Планинарско Спортско Друштво МАКПЕТРОЛ Скопје > Макпетрол Home 
         Почетна страна
         Годишна програма
         Акции
         Документи
         Историја
         Библиотека
         Високогорство
         Topo Maps
         Контакт
         Линкови

 

 

 

 

Персенк Ултра 2013 (120 km/5200 m D+) (Александрова верзија)
- Родопи, Асеновград, Бугарија - 14-16 септември 2013

Извештај од Александар Симјаноски


Прв пат за Персенк Ултра слушнав на интернет преку клип што беше објавен на нашата група. Ми дојде интересно, ми дојде како предизвик кој одамна сум го чекал. Веднаш се заинтересирав за Персенк, но со оглед на тоа дека КМУТ беше закажан за истиот месец многу се размислував околу тоа дали ќе биде можно да се оди и на оваа трка, сепак КМУТ си е наша домашна трка па и давам предност. Кога после Тара Ултра Маратон веќе стана јасно дека КМУТ нема да се одржува оваа година, на иницијатива на Данчо Маркоски и Јовица Стојановски (Тајфун) кои веќе беа пријавени, решив да се пријавам и јас. Мислам дека во исто време со мене се пријавија Жикица Иваноски, Светлана Стојаноска и Александар Таковски, па така се собра екипата која реши да се соочи со предизвиците на Персенк Ултра.

Договорот беше да се тргне кон Асеновград во четврток на 13.09.2013 година после работа што ќе рече некаде околу 17 часот. Согласно договореното екипата од 6 тркачи: Жикица Иваноски (Жика), Светлана Стојаноска (Светле), Данчо Маркоски (Данчо), Јовица Стојановски (Тајфун), Александар Такоски (Тако), Александар Симјаноски и еден човек во логистика мојата сопруга Александра Симјаноска (Сандра) тргна кон Асеновград, Бугарија. Патот не траеше долго, поголемиот дел беше автопат брзо се патуваше, така што вечерта некаде околу 23 часот веќе бевме во Асеновград. Таму љубезните домаќини не пречекаа и не сместија во сосема пристоен хостел, изморени од патот сите до еден многу брзо се предадовме на сонот.

Утрото петок на 15.09.2013 година беше сончево, но според сите прогнози кои ги гледавме се најавуваше дожд баш пред и околу стартот на трката кој беше закажан за 00:00 часот, т.е. на полноќ. Први се пријавивме и ги подигнавме бројчињата, по што одлучивме да прошетаме до Пловдив, кој беше на оддалеченост од 18 км од Асеновград таму ручавме и некаде околу 15-16 часот повторно бевме во хотел во Асеновград.

Jа подготвивме опремата и спремивме ствари за „дроб-бек“. Организаторот даваше можност два пати и тоа на 41 км, а потоа на 71 км да се употребат вреќите се решив во вреќата да оставам повеќе пара чорапи и маици со цел да имам резерва поради дождот, со оглед на тоа дека наредниот ден требаше да биде топло се решив за нешто полесна опрема од таа што ја носев на мене вечерта. По ова скоро сите легнавме да отспиеме ноќта е долга, а трката почнува на полноќ секому му треба добро да отспие. Во 20 часот беше закажан техничкиот состанок по што следуваше паста парти. Сите до еден отидовме на техничкиот состанок, а потоа на паста партито кое се одржуваше во трпезаријата на нашиот хостел. Баш во момент кога добро се наполнивме со макарони, силниот ветер донесе облаци со кои го стемни небото, така што единствено нешто што светеше покрај молњите беше Асеновата тврдина која надвиснуваше над градот. Добивав морничав впечаток дека сум турист жртва во филм со вампири некаде во Трансилванија. Секој момент се надевав дека облаците ќе си заминат, а дождот ќе престане. По паста партито следуваше спиење до негде 23 часот, а потоа проверка на опремата и стартот.

