако некој сака да купува опрема и облека во „Декатлон“, ви ги ставаме на располагање картичките со кои, за сума на картичката над 300 лева, се добива 10% попуст (на мојата картичка веќе има потрошена сума од 250 лева).

Значи, „Макпетролци“ и други љубители на доооооооолги и убави тури, подгответе се идната година за слична тура на Пирин.

 

Автор: Горан Николоски

Слики: Борче Ѓелевски, Горан Николоски

 


Пред домот „Јаворов“


Тргнуваме


Со сонце во грбот


Суходолско езеро (2.311 м.)


На сртот


По сртот


Бањски Суходол (2.884 м.)


Кривини


Чудна снежна форма на сртот


Уште еден врв


Бивак Коњчето


Коњчето


Стеснување на патот


Западна страна на Вихрен


По карпите кон врвот Вихрен


Бандеришки езера


Мраз


Типицки езера


Мазговишка порта


Тевно езеро


Весела атмосфера во домот


Високата Каменица (2.822 м.) зад цвеќињата


Кралевдворска лева порта (горе десно на сликата)


Силен поток


Санти мраз


Попово Езеро


До видување, Пирине


Над езерото Безбог

 


© Copyright 2004 - 2014 Makpetrol A.D. Skopje