Планинарско Спортско Друштво МАКПЕТРОЛ Скопје > Макпетрол Home 
         Почетна страна
         Годишна програма
         Акции
         Документи
         Историја
         Библиотека
         Високогорство
         Topo Maps
         Контакт
         Линкови

 

 

 

 

Персенк Ултра 2013 (120 km/5200 m D+), Бугарија - 14-15 септември 2013

Извештај од Жикица Ивановски

Љубопитноста и желбата за трчање овојпат не одведоа во Асеновград, 400 км далеку од Скопје, на првото издание на Персенк ултра (120km и 5200m +D). Седумчлената екипа составена од Александар и Сандра Симјаноски, Светлана, Александар Таковски, Данчо, Јовица Стојановски и јас пристигнавме нешто пред полноќ во четвртокот во Асеновград каде нашите љувезни домаќини / организатори веднаш не сместија во хотел на само неколку чекори од центарот на градот. Патувајќи од Софија кон Пловдив безброј молњи ни го осветлуваа патот кон Асеновград најавувајќи го дождот кој требаше да падне пред трката.

Утредента први се појавивме на регистрацијата и проверката на задолжителната опрема. Имавме доволно време на располагање па решивме да се прошетаме до Пловдив. Потоа повторно враќање назад и спремање на ќесите за контролните точки. Во 20:00 имаше закажано технички состанок каде организаторот ги објаснуваше деталите околу трката и одговараше на поставените прашања. Од таму сите присутни се префрливме во „нашиот“ хотел каде имаше паста парти. Добро се наполнивме со калории и се повлековме по собите исчекувајќи го стартот. И тогаш како за инает почна да врне и грми. За да биде повозбудливо, нели.


екипата од Македонија


Сандра и Александар

На стартот беше прилично живо, околу осумдесетина натпреварувачи претежно од Бугарија но и од Романија, Турција и Македонија и доволно публика да не испрати имајќи предвид дека беше полноќен старт. Организаторот претходно ни подели чипови / прстени како за ориентациските натпревари што беше далеку подобро од перфорирање картончиња.

Три, две, едно и старт. Тргнавме полека заедно низ градот покрај хотелот и го фативме асфалтниот пат кон црквата Св. Димитрија. Овде поголем дел од нас ја направија првата грешка. Ја промашивме маркацијата за острото свртување во десно и продолживме по асфалтот. Пред Асеновата чешма се освестивме за направената грешка и некој од бугарските натпреварувачи се консултираше со организаторите. Затоа Бахадир од Турција не организираше сите да спуштиме надолу и да го фатиме свртувањето. Некои сепак продолжија по асфалтниот пат и многу порано се појавија на А1 поради што на крај добија пенал од 40 минути. Веднаш по свртувањето се издвоивме напред со Александар С. и Бахадир и продолживме со брзо одење по стрмнината. Набргу и ние стигнавме до А1 и продолживме во правец на Асеновата тврдина, еден од неколкуте најпознати историски знаменитости во Бугарија. Од таму кон А2 водеше многу убав предел низ борова шума каде на делови трчавме со Александар С. Планиравме да обрнеме повеќе внимание на маркациите преку ноќта за да се не губиме, но и покрај тоа имавме колку што паметам две кратки губења.  

А3 значеше и крај за првото посериозно искачување и прво техничко спуштање кон село Орехово и А4. Беше се уште ноќ и многу внимателно се движевме при ова спуштање внимателно следејќи ги маркациите. Само што стигнавме во Ореово почна да се зазорува. Ноќта беше позади нас. Застанавме на А4 да надополниме вода и нешто храна. Оваа контрола како и сите останати беа супер опремени со храна и течности па дури нудеше и масажа која Александар реши да ја проба поради болките во листовите. Продолживме заедно со Александар С. за кратко и само што решив да забрзам на едно свртување го затекнав Руско Кадиев двоумејќи се по кој пат да продолжи. Маркациите водеа повторно кон село Орехово наместо кон домот Персенк А5 за кој постоеше знак. Набргу стигна Александар и уште еден натпреварувач од Бугарија и по телефонскиот разговор добивме одговор да продолжиме по маркациите и на помалку од километар на остро свртување не чека Даниел Панев (по него беше именувана оваа кривина). Од таму можеби најстрмното искачување на оваа трка водеше до домот Персенк. Кога влегов во домот ги затекнав Марија и Константин и решив да пробам да се залепам за нив до следната контрола А6 која ја паметам по импресивната карпеста купола. Така и бидна. Оваа контрола нудеше и топол оброк па решив да сркнам една супа со ориз.