Прекрасно осмислен старт, но на дождливо и ветровите време, едвај да уживавме во етно музиката која што свиреше, конечно 00:00 и стартот на трката. Пред стартот на трката се поздравив со жена ми, а потоа и со Данчо, Светле, Тако, Тајфун на кои им посакав успех, и се обидов да се залепам до Жико. Првите неколку стотина метри поминуваа низ центарот на Асеновград по рамен асфалтен пат, а потоа следуваше угорнина кон тврдината и црквата св.Димитрија. Следејќи ги првите неколкумина сите го фативме погрешниот пат и наместо да свртиме остро десно и да влеземе во шумата над Асеновград, отиднавме по асфалтот околу 1-1,5 км нагоре. На иницијатива на еден од Бугарите, а под водство на нашиот пријател Бахадир од Турска се вративме назад по асфалтот го пронајдовме скршнувањето и бевме на вистинскиот пат, но за жал веќе имавме поминато 2-3 км повеќе од предвидената траса на патеката. Бахадир, Жико, еден бугарин на кој не му го дознавме името, а кој трчаше без маица (гол) и јас се одвоивме од останатите како водечка група уште на првата угорнина. Набрзо потоа бугаринот исфорсира, останавме јас, Жико и Бахадир. Бахадир и Жико го преземаа водството на групата, а јас само се обидував да ги следам.

Дождот престана, но силниот ветар не ни даваше мира, каллива патека, и темното затворено небо ми правеше да се чуствувам морничаво. Едвај да разменивме неколку зборови со Жико и Бахадир, но некако како сите да се согласивме дека ноќта не е за сам по планините. Поминавме на прва контролна точка, Бахадир веќе почна да заостанува и тешко забрзано да дише. Не праша на кое време целиме со Жико? Му одговоривме дека само сакаме да уживаме во темпо што ни е лагодно. Разменивме уште неколку реченици, од кои дознавме дека има 45 години и дека татко му , по потекло е од Македонија, на што духовито му возративме дека сме група од тројца Македонци, се насмевна па сите тројца продолживме понатаму. Разговорот стивна, настана штама, Бахадир се повеќе заостануваше, а јас и Жико лесно продолжувавме понатаму. После секое искачување штом ќе излезевме не некоја голина ветерот не шибаше безмилосно ни внесуваше студ до коска. Чуствував, а тоа можеше да се види и од силуетите, дека околу нас има прекрасен пејзаж од ридови и врвови, но за жал сето тоа беше невозможно да се види поради мракот од ноќта и темното намуртено небо.

Воден од претходното искуство дека тешко е Жико да се прати долго време, само се надевав дека ќе издржам барем додека раздени, а после се ќе биде полесно, ќе изгрее сонце, ќе се гледа и ќе биде потопло, така што и да се одвои Жико лесно ќе можам да се снаоѓам сам. Но немаше место за паника Жико водеше, не форсираше, јас се чуствував одлично, темпото ми беше како прилагодено на моите можности и способности, а некако премолчно и двајцата како да бевме согласни дека ноќта не е за брзање, и дека е подобро да останеме заедно додека раздени.

Мислам дека на искачувањето од контролна точка А2 кон контролна точка А3, Жико имаше проблеми со стомакот па подзастануваше неколку пати, а потоа брзо ме стигнуваше. Набрзо почнавме да пристигаме групи од 2-3 тркачи од оние кои беа пред нас, кои лесно ги поминувавме. На неколку пати кога се обидов да исфорсирам да стигнеме по некој тркач, Жико искусно советуваше да не брзам да не се трошам премногу затоа што долг е патот, по што веднаш се враќав назад со темпото.

Контролна точка А3 наводно на 26 км, иако GPS системот на саатот од Жико покажуваше ако не се лажам 30-31 км. На последната угорнина пред оваа контролна имаше многу тежок успон на кој Жико малку се одвои, но не беше ништо страшно со оглед на тоа дека имаше еден куп тркачи со кои на овој успон се разминавме и се сретнавме на А3. Кратка пауза, колку да се земе вода и нешто малку тврда храна, и пат под нозе.

