Планинарско Спортско Друштво МАКПЕТРОЛ Скопје > Макпетрол Home 
         Почетна страна
         Годишна програма
         Акции
         Документи
         Историја
         Библиотека
         Високогорство
         Topo Maps
         Контакт
         Линкови

 

 

 

 

Олимп - септември 2009

Грција, во сабота наутро, 19 септември, не пречека со облачно, но топло време. 40-тина планинари се сместивме во Паралиа, град на море, додека зад нас скриен зад облаци, се издигнуваше планината Олимп, која беше цел на нашиот престој во Грција.


Паралиа наутро

Паралиа е град на море и со мноштво продавници за крзно и кожа. Градот беше полн со туристи од Романија, Србија, Полска, Грци. Некои спокојно шетаа покрај морето, а други грозничаво пробуваа кожни јакни и шубари, потејќи се на топлото време.

 


Плажа во Паралиа

На 20 септември, недела, во 4:30 часот наутро, 20-тина планинари тргнавме кон Приони, место на 1050 метри надморска височина од каде што се стартува со искачувањето на врвовите на Олимп. Брзо ги искачивме стрмните, обележани патеки, се до планинарскиот дом на 2100 м. Времето беше магливо, а патеката влажна од ноќешниот дожд. Планината ечеше од младешка смеа и викање. Младинци, Грци, кои веројатно ноќта спиеле во домот, рано утрото искачиле некој од врвовите, и додека ние се качувавме нагоре, тие со плускавци на нозете и наводенети од дождот слегуваа надолу. Слегуваа и планинари од Чешка, Полска, Германија, Грци.


Кон врвовите на Олимп


Кон Скала и Сколио

Веќе од 2100 метри нагоре, времето се влоши, магла, дожд, а на врвот Скала, 2866 метри, почна да врне и снег. 10-тина планинари и по такво време го искачија врвот Сколио (2912 м), а другите се искачија или до Скала (2866 м) или подолу. Планинарите што се искачиле на Сколио, оставиле запис во книгата на впечатоци („... Солун е наш, Атина ќе ја делиме ...“).


„Солун е наш, Атина ќе ја делиме“

Само еден храбар планинар, Зоран „Москито“, сам се искачи на највисокиот врв на Олимп, Митикас (2917 м), не по своја желба, туку одејќи во потрага по планинарите кои беа во првата група, а кои наместо на Митикас, поради лошото време, се искачија на Сколио.

На враќање надолу, во домот се стопливме покрај каминот. Времето после пладне се поправи, се појави и сонце, а станаа видливи и врвовите кои утрото требаше да ги освоиме, но снага и време за повторно искачување немавме. Најпогодно за искачување на врвовите на Олим е со престој во домот. Поинаку, искачувањето и симнувањето во ист ден е многу напорно.

Во Паралиа се вративме околу 19 часот.

Дента во Паралиа било врнежливо и тие што не планинареа, го поминале времето по продавници или во собите.

Но, во понеделник, 21 септември, неработен ден за Македонците, времето беше сончево, плажите беа полни со туристи, а многумина и пливаа во разбрануваното море.


Разбранувано море во Паралиа

Во 15 часот заминавме и после кратко задржување на границата околу 18 часот веќе бевме во Македонија. Патем автобусот ечеше од песни кои Коле ги започнуваше, а сите други го следеа.


Веселиот автобус

 

Текст: Горан Николоски

Слики: Тања Манчева, Горан Николоски


© Copyright 2004 - 2014 Makpetrol A.D. Skopje