Планинарско Спортско Друштво МАКПЕТРОЛ Скопје > Макпетрол Home 
         Почетна страна
         Годишна програма
         Акции
         Документи
         Историја
         Библиотека
         Високогорство
         Topo Maps
         Контакт
         Линкови

 

 

 

 

Беловиште-Пирибрег - 26 јануари 2014

Најавата за акцијата на Пирибрег на Шар Планина предизвика голем интерес, и покрај предупредувачките препораки што моравме да ги дадеме како организатори, во однос на кондиционата тежина и потребната опрема (според километражата и висинската разлика е идентична со Титов Врв зимска). Имаше повеќе заинтересирани, за жал некои од нив моравме да одбиеме поради неисполнување на безбедносните услови што ги поставивме, особено поради непоседување на соодветна опрема. Оваа акција, како и останатите што следат оваа зимска сезона, беше замислена како почеток на серијалот акции за припрема на планинари-високогорци, потенцијални кандидати за најавената акција на Мон Блан предвидена во годишната програма на нашето друштво (наскоро излегува и детален план на акцијата). Оние кои немаат доволно искуство, да се стекнат со потребното особено во зимски услови, да увидат што им недостасува од опрема, колку и како да се фокусираат на кондициони и висински тренинзи и припреми и сл., а за останатите членови на оваа акција, искусни високогорци кои имаат во план годинава да одат на повисоко, ова беше одличен тренинг.

Тој ден кон Беловиште во наша организација се упатија 3 автомобили со 11 планинари и една планинарка меѓу кои и два и члена на ПСД Кораб, дел од нив веќе неколку пати биле на овој терен а неколкумина за прв пат. Со оглед на должината на патеката што требавме да ја поминеме во неделата и состојбата со снегот, тоа утро решивме да појдеме малку порано, веќе во 4:15 се наоѓаме на вообичаеното место на бензиската на Макпетрол на излез од Скопје. Искачувањето го започнуваме нешто пред 6 ч. од кај рибникот над с. Беловиште на температура од -5/-6 ° С,... се уште е темница, со челни лампи се упатуваме по колскиот пат кој води низ шумата од десната страна на реката до 1250 мнв. до местото каде остро скршнуваме лево и за кратко време излегуваме на отворен терен.

На наше големо изненадување до тука немаше многу снег па движењето ни беше лесно. Кога излеговме од шумата веќе почнавме да пропаѓаме над глужд. Како се качувавме повисоко така и снегот стануваше подлабок и одењето значително поотежнато.

Моравме да се менуваме на челната позиција во разгазувањето на снегот, се почесто. Имавме земено и 3 пара снегохотки кои при крајот, и тоа како ни се најдоа и ни го олеснија патот до врвот. Времето беше променливо, облаците на моменти ќе се тргнеа и неколку пати успеавме да го видиме импозантниот Љуботен од нашата десна страна, целиот покриен во снег, но за жал ниту во еден момент не ни се покажа нашата крајна цел. Некаде на половина пат имавме едно откажување, еден член направи добра проценка на своите сили и сосема правилно одлучи да се врати назад. Ветерот што дуваше од северен правец стануваше се понепријатен на тие ниски температури, па моравме дополнително да се облекуваме и да ги покриваме сите откриени делови на телото. Пред да дојдеме до сртот имавме уште две откажувања.

Кога стигнавме на самиот срт наидовме на несекојдневна глетка, на места големи навеви од снег, веднаш потоа голи замрзнати делови, и така ред од едното па ред од другото, на места прошарано со по некоја карпа која излегуваше од белата површина. Тука имавме неколку не баш пријатни пролизгувања и падови на неколкумина членови, поради мразот кој на места беше прикриен од тенок слој снег и на прв поглед невидлив. Предупредувањето, како искусни планинари не го игнориравме па дисциплинирано си ставивме дерези бидејќи до самиот врв следеа неколку стрмни препреки што требаа да се совладаат а глетката накај косовската страна не беше воопшто пријатна. Видливоста на моменти беше многу мала така што целиот пат во горниот дел го одевме на слепо, се разбира со помош на нашите гпс уреди кои ни овозможуваат да се движиме слободно во било какви временски услови.

Препознатливите објекти на врвот ги видовме кога стигнавме на само 10-тина метри до нив. Задоволството при пристигнувањето на врвот беше огромно особено кога констатиравме дека сме го искачиле за само 5 часа и 15 мин. под тие услови, газејќи ја први патеката. Не ретко се случува, така и овој пат, кога ќе дојдете на врвот ветерот сосема да престане. Овој природен феномен ни овозможи и покрај ниската температур од околу 10-ина степени под нулата, да проведеме можеби повеќе од половина час во пријатен разговор. Инаку, сите бевме помалку скептици во исходот на оваа акција. Претходните денови имаше обилни врнежи од снег што малку не исплаши но не дотолку за да се откажеме од намерата, напротив, ни беше дополнителен предизвик. На врвот малку после нас пристигнаа уште двајца планинари од трочлената група што тоа утро исто така се упати на истата дестинација. Третиот се откажал и им се придружил на нашите тројца во ресторанот во Беловиште. Враќањето беше релативно лесно, освен засилениот ветер што на наша среќа ни дуваше во грб и неколкуте кратки искачувања по сртот, во главно цело време надолу, успеавме по веќе разгазената патека да се вратиме назад без многу проблеми.

Дури и сонцето на неколку моменти излезе да не почести со неколку извонредни глетки на околината, како заслужена награда за вложениот труд и пожртвуваноста. Остатокот од групата што се беше откажала ја најдовме во ресторанот во убава топла атмосфера и пред се, богата трпеза. Тука, како по обичај се рехидриравме со пиво и задолжителните „рибарски“ муабети,... и после тоа секој дома.

Технички податоци за патеката, во графиконот подолу:

 

Текст: Петар Герасимов
Фотографии: Петар, Благој, Боре, Борче...

 


© Copyright 2004 - 2014 Makpetrol A.D. Skopje