 

Следуваше спуштањето до А4 (с.Орехово) 41 км, каде првпат имаше можност да се употреби нешто од оставената опрема. Овој дел од патеката имаше еден рамен дел по кој лесно трчавме, но често ја промашувавме маркацијата или пак подзастанувавме да се мислиме кој правец да го фатиме. А потоа следеше тешко спуштање по карпест терен во кој уште почесто ги промашувавме маркациите или пак подзастанувавме да се мислиме за правецот. Со оглед на тоа дека челната лампа на Жико попушташе со батериите, ми препушти јас да водам во овој дел, што воопшто не беше лесна задача, иако мислам дека лесно и брзо се снаоѓав затоа што сакам остри, стрмни и карпести спуштања. Во овој дел лошо на карпа го удрив прстот до палецот на левата нога, ударот ме заболе до срце, од ударот ноктот потоа поцрне. Помина и тоа непосредно пред да се раздени, поточно во самите зори се најдовме на контролна точка А4 – 41 км.

Јадевме по нешто тврда храна, наполнивме вода, јас пресоблеков маица, и побарав медицинска помош, масажа на листот на десната нога, кој непосредно пред влезот во оваа точка почна да ми се грчи. На оваа контролна за првпат се сретнавме со Мариа Николова (Марија - Бугарка - победничката во женска конкуренција – меѓу 15-те првопласирани на UTMB оваа година во женска конкуренција), Костантин Атанасов (Коста - Бугарин кој цела трка и беше придружба на Марија), и Руско Кадиев. До овој момент на трката со Жико, воопшто не се интересиравме за нашата позиција, но на излегување од контролната случајно погледот ми падна на списокот со тркачи кои поминале на контролната. Му довикнав на Жико, се поврати и забележавме дека сме на 5-та и 6-та позиција. Од овој момент натаму трката за нас почна. Беше ден, сонцето почна да изгрева, стануваше се потопло, молкум без никаков договор, како да се согласивме од сега натаму секој со своите сили да форсира кој колку може за подобар пласман. Следуваа успони, и Жико тргна во потера, јас не сакав многу да форсирам, не се чуствував како спремен за напад на успон, иако имав доста сила, енергија. Последните неколку недели после Тара, немав видено планина ниту со очи. Се обидував недостигот на висинска разлика и трчање на угорнини да го компензирам со босоного трчање по песок и трчање во вода, но сето тоа не е исто.

Жико се одвои, не одмина многу време, за мене се залепи еден Бугарски натпреварувач, и продолжив заедно со него. По 15-20 мин. трчање повторно се сретнав со Жико, со него беше Руско Кадиев, ушуткани лево-десно ги бараа маркациите и вистинскиот пат кон врвот Персенк. Жико малку разочаран, изреволтиран, многу се намачивме со маркациите во текот на ноќта и ова во момент кога почна борбата стварно беше вишок. Се обидов да влијаам позитивно на него, му реков Руско е со нас, он е трети во машка со оглед дека напред пред нас е Марија, тоа значи дека и без многу форсирање има пиедестал, а ако продолжиш јако може да стигнеш и на подобра позиција. Телефонски повик, го реши проблемот со маркацијата, го продолживме патот надолу се до кај Даниел Панев кој стоеше на позицијата за да им го покаже на сите натпреварувачите острото свртување кон лево, кон успонот кој водеше во правец на врвот Персенк.

Жико се одвои замина од видното поле, Руско го пратеше со големо заостанување, јас и другиот Бугарин лесно се качувавме позади нив. Почуствував дека темпото ми е споро забрзав, Бугаринот позади мене тешко дишеше веќе подолго време и почна да заостанува. Си фатив ритам се чуствував прекрасно, постепено на успонот нагоре кон врвот го стигнав и Руско, уште од поодамна го имав маркирано во видно поле и видов дека нема ритам дека тешко го качува успонот. Пред да се качиме на врвот веќе го имав поминато Руско и имав направено неколку минути разлика.

На контролна точка А5 направив пауза колку да дополнам вода, и заминав наредната точка нудеше топол оброк па немаше потреба овде да се задржувам долго. Не очекуваше уште мало искачување, а потоа спуст. Се чуствував прекрасно, сонце грееше, не беше ни топло, ни ладно, иако во сенка поради ветрот студот стануваше појак, сепак веќе беше ден. Знаев дека пред мене се Коста и Марија, и дека нив треба да ги ловам.