убавите предели за трчање - кај А6

Излегов сам од А6 и полека си фатив кон следната контрола. Овде патеката се движеше низ кањон каде дури имаше поставено и јаже за движење нагоре. Доста тежок и исцрпувачки терен. 

Следна беше А7 каде прекрасната екипа од волонтери ме нудеше со храна и изотоник. Болките во стомакот веќе подолго време ме мачеа и осебено беа изразени на спуштањата па некако и храната ми стануваше одбивна. А до наредната контрола А8 само спуштање. Повторно во село Орехово но овојпат А8. Решив да редуцирам нешто од ранецот и да сменам чорапи. Ме чекаше уште едно стрмно искачување и би рекол најисцрпувачкото за мене. Нешто налик на прилепски Козјак. Во отсуството на стапови решив да пробам искачување со една сува гранка. И не беше лошо за малку промена.

А9 всушност беше истата со А3 но тоа го сфатив неколку дена подоцна. Бидејќи беше речиси комплетно спуштање до следната контрола решив само да дополнам вода. Веќе и спуштањата беа претешки за мене а посебно по асфалтниот дел. Овие две точки беа на најдолго растојание од 17k. Пробував да ги освежувам нозете на чешмите на кои наидував и кратко потоа да трчам и некако да ја минам психолошката бариера од 100k каде беше и А10. Од таму па се до крајот секој чекор беше голем напор. На целото тоа уште од самиот старт со Александар С. имавме додадено плус 5-6k во губење. 


подиумот на Персенк Ултра 2013

За малку ќе ја пројдев А11 да не ми довикнеа волонтерите кои се бавеа со печење скара. Остануваа уште 13k до крајот и припрема за најстрмнното спуштање на трката. Бев исцрпен како никогаш. Немав претстава каде е Асеновград кој и онака не можеше да се види од високота шума. Најтехничкото спуштање доаѓа на самиот крај, избраздено коритце каде што течела вода. За да биде уште потешко истргани беа маркациите пред влезот во градот. Затоа се одлучив да го фатам патот по кој трчавме ноќта но во обратна насока и за среќа тој беше вистинскиот. Ја препознав цркавата Св. Димитрија и асфалниот пат. Веќе се ми беше појасно и полесно. После 18:03 бев на финишот и на второ место. Како прв беше финиширал Даниел Строеску од Романија со импресивно време од 16:52 и додаден пенал од 40 минути. На финишот чекаше Сандра пратејќи го нашето движење преку целата трка па од неа добив информација и за останатите. 

Мислев на многу работи за време на оваа трка. На тоа како Крис Хорнер претходните два дена ја доби Вуелта на 40 години и стана најстариот победник на еден Гранд тур, на тоа што ќе правам во наредните денови, на тушот после трчањето, на нашите кои трчаа, на Светле, но најмногу од се мислев на Зоран Димов и борбата која му претстои. Ова второ место му го посветувам нему.  


женскиот подиум на Персенк Ултра 2013

Александар С. пристигна точно по 21:00 и заврши на одличното четврто место, Александар Т. пристигна по 23:31 како единаесети а Јовица финишираше после 30:32. За жал Светле се откажа на 71k додека Данчо на 100k. Самиот процент на финишери од 45% доволно говори за извонредно тешката патека. 

За крај да им се заблагодарам на организаторите за извонредната организација на рамниште на големите европски и светски трки и секако на волонтерите кои ги покриваа сите пунктови.