Кога влегував во контролна точка А6, видов како Марија и Коста излегуваат оттаму. Се израдував, знаев дека не се далеку пред мене, но дека се олку блиску не очекував. Се одморив јадев супа со ориз и компир, кришка-две леб, дополнување на вода, Ц-витамин и таблета (Ca, Mg, Zn - фала Тако). Се јавив на мобилен кај жена ми, Сандра, договорот беше штом помина ноќта утрото околу 9 часот да се слушнеме на телефон, и кажав дека Жико е втор, и отприлика кога да го чека на цел, и кажав дека сум добро, тукуречи супер и дека сум во потера и многу блиску до трето место, а потоа пат под нозе.

Колку и да беше значајно да ги стигнам Марија и Коста, на еден рамен дел помеѓу А6 и А7, ме фати мрза, ми се приспа, се движев како без волја, имав енергија, не чуствував никаква криза, ниту бол, дури и листот на десната нога ми беше поминат, но сепак се движев споро. Во тој момент ме пристигна еден Бугарин со бркови, на возраст помеѓу 40-50 години, ме праша дали знам колку се далеку Марија и Коста и ме помина. (Овој човек на крај кога ја заврши трката, го прогласија за херој на трката затоа што ја имаше утнато маркацијата помеѓу А10 и А11, имаше направено наместо 120 км цели 150 км, со цел да се врати на вистинскиот пат и да финишира). Кога ме помина како да ми звонеше саатот за будење во глава, се разбудив и тргнав по него, набрзо го стигнав, па продолживме заедно понатаму, се обидуваше да ми направи разлика, но често ја утнуваше маркацијата па неможеше да се оделепи од мене. После извесно време решив да не го следам, туку да внимавам на маркациите, при што јас прејдов напред и тогаш нагазив, па се одлепив од него. На А7 пристигнав со 2-3 мин. разлика пред него. Таму ги затекнавме Коста и Марија, на човекот му се брзаше, пиеше изотоник, кафе, зеде храна во рака и си замина. Кога видов дека има кафе, се израдував, веднаш побарав едно и за мене, се напив кафе, изотоник, дополнив вода во меурот, и тргнав по Бугаринот. Следуваше спуст до А8 (с.Орехово), спуштав брзо и лесно. На момент се исклучував психички едноставно лебдев да не речам медитирав во движење, така што често заборавав на маркациите. Во еден момент се сетив дека многу пат минав, а дека не го видов, поминав Бугаринот, а исто така ми текна дека во последни 600-700 м не видов маркација. Продолжив со внимание да спуштам уште 200-300 м, кога видов дека нема маркација, почнав да се враќам нагоре, ми влезе нервоза што ја утнав маркацијата, т.е. што не бев сигурен дека сум на вистинскиот пат. Се враќав нагоре многу брзо, на едно 500 м го сретнав Бугаринот, тој сеуште спушташе. Му кажав дека надолу нема маркаци, му текна и на него дека одамна нема видено, а се присети и на кое место видел последен пат, па заедно продолживме натаму. После 500-600 м ја најдовме маркацијата, вртела остро лево, и наместо по широкиот пат спуштала по тесна козја патека. Веднаш презедов иницијатива, ваквите патеки најмногу ги сакам, летнав надолу, се одвоив, а после 5 мин. ги достигнав Марија и Коста, кои спуштаа внимателно, ги поминав и летнав по ридот надолу кон А8 што можам појако.

На А8 одморив малку, дополнив вода, бидејќи сонцето веќе ги исуши патиките, а чорапите беа водени со цел до крај на трката да трчам со суви нозе, си сменив чорапи. Конечно трето место.

Следуваше успонот на денот 12 км качување, на почетокот првите 3-4 км карпест терен, угорнина од над 20 % ако не се лажам, а потоа полесен не многу стрмен но долг успон. Знаев дека морам добро да качувам, ако добро го качам овој успон, на спустот кој следеше, а беше цели 17 км, планот беше да го осигурам третото место. Во моментот кога го нагазив успонот во подножјето долу ги видов Коста и Марија, ова ми даде мотив плус. Фатив добар ритам, не се задишував, брзо и лесно се движев по карпите нагоре, на моменти чуствував како на нозете да им е доста од качување, како да немаат сила, но се беше во ред, се беше под контрола. Лапав гелови и бонбони, доволно вода и шибав. Беше ова најтоплиот дел од денот. Сонцето печеше, а на таква карпа, добиваш впечаток како да си под сач, како и да е, после студот во текот на ноќта ова беше убаво за промена.

Помина карпата, патеката водеше по широк макадам пат и цело време само нагоре. Одозгора имав убав видик и можев да видам каде се наоѓаат другите, кога и да се свртев назад, позади мене немаше никого. Овој успон долго траеше, и таман кога мислиш дека е готово си го качил, патот ќе се завие и пак нагоре, налет, не можеа ли да го направат подолг, каде е по ѓаволите А10 и 83 км. Од патот се скршнуваше лево и низ мала шумичка се продолжуваше нагоре, одиш и одиш, а контролна точка нема нигде. Помина млад брачен пар со две деца, ми рекоа дека контролната е блиску на околу 500 м. Поминаа и 500 м, си помислив во себе, а бе со какво метро меревте, ова ли се 500 м, налет више овој успон дали некогаш ќе заврши, само да ја видам контролната. Конечно, дојде контролната, фала богу, наполнив вода, се истегнав, малку се испружив на клупите, малку нешто каснав, се напив кафе и изотоник. Моите електролити веќе не можев да ги пијам ми имаа гаден вкус, така што изотоникот што го нудеа на контролните беше одлична замена, па се обидував да пијам колку што можам повеќе.

Следуваше 17 км спуст до А10, спуштав јако, сакав само да се одвојам колку што може повеќе од другите, исклучително внимавав на маркациите, на последната контролна веќе ми честитаа, наводно според информациите кои ги добиваа по радио врската другите се далеку позади мене. Спуштав со сета силина, време беше за последниот удар. После извесно време, го намалив темпото, сметав дека сум далеку од сите други позади и дека ќе треба малку да се штедам, за последните 20 км. Како претходно качувањето, така и ова спуштање како да траеше еден век, спушташ и спушташ и таман мислиш оп еве ја контролната, пак спушташ. Почнав да замислувам како ќе изгледа подиумот наредниот ден, ми требаше да ги одвојам мислите од долгото спуштање, ми требаше позитивен момент. Освен оваа психичка бариера физички сеуште бев тукуречи супер. Имав мала тегоба во стомакот, мачнина, знаев дека е од геловите, од благото и недостиг на тврда храна. Веќе имав донесено одлука дека на 100 км, на А10, ќе јадам нешто од тоа што се нудеше на контролните точки.

Конечно заврши спустот, фала богу, мало искачување, па пак мало спуштање, се влегуваше во едно село, публиката околу контролната точка аплаудираше, бодреше, се си беше супер. Го спуштив ранецот, зедов леб, патлиџан и сирење, додека ми полнеа вода во меурот, јадев, лежерно пиев кока-кола и разговарав со луѓето околу. Без да ги прашам ми кажаа сигурно ти е 3-тото назад на 1 ч, 1:30 од тебе нема никој. Не им верував многу, им реков дека сигурно ќе биде кога ќе ја поминам целта. Разговорот не беше завршен, кога публиката почна да аплаудира и да вика, оп на контролна влегува нов тркач (Грк), ми изгледаше свеж како сега да почнал, си зеде банана, се напи вода, го помина чипот и си замина. Уф, крвта почна да врие, влезе нервоза, набрзина се собрав, го оставив јадењето, една банана за попат, и шпринт по него. Поминав околу 500 м, и на првиот нареден успон, нозете се згрчија како бетон, нема мрдање, едвај одев.