Жикица Ивановски

 

Извештај од Светлана Стојаноска

После трката – Lavaredo Ultra Trail во Италија ги запоставив напорните тренинзи. Трчав лабаво, ако почувствував мака го намалував темпото. И се така без некој план за наредна трка знаејќи дека летото ќе биде напорно со работни обврски и дека ќе нема некоја шанса за учество на друга трка.

Помина Тара ултра маратон и со тешко срце го прежалив овој настан.

И можеби како резултат на сето тоа енергијата која се созададе на самиот почеток од договарањето за Персенк ултра ме вовлече многу лесно во играта.

Излезе на површина мојот внатрешен порив за борба со висините и километрите. Со нетрпение го чекав овој настан иако знаев дека не сум посебно спремна. Се надевав дека ќе поминам на стара слава. Време за тренинг немаше па затоа решив да не претерувам со трчање (очигледно тоа нема да има ефект во последните 2 недели пред трка).


на стартно-целната рамнина

Насоката на движење не носеше во Бугарија, Пловдив, Асенов град (каде и беше стартот на ултра маратонот). Учествувавме 7 луѓе, 6 натпреварувачи: Светлана, Жико, Данчо, Јовица –Тајфун, Александар Симјановски, Александар Таковски и Сандра Симјановска како логистика.

Стартот на Персенк ултра, ни порано, ни подоцна туку точно во 00:00 час, во дожд кој за среќа траеше кратко.

Уште неизлезени од градот како и секогаш „каде првиот таму и другите“ залутавме надвор од патеката. Лутањето мене а и повеќето околу мене не чинеше 25 минути и плус 3 k изгубени од стартот до местото каде се вративме на обележаната патека.

Ноќта беше свежа и совршена за трчање. Патеката не носеше цело време стрмоглаво нагоре, мала удолница и повторно нагоре. Прва, втора, трета конторолна точка и поминати 27 k .

На моменти во шумата додека се движев сама ноќта ми изгледаше многу темна и безвременска. Иако гледав на саатот и слушав музика не можев да одредам како поминува времето. Ми се чинише како многу долго да сум на исто место. Правев мали паузи за да се касне нешто и да се напијам топол чај. За почеток чувствував сила иако некаква чудна болка ми се појавуваше во сите зглобови од телото. После 3 контролна дојде спуштање.

Жико и Александар С. веќе беа некаде далеку и си помислував дека сигурно поминале дупло повеќе од мене.

Тргнав сама. Подолгите паузи сакав да ги оставам за подоцнежните километри. На половина пат од А4 на самото будење на денот ја загубив патеката и после 300 m се вратив и причекав некој да ме стигне. Беа група од повеќе луѓе. И тие не знаеја каде е точно патеката. Еден од нив тргна по патот по кој згешив јас и ме убеди да тргнам по него и дека тоа е логичната насока за движење. Кога поминавме околу 500 m бидејки никаде не се појави маркација а и патот не доведе на крстосница јас решив да се враќам назад. Назад на околу 700 m ја пронајдов маркацијата и вистинската патека. Ми довикуваа уште 2-3 други тркачи на кои со свирчето им ја посочив вистинската насока. Така почнав да трчам заедно со двајца бугари, Кристиан Георгиев и Никола, доближувајќи се до село Орехово. Кога стигнавме на А4 веќе беше ден. На влегувањето на пунктот ме стигна и Александар Таковски, а Данчо и Тајфун беа зад нас. Сменив чорапи јадев и решив да тргнам. За почеток ми се приклучи само еден од бугарите кој веднаш иницираше да трчаме што беше супер. Така лесно по широк земјен пат го заобиколивме селото и поради нелогичната насока на движење и мало двоумење не стигнаа поголемата група од уште 6 тркачи од кои и една жена. Сепак тоа била насоката каде не пречекаа од организацијата и не упатија дирекно нагоре накај хижа Персенк. Стрмина немам зборови, душа да ти излезе. Одиш, одиш крај нема директно нагоре. На пола патека Таковски почна да се оддалечува од мене и после кратко време ми исчезна од погледот. Јас на моето друштво им кажав да продолжат бидејќи сакам да јадам и да одморам малку. Направив кратка пауза и за прв пат осетив чудна вртоглавица и огромна потреба за спиење. Саатот беше околу 09:30. Се довлечкав до хижата каде се надевам дека никој не забележува дека не ми е баш добро. Јадам ама осеќам гадење. Си викам нормално е тоа, од напорот, ама мора да јадеш. Се натерав да одморам и јадам повеќе.