Се скина алка од синџирот, во стомакот почнав да чуствувам уште поголема мачнина, и ми се појави несвестица, се движев полека нога пред нога, се тетеравев лево-десно одржувајќи се едвај буден, едвај на нозе. Седнав го зедов телефонот, се јавив на Сандра, кажав во каква состојба сум, дека го изгубив третото место, и дека е тешко во ваква состојба да го повратам назад. Ми се насмевна ми рече: можеш ти, јак си. Ми направи мала шега на сметка на Марија (не се преправај ми рече, гледам ја овде на GPS - от од чиповите, цело време сакаш да си околу Марија, свите викаа дека е згодна). Но мене не ми беше до шега, губев свест, нозете беа камен, не одеа, ми се повраќаше, се тетеравев, едвај се одржував во свесна состојба и на нозе, си викав од цела трка цели 100 км, една единствена криза и баш сега ли најде. Звони телефонот, колку и да не сакам да се јавам, знам дека е Сандра и дека е загрижена. Собирам сила го вадам од ранец, ме праша: како сум? И кажав. Рече: дали сакаш да дојдат по тебе? Реков: Не. Ќе одам вака, полека до 107 км, контролна точка А11, а после тоа, таму ќе одлучам дали ќе продолжам или ќе побарам помош. Агонијата продолжуваше, благ успон од 7 км, ми се чинеше дека трае цела вечност, нога пред нога, лево-десно, и пијан сум бил во подобра состојба за одење од ова сега. Да викам помош, или не? Да се откажам? Ќе паднам, ќе неможат да ме најдат, татко ми остана вака по планини, ама он не од аздис, на трка, туку по работа, иста ли ни е судбината. Чекај, ај ќе поодам уште малку, не е далеку А11. Ене ја, онде е. Сега ли да се откажам. На една единствена трка ја донесов жена ми и сега, сега, на оваа трка ли да се откажам, сега ли да ме види во ваква состојба. Сега ли да испаднам кукавица, личи ли до преска си држел трето место, сите ми честитаа, сега да барам помош, да се откажувам. Не личи, ќе се посрамотам самиот, ќе ги посрамотам сите, ќе го посрамотам тимот, ќе ја посрамотам Македонија.

Конечно после толку многу време ме помина човек, ме праша како сум. Видов дека е тоа Бугаринот со бркови, добро на вистинската патека сум.

Помина долго време никој друг не ме помина. Почна да ми се јавува нова дилема: сум го промашил ли патот, е сега уште и ако сум го промашил патот, ова ќе е крај. Како и да е си реков мора да стигнам на некоја контролна точка, ако стигнам на погрешната, тоа е тоа, нема повеќе каде. Ова мора да е погрешниот пат, ме помина само Бугаринот со бркови, никој друг. Не е можно да сум направил толку многу разлика, цели два часа да не ме стигне никој. Ова мора да е погрешниот пат, Бугаринот со бркови, како и многу пати претходно на трката повторно згрешил, а јас сум на истиот пат со него. Здогледав чешма, го зедов телефонот, сакав да вртам да прашам дали оваа чешма е на вистинската патека кон А11, во тој момент позади мене ги забележав Марија и Коста. Ги прашав: рекоа ова е патот ене ја контролната на излез од шумава на 500 м. Ги пратев до таму, и оп ете ја контролната немаше ни 500 м до таму, заедно влеговме на контролна. Го регистрирав чипот, седнав на стол, ми понудија кафе, прифатив, каснав малку лешници и бадеми. Во стомакот веќе не чуствував толку голема мачнина. Си разменивме некоја шега со луѓето на контролната, ми понудија медицинска помош, одбив, шегите ме расположија. Малку одморив, го допив кафето, каснав уште малку од лешниците и бадемите. Станав и полека тргнав.

Како што одев полека, ми пуштија нозете, се олабавија мускулите, ми се врати силата, ми се намали мачнината, ми се врати свеста, се вратив во нормала. Следеше 13 км спуст, и ноќ. Коста и Марија беа пред мене, но одеа воедначено споро темпо и се потпираа на штеки. Добив сила, не ми се остануваше со нив, откако ги поминав на 60 км цела трка бев пред нив, имав и добра предност пред нив, не сакав пак да ме стемни, ајде да завршам што може побрзо, доста ми е. Почнав да спуштам брзо, ги поминав Коста и Марија, и надолу во мој стил. Се јавив на Сандра, колку да и кажам дека се вратив, дека сум подобро, дека сум супер, и дека спуштам најјако што можам, отприлика и кажав кое време ќе бидам на цел. Но спустот беше долг телото истрошено, ме фати мрак, повторно ја уклучив челната лампа. Мораше да олабавам, не дека сакав и дека морав заради мене, но условите го наметнаа тоа. Тесна, стрмна патека, издлабена во земјата од дождовницата која што течела по неа, камења на сите страни, едвај да можеш да одиш на ваков терен, а не да трчаш. Тука си го повредив прстот до палецот на десната нога, ноктот и на овој прст поцрне. Кога се урдив, се насмевнав, барем сега ќе сум симетричен.

Спустот траеше и траеше, конечно асфалт, но ова е автопат. Стрелката покажува вртење на лево, вртиш на лево, преку мост и таму, крај на маркациите, налет пак ли реков, човек не може ни да финишира како треба. Знаев дека Марија и Коста се позади, веќе не се ни замарав со маркацијата, седнав на камен почекав 10-15 мин. дојдоа, прашаа на телефон за патот. Заеднички го најдоа, Марија водеше, јас само се залепив за нив двајца, и продолживме на успон кон Манастирот кој беше контролна точка А1, а потоа спуст по асфалтот, по кој претходната ноќ го почнавме нашето патешествие. Штом излеговме на асфалт, тие засилија темпо, но ги пратев. Пред да стигнеме на цел им понудив Марија како прва во женска да влезе пред мене и Коста, за да не и го одземеме моментот. Марија не се согласи, ми понудија јас да влезам прв, а потоа они двајца заедно. Сметав дека тоа не е фер од моја страна, па затоа им реков не. Потоа успорив, им дадов предност, им дозволив заеднички како што ја минаа целата трка, така и да финишираат. Подоцна на нив им додадоа 40 казнени минути за кратењето на патеката на самиот старт, по што во конечниот пласман завршив како 4-ти пред нив двајца. Конечно цел, победа, се победив себе си и мојата немоќ. Ме чекаа Сандра, Жико и Светле, честитки некоја слика, а потоа туш, неизбежната треска, и едно ладно пиво.

Се договаравме со Сандра, Жико и Светле да ги чекаме останатите, најрано требаше да дојде Тако по наши проценки околу 01:00 по полноќ, а потоа Тајфун и Данчо. По тушот уморни од дента се предадовме на сонот, не разбуди влегувањето во соба на веселиот Тако. Не изненади човекот успеал да финишира нешто по 23 часот, така што за жал не успеавме да го пречекаме. Малку разговор, некоја голтка пиво, отиднавме до центарот да прашаме за состојбата на другите наши двајца натпреварувачи, ни кажаа дека Данчо се откажал на 100 км, а дека Тајфун ќе треба да го очекуваме на цел околу 06:00 часот. Повторно сладок сон, не раздени и разбуди Тајфун кој триумфирал, минал низ целта. Потоа отпочнаа припремите за церемонијата на прогласување на победниците и патот кон дома. Нашиот тим постигна успех Жико заврши на 2-то место, Јас на 4-тото, Тако како 10 – ти, Тајфун успеа да ја заврши трката. За жал Данчо (100 км) и Светле (71 км) биле принудени да се откажат.

Сите до еден од учесниците на Персенк Ултра се согласија дека ова е убедливо најтешката трка на која некогаш учествувале, за што сведочи и податокот дека само 45 % од вкупниот број на учесници кои стартуваа ја завршија трката. Најдобриот момент беа контролните точки кои беа полни со се и сешто, и љубезните домаќини кои постојано се нудеа за помош и поткрепа. Ах да не заборавам, ултра супер момент беа чиповите. На оваа трка добивме чипови за на прст, па наместо да префорираме картички, се еввидентиравме на контролните точки со регистрирање на чиповите.

Автор : Александар Симјаноски


© Copyright 2004 - 2014 Makpetrol A.D. Skopje