дел од нашата екипа на А6

После 10 минути тргнав по еден од најубавите делови на овој ултра маратон. Патеката ме водеше под врвот Персеник. Околу 10 мин од тргнувањето повторно осетив слабост како да ми се поматува свеста па решив да застанам. Застанував неколку пати, по 5-10 минути, немав осет за време, а не сакав да гледам на саатот, тоа ме вознемуруваше. После незнам колку поминато време слушнав гласови на луѓе и решив да станам да продолжам. За брзо ме стигнаа, тоа беа Данчо и Тајфун. Се обидов да се смеам, некако се размрдав дури почнавме и да трчаме. Ги поминавме „Чудните мостови“ (совршени формации на природата – мостови од камен над планинска река) и дојдовме до А6. Ни остануваа само 6 км до наредната точка за што посебно се радувавме и планиравме брзо да стигнеме. На патот до таму качувавме еден дел со карпи кој беше неверојатно интересен и трчањето го правеше да биде вистинска авантура. Лесно дојдовме до точка А7 и сега спуштање повторно до село Орехово.

На спуштањето почнав да осеќам неиздржливи болки во сите зглобови од рацете, нозете, вратот... Осетив дека неможам да трчам. Само што ќе пробав да трчам и остра болка ми прострујуваше низ цело тело. Данчо и Тајфун продолжија да трчаат, така се договоривме и за брзо се изгубија во шумата надолу. Си мислев дека сум блиску зад нив ама наместо да трчам, бавно се пуштав по стрмната патека полна со камења и корени од дрвја. При секој обид да се натерам да трчам повторно осеќав болка во целото тело. Незнаев што да правам. До сега ми се нема случено да се осеќам толку за „никаде“. На 4-5 места каде патеката се прекршуваше и продолжуваше во друга насока не забележував одев само по инерција и едвај чекав да слезам. Гледав дека нема маркација ама не ми се застануваше. По неколку чекори ќе се натерав да се вратам и да ја побарам маркацијата. И тоа се повторуваше на секое скршнување. А кризата не ми поминува. Пред тоа ме советуваа да се напијам некоја таблета против болки, но тоа не го сакав бидејќи знам дека на вакви ултра трки нус-ефектите на аналгетиците врз организмот се 10 пати поголеми од обично.


Светлана на пат (по јаже) кон А7

Се исцрпив доста и физички и психички додека стигнав до селото. Викаат границата помеѓу моментот да продолжиш да трчаш и да застанеш на ултра е многу тенка. И ете тоа ми се случи мене ја преминав таа линија и уште невлезена во А7 со изминати најмалку 71 k (реално беа околу 75 k за мене) точно во 17:15 минути кажав дека се откажувам од трката.

Можев да одмарам до 18:00 додека беше и лимитот да се помине таа контролна и тогаш да решам што ќе правам. Но јас некако се обесхрабрив дека ќе ми биде подобро и се откажав уште одма. Друг пат можеби ќе почекам прво пред да донесам конечна одлука.

На целта стигнав со кола заедно со уште 4 други натпреварувачи кои се откажаа. Успеав да издржам да не заспијам се до 10:00 часот вечерта. Го пречекавме Александар Симјановски и планиравме покасно да ги чекаме и другите. Мене уморот ме совлада и се предадов. Наредниот ден се собравме сите за прогласувањето на победниците. Им честитавме за победата и заминавме со инспирација да се продолжи со исто темпо и со уште поголеми успеси.

Светлана Стојаноска


© Copyright 2004 - 2014 Makpetrol A.D. Skopje